Александар Беркман
Кронштатскиот бунт
1. Работничките немири во Петроград
3. Болшевичката кампања против Кронштат
1. Работничките немири во Петроград
Беше тоа на почетокот на 1921. Долгите години војна, револуција и граѓанска војна ја искрвавија Русија до исцрпеност и го доведоа нејзиниот народ до работ на очајот. Но граѓанската војна конечно заврши: бројните фронтови беа отстранети и Врангел – последната надеж на интервенцијата на Антантата и на руската контрареволуција – беше победен, а неговите воени активности во Русија прекинаа. Сега народот со доверба гледаше кон иднината, надевајќи се на ублажување на суровиот болшевички режим. Се очекуваше дека со крајот на граѓанската војна комунистите ќе ги олеснат оптоварувањата, ќе ги укинат ограничувањата од воените времиња, ќе воведат некои темелни слободи и ќе започнат со организирањето на едно понормално живеење. Иако далеку од тоа дека беше популарна, болшевичката влада ја имаше поддршката на работниците за својот често објавуван план за преземање на економска обнова на земјата веднаш штом ќе престанат воените дејствија. Народот сакаше да соработува, да ја вклучи својата иницијатива и креативни напори во изградбата на опустошената земја.
За жал, овие очекувања беа осудени да разочараат. Комунистичката држава не покажа намера да го олабави јаремот. Се продолжи со истите политики, милитаризацијата на трудот уште повеќе го пороби народот, огорчувајќи го со понатамошното угнетување и тиранизирање и, како последица, парализирајќи ја секоја можност за оживување на индустријата. Последната надеж на пролетаријатот исчезнуваше: растеше убеденоста дека Комунистичката партија повеќе ја интересира задржувањето на политичката власт отколку спасувањето на револуцијата.
Најреволуционерните елементи на Русија, работниците од Петроград, беа првите што проговорија. Тие обвинуваа дека, настрана од останатите причини, болшевичката централизација, бирократија и автократско однесување кон селаните и работниците се непосредно одговорни за голем дел од бедата и страдањето на народот. Многу фабрики и заводи во Петроград беа затворени, а работниците буквално гладуваа. Тие свикаа состаноци за да ја разгледаат ситуацијата. Состаноците беа растурени од страна на владата. Петроградскиот пролетаријат, кој го носеше бремето на револуционерните борби и чија голема пожртвуваност и хероизам пред сè го спасија градот од Јуденич, негодуваше во врска со владината акција. Емоциите против методите што ги користеа болшевиците продолжија да се шират. Се закажуваа сè повеќе состаноци, со ист резултат. Комунистите не сакаа да им направат никакви отстапки на работниците, истовремено нудејќи компромис со европските и американските капиталисти. Работниците беа индигнирани и се бунтуваа. За да ја принудат владата да ги земе предвид нивните барања, беа прогласени штрајкови во фабриките за муниција “Патронис”, во заводите “Трубочни” и “Балтиски” и во фабриката “Лаферм”. Наместо да разговара за прашањата со незадоволните работници, “Работничката и селанска влада” создаде војновременски Комитет оборони (Комитет за одбрана) со Зиновјев, најомразениот човек во Петроград, како претседавач. Отворена цел на овој комитет беше да го задуши штрајкувачкото движење.
Штрајковите беа објавени за 24 февруари. Истиот ден болшевиците ги испратија курсантите, комунистичките студенти на Воената академија (обучувачки офицери за војската и морнарицата), да ги растурат работниците што се собраа во Василевскиот остров, работничка четврт во Петроград. Следниот ден, на 25-ти, индигнираните штрајкувачи од Василевскиот остров ги посетија работилниците на адмиралитетот и доковите Галернаја и ги поттикнаа тамошните работници да му се придружат на нивниот протест против автократското однесување на владата. Обидот за улични демонстрации го растурија вооружени војници.
На 26 февруари заседаваше Петроградскиот совет при што истакнатиот комунист Лашевич, член на Комитетот за одбрана и на Револуционерниот воен совет на Републиката, го осуди штрајкувачкото движење со најостри зборови. Тој ги обвини работниците од заводот “Трубочни” дека се “себични дерикожи на трудот (шкурники) и контрареволуционери” и предложи да се затвори заводот “Трубочни”. Извршниот комитет на Петроградскиот совет (со претседавач Зиновјев) го усвои предлогот. Штрајкувачите од “Трубочни” беа истерани на улица и автоматски беа лишени од своите следувања.
Овие методи на болшевичката влада послужија работниците уште повеќе да станат огорчени и непријателски настроени.
Сега по улиците на Петроград почнаа да се појавуваат прогласи на штрајкувачите. Некои од нив добија јасен политички карактер, а на најзначајниот од нив, залепен на ѕидовите по градот, пишуваше:
“Потребна е целосна промена во политиката на владата. Пред сè, на работниците и селаните им е потребна слобода. Тие не сакаат да живеат според декретите на болшевиците; тие сакаат да ја контролираат својата сопствена судбина.
Другари, зачувајте го револуционерниот поредок! Одлучно и на организиран начин барајте:
Ослободување на сите затворени социјалисти и непартиски работници.
Укинување на воената состојба; слобода на говорот, печатот и собирањето за сите што работат.
Слободни избори за советите во заводите и фабриките (завкоми), за синдикатите и за советски претставници.
Свикувајте состаноци, усвојувајте резолуции, испраќајте свои делегати до властите и работете во насока на остварување на вашите барања.”
Владата на барањата на штрајкувачите одговори со апсења и задушување на неколку работнички организации. Акцијата резултира со тоа што народното расположение сè повеќе стануваше анти-болшевичко; почнаа да се слушаат реакционерни пароли. Така, на 28 февруари се појави еден проглас на “Социјалистичките работници од Невскиот дистрикт”, кој заврши со повик за Уставотворно собрание:
“Знаеме кој се плаши од Уставотворното собрание. Тоа се оние што повеќе нема да можат да го ограбуваат народот. Наместо тоа, тие ќе мораат да одговараат пред народните претставници за своите измами, своите грабежи и за сите свои криминални дела.
Долу омразените комунисти!
Долу Советската влада!
Да живее Уставотворното собрание!” [1]
Во меѓувреме, болшевиците концентрираа во Петроград крупни воени сили од провинцијата, а исто така и ги упатија кон градот своите најдоверливи комунистички единици од фронтот. Петроград беше ставен под “исклучителна воена состојба”. Штрајкувачите беа потиснати, а работничките немири беа задушени со железна рака.
2. Кронштатското движење
Кронштатските [2] морнари беа многу вознемирени од она што се случи во Петроград. Тие не гледаа пријателски на драстичното однесување на владата кон штрајкувачите. Тие знаеја дека револуционерниот пролетаријат на главниот град мораше да страда уште од првите денови на револуцијата, колку херојски се бореше против Јуденич и колку трпеливо страдаше поради немаштијата и бедата. Но Кронштат беше далеку од тоа да биде за Уставотворното собрание или од барањето за слободна трговија што почна да се слуша во Петроград. Морнарите според дух и дела беа целосно револуционерни. Тие беа најцврстите поддржувачи на советскиот систем, но се противеа на диктатурата на која било политичка партија.
Движењето на солидарност со петроградските штрајкувачи прво почна помеѓу морнарите на воените бродови “Петропавловск” и “Севастопол” – бродовите кои во 1917 беа главната поддршка за болшевиците. Движењето се прошири на целата кронштатска флота, а потоа и на единицата на Црвената армија стационирана таму. На 28 февруари луѓето од “Петропавловск” изгласаа резолуција, со која се согласија и морнарите од “Севастопол”. Револуцијата бараше, помеѓу останатото, нови слободни избори за Кронштатскиот совет, бидејќи неговиот мандат набрзо истекуваше. Истовремено, во Петроград беше испратен еден комитет на морнарите за да дознае за тамошната ситуација.
На 1 март се одржа јавен собир на плоштадот “Јакорни” во Кронштат, кој што беше официјално свикан од екипажите на Првата и Втората единица на Балтичката флота. 16.000 морнари, војници на Црвената армија и работници присуствуваа на собирот. Со него претседаваше претседавачот на Извршниот комитет на Кронштатскиот совет, комунистот Василиев. Претседателот на Руската Социјалистичка Федеративна Република, Калинин, и комесарот на Балтичката флота, Кузмин, беа присутни и им се обратија на присутните. Може да се спомне, како показател за пријателскиот став на морнарите кон болшевичката влада, дека Калинин при доаѓањето беше пречекан со воени почести, музика и знамиња.
На овој состанок комитетот на морнарите што беше испратен во Петроград на 28 февруари го поднесе својот извештај. Присутните отворено зборуваа за својата индигнација во врска со методите што ги употребија комунистите за да ги задушат скромните барања на петроградските работници. Потоа, на состанокот беше поднесена резолуцијата што беше усвоена од “Петропавловск” на 28 февруари. Претседателот Калинин и комесарот Кузмин огорчено ја нападнаа резолуцијата и ги осудија петроградските штрајкувачи и кронштатските морнари. Но, нивните аргументи не оставија впечаток кај присутните и резолуцијата од “Петропавловск” беше едногласно усвоена. Во овој историски документ пишува:
“РЕЗОЛУЦИЈА НА ЗАЕДНИЧКИОТ СОСТАНОК НА ЕКИПАЖИТЕ НА ПРВАТА И ВТОРАТА ЕДИНИЦА НА БАЛИТИЧКАТА ФЛОТА, ОДРЖАН НА 1 МАРТ 1921
По слушањето на извештајот на претставниците испратени од заедничкиот состанок на бродските екипажи во Петроград за да ја испитаат тамошната ситуација, е одлучено:
1. Имајќи го предвид фактот дека постојните совети не ја изразуваат волјата на работниците и селаните, веднаш да се одржат нови избори со тајно гласање, а при предизборната кампања да има целосна слобода на агитирањето помеѓу работниците и селаните;
2. Да се воспостави слобода на говорот и печатот за работниците и селаните, анархистите и левите социјалистички партии;
3. Да се обезбеди слобода на собирањето за работничките синдикати и селанските организации;
4. Да се свика непартиска конференција на работниците, војниците на Црвената армија и на морнарите од Петроград, од Кронштат и од Петроградската околија, не подоцна од 10 март 1921;
5. Да се ослободат сите политички затвореници од социјалистичките партии, како и сите работници, селани, војници и морнари затворени во врска со работничкото и селанското движење;
6. Да се избере комисија за да ги разгледа случаите на оние што се држат во затвор и во концентрациони логори;
7. Да се укинат сите политотдели (политички бироа), зашто никоја партија не треба да има специјални привилегии при пропагирањето на нејзините идеи или да добива финансиска поддршка за такви цели. Наместо тоа, треба да се основаат образовни и културни комисии, кои ќе бидат локално бирани, а финансирани од владата;
8. Веднаш да се укинат сите загрјадителније отрјади; [3]
9. Да се изедначат следувањата на сите што работат, со исклучок на оние што се вработени во струките што се штетни по здравјето;
10. Да се укинат комунистичките борбени оддели во сите родови на војската, како и комунистичките гарди што се држат на должност во заводите и фабриките. Ако се смета дека овие гарди или воени оддели се неопходни, тие треба да се назначуваат од обичните војници во војската, а во фабриките според проценките на работниците;
11. Да им се даде полна слобода на делување на селаните во поглед на нивната земја, а исто така и право да чуваат стока, под услов да ја обработуваат со сопствени средства, односно единствено без да вработуваат работна сила;
12. Да се побара од сите родови на војската, како и од нашите другари воените курсисти, да се согласат со нашите резолуции;
13. Да се бара печатот да им даде најцелосен публицитет на нашите резолуции;
14. Да се назначи една подвижна контролна комисија;
15. Да се дозволи слободно кустарско производство (индивидуално, во мала мера) преку сопствен труд.
Резолуцијата е изгласана едногласно од Состанокот на бригадата, со двајца што се воздржаа од гласање.
Петриченко, претседавач на Состанокот на бригадата,
Перепелкин, секретар.
Резолуцијата е изгласана со надмоќно мнозинство од страна на Кронштатскиот гарнизон.
Василиев, претседавач.
Заедно со другарот Калинин, Василиев гласа против резолуцијата.”
Оваа резолуција, на која, како што е спомнато, жестоко се спротивставија Калинин и Кузмин, беше усвоена и покрај нивното протестирање. По состанокот на Калинин му беше дозволено без вознемирување да се врати во Петроград.
На истиот состанок на бригадата одлучено е да се испрати еден комитет во Петроград за да им ги објасни на работниците и на тамошниот гарнизон барањата на Кронштат и да бара да бидат испратени непартиски делегати од страна на петроградскиот пролетаријат во Кронштат за да ја видат вистинската состојба на работите и барањата на морнарите. Овој комитет, составен од 30 члена, беше уапсен од страна на болшевиците во Петроград. Тоа беше првиот потег на комунистичката влада против Кронштат. Судбината на комитетот останува мистерија.
Бидејќи мандатот на членовите на Кронштатскиот совет се приближуваше кон својот крај, состанокот на бригадата одлучи и да се свика конференција на делегатите на 2 март, за да се расправа за начинот на одржување на новите избори. Конференцијата требаше да биде составена од претставници на бродовите, гарнизонот, разните советски институции, синдикати и фабрики, при што секоја организација требаше да биде претставена од двајца делегати.
Конференцијата од 2 март се одржа во Домот на образованието (поранешното Кронштатско техничко училиште) и на него учествуваа преку 300 делегати, помеѓу кои имаше и комунисти. Состанокот го отвори морнарот Петриченко и со акламација беше избран Президиум (извршен комитет) од пет члена. Основното прашање пред делегатите беше одржувањето на претстојните избори за Кронштатскиот совет според понепристрасни принципи отколку дотогаш. Состанокот исто така требаше да преземе акција во врска со резолуциите од 1 март и да ги разгледа начините и средствата за да ѝ се помогне на земјата да излезе од очајните услови што ги создаде недостигот на храна и гориво.
Духот на Конференцијата беше целосно просоветски: Кронштат бараше советите да бидат слободни од мешањето на која било партија; сакаше непартиски совети што вистински би ги одразувале потребите на работниците и селаните и би ја изразувале нивната волја. Однесувањето на делегатите беше непријателско кон арбитрарното владеење на бирократските комесари, но пријателско кон Комунистичката партија како таква. Тие беа цврсти приврзаници на советскиот систем и вредно бараа решение на неодложните проблеми преку пријателски и мирни средства.
Кузмин, комесарот на Балтичката флота, беше првиот што зборуваше на Конференцијата. Тој повеќе беше човек со енергија отколку човек со мислење и целосно не успеа да ја сфати големата важност на моментот. Тој не беше на рамништето на ситуацијата: не знаеше како да допре до срцата и умовите на тие прости луѓе, морнари и работници кои толку многу жртвуваа за револуцијата, а сега беа исцрпени до точка на очај. Делегатите се собраа за да се советуваат со претставниците на владата. Наместо тоа, говорот на Кузмин ја имаше улогата на барут фрлен во оган. Тој ја разжешти Конференцијата со својата ароганција и дрскост. Го одрекуваше постоењето на работнички немири во Петроград, изјавувајќи дека градот е мирен и дека работниците се задоволни. Ја фалеше работата на комесарите, ги доведуваше до прашање револуционерните мотиви на Кронштат и предупредуваше на опасноста од Полска. [4] Се приклони кон безвредни инсинуации и громки закани. “Ако сакате да започнете отворена војна” – заклучи Кузмин – “ќе ја добиете, зашто комунистите нема да ги предадат уздите на владата. Ќе се бориме до крај.”
Овој нетактичен и провокативен говор на комесарот на Балтичката флота послужи за навредување и разбеснување на делегатите. Обраќањето на претседавачот на Кронштатскиот совет, комунистот Василиев, кој беше следниот говорник, не остави впечаток кај присутните: тој беше безбоен и неодреден. Како течеше состанокот, општото расположение сè повеќе стануваше антиболшевичко. Делегатите сè уште се надеваа дека ќе дојдат до некое пријателско разбирање со претставниците на владата. Но веднаш стана јасно, тврди официјалниот извештај, [5] дека “повеќе не можеме да им веруваме на другарите Кузмин и Василиев и дека е неопходно да ги притвориме привремено, особено бидејќи комунистите поседуваа оружје, а ние немавме пристап кон телефоните. Војниците се плашеа од комесарите, како што се покажа од писмото што беше прочитано на состанокот, а комунистите не дозволуваа да се одржат собири на гарнизонот.”
Поради тоа Кузмин и Василиев беа отстранети од состанокот и беа уапсени. Карактеристично за духот на Конференцијата е што предлогот и другите присутни комунисти да се притворат беше отфрлен со надмоќно мнозинство. Делегатите сметаа дека комунистите мора да се третираат на исто рамниште со претставниците на другите организации и да им се дадат исти права и третман. Кронштат сè уште беше решен да изнајде договор со Комунистичката партија и болшевичката влада.
Резолуциите од 1 март беа прочитани и со жар беа изгласани. Во тој момент Конференцијата ја зафати голема возбуда кога еден делегат објави дека болшевиците само што не го нападнале состанокот и дека 15 камиони полни со војници и комунисти, вооружени со пушки и машинки, се испратени со таа цел. “Оваа информација”, продолжува извештајот на “Известија”, “предизвика силен гнев помеѓу делегатите. Истрагата набрзо покажа дека веста е неоснована, но гласините продолжија да кружат дека одред курсанти, на чело со злогласниот чекист [6] Дукис, веќе маршира во правец на тврдината Краснаја горка.” Имајќи го предвид овој развој на настаните и паметејќи ги заканите на Кузмин и Калинин, Конференцијата веднаш се зафати со прашањето на организирање на одбраната на Кронштат од болшевичкиот напад. Времето притискаше и беше одлучено Претседателството на Конференцијата да премине во Привремен револуционерен комитет, одговорен за зачувувањето на редот и безбедноста на градот. Овој комитет требаше и да ги изврши неопходните подготовки за одржување на нови избори за Кронштатскиот совет.
3. Болшевичката кампања против Кронштат
Петроград беше во состојба на силна нервозна тензија. Избија нови штрајкови и кружеа гласини за работнички немири во Москва, за селски буни на Истокот и во Сибир. Поради немање на доверлив јавен печат, луѓето им веруваа на многу претераните и дури очигледно неточните известувања. Сите очи беа свртени кон Кронштат во исчекување на крупни случувања.
Болшевиците не губеа време при организирањето на својот напад врз Кронштат. Веќе на 2 март владата донесе “приказ” (наредба), потпишана од Ленин и Троцки, со кој се осудува Кронштатското движење како бунт против комунистичката власт. Во тој документ морнарите беа обвинети дека се “орудија на бившите царистички генерали кои заедно со предавниците социјалисти -револуционери исценираа контрареволуционерен заговор против пролетерската република.” Кронштатското движење за слободни совети Ленин и Троцки го окарактеризираа како “дело на интервенционистите на Антантата и на француските шпиони.” “На 28 февруари”, кажуваше приказот, “луѓето од ’Петропавловск‘ усвоија резолуции во кои се чувствуваше духот на Црните стотини. [7] Потоа, таму на сцена се појави групата на поранешниот генерал Козловски. Тој и тројца негови офицери, чии имиња сè уште не ги имаме утврдено, отворено ја презедоа улогата на бунтовници. Така, значењето на неодамнешните настани станува јасно. Зад социјалистите револуционери повторно стои еден царистички генерал. Имајќи го сето ова предвид, Советот за труд и одбрана наредува:
1. да се стави надвор од законот поранешниот генерал Козловски и неговите помошници;
2. градот Петроград и Петроградската околија да се стави под воена состојба;
3. врховната власт врз целата Петроградска околија да се предаде во рацете на Петроградскиот комитет за одбрана.”
Навистина имаше поранешен генерал Козловски во Кронштат. Троцки го беше поставил таму како артилериски специјалист. Тој не играше никаква улога во кронштатските настани, но болшевиците очигледно го користеа неговото име за да ги оцрнат морнарите како непријатели на Советската република, а нивното движење како контрареволуционерно. Официјалниот болшевички печат сега ја започна својата кампања на клевети и оцрнување на Кронштат како легло на “бел заговор предводен од генералот Козловски” и беа испратени комунистички агитатори помеѓу работниците по работилниците и фабриките на Петроград и Москва за да го повикаат пролетаријатот “да се здружи за поддршка и одбрана на Работничката и селанска влада против контрареволуционерното востание во Кронштат.”
Далеку од тоа да имаат нешто со генералите и контрареволуционерите, Кронштатските морнари одбија да прифатат помош дури и од социјалистите револуционери. Нивниот водач, Виктор Чернов, тогаш во Ревал, [8] се обиде да влијае врз морнарите во корист на својата партија и нејзините барања, но не доби охрабрување од Привремениот револуционерен комитет. Чернов ја испрати следнава радио порака до Кронштат: [9]
“Претседателот на Уставотворното собрание, Виктор Чернов, ги испраќа своите братски поздрави до херојските другари морнари, војници на Црвената армија и работници, кои по трет пат од 1905 го отфрлаат јаремот на тиранијата. Тој нуди да помогне со војници и да го снабдува Кронштат преку руските кооперативни друштва во странство. Кажете што и колку ви е потребно. Подготвен сум лично да дојдам и да ја дадам мојата енергија и авторитет во служба на народната револуција. Имам верба во конечната победа на работните маси... Да живее првиот што го крена знамето на народното ослободување! Долу деспотизмот на левицата и десницата!”
Истовремено Социјалистичката револуционерна партија ја испрати следната порака до Кронштат:
“Социјалистичко-револуционерната делегација во странство... сега кога чашата на народниот бес е прелеана, нуди да помогне со сите средства што ѝ се достапни во борбата за слобода и народна власт. Кажете кој тип помош ви е потребна. Да живее народната револуција! Да живеат слободните совети и Уставотворното собрание!”
Кронштатскиот револуционерен комитет ги отфрли понудите на социјалистите револуционери. Тој му го испрати следниов одговор на Виктор Чернов:
“Привремениот револуционерен комитет на Кронштат ја изразува својата најдлабока благодарност на сите наши браќа во странство за нивното сочувствување. Привремениот револуционерен комитет е благодарен за понудата на другарот Чернов, но се воздржува во моментов, односно сè додека не се разјасни понатамошниот развој на настаните. Во меѓувреме сè ќе земеме во предвид.
Петриченко, претседавач на Привремениот револуционерен комитет.”
Но Москва продолжи со својата кампања на искривувања. На 3 март, болшевичката радио станица му ја испрати оваа порака на светот (одредени делови не можеа да се разберат, поради мешање на други страници):
“Тоа дека вооруженото востание на поранешниот генерал Козловски е организирано од шпионите на Антантата, како и многу слични заговори, јасно се гледа од буржоаскиот француски весник ’Матан‘, кој две недели пред бунтот на Козловски ја објави следната телеграма од Хелсингфорс: ’Како резултат на неодамнешното Кронштатско востание, болшевичките воени власти презедоа чекори да го изолираат Кронштат и да ги спречат кронштатските морнари и војници да влезат во Петроград‘... Јасно е дека Кронштатското востание е организирано во Париз од француската тајна служба... Социјалистите-револуционери, кои исто така се контролирани и насочувани од Париз, подготвуваат бунтови против советската влада и едвај тие ги завршија своите подготовки, кога се појави нивниот вистински господар, царистичкиот генерал.”
Карактерот на бројните други пораки испратени од Москва можат да се проценат од следната радио порака:
“Петроград е мирен и во него владее ред, па дури и неколкуте фабрики каде што неодамна беа изразени обвинувања против советската влада сега сфаќаат дека тоа е дело на провокатори. Тие сфаќаат каде ги водат агентите на Антантата и на контрареволуцијата.
... Токму во овој момент, кога во Америка новиот републикански режим ја презема власта и покажува склоност да воспостави трговски односи со Советска Русија, ширењето на лажни гласини и организирањето немири во Кронштат имаат единствено за цел да влијаат врз новиот американски претседател и да ја променат неговата политика кон Русија. Истовремено, Лондонската конференција [10] ги одржува своите седници и ширењето на слични гласини мораат да влијаат и врз турската делегација и да ја направат почувствителна кон барањата на Антантата. Бунтот на екипажот на “Петропавловск” несомнено е дел од големиот заговор да се предизвикаат немири во Советска Русија и да се ѝ се наштети на нашата меѓународна позиција...
Овој план во Русија го спроведува еден царистички генерал и поранешни офицери, а нивните активности ги поддржуваат меншевиците и социјалистите-револуционери.”
Петроградскиот комитет за одбрана, предводен од Зиновјев, неговиот претседавач, ја презеде целосната контрола над градот и околијата Петроград. Во целата северна област беше воведена воена состојба и беа забранети сите собири. Беа преземени исклучителни мерки на претпазливост за да се заштитат владините институции и беа поставени машински пушки во Асторија, хотелот во кој живееја Зиновјев и останатите високи болшевички функционери. Прогласите што беа залепени на уличните огласни табли наредуваа неодложно враќање на сите штрајкувачи во фабриките, забрануваа запирање на работата и го предупредуваа народот да не се собира по улиците. “Во такви случаи”, пишуваше во наредбата, “војската ќе се фати за оружјето. Во случај на отпор, стрелање на лице место.”
Комитетот за одбрана презеде систематско “чистење на градот”. Уапсени беа бројни работници, војници и морнари осомничени дека симпатизираат со Кронштат. Сите петроградски морнари и некои армиски единици кои што се сметаа за “политички недоверливи” беа испратени на далечни дестинации, а семејствата на кронштатските морнари што живееја во Петроград беа притворени како заложници. Комитетот за одбрана го извести Кронштат за своите мерки преку прогласи кои беа фрлени од авион во градот на 4 март, а во кои пишуваше: “Комитетот за одбрана објавува дека уапсените се држат како заложници поради комесарот на Балтичката флота, Н. Н. Кузмин, претседавачот на Кронштатскиот совет, Т. Василиев, и други комунисти. Ако нашите притворени другари и најмалку настрадаат, заложниците ќе платат со своите животи.”
“Ние не сакаме крвопролевање. Ниту еден комунист не е убиен од нас”, беше одговорот на Кронштат.
4. Целите на Кронштат
Кронштат се чувствуваше како нов. Револуционерниот ентузијазам го достигна нивото од октомвриските денови, кога хероизмот и посветеноста на морнарите играше така одлучна улога. Сега, прв пат откако Комунистичката партија ја презеде исклучивата контрола врз Револуцијата и судбината на Русија, Кронштат се чувствуваше слободен. Нов дух на солидарност и братство ги здружуваше морнарите, војниците од гарнизонот, фабричките работници и непартиските елементи во заедничкото делување за својата заедничка кауза. Дури и комунистите беа зафатени од збратимувањето на целиот град и се приклучија во подготвителната работа за претстојните избори за Кронштатскиот совет.
Меѓу првите чекори што ги презеде Привремениот револуционерен комитет беа зачувувањето на револуционерниот ред во Кронштат и објавувањето на официјалниот весник на Комитетот, дневниот весник “Известија”. Неговиот прв апел до народот на Кронштат (примерок број 1, од 3 март 1921) беше целосно карактеристичен за ставовите и расположението на морнарите. “Револуционерниот комитет”, пишуваше во него, “е многу загрижен за тоа да не биде пролеана крв. Тој вложи најмногу што можеше за да го организира револуционерниот ред во градот, тврдината и утврдените места. Другари и граѓани, не запирајте со работата! Работници, останете крај вашите машини; морнари и војници, бидете на вашите места. Сите советски вработени и институции треба да продолжат со својата работа. Привремениот револуционерен комитет ве повикува сите, другари и граѓани, да му ја дадете вашата поддршка и помош. Неговата мисија е да ги организира, во братска соработка со вас, условите неопходни за чесни и праведни избори за новиот совет.”
Страниците на “Известија” содржат обилни докази за длабоката верба на Револуционерниот комитет во народот на Кронштат и во неговите стремежи за слободни совети како вистински пат кон ослободувањето од угнетувањето на комунистичката бирократија. Во својот дневен орган и во радио пораките, Револуционерниот комитет индигнирано негодуваше против болшевичката клеветничка кампања и постојано апелираше до пролетаријатот на Русија и светот за разбирање, симпатии и помош. Радио пораката од 6 март го пренесе лајтмотивот на повикот на Кронштат:
“Нашата кауза е праведна: ние се залагаме за власт на советите, не на партиите. Ние се залагаме за слободно избрани претставници на работните маси. Квазисоветите со кои манипулира Комунистичката партија секогаш биле глуви за нашите потреби и барања; единствениот одговор што секогаш го добивавме беше стрелање... Другари! Тие не што само ве лажат, тие намерно ја искривуваат вистината и користат најпрезирливо клеветење... Во Кронштат целата власт е исклучиво во рацете на револуционерните морнари, војници и работници – не во рацете на контрареволуционерите предводени од некојси Козловски, како што лажливото Радио Москва се обидува да ве убеди... Не одлагајте, другари! Придружете ни се, стапете во контакт со нас: барајте пристап до Кронштат за вашите делегати. Само тие ќе ви ја кажат целата вистина и ќе го разоткријат злобното клеветење за финскиот леб и понудите на Антантата.
Да живее револуционерниот пролетаријат и селанството!
Да живее власта на слободно избраните совети!”
На почетокот, Привремениот револуционерен комитет имаше седиште на командниот брод “Петропавловск”, но по неколку дена се премести во “Народниот дом”, во центарот на Кронштат, за да биде, како што се изрази “Известија”, “во поблизок контакт со народот и за да го направи полесен пристапот до Комитетот отколку што беше на бродот.” Иако комунистичкиот печат продолжи со своето отровно клеветење на Кронштат како “контрареволуционерен бунт на генералот Козловски”, вистината беше дека Револуционерниот комитет беше исклучиво пролетерски, во најголем дел составен од работници со познато револуционерно досие. Комитетот беше составен од следните 15 членови:
• Петриченко, виш службеник, команден брод “Петропавловск”;
• Јаковенко, телефонски оператор, Кронштатска област;
• Ососов, машинист, “Севастопол”;
• Аркипов, инжинер;
• Перепелкин, механичар, “Севастопол”;
• Патрушов, главен механичар, “Петропавловск”;
• Куполов, виш медицински помошник;
• Вершинин, морнар, “Севастопол”;
• Тукин, електромеханичар;
• Романенко, чувар во доковите на авијацијата;
• Орешин, управник на Третото индустриско училиште;
• Валк, работник во фабрика за дрво;
• Павлов, работник – поморски минер;
• Бајков, возар;
• Килгаст, прекуморски морнар.
Не без чувство за хумор, кронштатската “Известија” во врска со ова забележа: “Ова се нашите генерали, господа Троцки и Зиновјев, додека Брусиловите, Каменевите, Тухачевците и другите познати ѕвезди од царистичкиот режим се на ваша страна.”
Привремениот револуционерен комитет ја уживаше довербата на целото население на Кронштат. Тој се здоби со општа почит преку воведувањето и цврстото придржување до принципот на “еднакви права за сите, привилегии за никого”. Пајокот (рационизирањето на животните намирници) беше изедначен. Морнарите, кои при болшевичкото владеење секогаш добиваа следувања кои далеку ги надминуваа оние што им се даваа на работниците, самите изгласаа да не примаат повеќе од обичните граѓани и работници. Посебни следувања и деликатеси единствено им се даваа на болниците и на детските домови.
Праведното и великодушното однесување на Револуционерниот комитет кон кронштатските членови на Комунистичката партија – од кои малкумина беа уапсени и покрај болшевичката репресија и држењето на семејствата на морнарите како заложници – се здоби со почит дури и кај комунистите. Страниците на “Известија” содржат бројни соопштенија на комунистичките групи и организации од Кронштат, во кои се осудува однесувањето на централната влада и им се оддава признание на ставовите и мерките на Привремениот револуционерен комитет. Многу кронштатски комунисти јавно го искажаа своето повлекување од партијата како протест против нејзиниот деспотизам и бирократска корупција. Во различни броеви од “Известија” можат да се најдат стотици имиња на комунисти чија совест им оневозможи да “останат во партијата на егзекуторот Троцки”, како што се изразија некои од нив. Истапувањата од Комунистичката партија набрзо станаа толку бројни што претставуваа општ егзодус. [11] Следниве писма, земени случајно од еден голем куп, во доволна мера го карактеризира чувството на кронштатските комунисти:
“Сфатив дека политиката на Комунистичката партија ја доведе земјата до безнадежен ќорсокак од кој нема излез. Партијата стана бирократска, не научи ништо и не сака да научи. Таа одбива да го слушне гласот на 115 милиони селани; не сака да земе предвид дека само слободата на говорот и можноста да се учествува во обновата на земјата, преку промена на изборните методи, може да ја оттргне нашата земја од нејзината летаргија.
Отсега одбивам да се сметам за член на Руската комунистичка партија. Целосно ја одобрувам резолуцијата усвоена на состанокот на целиот град на 1 март и ја ставам сета моја енергија и способност на располагање на Привремениот револуционерен комитет.
Херман Канев, красниј командир (офицер на Црвената армија), син на политичкото прогонство во процесот на 193-мината. [12]
(“Известија”, бр. 3, од 5 март 1921).”
“Другари, мои ученици од Индустриското, Црвено-армиското и Поморското училиште!
Речиси триесет години живеам во длабока љубов со народот и носев светлина и знаење, онолку колку што тоа беше во моја моќ, на сите што беа жедни за тоа, сè до денешниот ден. Револуцијата од 1917 ѝ даде поголем замав на мојата работа, ги зголеми моите активности, а јас се посветив со поголема енергија на служењето на моите идеали.
Комунистичката парола “сè за народот” ме инспирира со својата благородност и убавина и во февруари 1920 влегов во Руската комунистичка партија како кандидат. Но, ’првиот истрел‘ испукан врз мирното население, врз моите сакани деца од кои околу 7 илјади се во Кронштат, ме исполнува со ужасот дека можеби и јас ја споделувам одговорноста за крвта на невините која е пролеана. Чувствувам дека повеќе не можам да верувам и да го пропагирам она што се обесчести самото преку страшен акт. Поради тоа со првиот истрел престанав да се сметам себеси за член на Комунистичката партија.
Марија Николаевна Шател (учителка)
(“Известија”, бр. 6, од 8 март 1921).”
Вакви соопштенија се појавуваа во речиси секој број од “Известија”. Најзначајното беше објавата на Привременото биро на Кронштатската секција на Комунистичката партија, чиј Манифест до неговите членови беше објавен во “Известија”, бр. 2, од 4 март:
“...Нека секој другар од нашата партија ја сфати важноста на овој час.
Не им придавајте важност на лажните гласини дека се стрелани комунисти и дека кронштатските комунисти се подготвуваат да кренат вооружен бунт. Таквите гласини се шират за да предизвикаат крвопролевање.
Објавуваме дека нашата партија секогаш ги бранела придобивките на работничката класа од сите познати и прикриени непријатели на работничките и селанските совети и дека ќе продолжи да го прави тоа.
Привременото биро на Кронштатската комунистичка партија ја признава неопходноста од избори за Советот и ги повикува членовите на Комунистичката партија да земат учество во изборите.
Привременото биро на Комунистичката партија им соопштува на сите членови на партијата да останат на своите места и на никаков начин да не ги опструираат или попречуваат мерките на Привремениот револуционерен комитет.
Да живее власта на советите!
Да живее интернационалниот сојуз на работниците!
Привремено биро на Кронштатската секција на Руската комунистичка партија.
Ф. Первушин. Ј. Илин. А. Кабанов.”
На сличен начин и други граѓански и воени организации ја изразија својата опозиција кон Московскиот режим и својата целосна согласност со барањата на кронштатските морнари. Беа усвоени многу резолуции со ваква содржина од единиците на Црвената армија стационирани во Кронштат и на должност на утврдените места. Следнава резолуција го изразува општиот дух и настроеност:
“Ние, војниците на Црвената армија од утврденото место “Красноармеец” целосно стоиме зад Привремениот револуционерен комитет и до последен момент ќе го браниме Револуционерниот комитет, работниците и селаните.
...Никој нека не верува во лагите на комунистичките летоци што ги фрлаат од авиони. Немаме генерали тука, ниту пак царистички офицери. Кронштат секогаш бил град на работниците и селаните, а тоа и ќе остане. Генералите се во служба на комунистите.
...Во овој момент, кога судбината на земјата е нестабилна, ја презедовме власта во свои раце и го овластивме Револуционерниот комитет да ја води борбата – му објавуваме на целиот гарнизон и на работниците дека сме подготвени да умреме за слободата на работните маси. Ослободени од тригодишниот комунистички јарем и терор, побрзо ќе умреме отколку да отстапиме дури и еден чекор. Да живее Слободната Русија на работниот народ!
Посада на утврденото место ’Красноармеец‘,
(“Известија”, бр. 5, од 7 март 1921).”
Кронштат беше инспириран од страсната љубов за една слободна Русија и неограничената верба во вистинските совети. Беше убеден дека ќе ја добие поддршката на цела Русија, особено на Петроград, и дека така ќе го донесе конечното ослободување на земјата. Кронштатската “Известија” постојано зборува за овој став и надеж, а во бројните статии и апели гледа да ја разјасни својата позиција кон болшевиците и своите стремежи да ги постави темелите за нов, слободен живот за себе и за останатата Русија. Овој крупен стремеж, чистотата на неговите мотиви и неговата горлива надеж за ослободување јасно се забележуваат на страниците на официјалниот орган на Кронштатскиот привремен револуционерен комитет и сеопфатно го изразуваат духот на војниците, морнарите и работниците. На острите напади на болшевичкиот печат, на бесрамните лаги што ги ширеше Московската радио станица во целиот свет, обвинувајќи го Кронштат за контрареволуција и бел заговор, Револуционерниот комитет одговараше на достоинствен начин. Тој често во својот орган ги репродуцираше московските објави за да му покаже на народот од Кронштат колку длабоко паднале болшевиците. Понекогаш “Известија” ги разобличуваше и опишуваше комунистичките методи со исправна индигнираност, како во своето издание од 8 март (бр. 6), под насловот: “Ние и тие”:
“Комунистите, не знаејќи како да ја задржат власта која им се измолкнува од рацете, се фаќаат за најодвратните провокативни средства. Нивниот презирлив печат ги мобилизира сите свои сили за да ги нас’ска масите и да го претстави Кронштат во светлината на белогардејски заговор. Сега една клика од бесрамни никаквеци испратија глас во светот дека ’Кронштат ѝ се предаде на Финска‘. Нивните весници блујат оган и отров и бидејќи не успеаја да го убедат кронштатскиот пролетаријат дека е во рацете на контрареволуционери, сега се обидуваат да играат на националистичките чувства.
Целиот свет од нашите радио пораки веќе знае за што се бори кронштатскиот гарнизон и работниците. Но комунистите се стремат да го искриват значењето на настаните и на тој начин да ги заблудат нашите петроградски браќа.
Петроград е опколен од бајонетите на курсантите и од “чуварите” на Партијата, а Маљута Скуратов [13] – Троцки – не им дозволува на делегатите на непартиските работници и војници да отидат во Кронштат. Тој се плаши дека тие таму ќе ја дознаат целата вистина и дека таа вистина ќе ги збрише комунистите и дека така информираните работни маси ќе ја земат власта во сопствените избраздени раце.
Ова е причината зошто Петро-советот (Советот на Петроград) не одговори на нашата радио телеграма во која побаравме вистински непристрасни другари да бидат испратени во Кронштат.
Плашејќи се за сопствената кожа, водачите на комунистите ја потиснуваат вистината и ја шират лагата дека белогардејците се активни во Кронштат, дека кронштатскиот пролетаријат им се продаде на Финците и на француските шпиони, дека Финците веќе организирале војска за да го нападнат Петроград со помош на кронштатските мјатезники (бунтовници) итн.
На сето ова можеме да го одговориме само ова: Сета власт на советите! Држете ги рацете подалеку од нив, раце кои се црвени од крвта на мачениците на слободата кои умреа борејќи се против белогардејците, земјопоседниците и буржоазијата!”
На едноставен и искрен начин, Кронштат гледаше да ја изрази волјата на народот што копнееше за слобода и за можност да ја одредува својата судбина. Се чувствуваше, така да кажеме, како авангарда на рускиот пролетаријат поради своето застанување во одбрана на големите стремежи за кои народот се бореше и страдаше во Октомвриската револуција. Вербата на Кронштат во советскиот систем беше длабока и цврста; неговата сеопфатна парола, “сета власт на советите, не на партиите!”, беше неговата програма; немаше време да ја развива и да теоретизира. Се залагаше за ослободување на народот од комунистичкиот јарем. Овој јарем, кој повеќе не беше поднослив, ја направи новата револуција, Третата револуција, неопходна. Патот кон слободата и мирот лежеше во слободно избраните совети, “меѓникот на новата револуција”. Страниците на “Известија” донесуваат обилни сведоштва за непосредниот интегритет и еднодушноста на кронштатските морнари и работници и за трогателната верба што ја имаа во својата мисија како иницијатори на Третата револуција. Овие стремежи и надежи се јасно изразени во шестиот број на “Известија”, од 8 март, во уводникот насловен “За што се бориме”:
“Со Октомвриската револуција работничката класа се надеваше дека ќе го оствари своето ослободување. Но настана уште поголемо поробување на човечката личност.
Моќта на царската полиција и жандармерија дојде во рацете на узурпаторите – комунистите – кои, наместо да му дадат слобода на народот, му го влеваат постојаниот страв од Чеката, која со своите ужаси го надминува дури и жандармерискиот режим на царизмот... Најлоша и најсурова од сè е духовната кабала на комунистите: тие посегнаа и кон внатрешниот свет на работните маси, принудувајќи го секого да мисли според комунистичките упатства.
Русија на трудбениците, првите што го кренаа црвеното знаме на ослободувањето на трудот, е натопена со крвта на оние маченици што паднаа за поголема слава на комунистичкото владеење. Во ова море од крв, комунистите ги потопуваат сите оние ветувања и можности на работничката револуција. Сега стана јасно дека Руската комунистичка партија не е бранител на работните маси, како што се преправа дека е. Интересите на работниот народ ѝ се туѓи. Здобивајќи се со власта, сега се плаши само од тоа дека ќе ја загуби и поради тоа ги смета сите средства за дозволени: клеветењето, мамењето, насилството, убиствата и одмаздувањето врз семејствата на бунтовниците.
Долгата, страдалничка трпеливост е пред крај. Овде-онде земјата ја осветлуваат огновите на бунтот во борбата против угнетувањето и насилството. Штрајковите на работниците се множат, но болшевичкиот полициски режим ја презеде секоја претпазливост против избувнувањето на неизбежната Трета револуција.
Но и покрај тоа, сè што се случи и што ќе се случи ќе биде сторено од рацете на работните маси. Генералите на комунизмот јасно гледаат дека народот е тој што се побуни, народот е тој што се убеди дека комунистите ги предадоа идеите на социјализмот. Плашејќи се за својата безбедност и знаејќи дека нема каде да се скријат од бесот на работниците, комунистите сè уште се обидуваат да ги тероризираат бунтовниците преку затворања, стрелања и други дивјаштва. Но животот под комунистичка диктатура е поужасен од смртта...
Нема среден пат. Да се победи или да се умре! Примерот го даде Кронштат, стравотиите – контрареволуцијата од десницата и левицата. Тука се случува големо револуционерно дело. Тука е подигнато знамето на бунтот против тригодишната тиранија и угнетување од страна на комунистичката автократија, која го стави во сенка тривековниот деспотизам на монархизмот. Тука, во Кронштат, е поставен камен темелникот на Третата револуција која ќе ги скрши последните окови на работникот и ќе отвори нов, широк пат за социјалистичката креативност.
Оваа нова револуција ќе ги крене масите на Исток и на Запад и ќе послужи како пример за новата социјалистичка конструктивност наспроти владината, фиксна и завршена, комунистичка ’изградба‘. Работните маси ќе научат дека она што е досега направено во името на работниците и селаните не беше социјализам.
Без да биде истрелан ниту еден куршум, без да биде пролеана ниту една капка крв, беше преземен првиот чекор. Ќе биде пролеана само во самоодбрана... Работниците и селаните маршираат: тие ја оставаат зад себе учредилката (Уставотворното собрание) со нејзиниот буржоаски режим и диктатурата на Комунистичката партија со нејзината Чека и државниот капитализам, која му стави јамка на вратот на работниците и се заканува да ги задуши до смрт.
Сегашната состојба им ја нуди на работните маси можноста да обезбедат, конечно, слободно избрани совети кои ќе функционираат без страв од партискиот камшик; сега тие можат да ги реорганизираат подржавените синдикати во слободни здруженија на работниците, селаните и работната интелигенција. Конечно е скршена палката на комунистичката автократија.”
Ова беше програмата, ова беа непосредните барања, поради кои болшевичката влада го започна нападот врз Кронштат во 6.45 навечер на 7 март 1921.
5. Ултиматумот на болшевиците до Кронштат
Кронштат беше великодушен. Ниту капка комунистичка крв не беше пролеана, и покрај сите провокации, блокадата на градот и репресивните мерки од страна на болшевичката влада. Тој го презираше копирањето на комунистичкиот пример на одмаздување, па дури отиде дотаму што го предупреди населението во Кронштат да не прават испади против членовите на Комунистичката партија. Привремениот револуционерен комитет упати повик во таа смисла до народот од Кронштат, дури и кога болшевичката влада го игнорираше барањето на морнарите за ослободување на заложниците во Петроград. Барањето на Кронштат испратено преку радио до Петроградскиот совет и Манифестот на Револуционерниот комитет беа објавени на ист ден, на 7 март, и тука се пренесуваат:
“Во името на Кронштатскиот гарнизон, Привремениот револуционерен комитет на Кронштат бара семејствата на морнарите, работниците и црвеногардејците што Петро-советот ги држи како заложници да бидат ослободени за 24 часа.
Кронштатскиот гарнизон објавува дека комунистите уживаат полна слобода во Кронштат и дека нивните семејства се апсолутно безбедни. Примерот на Петро-советот тука нема да биде следен, бидејќи ги сметаме таквите методи (земањето заложници) како најбесрамни и порочни дури и кога се предизвикани од очаен бес. Историјата не знае за таква нискост.
Морнар Петриченко, претседавач на Привремениот револуционерен комитет.
Килгаст, секретар.”
Во Манифестот до народот на Кронштат пишуваше:
“Долготрајното продолжително угнетување на работните маси од страна на комунистичката диктатура предизвика многу природна индигнација и огорченост кај народот. Како резултат на тоа во некои случаи роднините на комунистите се отпуштани од нивните места и се бојкотирани. Така не смее да биде. Ние не бараме одмазда – ние ги браниме нашите работнички интереси.”
Кронштат живееше во духот на својата света крстоносна војна. Имаше цврста верба во праведноста на својата кауза и се чувствуваше вистински бранител на револуцијата. При оваа духовна состојба морнарите не веруваа дека владата ќе ги нападне со вооружена сила. Во потсвеста на овие едноставни деца на земјата и морето можеби ’ртеше чувството дека не само преку насилство може да се извојува победа. Словенската психологија изгледа веруваше дека праведноста на каузата и силината на револуционерниот дух мора да победи. Во сите случаи Кронштат одбиваше да преземе офанзива. Револуционерниот комитет не сакаше да го прифати упорниот совет на воените експерти да се преземе итно истоварување во Ораниенбаум, тврдина со голема стратегиска вредност. Кронштатските морнари и војници целеа кон воспоставување на слободни совети и беа волни да ги бранат своите права против нападите, но не сакаа тие да бидат агресорите.
Во Петроград имаше истрајни гласини дека владата подготвува воени операции против Кронштат, но народот не им веруваше на таквите приказни: тоа изгледаше толку нечуено што се чинеше апсурдно. Како што веќе беше спомнато, Комитетот за одбрана (официјално познат како Совет за труд и одбрана) објави дека градот е под “вонредна опсадна состојба”. Беа забранети состаноците и собирањето по улиците. Петроградските работници малку знаеја за тоа што се случуваше во Кронштат, при што единствените достапни информации беа комунистичкиот печат и честите билтени, во кои се зборуваше дека “царистичкиот генерал Козловски организира контрареволуционерен бунт во Кронштат”. Народот со нетрпеливост го чекаше најавеното заседание на Петроградскиот совет, кој требаше да преземе акции во врска со прашањето на Кронштат.
Петро-советот се состана на 4 март; пристапот беше со карти, кои, по правило, можеа да ги добијат само комунисти. Присутен беше и писателот, тогаш во пријателски односи со болшевиците и особено со Зиновјев. Како претседавач на Петроградскиот совет, Зиновјев го отвори состанокот и преку долг говор ја анализираше кронштатската ситуација. Признавам дека на состанокот дојдов настроен во прилог на Зиновјевото гледиште: бев на штрек и при најмала можност од контрареволуционерно влијание во Кронштат. Но самиот говор на Зиновјев ме увери дека комунистичките обвинувања против морнарите се чисти фабрикации, без обѕири кон вистината. Го имав слушано Зиновјев неколкупати претходно. Го сметав за уверлив говорник, штом се прифатат неговите претпоставки. Но сега целото негово однесување, неговата аргументација, неговиот тон и држење – сето тоа кажуваше дека лаже. Чувствував дека неговата сопствена совест протестира. Единствениот “доказ” што беше претставен против Кронштат беше познатата резолуција од 1 март, чии барања беа праведни па дури и умерени. Единствено врз основа на овој документ, придружен од жестокото, речиси хистерично клеветење на морнарите од страна на Калинин, беше преземен фаталниот чекор. Претходно подготвена и претставена од громогласниот Евдокимов, десната рака на Зиновјев, резолуцијата против Кронштат беше изгласана од делегатите, напнати до висок степен на нетолерантност и крвожедност – изгласана сред протестите на неколку делегати од петроградските фабрики и гласноговорници на морнарите. Резолуцијата го прогласи Кронштат за виновен за контрареволуционерен бунт против советската власт и бараше негово итно предавање.
Тоа беше објава на војна. Дури и многу комунисти одбиваа да веруваат дека резолуцијата може да биде спроведена: беше чудовишна работа да се нападне со вооружена сила “гордоста и славата на Руската револуција”, како што ги имаше наречено Троцки кронштатските морнари. Во кругот на своите пријатели, многу трезвени комунисти се закануваа дека ќе се отпишат од Партијата ако се спроведе еден таков крвав акт.
Се очекуваше Троцки да му се обрати на Петро-советот и неговото непојавување некои го толкуваа како показател за тоа дека се претерува околу сериозноста на ситуацијата. Но во текот на ноќта тој пристигна во Петроград и следното утро, на 5 март, го упати својот ултиматум до Кронштат:
“Работничката и селанска влада донесе указ Кронштат и бунтовните бродови веднаш да се потчинат на авторитетот на Советската република. Поради тоа им наредувам на сите оние што кренале рака против социјалистичката татковина итно да го положат оружјето. Тврдоглавите ќе бидат разоружени и предадени на советските власти. Уапсените комесари и другите претставници на владата веднаш да бидат ослободени. Само оние што безусловно ќе се предадат можат да сметаат на милоста на Советската република.
Истовремено, упатив наредби за подготовка на задушувањето на бунтот и потчинување на бунтовниците со вооружена сила. Одговорноста за штетата што може да ја претрпи мирното население целосно ќе падне врз предводниците на контрареволуционерните бунтовници.
Ова предупредување е конечно.
Троцки, претседавач на Револуционерниот воен совет.
Каменев, врховен командант.”
Ситуацијата изгледаше злокобна. Големи воени сили продолжија да се концентрираат во Петроград и неговата околина. Ултиматумот на Троцки беше проследен со приказ кој ја содржеше историската закана, “ќе ве стрелам како фазани”. Една група анархисти кои тогаш беа во Петроград направија последен обид да ги наговорат болшевиците повторно да ја разгледаат својата одлука да го нападнат Кронштат. Тие сметаа дека е нивна должност кон Револуцијата да направат обид, дури и безнадежен, да го спречат претстојниот масакр на револуционерниот цвет на Русија, кронштатските морнари и работници. На 5 март тие испратија протест до Комитетот за одбрана, посочувајќи на мирољубивите намери и праведните барања на Кронштат, потсетувајќи ги комунистите на херојската револуционерна историја на морнарите и предлагајќи метод на решавање на спорот на начин соодветен помеѓу другари и револуционери. Во документот пишуваше:
“До Петроградскиот совет за труд и одбрана,
Претседавач Зиновјев
Сега да се молчи е невозможно, дури и криминално. Неодамнешните настани нè натераа нас анархистите да проговориме и да го објавиме нашиот став во врска со сегашната ситуација.
Духот на вриење и незадоволство што се јави кај работниците и морнарите е резултат на причини кои го бараат нашето сериозно внимание. Студот и гладот предизвикаа незадоволство, а отсуството на каква било можност за расправа и критика ги принудува работниците и морнарите слободно да ги образлагаат своите маки.
Белогардиските банди сакаат и можат да се обидат да го искористат ова незадоволство за сопствените класни интереси. Криејќи се зад работниците и морнарите, тие истакнуваат пароли на Уставотворното собрание, за слободна трговија и слични барања.
Ние анархистите веќе одамна ги разобличивме лагите на таквите пароли и му објавуваме на целиот свет дека со оружје ќе се бориме против секој контрареволуционерен обид, во соработка со сите пријатели на Советската република и рака под рака со болшевиците.
Во врска со судирот помеѓу советската влада и работниците и морнарите, на мислење сме дека тој мора да се реши не преку вооружена сила, туку преку другарски, братски револуционерен договор. Прибегнувањето кон крвопролевањето, од страна на советската влада, нема – во дадената ситуација – да ги заплаши или смири работниците. Напротив, само ќе послужи да се влошат работите и да се зајакне раката на Антантата и внатрешната контрареволуција.
Уште поважно, употребата на сила од страна на Работничката и селанска влада против работниците и морнарите ќе има реакционерен ефект врз внатрешното револуционерно движење и насекаде ќе резултира со непроценлива штета за општествената револуција.
Другари болшевици, повторно размислете пред да биде предоцна! Не си играјте со огнот: ви претстои да преземете многу сериозен и решавачки чекор.
Поради тоа, ви го поднесуваме следниот предлог: нека биде избрана комисија што ќе се содржи од пет лица, вклучувајќи двајца анархисти. Комисијата ќе оди во Кронштат за да го реши спорот преку мирни средства. Во дадената ситуација ова е најрадикалниот метод. Тој ќе има интернационално револуционерно значење.
Петроград, 5 март 1921
Александар Беркман, Ема Голдман, Перкус, Петровски.”
Зиновјев, кој информира дека документ во врска со Кронштатскиот проблем треба да му биде поднесен на Советот за одбрана, испрати свој личен претставник. Дали беше расправано за писмото од страна на тоа тело не му е познато на писателот. Во секој случај, никакво дејствие не беше преземено во таа насока.
6. Првиот истрел
Херојскиот и благородниот Кронштат сонуваше да ја ослободи Русија преку Третата револуција, горд што ја имаше започнато. Тој не формулира конечна програма. Слободата и сеопштото братство беа неговите пароли. На Третата револуција гледаше како на постепен процес на ослободување, при што прв чекор во таа насока би биле слободните избори за независни совети, кои не би биле контролирани од која било политичка партија и кои би ја изразувале волјата и интересите на народот. Добродушните, несофистицирани морнари им го објавија својот голем идеал на работниците од светот и го повикаа пролетаријатот да ги здружат силите во заедничката борба, убедени дека нивната кауза ќе наиде на ентузијастичка поддршка и дека во прв ред петроградските работници брзо ќе им ја дадат својата помош.
Во меѓувреме, Троцки ги собираше своите сили. Најдоверливите дивизии од фронтовите, единиците на курсантите, одредите на Чека и воените единици составени исклучиво од комунисти сега беа насобрани во тврдините Сестрорецк, Лиси нос, Краснаја горка и во околните утврдени места. Најголемите руски воени експерти беа итно доведени за да формираат планови за блокада и напад на Кронштат, а озлогласениот Тухачевски беше назначен за врховен командант на опсадата на Кронштат.
На 7 март, во 6.45 вечерта, комунистичките батерии од Сестрорецк и Лиси нос ги истрелаа своите први топовски зрна врз Кронштат.
Беше годишнината на Денот на работничките. Опсадениот и нападнат Кронштат не го заборави големиот празник. Под огнот на бројните батерии, храбрите морнари испратија радио честитка до работните жени од светот, чин кој беше доста карактеристичен за психологијата на бунтовниот град. Радио честитката гласеше:
“Денес е сеопшт празник – Ден на работните жени. Ние од Кронштат ги испраќаме, сред грмењето на топовите, нашите братски честитки до работничките од светот... Брзо да го остварите своето ослободување од секој облик на насилство и угнетување... Да живеат слободните револуционерни работни жени! Да живее општествената револуција во целиот свет!”
Не помалку карактеристичен беше срцепарателниот повик на Кронштат, “Целиот свет да знае”, објавен по истрелувањето на првиот истрел, во бројот 6 од “Известија”, од 8 март:
“Истрелан е првиот истрел... До колена во крв од работниците, маршал Троцки беше првиот што отвори оган против револуционерниот Кронштат, кој се подигна против автократијата на комунистите за воспоставување на вистинската власт на советите.
Без да пролееме ниту капка крв ние, војниците на Црвената армија, морнарите и работниците од Кронштат, се ослободивме од јаремот на комунистите и дури и ги зачувавме нивните животи. Преку заканата со артилерија сега тие сакаат повторно да нè потчинат на својата тиранија.
Не сакајќи крвопролевање, ние побаравме да бидат испратени непартиски делегати на петроградскиот пролетаријат кај нас за да можат да видат дека Кронштат се бори за власт на советите. Но комунистите го запреа пристапот на нашите барања до петроградските работници, а сега отворија и оган – вообичаениот одговор на псевдо-работничката и селанска влада на барањата на работните маси.
Но работниците од целиот свет знаат дека ние, бранителите на советската власт, ги чуваме придобивките на општествената револуција.
Ќе победиме или ќе исчезнеме под урнатините на Кронштат, борејќи се за праведната кауза на работните маси.
Работниците ширум светот ќе бидат наши судии. Крвта на невините ќе падне врз главите на комунистичките фанатици опијанети од власта.
Да живее власта на советите!”
7. Поразот на Кронштат
Артилериското бомбардирање на Кронштат, кое започна вечерта на 7 март, беше проследено со обид за преземање на тврдината преку јуриш. Нападот беше извршен од север и југ од страна на избрани комунистички трупи облечени во бели наметки, чија боја заштитно се измеша со снегот што густо беше натрупан на замрзнатиот Фински залив. Во врска со овие први ужасни напади за преземање на тврдината преку јуриш, со лекомислено жртвување на животи, морнарите организираа трогателни комеморации за своите браќа по оружје, прелажани за наводната контрареволуционерност на Кронштат. На 8 март во “Известија” беше запишано:
“Не сакавме да ја пролееме крвта на нашите браќа и не истрелавме ниту еден истрел сè додека не бевме принудени да го направиме тоа. Моравме да ја браниме праведната кауза на работните маси и да пукаме – на нашите браќа испратени во сигурна смрт од страна на комунистите кои се дебелеат на сметка на народот.
...На ваша несреќа се појави ужасна бура и темна ноќ сè прекри во мрак. Сепак, комунистичките џелати, не грижејќи се за цената, ве натераа во мразот, заканувајќи ви се одпозади со комунистичките одреди со своите машинки во рацете.
Многумина од вас таа ноќ исчезнаа во ледената шир на Финскиот залив. А кога дојде денот, а бурата се стиши, само бедни остатоци од вас, исцрпени и гладни, едвај способни да се движат, дојдоа до нас завиткани во вашите бели наметки.
Рано изутрината веќе ве имаше речиси илјада, а подоцна бесконечен број. Скапо плативте со вашата крв за оваа авантура и по овој ваш неуспех Троцки побрза назад во Петроград за да собере нови маченици за колење – зашто евтино ја добива нашата работничка и селанска крв!...”
Кронштат живееше во длабока верба дека петроградскиот пролетаријат ќе му помогне. Но работниците таму беа тероризирани, а Кронштат беше успешно блокиран и изолиран, така што во стварноста никаква помош не можеше да се очекува од никаде.
Кронштатскиот гарнизон беше составен од помалку од 14 илјади војници, од кои 10 илјади беа морнари. Овој гарнизон мораше да брани широк фронт, многу тврдини и батерии расфрлани во широката област на Заливот. Постојаните напади на болшевиците, кои централната власт постојано ги снабдуваше со свежи трупи; недостигот на животни намирници во опсадениот град; долгите непроспиени ноќи поминати на стража во студот – сето тоа ја поткопуваше виталноста на Кронштат. Сепак, морнарите херојски истрајуваа, убедени до последниот дека нивниот велик пример на ослободување ќе го следат во целата земја и дека на тој начин ќе им донесе олеснување и помош.
Во својот “Апел до другарите работници и селани”, Привремениот револуционерен комитет кажува (“Известија”, бр. 9, од 11 март):
“Другари работници, Кронштат се бори за вас, за гладните, измрзнатите, голите... Кронштат го подигна знамето на бунтот и верува дека десетиците милиони работници и селани ќе одговорат на неговиот повик. Невозможно е зората што започна во Кронштат да не стане чиста сончевина за целата Русија. Невозможно е Кронштатската експлозија да не успее да ја подигне цела Русија и во прв ред Петроград.”
Но, никаква помош не доаѓаше, а секој следен ден Кронштат стануваше сè поисцрпен. Болшевиците продолжија да концентрираат свежи трупи против опсадената тврдина и ја слабееја преку постојаните напади. Уште повеќе, сите предности беа на страната на комунистите, вклучувајќи ја бројноста, снабдувањето и позиционираноста. Кронштат не беше изграден за да одбие напад од тил. Гласината што ја ширеа болшевиците дека морнарите мислат да го бомбардираат Кронштат беше очигледно погрешна. Познатата тврдина беше планирана со единствен план да послужи како одбрана на Петроград од странските непријатели што продираат преку море. Уште повеќе, во случај градот да падне во рацете на некој надворешен непријател, крајбрежните батерии и тврдини на Краснаја горка беа поставени за борба против Кронштат. Предвидувајќи таква можност, градителите намерно не го засилија тилот на Кронштат.
Речиси секоја ноќ болшевиците продолжуваа со своите напади. Во текот на целиот 10 март комунистичката артилерија непрекинато стрелаше од јужниот и северниот брег. Ноќта помеѓу 12-ти и 13-ти комунистите нападнаа од југ, повторно избирајќи бели наметки и жртвувајќи многу стотици курсанти. Кронштат херојски се бореше против симултаните напади од север, исток и југ, а кронштатските батерии беа оспособени да ја бранат тврдината од нејзината западна страна. Морнарите немаа ниту мразокршач да го направат невозможен пристапот на комунистичките сили.
На 16 март болшевиците извршија концентриран напад истовремено од три страни – север, југ и исток. “Планот на нападот”, објасни подоцна Дибенко, претходно болшевички поморски комесар, а подоцна диктатор на поразениот Кронштат, “беше направен до најмал детаљ според насоките на врховниот командант Тухачевски и штабот на Јужните трупи... Во мракот го започнавме нападот врз тврдината. Белите наметки и храброста на курсантите ни овозможи да се движиме во колони.”
Утрото на 17 март беа заземени неколку утврдени места. Низ најслабата точка на Кронштат – Петроградската врата – болшевиците навлегоа во градот, а потоа таму започнаа со најбруталниот масакр. Комунистите што беа поштедени од морнарите сега ги предадоа, напаѓајќи ги од назад. Комесарот на Балтичката флота Кузмин и Претседавачот на Кронштатскиот совет Василиев, ослободени од комунистите од затвор, сега учествуваа во уличните борби човек на човек во братоубиственото крвопролевање. Очајната борба на кронштатските морнари и војници продолжи сè до доцна во ноќта против потиснувачката надмоќ. Градот кој 15 дена немаше повредено ниту еден комунист, сега стана црвен од крвта на кронштатските мажи, жени, па дури и деца.
На Дибенко, именуван за комесар на Кронштат, му беа дадени апсолутни овластувања за “да го исчисти бунтовниот град”. Следеше оргија на одмазда, при што Чека жеднееше за бројни жртви за своите ноќни масовни стрелања (растрел).
На 18 март болшевичката влада и Руската комунистичка партија јавно ја одбележаа Париската комуна од 1871, која Галифе и Тјер ја задушија со крвта на француските работници. Истовремено, тие ја славеа “победата” над Кронштат.
Неколку недели петроградските затвори беа полни со стотици кронштатски затвореници. Секоја ноќ мала група од нив беше земана по наредба на Чека и исчезнуваше – за помеѓу живите повеќе да не биде видена. Помеѓу последните кои беа стрелани беше Перепелкин, член на Привремениот револуционерен комитет на Кронштат.
Затворите и концентрационите логори во замрзнатата област на Архангелск и во занданите на далечниот Туркестан пополека ќе ги убиваат луѓето од Кронштат кои се кренаа против болшевичката бирократија и во март 1921 ја прокламираа паролата на Револуцијата од октомври 1917: “Сета власт на советите!”
Поговор на писателот: Поуките и значењето на Кронштат
Кронштатското движење беше спонтано, неподготвено и мирно. Тоа што стана вооружен судир, кој заврши со крвава трагедија, во целост се должеше на татарскиот деспотизам на комунистичката диктатура.
Иако Кронштат го знаеше општиот карактер на болшевиците, тој сепак веруваше во можноста од пријателско решение. Веруваше дека комунистичката влада е разумна; ѝ припишуваше одредено чувство на праведност и слобода.
Кронштатското искуство уште еднаш покажува дека владата, државата – без разлика кое е нејзиното име или облик – секогаш е смртен непријател на слободата и самоопределувањето. Државата нема душа, нема принципи. Има само една цел – да ја обезбеди власта и да ја задржи, по секоја цена. Тоа е политичката поука на Кронштат.
Има уште една, стратешка поука од секој бунт. Успехот на востанието зависи од неговата одлучност, енергичност и агресивност. Бунтовниците ги имаат на своја страна симпатиите на масите. Тие симпатии го забрзуваат растечкиот наплив на бунтот. Не смее да се дозволи да се стиши, да избледи и да се врати на сивилото на секојдневниот живот.
Од друга страна, секое востание ја има против себе моќната машина на државата. Владата е во состојба во свои раце да ги концентрира изворите на снабдување и средствата за комуникација. Не смее да ѝ се даде време на владата да ја употреби својата моќ. Бунтот мора да биде жесток, да избувне неочекувано и одлучно. Не смее да остане локален, зашто тоа значи стагнација. Мора да се прошири и да се развие. Бунтот што се ограничува себеси на еден локалитет, кој следи политика на чекање или се става себеси во дефанзива, неизбежно е осуден на пораз.
Во овој поглед, особено Кронштат ги повтори фаталните стратегиски грешки на Париските комунари. Тие не го слушаа советот на оние што се залагаа за неодложен напад врз Версај, додека владата на Тјер беше дезогранизирана. Тие не ја проширија револуцијата во земјата. Ниту париските работници од 1871 ниту кронштатските морнари целеа кон укинување на владата. Комунарите единствено сакаа одредени републикански слободи и кога владата се обиде да ги разоружа, тие го истераа министерот на Тјер од Париз, ги воспоставија своите слободи и се подготвуваа да ги бранат – ништо повеќе. Исто така, Кронштат единствено бараше слободни избори за советите. Апсејќи неколку комесари, војниците се подготвуваа да се бранат од напад. Кронштат одби да делува според советот на воените експерти неодложно да се заземе Ораниенбаум. Тој имаше исклучителна воена вредност, покрај тоа што имаше 50.000 пуда [14] жито што му припаѓаше на Кронштат. Истоварувањето на Ораниенбаум беше изводливо, при што болшевиците би биле изненадени и би немале време да доведат засилување. Но морнарите не сакаа да ја преземат офанзивата и така психолошкиот момент беше загубен. Неколку дена подоцна, кога објавите и дејствијата на болшевичката влада го уверија Кронштат дека се работи за борба за живот, беше предоцна да се поправи грешката. [15]
Истото ѝ се случи на Париската комуна. Кога логиката на борбата што им беше наметната им ја покажа нужноста од укинување на режимот на Тјер не само во сопствениот град, туку во целата земја, веќе беше предоцна. Кај Париската комуна како и кај Кронштатскиот бунт тенденцијата кон пасивна, дефанзивна тактика се покажа фатална.
Кронштат падна. Кронштатското движење за слободни совети беше задушено во крв, додека истовремено болшевичката влада правеше компромиси со европските капиталисти, потпишувајќи го Договорот од Рига, според кој население од 12 милиони е предадено на милоста на Полска, и помагајќи му на турскиот империјализам да ги задуши кавкаските републики.
Но, “победата” на болшевиците над Кронштат во себе го содржеше поразот на болшевизмот. Таа го разоткри вистинскиот карактер на комунистичката диктатура. Комунистите покажаа дека се волни да го жртвуваат комунизмот, да направат речиси секаков компромис со меѓународниот капитализам, но сепак да ги одбијат праведните барања на сопствениот народ – барања кои беа одек на октомвриските пароли на самите болшевици: избирање на советите преку непосредно и тајно гласање, согласно со Уставот на Руската социјалистичка федеративна советска република, и слобода на говорот и печатот за револуционерните партии.
Десеттиот серуски конгрес на Комунистичката партија заседаваше во Москва за време на Кронштатскиот бунт. На тој конгрес целата болшевичка економска политика беше променета како резултат на кронштатските настани и слично заканувачкото однесување на народот во различни делови од Русија и Сибир. Болшевиците преферираа да ја променат својата темелна политика, да ја укинат разверстката (присилната реквизиција), да воведат слободна трговија, да им дадат концесии на капиталистите и да се откажат од самиот комунизам – од комунизмот за кого беше крената Октомвриската револуција, море крв беше пролеано, а Русија беше доведена до рушевини и очај – но не и да дозволат слободно избрани совети.
Дали некој сè уште може да се прашува која беше вистинската цел на болшевиците? Дали тие ги следеа комунистичките идеали или владејачката моќ?
Кронштат има големо историско значење. Тој удри на посмртното ѕвоно на болшевизмот со неговата партиска диктатура, луда централизација, тероризам на Чека и бирократски касти. Удри во самото срце на комунистичката автократија. Истовремено ги поттикна интелигентните и чесни умови од Европа и Америка да извршат критичко испитување на болшевичката теорија и практика. Го уништи болшевичкиот мит дека комунистичката држава е “работничка и селанска власт”. Докажа дека комунистичката партиска диктатура и Руската револуција се спротивставени, противречни и меѓусебно исклучувачки. Покажа дека болшевичкиот режим е неублажена тиранија и реакција и дека самата комунистичка држава е најмоќна и најопасна контрареволуција.
Кронштат падна. Но падна победнички во својот идеализам и морална чистота, во својата великодушност и виша човечност. Кронштат беше супериорен. Со право се гордееше што не ја пролеа крвта на своите непријатели, на комунистите во својата средина. Немаше егзекутирања. Неуките, несофистицирани морнари, груби во говорот и манирите, беа премногу благородни за да го следат болшевичкиот пример на одмазди: тие не сакаа да ги стрелаат дури ниту омразените комесари. Кронштат го олицетворуваше великодушниот, сепростувачки дух на словенската душа и на руското стогодишно движење за ослободување.
Кронштат беше првиот народен и целосно независен обид за ослободување од јаремот на државниот социјализам – обид што го направи непосредно народот, самите работници, војници и морнари. Тоа беше првиот чекор кон Трета револуција, која е неизбежна и која, да се надеваме, може да ѝ донесе трајна слобода и мир на Русија.
[1] Болшевиците го распуштија Уставотворното собрание во јануари 1918, откако на изборите што се одржаа по нивното освојување на власта во ноември 1917, апсолутно мнозинство во Уставотворното собрание доби партијата на социјалистите-револуционери (есери), а болшевиците освоија само 25,6% од мандатите. Инаку, едно од основните барања на болшевиците, а особено на Ленин, пред да ја освојат власта, беше Привремената влада што побрзо да ги распише изборите за уставотворно собрание. Поради сета оваа неславна епизода дојде и наведеното барање за повторно свикување на уставотворно собрание (заб. на прев.).
[2] Кронштат е град и поморска база, лоциран на островот Котлин во Финскиот залив, на 30-тина километри западно од Петроград (заб. на прев.).
[3] Вооружени единици организирани од страна на болшевиците со цел задушување на трговијата и конфискување на прехранбени и други производи. Неодговорноста и арбитрарноста на нивните методи беа нашироко познати во целата земја. Владата ги укина во Петроградската околија во предвечерјето на нападот врз Кронштат – како поткуп за петроградскиот пролетаријат.
[4] Од февруари 1919 до март 1921, Советска Русија беше во војна со Полска (заб. на прев.).
[5] “Известија” на Привремениот револуционерен комитет на Кронштат, бр. 9, 11 март 1921.
[6] Чекист – припадник на Чека, на болшевичката тајна полиција која од 1917 до 1922 беше позната под оваа кратенка (заб. на прев.).
[7] Црните стотини беа реакционерно и националистичко движење во Русија (заб. на прев.).
[8] Ревал – историско име на Талин, главниот град на Естонија (заб. на прев.).
[9] Објавена во “Револуционаја Россија” Социјалистичко-револуционерен весник), бр. 8, мај 1921. Види и Московска “Известија” (комунистичка) бр. 154, 13 јули 1922.
[10] Лондонската конференција (февруари – март 1921) беше неуспешен обид да се стави крај на војната помеѓу Турција и Грција. Во овој период Советска Русија имаше добри односи со Турција со која на 16 март 1921 го потпиша Московскиот договор (заб. на прев.).
[11] Извршниот комитет на Руската комунистичка партија ја сметаше својата кронштатска секција за толку “деморализирана” што по поразот на Кронштат нареди целосно повторно запишување на сите кронштатски комунисти.
[12] Познатиот процес на 193-мината од почетоците на револуционерното движење во Русија. Тој започна во втората половина од 1877 и заврши во првите месеци од 1878.
[13] Маљута Скуратов – најблизок соработник на рускиот цар Иван Грозни и носител на теророт за време на неговото владеење (заб. на прев.).
[14] Еден пуд е 40 руски или околу 36 англиски фунти.
[15] Неуспехот на Кронштат да се заземе Ораниенбаум ѝ даде на владата можност да ја зајакне тврдината со свои доверливи единици, да ги отстрани “инфицираните” делови од гарнизонот и да ги егзекутира водачите на воздушната ескадрила кои само што не им се приклучија на кронштатските бунтовници. Подоцна болшевиците ги користеа тврдините како истурени точки за нападот врз Кронштат. Помеѓу оние што беа егзекутирани во Ораниенбаум беа: Колосов, шеф на дивизијата на авијатичарите на Црвената армија и претседавач на штотуку формираниот Привремен револуционерен комитет во Ораниенбаум; Балаханов, секретар на тој комитет и членовите на Комитетот Романов, Владимиров итн.