Алберт Либертад
Култот на мршата
Во желбата за вечен живот, човекот на смртта гледал како на премин, болен чекор, потчинувајќи се на нејзината „мистерија“ до ниво на стравопочит.
Дури и пред да научи како да обработува камен, мермер и железо со цел да направи засолниште за живите, човекот знаел како да ја обликува материјата за да им оддаде почит на мртвите.
Црквите и манастирите богато ги украсувале своите гробници под апсидите и хоровите, додека колибите стоеле накосени настрана, бедно засолнувајќи ги живите.
Култот на мртвите, уште од самиот почеток, го попречувал напредувањето на човекот. Тој е првобитниот грев, несаканиот товар, оковот кој човештвото го влече со себе.
Гласот на смртта, гласот на мртвите секогаш одѕвонувал наспроти гласот на универзалниот живот, кој постојано еволуира.
Бог, кого имагинацијата на Мојсеј го привикала да се појави на Синај, сѐ уште ги диктира своите закони. Исус од Назарет, мртов речиси дваесет века, сѐ уште ја проповеда својата моралност. Мудроста на Буда, Конфучие и Лао Це сѐ уште опстојува. А уште колку други има!
Ние ја сносиме големата одговорност на нашите предци; ги имаме нивните маани и нивните доблести.
Оттаму, во Франција ние сме деца на Галите, иако сме Французи преку Франките и потекнуваме од Латините кога во прашање е вечната омраза кон Германците. Секое од овие наследства доаѓа со обврски.
Ние сме најстарите деца на црквата врз основа на кој знае кои мртовци, како и внуци на Големата револуција. Ние сме граѓани на Третата Република, а исто така сме посветени и на Пресветото Срце Исусово. Се раѓаме како католици или протестанти, републиканци или ројалисти, богати или сиромашни. Секогаш сме она што сме преку мртвите; никогаш не сме ние самите. Нашите очи на главата гледаат пред нас, меѓутоа, колку и да нѐ водат напред, тоа секогаш е кон земјата каде што почиваат нашите мртви, кон минатото во коешто мртвите живееле, таму нашето образование им дозволува да нѐ водат.
Нашите предци... минатото... мртвите...
Цели народи умреле заради оваа тројна почит.
Кина е на истото место како и пред илјада години затоа што првото место во својот дом го чува за мртвите.
Смртта не е бацил на распаѓање само заради хемиската дезинтеграција на човековото тело, труејќи ја атмосферата; повеќе кон тоа придонесува осветувањето на минатото, ограничувањето на идејата во одредена фаза од еволуцијата. Жива, ќе еволуирала, ќе била понапредна. Мртва, се кристализира. Сепак, токму овој момент живите бираат да го возвишуваат, со цел да го направат свет, побожен.
Обичаите и традицијата, грешките на предците, се пренесуваат од еден на друг во семејството. Човек верува во богот на своите татковци, друг ја почитува татковината на своите предци... Зошто не го почитуваме нивниот систем на осветлување, нивниот начин на облекување?
Да, зачудува фактот што додека надворешниот свет и секојдневната економија се подобрува, менува, се разликува, дека додека сѐ умира и се трансформира, човекот, духот на човекот, останува подеднакво покорен, мумифициран во истите грешки.
Токму како што во добата на факелот, во векот на електрицитетот, човекот сѐ уште верува во утрешниот рај, во боговите на одмазда и прошка, во пеколот и во Валхала како начин да им оддаде почест на идеите на своите предци.
Мртвите нѐ водат, мртвите ни наредуваат, мртвите го заземаат местото на живите.
Сите наши празници, сите наши слави се годишници на смрт и масакри. Го славиме Денот на сите светци за да ги величаме светците на црквата, Задушница за да не заборавиме ниту еден мртовец. Мртвите одат на Олимп или во рајот, кај Јупитер или кај Господ. Го исполнуваат „нематеријалниот“ простор и го оптоваруваат „материјалниот“ простор со своите погребни поворки, капели и гробишта. Ако самата природата не ги дезинтегрираше нивните тела и не ја расфрлаше нивната пепел, живите денес немаше да знаат каде да стапнат во непрегледната гробница, во што ќе беше претворена Земјата.
Сеќавањето на мртвите, нивните дела и сторенија, го попречуваат умот на децата. Им зборуваме само за мртвите, за ништо друго не треба да им зборуваме. Ги тераме да живеат во царството на нестварното и минатото. Не смеат ништо да знаат за сегашноста.
Онаму каде што секуларизмот ги исфрлил приказните за г. Ное или г. Мојсеј, ги заменил со оние за г. Карло Велики или г. Капет. Децата го знаат датумот на смртта на мадам Ферегонд, но не знаат ништо за хигиената. Некои млади девојки од 15 години знаат дека во Шпанија некоја си мадам Изабел цел век носела една блуза, но зачудувачки се вознемируваат при појавата на првата менструација.
Некои жени, кои на памет и без грешка ја знаат хронологијата на сите кралеви во Франција, не знаат што да прават со дете кое заплакало првпат во животот.
Кога на млада девојка ѝ се наложува да се грижи за некој кој умира, кој е на чекор до смртта, таа се оддалечува од тоа да биде онаа чијашто утроба дава живот.
Мртвите се испречуваат во градовите, на улиците и плоштадите. Ги среќаваме во мермер, камен и бронза. Натписите ни кажуваат за нивното раѓање, а плочите каде живееле. Плоштадите ги носат нивните имиња или оние на нивните подвизи. Имињата на улиците не укажуваат на нивната поставеност, облик, височина или локација; зборуваат за Магента или Солферино, [1] подвизи на мртвите каде што многумина биле убиени. Ве потсетуваат на свети Елитериј или на благородникот де ла Бар; луѓе, чијашто единствена доблест, случајно, е онаа на умирањето.
И во економскиот живот мртвите се оние кои го трасираат животот на сите. Цел живот на човека може да биде во сенка на „злоделото“ на неговиот татко, додека друг го носи ореолот на славата, генијалноста, смелоста на неговите предци. Овој е роден простак иако има највозвишен дух, оној е роден благородник иако има најситна душа. Не сме ништо преку себеси; сѐ сме преку нашите предци.
А сепак... во очи на научната критика, што е смртта? Таа почит за она што заминало, тој култ за она што се истрошило, со какви аргументи можат да бидат оправдани? Малкумина го поставиле тоа прашање и затоа нема одговор на него.
А во центарот на градовите гледаме големи простори кои живите побожно ги одржуваат: гробиштата, градините на мртвите.
Живите сметаат дека е добро веднаш до колевките на своите деца да закопуваат купишта месо кое се распаѓа, мрши, хранливиот елемент на сите болести, плодна почва за сите инфекции.
Осветуваат големи простори засадени со прекрасни дрва и закопуваат тела зафатени од тифус, чума, црн пришт, еден или два метри под земја. А по неколку дена, заразните вируси шетаат низ градот барајќи нови жртви.
Луѓе кои немаат почит за својот жив организам, арчејќи го, труејќи го, доведувајќи го во опасност, одеднаш добиваат бесмислена почит за нивните смртни останки наместо што побрзо да се ослободат од нив, доведувајќи ги во најосновниот и најкорисен облик.
Култот на мртвите е едно од највулгарните изопачувања на живите. Тоа е останка од религиите кои ветувале рај. Мртвите мораат да бидат подготвени за патот во другиот свет: да им се даде оружје за да можат да учествуваат во ловот на Веледа, храна за по пат, последна причест, да се подготват да се претстават пред Бога. Религиите заминуваат, но нивните бесмислени формули остануваат. Мртвите го заземаат местото на живите.
Цели групи работни луѓе и жени ги ставаат своите вештини и енергија во служба на одржување на култот на мртвите. Мажите ја копаат земјата, клесаат камен и мермер, коваат железни прегради, подготвуваат дом за сите нив со цел во нив достоинствено да ја закопаат мршата со сифилис која штотуку умрела.
Жените ткајат превези, прават икебани, букети со кои го украсуваат домот каде што ќе почива туберкулозната гнилост која штотуку го имала својот крај. Наместо да се забрза исчезнувањето на овие места на распаѓање, наместо да се искористи сета можна брзина и хигиена за да се уништат овие зли центри чиешто зачувување и одржување може само да шири смрт околу нив, се прави сѐ што е можно тие да се зачуваат што подолго. Овие купишта месо се шетаат околу во специјални коли, во одари, низ патиштата и улиците. Кога минуваат, луѓето ги симнуваат шапките. Ги почитуваат мртвите.
Количината труд и средства кои човештвото ги троши за одржување на култот на мртвите е несфатлива. Доколку сета оваа моќ се користи да им се помогне на децата, илјадници и илјадници од нив би биле поштедени од болести и смрт.
Ако оваа имбецилна почит за мртвите исчезне и отстапи своето место за почит кон живите, здравјето и среќата на човечкиот живот би се зголемиле до незамисливи граници.
Луѓето ја прифаќаат лицемерноста на мршојадците, на оние кои ги јадат мртвите, на оние кои живеат од мртвите; од свештеникот, кој дава света вода, до трговецот со вечни домови; од продавачот на венци до скулпторот на надгробни ангели. Со смешни ковчези кои ги водат и придружуваат овие гротескни марионети, го изведуваме отстранувањето на овој човечки органски отпад и неговото испраќање во согласност со нивното богатство, иако добра транспортна услуга, со херметички затворени коли и печка за кремирање изградена во согласност со најновите научни откритија, би била сосема доволна.
Нема да се оптоварувам со употребата на пепелта, иако за мене е поинтересно да се користи како хумус наместо да се носи околу во мали урни. Луѓето се жалат за работата, а од друга страна не сакаат да ги поедностават постапките кои претерано ги компликуваат околностите на нивното постоење, дури ниту да се отарасат од оние поврзани со имбецилното - и подеднакво опасно - зачувување на лешевите. Анархистите имаат премногу почит кон живите за да ги почитуваат мртвите. Да се надеваме дека еден ден овој застарен култ ќе стане само една обична услуга и дека живите ќе го спознаат животот во сета негова појавност.
Како што веќе рековме, заради своето незнаење луѓето еден толку едноставен феномен како смртта го оптоваруваат со религиски враџбини. Треба да се истакне и дека тоа е случај само со човечката смрт: смртта на останатите животни и растенија не служи како прилика за слични експресии. Зошто?
Првите луѓе, во сета своја грубост, лишени од секакво знаење, ги закопувале мртвите мажи заедно со нивните живи жени, нивното оружје, реквизити, накит. Други, пак, го носеле лешот пред трибунал за тој да даде отчет за својот живот. Човекот отсекогаш погрешно го сфаќал вистинското значење на смртта.
А сепак, во природата сѐ што живее умира. Секој жив организам замрува кога од некоја причина рамнотежата помеѓу неговите различни функции ќе се наруши. Причините за смртта, пустошењето на болеста или незгодата која предизвикала смрт на поединецот се научно детерминирани.
Оттаму, од гледна точка на човекот постои смрт, исчезнување на животот, прекинот на одредена активност во одреден облик.
Но од едно општо гледиште, смртта не постои. Постои само живот. По она што ние го нарекуваме смрт, феноменот на трансформација продолжува. Кислородот, азотот, гасовите и минералите се одвојуваат во различни форми и се поврзуваат во нови комбинации и придонесуваат кон постоењето на други живи организми. Нема смрт; има кружење на тела, модификации во аспект на материјата и енергијата, бескраен тек во времето и просторот на животот и универзалната активност.
Мртвиот човек е тело вратено да кружи во тројна состојба: цврста, течна и гасовита. Тоа не е ништо повеќе од тоа и како такво и треба да го третираме.
Очигледно е дека овие позитивни и научни концепти не оставаат простор за разлигавени концепти за душата, другиот свет, празнината.
Но знаеме дека сите религии кои проповедаат „иден живот“ и „подобар свет“, како своја цел го имаат предизвикувањето резигнираност помеѓу оние кои се ограбени и угнетени.
Наместо клечење пред лешеви, би било подобро животот да се организира врз подобри темели за од него да се извлече најголема можна радост и благосостојба.
Луѓето ќе бидат бесни на нашите теории и нашиот презир: но тоа е чисто лицемерие од нивна страна. Култот на мртвите е навреда на вистинската болка. Одржувањето на мала градина, облекувањето црно, носењето превез, не ја докажуваат искреноста на тагувањето. Впрочем, тоа мора да исчезне. Поединците треба да реагираат во очи на неповратноста и неизбежноста на смртта. Треба да се бориме против страдањето наместо да го искажуваме, истакнувајќи го со гротескни поворки и лажни сочувства.
Овој, кој пристојно го следи одарот, претходниот ден жолчно се трудел да го изгладнува покојникот; оној, кој го оплакува лешот, е истиот оној кој не дојде да му помогне кога беше можно неговиот живот да биде спасен. Капиталистичкото општество секојдневно сее смрт со својата лоша организација, преку сиромаштијата што ја создава, преку недостигот на хигиена, преку лишувањето и незнаењето од кое страдаат поединците. Оттаму, поддржувајќи го таквото општество, самите луѓе се причината за своето страдање и наместо да кукаат пред судбината подобро ќе биде да работат на подобрување на условите на нивното постоење со што на човечкиот живот би му овозможиле најголем можен развој и исполнетост.
Како можеме да го спознаеме животот кога мртвите го предводат?
Како можеме да живееме во сегашноста под сенката на минатото?
Ако човекот сака да живее, тогаш повеќе нека нема почит за мртвите, нека го напушти култот на мршата. Мртвите го блокираат патот за напредок на живите.
Мораме да ги срушиме пирамидите, некрополите, гробниците. Треба со плуг да ги изораме полињата со гробишта за човештвото да се ослободи од она што го нарекуваат почит за мртвите, а што всушност е култ на мршата.
[1] Битките кај Магента и Солферино во 1859 година, дел од втората италијанска војна за независност, водени помеѓу Италија и Франција од една страна и Австрија од друга. По сведоштвото на страдањето на учесниците во битката кај Солферино, Анри Динан покренува процес кој довел до потпишување на Женевската конвенција и формирањето на Црвениот крст. (заб. на прев.)