Наслов: Пиратски утопии
Поднаслов: Под знамето на кралот на смртта
Датум: 1999
Извор: Do or Die #8, 1999. eco-action.org
Забелешки: Наслов на оригиналот: Pirate Utopias - Under the Banner of King Death. Превод: Стефан Симоновски.

„Во чесната служба, има разводенет оброк, ниски плати и тешка работа; во оваа, изобилство и ситост, задоволство и одмор, слобода и моќ; и кој нема да прејде на оваа страна, кога сиот ризик се состои, во најлош случај, во поглед попреку при бесење. Не, блажен и краток живот ќе биде моето мото“ – пиратскиот капетан Бартоломеј Робертс.[1]

За време на „Златното доба“ на пиратството во 17-от и 18-от век, дружини од стари пролетерски бунтовници, отпадници од цивилизацијата, ги пљачкосувале профитните бродски линии меѓу Европа и Америка. Оперирале од копнени енклави, слободни пристаништа; „пиратски утопии“ лоцирани на острови и крајбрежја далеку од дофатот на цивилизацијата. Од овие мини-анархии – „привремено автономни зони“ – лансирале препади толку успешни што предизвикале империјална криза, напаѓајќи ја британската колонијална трговија и осакатувајќи го растечкиот систем на глобална експлоатација, ропство и колонијализам.[2]

Лесно можеме да ја замислиме привлечноста на животот како морски скитник, кој никому не одговара. Евроамериканското општество од 17-от и 18-от век било општество на растечки капитализам, војна, ропство, омеѓување и присвојување земја; глад и сиромаштија, заедно со незамисливо богатство. Црквата доминирала со сите аспекти на животот, а жените имале мал избор надвор од ропството на бракот. Си можел да бидеш присилно одвлечкан во морнарицата, трпејќи услови многу полоши од оние на палубата на некој пиратски брод: „Условите на обичниот морнар биле и сурови и опасни – а платата мала. Казните коишто ги применувале офицерите на бродот вклучувале оковување, камшикување и влечење под кобилицата – жртвата била влечена со јажиња под трупот на бродот од едната до другата страна. Влечењето под кобилица била казна што често завршувала фатално“.[3] Како што д-р Џонсон славно забележал: „ниту еден човек со доволно итрина да заврши во затвор нема да стане морнар; зашто да се биде на брод значи да се биде во затвор со можност да се удавиш... Човекот во затвор има повеќе простор, подобра храна и најчесто подобро друштво“.[4]

Наспроти ова, пиратите создале сопствен свет, во кој „изборот бил на нив самите“ – свет на солидарност и братство, во кој ги споделувале ризиците и придобивките од животот на море, колективно носеле одлуки и го контролирале сопствениот живот во сегашноста, одбивајќи ја неговата употреба од страна на трговците како средство за акумулација на безживотна сопственост. Имено, Лорд Воган (Vaughan), гувернер на Јамајка, напишал: „Овие Инди се толку пространи и богати, а овој вид на грозје толку слатко, што една од најтешките работи на светот е да ги одвикнеш од тоа оние кои толку долго го користеле“.[5]

Подемот на пиратството

Ерата на евроамериканското пиратство е најавена со откритието на Новиот свет и огромната империја зграбена од Шпанците во Америка. Новите технологии овозможиле долгите патувањата на море да бидат изведувани постојано и со точност, а новите империи што се појавиле не биле во толкава мера засновани на контрола врз морињата. Шпанија била светска суперсила во 16-от век, но не останала непредизвикана долго време; Франција, Холандија и Англија, сите се бореле да ја надминат Шпанија во империјалната трка. Во нивната намера да го сторат тоа, тие не се воздржувале од пиратство за да ги нападнат омразените Шпанци и да ги наполнат своите ковчези со големото богатство што Шпанците го опљачкале од американските староседелци. За време на војна ова пљачкосување било легитимизирано како легално поморство, но останатото време, тоа едноставно било пиратство со државно спонзорство (или барем било толерирано и поттикнувано). Во текот на 17-от век овие ембрионски империи конечно ги надминале Шпанците и се етаблирале себеси. Со новите технологии бродовите не биле повеќе користени само за превоз на луксузни добра, туку станале и основа на меѓународната трговска мрежа клучна за појавата и ширењето на капитализмот. Масовната експанзија на поморската трговија во овој период нужно создала и голема популација на морнари – нова класа на наемни работници којашто претходно не постоела. За многумина од нив пиратството изгледало како атрактивна алтернатива на суровата реалност на трговската служба или морнарицата.

Но како што новите империи – особено Британската империја – созревале, се промениле и ставовите кон пиратството: „бучниот пират не им одговарал на практичните трговци и империјалните бирократи, чијшто застарен свет на биланси и извештаи дошол во насилен конфликт со оној на пиратите“. Владејачката класа сметала дека стабилната, уредна трговија ѝ служи на интересите на созреаната империјална сила многу подобро отколку пиратството. На тој начин била овозможена појавата на пиратството во 17-от и раниот 18-ти век. Пиратите повеќе не биле џентлмени-авантуристи спонзорирани од државата како сер Франсис Дрејк (Francis Drake), туку отпадници од наемното ропство, бунтовници, мултиетничка мешавина полна со бунтовни пролетери. Онаму каде што некогаш била матна границата меѓу легитимната трговска активност и пиратството, таму пиратите сега откриле дека им останале малку од нивните стари пријатели, а сè повеќе биле гледани како „дивјаци и грабливи ѕверови“. Како што етаблираното општество ги отфрлало пиратите, тие станувале уште поантагонистички во нивното отфрлање на општеството. Од овој момент па натаму, единствените пирати биле оние кои експлицитно ја отфрлале државата и нејзините закони, и кои објавувале дека се во отворена војна против неа. Пиратите биле оттурнати уште подалеку од центрите на моќ како што американските колонии, кои на почетокот се наоѓале надвор од државната контрола и имале релативна автономија, биле вовлекувани во етаблираната империјална трговија и управување. Оттаму, како што државните напади биле дочекувани со освета од пиратите, се создала смртоносна спирала на растечко насилство која довела до уште поголем терор.[6]

„Буниште каде што Англија го исфрла своето ѓубре“

Карипските острови во втората половина на 17-от век биле жариште полно со бунтовни и осиромашени имигранти од целиот свет. Имало илјадници депортирани Ирци, просјаци од Ливерпул, ројалистички затвореници од Шкотска, пирати заробени во англиските далечни мориња, разбојници заробени на шкотските граници, пребегани Хугеноти и Французи, обезаконети религиозни одметници и заробеници од разни бунтови и завери против кралот.

Протоанархистичките револуционерни движења од Граѓанската војна од 1640-те години биле задушени и поразени до зачетокот на големото доба на пиратство во доцниот 17-ти век, но постојат цврсти докази кои укажуваат дека некои од дигерите, рантерите, маглетонците[7], итн., избегале во Америка и Карибите каде што ги инспирирале, или им се придружиле на овие востанички пиратски дружини. Навистина, група пирати се стационирала на Мадагаскар, на место на „коешто му го дале името, Залив на рантерите“.[8] По поразот на левелерите во 1649, Џон Лилбурн (John Lilburne) се понудил да ги води неговите следбеници во Западните Инди, доколку владата ги покрие трошоците. Се чини дека рантерите и дигерите опстанале подолго во Америка отколку во Британија – во доцните 1690-ти сè уште имало извештаи за постоење на рантери на Лонг Ајланд. Ова воопшто не зачудува имајќи предвид дека териториите на Новиот свет биле користени од Британија како казнени колонии за незадоволните и сиромашни бунтовници. Во 1655 г., Барбадос бил опишан како „буниште каде што Англија го исфрла своето ѓубре“. Меѓу овие непожелни имало и бројни радикали – оние кои ја запалиле искрата за револуцијата во 1640 г. „Перо (Perrot), брадестиот рантер кој одбивал да ја симне својата шапка пред Семоќниот, завршил на Барбадос“, како и многумина други - како рантерскиот интелектуалец Џозеф Салмон (Joseph Salmon). Фактот дека Карибите станале рај за радикалите не минал незабележан: во 1656 г., Семјуел Хајленд (Samuel Highland) го советувал Парламентот да не го осудува квекерскиот еретик Џејмс Најлер (James Nayler) на транспортација, за да не ги зарази и останатите населеници. Тогаш веќе било јасно дека британските колонии на запад биле согледани како рај на релативна религиска и политичка слобода; далеку од дофатот на законот и авторитетот.[9]

Пред европските трговци да ја откријат трговијата со африкански робови и комерцијалните придобовки од пренесување Африканци на Карибите, илјадници сиромашни Европејци и припадници на работничката класа биле испратени во новите колонии како обврзани слуги – назив за специфично тргување со робови. Единствената разлика помеѓу трговијата со обврзани слуги и африканската трговија со робови била дека во теорија, ропството на овие имигранти не се сметало за вечно и наследно. Меѓутоа, многумина биле измамени, а нивните договори продолжени на неодредено, за никогаш да не ја добијат својата слобода. Робовите, животна инвестиција, често биле третирани подобро од обврзаните слуги.[10]

Сепак, господарите имале големи тешкотии да ги задржат своите слуги кои се стремеле да се подомородчат и побегнат во слобода на илјадниците острови на Антилите, или пак во изолираните делови на крајбрежјето или џунглата. Таму често формирале самоуправувачки дружини или племиња на отпадници и бегалци, на многу начини имитирајќи ги староседелците пред нив. Овие луѓе – морнари и војници, робови и обврзани слуги, ја создале основата за карипското пиратство коешто се појавило во 17-от век – задржувајќи ја нивната егалитарна племенска структура дури и кога биле на море. Како што нивниот број растел, а повеќе луѓе нагрнале под црвеното знаме, нивните напади врз Шпанците станале посмели. После секој препад тие се упатувале во некој град како Порт Ројал на Јамајка, да ги потрошат сите пари во една голема журка на курвање, коцкање и пиење пред да се вратат на нивното ловечко-собирачко живеење на островите далеку од сите погледи.[11]

А имало и до 80.000 робови црнци кои работеле на плантажите и кои биле склони на чести и крвави бунтови, заедно со некои преживеани домородни индијански жители на островите. Во 1649 г., едно робовско востание коинцидирало со востание на белите слуги. Во 1655 г., следејќи вообичаена шема, Ирците се приклучиле на бунтот на црнците. Имало слични бунтови на Бермудите, Св. Кристофер и Монсерат, додека на Јамајка транспортираните бунтовници Монмутите се обединиле во бунт со „марунските“[12] Индијанци. Овој неред на лишените бил опишан во 1665 г. како, „затворски птици или бунтовни личности, гнили уште пред да бидат испратени, а во најдобар случај мрзливи и погодни за рудари.“ На што една жена колонист од Антигва додала, „сите тие ќе бидат друштво на содомити“. Ова било зовриено мултирасно жариште на гнев и класна нетрпеливост во коешто транспортираните или доброволно пребегани рантери, дигери и левелери пристигнувале и од каде што со појавата на карипските пиратите, некаде во средината на 17-от век, започнува славното доба на евроамериканското пиратство.[13]

Арргх, Џим другар!

Големото мнозинство пирати биле морски трговци кои избрале да им се придружат на пиратите кога нивните бродови биле заробени, а мал број биле бунтовници кои колективно го презеле нивниот брод. „Според Патрик Прингловата (Patrick Pringle) Jolly Roger, регрутирањето пирати било најуспешно меѓу невработените, избеганите заробеници и транспортираните криминалци. Далечните мориња создале неотповикливо изедначување на класните нееднаквости“.

Многу пирати имале развиена класна свест; на пример, пиратскиот капетан Белами (Bellamy) му го одржал следниот говор на капетанот на некој трговски брод кој штотуку го заробил. Капетанот на трговскиот брод штотуку ја одбил понудата да се придружи на пиратите:

„Жал ми е што нема да ти дозволат повторно да го добиеш твојот беден мал воен брод, бидејќи презирам кому било да сторам пакост кога не добивам ништо од тоа; по ѓаволите со шалупата, мораме да ја потопиме, а таа може да ти биде од корист. Иако си подол поттрчко, исто како и сите оние кои ќе се покорат да бидат владеани од закони кои богатите луѓе ги создале за нивна безбедност; бидејќи кукавичките подлизурковци поинаку немаат храброст да го бранат она што го добиле со нечесност; но, проклети да сте сите заедно: проклети да се итрите апашчиња, а и вие, кои им служите како будали со кокошји срца. Нè клеветат и оцрнуваат, тие никаквеци, а разликата помеѓу нив и нас е што тие ги ограбуваат сиромашните под заштита на законот, навистина, а ние ги пљачкосуваме богатите под заштита на нашата сопствена храброст. Зарем не е подобро тогаш да станеш еден од нас, отколку да им се пикаш во газот на тие никаквеци?“

Кога капетанот одговорил дека неговата совест не би му дозволила да ги прекрши законите на Бога и луѓето, пиратот Белами продолжил:

„Ти си ѓаволски совесен злобник, а јас сум слободен принц, и јас имам исто толку авторитет да војувам со целиот свет како и оној кој има стотици бродови по морињата и војска од 100.000 луѓе по полињата; ова ми го вели мојата совест: но не може да се разговара со вакви подли ликсури кои дозволуваат претпоставените да ја рибаат палубата со нив кога ќе посакаат.“[14]

Пиратството било една стратегија во раниот циклус на класна борба на Атлантикот. Морнарите исто така практикувале бунтови и дезертерства и други тактики со цел да опстанат и да ѝ пркосат на нивната судбина. Пиратите можеби биле најинтернационалната и милитантна секција на протопролетаријатот конституиран од морнари од 17-от и 18-от век. Постоеле, на пример, хардкор бељаџии како Едвард Бакмастер (Edward Buckmaster), морнар кој се придружил на екипажот на Кид (Kidd) во 1696 г., кој бил апсен и затворан повеќе пати за агитација и бунтување, или Роберт Калифорд (Robert Culliford), кој постојано бил на чело на бунтови и кој го презел бродот на којшто служел преобразувајќи се во пират.[15]

За време на војна, заради потребите на морнарицата, постоел голем недостиг на квалификувана слободна поморска работна сила, а морнарите можеле да бараат релативно високи наемнини. Со крајот на војните, особено онаа на Кралицата Ен, којашто завршила 1713 г., голем број морнари станале невработени што предизвикало големо опаѓање на наемнините. 40.000 луѓе се нашле без работа на крајот од војната – лутајќи по улиците на пристаништата како Бристол, Портсмут и Њу Јорк. За време на војна поморството давало можност за релативен степен на слобода и шанса за збогатување. Крајот на војната значел и крај на морнарствувањето, а овие невработени бивши морнари само го зголемувале и онака огромниот вишок на работна сила. Војната на Кралицата Ен траела 11 години, а во 1713 г. многумина морнари не знаеле ништо друго освен војување и пљачкосување бродови. Вообичаена била забелешката дека на крајот од војна морнарите се преобратуваат во пирати. Комбинацијата од илјадници луѓе тренирани и искусни во заробувањето и пљачкосувањето бродови, одненадеш наоѓајќи се невработени и морајќи да се натпреваруваат сè потешко и потешко за помали и помали плати, била експлозивна – за многумина пиратството секако било една од малкуте алтернативи на гладта.[16]

Слобода, Еднаквост, Братство

Избегнувајќи ја тиранијата на дисциплината на трговските бродови, највпечатливото нешто во врска со организацијата на пиратските екипажи е нивната антиавторитарна природа. Секој екипаж функционирал под услови на пишани одредби, за кои согласност изразил целиот екипаж и на кои се потпишал секој член. Еве како започнувале „Одредбите“ на дружината на Бартоломеј Робертс (Bartholomew Roberts):

„Секој човек има право на Глас за сè што се случува во моментот; има подеднакво право на свежите резерви храна, или жестоките пијалоци, во кое било време и може да ги употребува по желба, освен доколку скудноста не направи нужно, за доброто на сите, да се изгласа ограничување“.[17]

Евроамериканските пиратски дружини навистина создале една заедница со заеднички обичаи практикувани на разните бродови. Слободата, еднаквоста и братството просперирале повеќе од сто години пред Француската револуција. Властите често биле шокирани од нивните слободарски тенденции; еве што искоментирал холандскиот гувернер на Маврициус кој наишол на пиратска дружина: „Секој човек има право на глас колку и капетанот и секој човек своето оружје го носи со себе“. Ова претставувала продлабочена закана за поредокот на европското општество, каде што огненото оружје било ограничено на повисоките класи и претставувало длабок контраст во однос на трговските бродови, каде што сè што можело да биде употребено како оружје било држено под клуч, како и на морнарицата, каде што примарната цел на поморците стационирани на воените бродови била да ги задржат морнарите на нивните места.[18]

Пиратските бродови функционирале на принципот „нема рачиња, нема колачиња“, но кога ќе бил заробен некој брод пленот бил делен според систем на поделба. Овој систем на поделба бил вообичаен во средновековното поморство, но бил надминат кога поморството станало капиталистичка активност, а морнарите наемни работници. Тоа сè уште постоело на вооружените трговски и рибарски бродови, но пиратите го развиле во неговиот најегалитарен облик – не постоел дел за сопствениците или инвеститорите или трговците, немало елаборирана хиерархија на разлика во примањата – секој добивал еднаков дел од пленот, а капетанот обично само 1 или 1½ од делот. Олупината на Сем Беламовиот брод Whydah, којашто била откриена во 1984 г., обезбедува цврсти докази за ова – меѓу пронајдените артефакти се наоѓал западноафрикански акански накит којшто „бил пресечен на делови со јасни траги од нож, што претпоставува дека постоел обид да се подели подеднакво“.[19]

Суровоста на животот на море направила заемната помош да биде едноставна тактика за опстанок. Спонтаната солидарност на другарските морнари била пренесена во пиратската организација. Пиратите често влегувале во „конзорциуми“ едни со други, каде што доколку едниот умрел другиот го добивал она што тој го поседувал. Пиратските одредби исто така често вклучувале и облик на заемна помош каде што повредените морнари неспособни да учествуваат во борба го добивале нивниот дел како пензија. Пиратите овој вид на солидарност го сфаќале многу сериозно – позната е барем една пиратска дружина која ги компензирала нејзините повредени за на крај да открие дека ништо не останало. Од „Одредбите“ на дружината на Бартоломеј Робертс: „Доколку некој човек загуби екстремитет, или стане инвалид за време на неговата служба, тој ќе добие 800 долари од заедничкиот фонд, а за помали повреди, пропорционално“. А од оние на дружината на Џорџ Лоутер (George Lowther): „Оној што ќе го снајде таква несреќа да загуби екстремитет, во цреме на служење, ќе ја добие сумата од сто и педесет фунти стерлинзи и ќе остане со дружината онолку долго колку што ќе се смета за способен“.[20]

Пиратските капетани биле избирани и можеле да бидат отповикани во секое време за злоупотреба на нивниот авторитет. Капетанот не уживал никакви посебни привилегии: Тој, „или кој било друг офицер не може да добие повеќе (храна) отколку друг човек ниту, пак, капетанот својата кабина може да ја има само за себе“. Капетаните биле свргнувани заради кукавичлук, суровост и доволно илустративно, за одбивање „да нападнат и пљачкосаат англиски бродови“ – пиратите го свртеле грбот на државата и нејзините закони и никакви врзувачки чувства на патриотизам не биле дозволувани. Капетанот имал право да командува само во екот на борба, инаку сите одлуки се носеле од сиот бродски екипаж. Оваа радикална демократија нужно не била многу ефикасна; честопати пиратските бродови се наоѓале како лутаат бесцелно онака како што екипажот го менувал своето мислење.[21]

Автентичните гусари се нарекувале себеси „братство од брегот“ – соодветен термин, бидејќи пиратите менувале бродови, договарале рандеву места, се соединувале со други дружини за заеднички препади и се состанувале со стари бродски другари. Иако може да изгледа изненадувачки дека низ целото светско пространство од океани пиратите успевале да одржат контакти и да се состануваат, тие сепак постојано се враќале во разните „слободни пристаништа“ каде што биле отворено пречекувани од трговците на црниот пазар кои ги купувале нивните добра. Пиратските дружини се признавале едни со други, не се напаѓале и често работеле заедно во големи флоти. На пример, во 1695 г. дружините на капетан Ејвери (Avery), Фаро (Faro), Вант (Want), Мејз (Maze), Тју (Tew) и Вејк (Wake) се собрале за заеднички препад на годишната муслиманска аџијска флота на пат кон Мека, шестте бродови имајќи најмалку 500 луѓе. Исто така се состанувале и имале заеднички забави; како „сатурналијата“ кога екипажите на Црнобрадиот и Чарлс Вејн (Charles Vane) ги здружиле силите на островот Окракок во Северна Каролина во 1718 г. Има дури и докази дека постоел уникатен пиратски јазик, што е вистински знак дека пиратите развивале сопствена специфична култура. Филип Eштон (Philip Ashton), кој минал шеснаесет месеци меѓу пиратите во 1722-3 г., известува за еден од неговите поробувачи: „во согласност со пиратскиот обичај, и на нивниот соодветен дијалект, ме запраша дали сакам да ги потпишам нивните Одредби“. Постои и еден смешен запис за тоа како еден заробеник на пиратите си го „спасил животот само со помош на пцуење и колнење“ – наведувајќи дека една карактеристика на овој пиратски јазик била слободната употреба на клетви и пцовки. Преку поделбите и здружувањата и луѓето кои прерипувале од еден брод на друг, постоел голем континуитет меѓу различните пиратски дружини, споделувајќи ги истата култура и обичаи и со тек на време развивајќи специфична „пиратска свест“. Можноста оваа пиратска заедница да присвои постојан облик била закана за властите кои се плашеле дека тие можат да создадат „Комонвелт“ во ненаселените региони, каде што „ниту една сила во тие делови од светот не би можела да се справи со нив“.[22]

Освета

Еден особено важен дел од она што би можеле да го наречеме „пиратска свест“ била осветата кон капетаните и господарите кои претходно ги експлоатирале. Пиратот Хауел Дејвис (Howell Davis) изјавил: „нивната причина за станување пирати е да се осветат на трговците и суровите командири на бродови“. При заробувањето на трговец пиратите вообичаено би извеле „спроведување на правда“, „распрашувајќи се за начинот на однесување на командирот кон неговите луѓе, а оние, против кои биле поднесени жалби„ биле „камшикувани и опивани“. Интересно, едно од омилените измачувања спроведувани врз заробените капетани било „пот“ – збор кој значел тешка или прекумерна работа – во која виновникот бил приморуван да трча околу крмениот јарбол меѓу палубите на мелодија од весела песничка, додека пиратите околу него му довикуваат да трча побрзо бодејќи го по грбот со „врвовите од мечевите, џебните ножиња, компасите, вилушките, итн.“ Се чини дека пиратите биле решени нивниот господар да го вкуси сопствениот лек – создавајќи буквално магичен круг или рутина што потсетувала на тешкиот работен живот на морнарите. Најмилитантниот, од овие на море родени праведници-на-злото, секако бил Филип Лин (Philip Lyne), кој кога бил фатен во 1726 г., признал дека „убил 37 господари на бродови“.[23]

Радикалниот историчар Маркус Редикер (Marcus Rediker) открил интересен доказ за нивната преокупираност со осветата во имињата на нивните бродови – најголемата група поединечни имиња се оние кои вклучувале освета, на пример бродот на Црнобрадиот, Осветата на кралицата Ен или Џон Коловиот (John Cole) прекрасно именуван Осветата на Њуројшката освета. Трговскиот капетан Томас Чекли (Thomas Chekley) точно погодил кога ги опишал пиратите што го заробиле неговиот брод дека се преправаат оти се „луѓе на Робин Худ“. Постојат уште докази за ова во името на уште еден брод – Малиот Џон, кој му припаѓал на пиратот Џон Вард (John Ward). Питер Ламборн Вилсон (Peter Lamborn Wilson) вели: „(ова) ни дава драгоцена интроспектива во неговите идеи и неговата слика за себе: јасно e дека тој се сметал себеси за еден вид на Робин Худ на морето. Имаме одредени докази дека им давал на сиромашните, а очигледно бил решен да краде од богатите“.[24]

Реакцијата на државата кон овие мрзливи луѓе од седумте мориња била брутална – злочинот пиратство носел смртна казна. На почетокот од 18-от век се јавува „систем на реципрочен терор во кој се заробени кралските службеници и пиратите“. Како што пиратите станувале сè понепријателски настроени кон владејачкото општество и властите, така тие биле сѐ порешени да ги уништат. Гласините дека пиратите што ја искористиле предноста на кралското помилување во 1698 г., но кога се предале им биле отфрлени бенефициите на помилувањето, само ја зголемило недовербата и антагонизмот; пиратите одлучиле „повеќе да не прифаќат понуди за помилување, туку во случај на напад да се бранат од неверните земјаци кои можат да паднат во нивни раце“. Во 1722 г. на капетанот Лук Нот (Luke Knott) му биле доделни 230 фунти стерлинзи за загубата на неговата кариера откако предал 8 пирати; „мора да ја напушти трговската служба бидејќи има закани од пиратите дека ќе го измачуваат до смрт доколку падне во нивни раце“. Тоа во никој случај не била празна закана – во 1720 г. пиратите од дружината на Бартоломеј Робертс „отворено и на сред бел ден запалиле и уништиле... бродови на Патот за Басетере (Свети Кристофер) и имале смелост да го навредат Х.М. Форт “, осветувајќи го погубувањето на „нивните другари во Невис“. Робертс потоа испратил глас до гувернерот дека „ќе дојдат и ќе го запалат градот [Сенди Поинт] заради неговото бесење пирати таму“. Робертс дури имал и свое сопствено знаме на кое тој стоел врз два черепи именувани БГ и МГ – „Барбадовска глава“ и „Мартиниканска глава“ – подоцна таа година тој ја остварил својата освета против двата острово бесејќи го гувернерот на Мартиник. На наградите нудени за пиратите, тие одговарале нудејќи награди за одредени чиновници. А кога биле фаќани и егзекутирани пирати, други пиратски дружини често ги осветувале нивните браќа, напаѓајќи го градот што ги осудил или пратката од тој град. Овој вид на солидарност покажува дека навистина постоела развиена пиратска заедница, и дека оние што пловеле „под знамето на Кралот на смртта“ повеќе не гледале на себе како на Англичани или Холанѓани или Французи, туку како на пирати.[25]

Пиратството и ропството

Златното доба на пиратството исто така било и врвот на атлантската трговија со робови. Врската меѓу пиратството и трговијата со робови е комплексна и противречна. Некои пирати учествувале во трговијата со робови и го споделувале ставот на нивните современици за Африканците како стока за размена.

Меѓутоа, не сите пирати учествувале во трговијата со робови. Имено, голем број пирати биле бивши робови; имало поголем дел црнци на пиратските бродови отколку на трговските или воените бродови, и многу ретко набљудувачите кои го забележувале нивното присуство ги опишувале како „робови“. Повеќето од овие црни пирати биле пребегани робови, кои или им се приклучиле на пиратите на нивниот пат кон Африка, дезертирајќи од плантажите, или пак биле испратени како робови на некој брод. Некои можеби биле слободни луѓе, како „слободниот Негро“, морнар од Депфорд кој во 1721 г. кренал „Бунт затоа што имаме многу офицери и затоа што работата е многу тешка и што уште не“. Поморството генерално нудело поголема автономија за црнците отколку животот на плантажа, но во пиратството поточно, можеле – иако било ризично – да добијат една од малкуте шанси за слобода на еден Африканец на Атлантикот во 18-от век. На пример, четвртина од двестебројниот екипаж на бродот Whydah на капетан Белами биле црнци. Сведочењето на очевидец на потонувањето на пиратски брод кај Вилфлит, Масачусетс во 1717 г. вели дека многу од труповите биле црнци. Пиратскиот историчар Кенет Кинкор (Kenneth Kinkor) тврди дека иако Whydah изворно бил робовски брод, црнците на него во време на неговото потопување биле дел од екипажот, а не робови. Делумно затоа што пиратите, заедно со други морнари, „негувале голем презир кон поимот луѓе од копното“; црнецот кој се разбирал од јажиња поверојатно ќе стекнел почит отколку некој од копното кој не се разбирал. Кинкор забележува: „Пиратите суделе за Африканците повеќе врз основа на нивниот јазик и морнарски вештини – со други зборови, врз основа на нивното ниво на културно образование – наместо на нивната раса“.[26]

Црните пирати често ги предводеле групите за прекачување. Пиратскиот брод Утринска Ѕвезда во екипата за прекачување имал „црн готвач двојно вооружен“, а повеќе од половината на Едвард Кондентовата (Edward Condent) екипа за прекачување од Змејот биле црнци. Некои црни пирати станале кормилари или капетани. На пример, во 1699 г., кога капетан Кид се закотвил во Њујорк, две шалупи веќе го чекале, на една од кои „другарот беше мал црн човек... кој, како што беше муабетот, бил бивш кормилар на капетан Кид“.[27]

Во 17-от век, црнците најдени на пиратските бродови не биле судени со останатите пирати зашто се претпоставувало дека биле робови, но во 18-от век тие биле егзекутирани заедно со нивните бели „браќа“. Сепак, најверојатната судбина за некој црн пират, доколку заробен, била да биде продаден во ропство, без оглед дали бил слободен човек или не. Кога Црнобрадиот бил заробен од Кралската морнарица во 1718 г., петтмина од неговата осумнаесетчлена посада биле црнци, а според Советот на гувернери на Вирџинија, петте црнци биле „подеднакво третирани како и останатиот екипаж за истите дела на пиратство“. „Решително момче, црнец“ по име Цезар бил фатен токму пред да го крене во воздух целиот брод наместо да биде заробен и најверојатно вратен во ропство.[28]

Во 1715 г., владејачкиот Совет на Колонијата Вирџинија бил загрижен во врска со поврзаноста меѓу „пиратското беснеење“ и „востанието на црнците“. И со право биле загрижени. Во 1716 г., робовите од Антигва станале „многу дрски и навредувачки“; се известувало дека многумина од нив „отишле да се приклучат на оние пирати кои не се грижеле многу за разликите на бојата“. Овие врски биле трансатлантски; протегајќи се од срцето на Империјата во Лондон, до колониите на робови во Америка и „робовското крајбрежје“ на Африка. Во раните 1720-ти, банда пирати се населила во западна Африка, придружувајќи им се и мешајќи се со Кру – западно африкански народ од она што сега е Сиера Леоне и Либерија, прочуени по нивното поморство во нивните долги кануа и за нивното водство на бунтови на робови кога ќе биле заробени. Пиратите веројатно биле членови на дружината на Бартоломеј Робертс кои побегнале во шумите кога биле нападнати од Морнарицата во 1722 г. Овој сојуз не е толку невообичаен кога ќе се земе предвид дека од 157 луѓе кои не побегнале и биле или заробени или убиени на бродот на Робертс, 45 од нив биле црнци – веројатно ниту робови ниту пирати, туку „Црни морнари, вообичаено познати под името греметос“ – независни африкански морнари примарно од регионот на Сиера Леоне, кои се приклучувале кон пиратите „за мал надоместок“.[29]

Можеме да го согледаме начинот на кој овие врски биле распространувани и како пиратското наследство било ширено дури и после нивниот пораз во лице на судбината на некои од оние заробени на пиратскиот брод на Робертс. „Црњите“ од неговата дружина станале бунтовни во врска со лошите услови и „разводенетите оброци“ што ги добивале од Морнарицата. „Многумина од нив живееле долго време“ на „пиратски начин“, што за нив очигледно значело подобра храна и повеќе слобода.[30]

Подомородчување

Лионел Вафер (Lionel Wafer) бил француски хирург кој се приклучил на гусарските дружини од Карибите во 1677 г. Враќајќи се од патувањето кон Источните Инди му се случила несреќа и бил принуден да се опорави во едно индијанско село, за на крај да ги прифати индијанските обичаи. Ова е неговиот опис за враќањето на некои англиски морнари во селото:

„Лежачев заедно со Индијанците, според нивниот обичај, обоен како нив, и сиот гол освен околу појасот, а мојата алка на носот висеше преку мојата уста. Мина речиси еден час пред еден од екипажот, гледајќи упорно во мене, да извика, „Еве го нашиот доктор“, за веднаш сите да го поздрават моето пристигнување меѓу нив“.[31]

Овој вид на бегање и подомородчување не бил секогаш случаен. Бјуканерите од Карибите изворно своето име го добиле од boucan, вештина на димење месо што ја научиле од домородните Аравак Индијанци. Бјуканерите изворно биле копнени сквотери на големиот, од Шпанците поседуван, остров Хиспаниола (денес Хаити и Доминиканската Република) – се преобратиле на пиратство како последица на обидите на Шпанците да ги протераат. На Хиспаниола воделе начин на живот во суштина идентичен со оној на домородните луѓе кои биле таму пред нив. Овој вид на „марунски живот“ бил изедначуван со пиратството – освен бјуканерите од Хиспаниола и Тортуга, другата главна група на европски отпадници во Новиот свет биле дрвосечачите од Заливот Кампече (сега Хондурас и Белизе), „непристојна пијана дружина“ која според повеќето набљудувачи вршела размена со пиратите. Тие свесно избрале неакумулативен живот живеејќи во независни заеднички населби на периферијата на светот.[32]

Односите на пиратите со домородните луѓе со кои се сретнувале биле поделени. Некои пирати ги заробувале народите што ги сретнувале, приморувале да работат, силувале жените и краделе. Но други пирати се населувале и меѓусебно венчале – станувајќи дел од општеството. Особено на Мадагаскар, пиратите кои се измешале со локалното население создале „темна мулатска раса“. Контактите и културната размена меѓу пиратите, морнарите и Африканците довеле до очигледните сличности меѓу морнарските и африканските песни. Во 1743 г. некои морнари биле судени затоа што пееле „црнечки песни“. Овој вид на врски се движел во обете страни и тие не биле толку ретки колку што би можеле да помислите. Пиратот наречен Вилијам Меј (William May), насукан на мадагаскарскиот остров Анжуан, се шокирал кога еден од локалните „црњи“ му се обратил на течен англиски. Дознал дека луѓето биле одведени од островот со англиски брод и дека едно време живееле во Бентал Грин во Лондон, пред да се вратат дома. Неговиот пријател го спасил да биде заробен од Англичаните и одведен во Бомбај и обесен.[33]

Вообичаена карактеристика на она што би можеле да го наречете „пиратска идеологија“ е дека тие себеси се сметале за слободни кралеви, за автономни индивидуални императори. Ова делумно има врска со сонот за богатство – Хенри Ејвери бил идолизиран заради огромното богатство што го опљачкал; некои верувале дека тој создал сопствено пиратско кралство. Сепак, имало пират кој постигнал уште поинзвонредна од партал-до-палата приказна, започнувајќи како роб во француската колонија на Мартиник: Абрахам Семјуел (Abraham Samuel), „Толинор Рекс“, Кралот на Форт Дофин. Семјуел бил пребеган роб кој се приклучил на посадата на пиратскиот брод Џон и Ребека, за потоа да стане кормилар. Во 1696 г. пиратите заплениле голем и вреден плен и решиле да се пензионираат и населат на Мадагаскар. Семјуел завршил во напуштената француска колонија Форт Дофин каде што бил идентификуван од некоја локална принцеза како дете што таа го родила на некој Французин за време на окупацијата на колонијата. Семјуел одненадеш се нашол во позиција на наследник на празниот трон на кралството. Робови и трговци нагрнале да прават бизнис со „кралот Семјуел“ но тој ги задржал симпатиите кон неговите пиратски другари, дозволувајќи им и помагајќи им во пљачкањето на трговците кои доаѓале да тргуваат со него. Постојат бројни, можеби помалку блескави ликови во пристаништата и засолништата на Мадагаскар – пирати или робови кои станале локални водачи со приватни армии и од 500 луѓе.[34]

Sex and Drugs and Rock n’ Roll

Пиратите секако повеќе се забавувале отколку нивните сиромашни, напатени копии на воените или трговски бродови. И навистина имале некои диви забави – во 1669 г. на самиот раб од брегот на Хиспаниола, некои од бјуканерите на Хенри Морган (Henry Morgan) го кренале во воздух сопствениот брод за време на особено развратна забава, која како и секоја добра пиратска прослава вклучувала и многу пијано пукање од топовите на бродот. Некако го запалиле и барутот во магацинот на бродот и експлозијата што следела целосно го разнела бродот. На некои патувања алкохолот течел „слободно како испусна вода“, а за многу морнари ветувањето за неограничени следувања ракија била една од главните причини зад напуштањето на трговската служба и станувањето пират. Сепак, тоа понекогаш знаело да им се врати и по глава – на една група пирати ѝ требало три дена да заробат еден брод затоа што никогаш немало доволно трезни луѓе. Морнарите, воопшто, ги презирале „пиј-вода“ патувањата – една од причините била дека во тропските краеви водата често имала животинки што живеат во неа па си морал да ја цедиш низ заби.[35]

Ниту една пиратска прослава не би била целосна без музика. Пиратите биле прочуени по нивната љубов кон музиката и често најмувале музичари кога патувале. За време на судењето на посадата на „Црниот Барт“ Бартоломеј Робертс во 1722 г., двајца биле ослободени како музичари. Пиратите се чини ја употребувале музиката во борба; како што бил и муабетот за еден од нив, Џејмс Вајт (James White), дека неговата „работа како музика била на крмата за време на борба“.[36]

За некои луѓе слободата што ја нудело пиратството од светот на присила што го оставиле зад себе, се протегнувала и на сексуалноста. Европското општество од 17-от и 18-от век било исклучително антихомосексуално. Кралската морнарица периодично вршела брутални антисодомитски кампањи на бродовите на коишто луѓето можат да бидат затворени заедно со години. И во морнарицата и во трговската служба се сметало дека сексуалноста е штетна по работата и редот на бродот, како што свештеникот Џон Флавел (John Flavel) му пишувал за морнарите на трговецот Џон Ловринг (John Lovering): „Смртта на нивните страсти е средството што најмногу може да ѝ даде живот на твојата трговија“. Берг (B.R. Burg) во Sodomy and the Pirate Tradition истакнува дека големото мнозинство од пиратите биле хомосексуалци, и иако не постојат доволно докази да го поддржат ова тврдење, сепак пиратската колонија веројатно била најбезбедното место за препуштање на вакви страсти. Некои од раните бјуканери од Хиспаниола и Тортуга живееле во еден вид на хомосексуална врска позната како matelotage (од францускиот збор за „морнар“ и веројатно коренот на зборот „mate“, со значење партнер), чувајќи ги своите поседи заеднички, а кои ги наследувал преживеаниот. Дури и откако жени се приклучиле кон бјуканерите, matelotage продолжил, а партнерот ја делел неговата жена со неговиот matelot. Луј ле Голиф (Louis Le Golif) во неговото дело Memoirs of a Bucaneer се жалел во врска со хомесексуалноста на Тортуга, каде што морал да се бори во два дуела за да ги одбие напалените кандидати. Како резултат на тоа францускиот гувернер на Тортуга увезол стотици проститутки, надевајќи се дека на тој начин ќе ги одврати бјуканерите од таквата практика. Пиратскиот капетан Роберт Калифорд (Robert Culliford) , имал „одличен другар“, Џон Свон (John Swann) , кој живеел со него. Некои купувале „убави момчиња“ како придружници. На еден пиратски брод некој млад човек што признал дека имал хомесексуална врска бил врзан и малтретиран, но ова се чини дека било повеќе исклучок отколку правило. Исто така значајно е дека во ниту една пиратска одредба нема правила против хомосексуалноста.[37]

Жени пирати

Слободата на животот под пиратското знаме (Jolly Roger) се проширила на уште една, можеби изненадувачка група на морски разбојници: жените пирати. Жените не биле толку ретки на морињата во 17-от и 18-от век како што би можеле да помислите. Постоела прилично добро етаблирана традиција на жени кои се преоблекувале со цел да ја бараат својата среќа, или да ги следат своите мажи или љубовници на море. Се разбира, единствените жени за кои знаеме се оние кои биле заробени и изложени. Нивните поуспешни сестри отпловиле во анонимност. Но, сепак, се чини дека жените на пиратските бродови биле малубројни. Иронично, ова можеби придонело за падот на пиратството – било релативно лесно да се разбијат затоа што пиратската заедница била нашироко распространета и вродено ранлива; за нив било тешко да ги репродуцираат или заменуваат нивните членови. Во споредба, подолготрајните и поуспешни пирати од Јужнокинеското море биле организирани во семејни групи со мажи, жени и деца заедно на море – на тој начин секогаш при рака имало нова генерација пирати.[38]

Како што пиратите општо се дефинирале себеси во опозиција на растечките капиталистички општествени односи од 17-от и 18-от век, исто така и некои жени во пиратството пронашле начин да се побунат против растечките родови улоги. На пример, Шарлот де Бери (Charlotte de Berry), родена 1636 г. во Англија, го следела својот сопруг во морнарицата облекувајќи се како маж. Кога била принудена да се качи на брод што бил за пат кон Африка, таа покренала бунт против капетанот кој ја навредил, отсекувајќи му ја главата со меч. Потоа се преобратила во пират и станала капетан, пловејќи со нејзиниот брод по африканското крајбрежје напаѓајќи бродови што пренесувале злато. Имало исто така и помалку успешни жени пирати; во 1726 г. во Вирџинија, властите ја суделе Мери Харли (Mary Harley или Харви/Harvey) и тројца мажи за пиратство. Тројцата мажи биле осудени на бесилка, но Харли била ослободена. Сопругот на Мери се чини дека исто така бил вмешан во пиратство, но изгледа го избегнал заробеништвото. Мери и нејзиниот сопруг биле пренесени во колониите како осуденици една година претходно. Три години подоцна, во 1729, уште една жена осуденичка била обвинета за пиратство во колонијата Вирџинија. Банда од шест пирати биле осудени на бесилка, вклучувајќи ја Мери Крикет (Mary Crickett или Кришет/Crichett), која заедно со Едмунд Вилијамс, водачот на пиратската банда, во 1728 г. биле пренесени во Вирџинија како престапници.[39]

Меѓутоа, жените пиратки за кои најмногу знаеме се Ен Бони (Anne Bonny) и Мери Рид (Mary Read). Мери Рид била родена како вонбрачно дете и воспитувана како мало момче од страна на нејзината мајка со цел да ја префли на нејзините роднини како нејзин легитемен син. Таа морала да биде јака за да се справи со суровите услови на нејзиниот живот, така што до времето кога станала тинејџерка таа веќе „растела како храбра и силна“. Се чини дека Мери го сакала својот машки идентитет и се пријавила како морнар на воен брод, а потоа и како војник во војната во Фландерс. На крајот на војната таа се приклучила на холандски брод на пат кон Западните Инди. Кога нејзиниот брод бил заробен од „Калико“ Џек Ракамовата ('Calico' Jack Rackham) пиратска дружина, во којашто била Ен Бони, таа одлучила да се здружи со пиратите. Се чини дека таа го прифатила пиратскиот живот и започнала нова романса со еден од дружината. Кога нејзиниот љубовник влегол во расправија со некој другар од дружината и бил предизвикан да го решат тоа на вообичаениот пиратски начин „со меч и пиштол“, Мери го спасила својот љубовник започнувајќи тепачка со противникот, предизвикуваќи го на дуел два часа пред времето кога тој требал да се бори со нејзиниот љубовник, на крајот прободувајќи го со сабја.[40]

Ен Бони била родена како вонбрачно дете на слугинка во Ирска и одгледана во машка одора, а нејзиниот татко се преправал дека таа била дете на роднина доверено на негова грижа. Тој на крај ја одвел во Чарлстон, Јужна Каролина, каде што повеќе не морале да се преправаат. Ен пораснала во „робустна“ жена со „жесток и храбар карактер“. Имено, во една прилика „кога едно младо момче ѝ додеваше против нејзина волја, таа толку го претепа што тој лежеше болен долго време“. Таа побегнала на Карибите каде што се вљубила во капетанот на пиратската дружина, „Калико“ Џек Ракам (наречен така заради неговото егзотично и колоритно облекување). Ен и „Калико“ Џек, „сфаќајќи дека чесно не можеле да уживаат еден во друг во слобода, решиле да избегаат заедно во пркос кон целиот свет“. Украле брод од пристаништето и следните неколку години Бони била Ракамовата соморнарка и љубовница додека нивната дружина (којашто набрзо ја вбројувала и Мери Рид преправена во машка облека, која им се придружила од брод што го заробиле) препаднувала бродови на Карибите и во американските крајбрежни води.[41]

Еден од сведоците на нивното судење, жена со име Дороти Томас (Dorothy Thomas), која била заробена од пиратите, рекла дека жените „носеа машки палта и долги панталони и марами врзани околу нивните глави, а секоја од нив имаше мачета и пиштол во своите Раце“. И покрај фактот дека Рид и Бони носеле машка облека, нивната затвореничка не била будала; изјавила дека „причината заради која таа знаела и верувала дека тие се жени, била големината на нивните гради“.

Други затвореници заробени од пиратите изјавувале дека Бони и Рид „беа многу расипани, колнејќи и пцуејќи многу, и секогаш спремни и волни да сторат сè на бродот“. Обете жени изгледа се истакнувале во лидерството; на пример, тие биле дел од групата одредена за прекачување и земање плен – којашто била улога резервирана само за најпочитуваните и бестрашни членови на посадата. Кога пиратите „ќе забележеа брод, и наредеа гони или напаѓај“, парот „носеше машка облека“, но инаку, „тие носеа женска одора“.[42]

Ракам, Бони и Рид, сите биле фатени во 1720 г. од страна на шалупа на Британската морнарица близу Јамајка. Посадата била целосно пијана (вообичаен настан) и се скрила во визбата – имало само уште еден покрај Бони и Рид доволно храбар да се бори. Згрозена, Мери Рид пукала кон визбата „убивајќи еден и ранувајќи други“. Осумнаесет членови на посадата веќе биле осудени на бесилка до времето кога жените се појавиле на суд. Тројца од нив, вклучувајќи го и Ракам, подоцна биле обесени во ланци на видни места за да послужат како морална поука и „јавен пример“ на морнарите кои ќе пројделе крај нивните гнили трупови. Меѓутоа, Мери Рид инсистирала дека „храбрите луѓе“ – како неа – не се плашеле од смртта. Храброста била најголема доблест меѓу пиратите – единствено храброста го овозможувала нивниот постојан опстанок. „Калико“ Џек Ракам бил промовиран од кормилар во капетан кога дотогашниот капетан, Чарлс Вејн (Charles Vane), бил соборен заради кукавичлук. Оттаму, крајот на Ракам бил срамен кога Ен Бони пред да биде обесен му рекла: „ако се бореше како човек, немаше да бидеш обесен како куче“. Обете, Бони и Рид, ја избегнале пресудата затоа што „се одбраниле со своите мешиња кои биле полни со дечиња, молејќи егзекуцијата да биде примерена“.[43]

Мисија и Либерталија

Најславната пиратска утопија била онаа на капетан Мисија (Mission) и неговата пиратска дружина, кои создале своја осмислена заедница, безаконската утопија Либерталија во северен Мадагаскар во 18-от век.[44]

Мисија бил Французин, роден во Прованс, а се случило додека бил во Рим на отсуство од францускиот воен брод Викторија, да ја загуби својата вера, згрозен од декадентноста на Папскиот суд. Во Рим тој налетал на Карачиоли (Caraccioli) – „разуздан свештеник“ кој за време на долгите патувања имајќи малку што да се прави освен муабети, постепено ги преобратил Мисија и значителен дел од посадата кон неговиот вид на атеистичен комунизам:  

„ја напаѓаше власта и докажуваше дека секој човек е роден слободен и дека има исто онолку право да одлучи како ќе живее, како и на воздухот што го дише... дека големата разлика меѓу човек и човек, едниот давејќи се во луксуз, а другиот во најболна нужност, се должи единствено на алчноста и амбицијата од една страна и малодушната потчинетост од друга“.

  Отпочнувајќи пиратска кариера, двестебројната посада на Викторија го повикала Мисија да биде нивни капетан. Го колективизирале богатството на бродот, одлучувајќи дека „сè би требало да е заедничко“. Сите одлуки требале да се стават „на гласање пред целиот екипаж“. На тој начин тие се впуштиле во нивниот нов „живот на слобода“. На западниот брег на Африка заробиле холандски брод со робови. Робовите биле ослободени и донесени на Викторија, а Мисија изјавил: „Трговијата за оние од нашиот род, никогаш не би можела да биде во согласност со очите на божествената правда: ниту еден човек нема моќ над слободата на другиот“ и дека „тој не го ослободил својот врат од понижувачкиот јарем на ропството, и потврдил сопствената слобода, за да поробува други“. Со секоја борба, кон својот број приклучувале нови француски, англиски и холандски регрути и ослободувале африкански робови.

Пловејќи околу брегот на Мадагаскар, Мисија пронашол совршен залив во област со плодна почва, свежа вода и пријателски домородци. Овде пиратите ја создале Либерталија, отфрлајќи ги нивните називи на Англичани, Французи, Холанѓани или Африканци, нарекувајќи се себеси Либери (Liberi). Создале сопствен јазик, полиглотска мешавина на африкански јазици комбинирани со француски, англиски, холандски, португалски и нативен мадагаскарски. Кратко по започнувањето на работата на изградба на Либерталија, Викторија налетала на пиратот Томас Тју (Thomas Tew), кој одлучил да ги придружува до Либерталија. Таквиот вид колонија не бил нешто ново за Тју; тој го загубил неговиот кормилар и 23-ца од неговиот екипаж кога тие заминале да создадат населба на друг крај од мадагаскарскиот брег. Либерите – „противници на ропството“, сакале да го зголемат својот број заробувајќи уште еден брод со робови. На брегот на Ангола, Тјуовиот екипаж заробил англиски брод со робови со 240 мажи, жени и деца под неговата палуба. Африканските членови на пиратската дружина откриле многу пријатели и роднини меѓу поробените, разбивајќи ги нивните окови и пранги и почестувајќи ги со славата на нивниот нов слободен живот.

Пиратите се населиле и станале фармери, обработувајќи ја земјата заеднички – „ниту една меѓа не ја оградуваше сопственоста на луѓето“. Пленот и парите земени на море биле „носени во заедничката каса, немајќи од парите никаква корист онаму каде што сè е заедничко“.

Империјата го враќа ударот: крајот на златното доба на пиратството

Златното доба на евроамериканското пиратство траело отприлика од 1650 до 1725 г., со неговиот врв околу 1720 г. Постеле специфични услови кои довеле до овој процут на далечните мориња. Периодот започнува со појавата на бјуканерите на карипските острови Хиспаниола и Тортуга. Во поголемиот дел од овој период пиратството било концентрирано околу Карибите, и тоа со добра причина. Карипските острови обезбедувале безбројни места за криење, тајни пештери и необележани острови; места каде што пиратите можеле да се снабдат со свежа вода и други потребштини, одморат и одлежат чекајќи. Локацијата била совршена; наоѓајќи се на рутата користена од тешко натоварените со богатство флоти од Јужна Америка на пат за Шпанија и Португалија, Карибите биле ефективно невозможни за која било морнарица да ги контролира, а многу острови биле неприсвоени или ненаселени. Сè на сè, тоа допринело да биде гусарски рај.

Во 1700 г. бил воведен нов закон за судење и егзекуција по кратка постапка на пирати каде и да бидат фатени. Претходно тие требало да бидат пренеси во Лондон на судење и егзекутирани кај Вапинг. „Актот за поефективно сузбивање на пиратството“ исто така ја наметнал и смртната пресуда како и наградувањето за давањето отпор на пиратски напад, но најважно од сè, тоа не било судење со порота туку специјален суд од офицери на морнарицата. Прочуениот капетан Кид бил една од првите жртви на овој нов закон – имено законот бил забрзано донесен за да може да биде применет на него. Тој бил обесен на Докот за егзекуција во Вапинг, а неговото тело потоа било поставено на бесилка, облеано со катран за да се зачува и оставено на Тилбури поинт за да се „страв во секого што ќе го види“. Поцрнетиот и гнил труп бил наменет да послужи како многу јасен потсетник на обичниот морнар за ризиците од спротиставување на дисциплината на наемната работа.[45]

Случајот на Кид бил невообичаен по тоа што тој бил егзекутиран во Лондон. По 1700 г., според уредбите на новиот закон, војната против пиратите требало да се зајакне на периферијата на Империјата, и повеќе намало по еден или два трупа кои се клателе од бесилките крај знакот за водостојот, туку некогаш и дваесет до триесет одеднаш. Во еден особено значаен случај во 1722 г., Британскиот адмиралитет им судел на 169 пирати од дружината на Бартоломеј Робертс и егзекутирал 52-ца од нив во Форт Кејп на брегот од Гвинеја. 72-ца Африканци од бродот, слободни или не, биле продадени како робови, иако претходно веројатно се извлекле на кратко време од ропството.[46]

Исчезнувањето на единствените услови од златното доба кои им оделе во прилог, било она што довело и до крајот на владеењето на пиратите. Со развојот на капиталот во 17-от век, дошло и до издигнувањето на државата, потхранета од империјалните војни кои пустошеле по земјината топка од 1688 г. па натаму. Условите за водење на овие големи војни нужно изискувале и огромно зголемување на моќта на државата. Кога во 1713 г., Спогодбата од Утрехт ставила крај на војната меѓу европските нации, можноста на државата во вистинска смисла да го контролира пиратството значајно била зголемена. Крајот на војната исто така овозможил воените бродови да се посветат на ловење пирати, отворајќи ѝ на Британија уште поголем комерцијален интерес на Карибите, кој бил уште поголем потстрек за таквите напори. Кога новата, помоќна држава го консолидирала својот монопол над насилството, колониите биле доведени во ред. Практиката на справување со пиратите и инвестирањето во пиратски гонења продолжило во колониите долго откако станало неприфатливо дома; било спроведено преку проширување на моќта на државата од матичната земја да спроведе дисциплина во колониите. Почетокот на крајот бил обележан со враќањето на ексбјуканерот сер Хенри Морган на Јамајка како гувернер со итни наредби да ги елиминира пиратите. Патроли на морнарицата ги истерале од нивните дувла, а масовните бесења ги елиминирале нивните водачи. На крајот, војната на пиратите против трговијата станала премногу успешна за да биде толерирана; државата се борела да овозможи трговијата да се одвива непопречена и капиталот да се акумулира, носејќи богатство за трговците и данок на државата.[47]

Доколку сакаме да ги побараме наследниците на слободарското пиратство од златното доба не би требало нужно погледот да го насочиме кон поскорешните пирати, туку кон тоа како пиратството ја напојувало класната борба на Атлантикот. Како што некои од почетните импулси зад пиратството од 17-от и 18-от век дошле од копнените радикални движења како она на левелерите, протокот на идеи и делувања кружел околу Атлантикот, појавувајќи се понекогаш на изненадувачки места. Во 1748 г., имало бунт на брдото на Кралската морнарица Честерфилд, близу Форт Кејп на западниот брег на Африка. Еден од водачите – Џон Плејс (John Place) – бил таму и порано; тој бил еден од оние заробени заедно со Бартоломеј Робертс во 1722 г. „Старите магариња“ како Џон Плејс биле оние кои ја одржувале во живот пиратската традиција и го обезбедувале континуитетот на идеи и делувања. Бунтовниците се потпреле на пиратската мода „да создадат населба“. Терминот „штрајкува“ потекнува од бунт (mutiny), особено „Големите бунтови“ кај Спитхед и Нор во 1797 г., кога морнарите ги баталувале своите едра за да го нарушат непресушниот тек на трговија и државната воена машина. Овие англиски, ирски и африкански морнари создале свој сопствен „совет“ и „демократија на палуба“, а некои дури зборувале за населување „нова колонија“ во Америка или Мадагаскар.[48]

Пиратите просперирале во вакуум на моќта, во период од востанија и војни коишто им ја овозможиле слободата ефективно да живеат надвор од законот. Со доаѓањето на мирот дошло и проширувањето на контролата и крај на можностите за пиратска автономија. Ова не е толку изненадувачки кога ќе земеме предвид дека периодите на превирања и војни често овозможувале да процветаат револуционерни експерименти, енклави, комуни и анархии. Од пиратите од 17-от и 18-от век, до Д’Анунциевета пиратска Риечка репубилка во Првата светска војна, Париската комуна по крајот на Франко-пруската војна, комуните на дигерите во Англиската граѓанска војна и селаните мановисти во Украина за време на Руската револуција, често се случува експериментите во слобода да процветаат во меѓупростори и пукнатини.

„Дали е тоа утописки? Мапа на светот која не вклучува утопија не вреди ни да се погледне, затоа што ја изостава единствената земја на којашто човештвото секогаш пристигнува. А кога луѓето ќе стигнат таму, тие гледаат наоколу, и, догледувајќи подобра земја, отпловуваат. Напредокот е реализацијата на утопии.“ – Оскар Вајлд, The Soul of Man Under Socialism.[49]

 

 

[1] Daniel Defoe (Captain Charles Johnson) – A General History of the Pyrates, edited by Manuel Schonhorn, (London, Dent, 1792), p. 244

[2] На пример, компанијата East India била доведена речиси до колапс од пиратството во 1690-те. Robert C. Ritchie – Captain Kidd and the War against the Pirates, pp. 128-34

[3] Larry Law – Mission and Libertatia, (London, A Distribution/Dark Star Press, 1991), p. 6

[4] Marcus B. Rediker – Between the Devil and the Deep Blue Sea: Mearchant Seamen, Pirates and the Anglo-American Maritime World 1700-1750, p. 2

[5] Op. Cit. 4, p. 255; Op. Cit. 2, p.2

[6] Op. Cit. 4, p. 272 n52, 274 – “ колку повеќе пирати биле заробувани и бесени, толку поголема суровост демонстрирале оние кои сè уште биле живи.” Op. Cit. 2, p. 2

[7] Дигери – движење на најсиромашните селани без земја, кои започнале да го населуваат и обработуваат јавното земјиште. Нивните заедници биле втемелени на анархокомунистичките принципи, инспирирани од примерите од Новиот Завет (Заедница на љубов и заеднички имот; Дела апостолски 4:32; и др.). Рантери – религиозно движење, наследник на идејата на Братството на слободниот дух, најсубверзивната христијанска ерес од средниот век. Ги одбивале сите закони, институции и правила на официјалната Црква, но и световниот морален (особено сексуален) кодекс на тоа време. Маглетонци - релгиозно движење произлезено од рантерите. (заб. на прев.)

[8] Marcus B. Rediker – “ Libertalia: The Pirate’s Utopia’ in David Cordingly (ed.) – Pirаtes, p. 126

[9] Christopher Hill – ‘Radical Pirates?’ in Collected Essays, Vol. 3, pp. 162, 166 – 9; Peter Lamborn Wilson – ‘ Caliban’s Masque: Spiritual Anarchy and the Wild Man in Colonial America’, in Sakolsky and Koehnline (eds.) – Gone to Croatan: The Origins of North American Dropout Culture ( New York / Edinburh, Autonomedia/Ak Press, 1993), p. 107; Op. Cit. 2, pp. 14 - 15

[10] Jenifer G. Marx – ‘Brethern of the Coast’ in Cordingly (ed.) – Pirates, pp. 47,49 – 50; Op. Cit. 4, pp. 69,81 –2;Op. Cit. 2, pp. 65, 211,226

[11] Richard Platt and Tina Chambers (photographer) – Pirate (Eyewitness Books) (London, Dorling Kindersley, 1995), pp. 20, 26 – 7;Op. Cit. 2, pp. 22 - 23

[12] Маруни - пребегани робови во Западните Инди кои формирале независни заедници. (заб. на прев.)

[13] Hill – ‘Radical Pirates?’, pp. 169 - 170

[14] Op. Cit. 4, p. 258; Hakim Bey – T.A.Z.: The Temporary Autonomous Zone, Ontological Anarchy, Poetic Terrorism (New York, Autonomedia, 1991) pp.23, 139; Op. Cit. 1, p. 587

[15] Op. Cit. 2, pp. 65, 117 - 8

[16] Lbid. pp. 42, 234

[17] Op. Cit. 1, p. 211

[18] Op. Cit. 2, p. 124

[19] Lawrence Osborne – ‘A Pirate’s Progress: How the Maritime Pogue Became a Multicultural Hero ‘ Lingua Franca March 1998 < http://www.linguafranca.com/9803/osborne.html> (unpaginated)

[20] Op. Cit. 2, p. 59, 258 n38; Op. Cit. 4, p. 264; Op. Cit. 1, pp. 212, 308,343

[21] Op. Cit. 4, p. 262

[22] Op. Cit. 2, pp. 87 – 88, 117; Douglas Botting and the Editors of Time – Life Books – The Pirates (Time Life’s The Seafarers Series) ( Amsterdam, Time – life, 1979), p. 142; Op. Cit. 4, p. 278; Op. Cit. 1, p. 7

[23] Cordingly – Life Among the Pirates, p. 271; Op. Cit. 2, p. 234; Botting – The Pirates, p. 61; Op. Cit. 4, pp. 269 - 272

[24] Op. Cit. 4, p. 269; Peter Lamborn Wilson – Pirate Utopias: Moorish Corsairs and European Renegadoes, p. 57

[25] Op. Cit. 4, pp. 255 274, 277; Op. Cit. 2, p. 234; Botting – The Pirates, pp. 48, 166; Platt and Chambers – Pirate, p. 35

[26] Op. Cit. 7, pp. 133 – 4; W. Jeffery Bolster – Black Jacks: African American Seaman in the Age of Sail ( Harvard University Press, 1997), pp. 12 – 13; Op. Cit. 1, p. 228; Op. Cit. 20 (unraginated)

[27] Op. Cit. 7, p. 133; Bolster – Black Jacks, p. 15

[28] Op. Cit. 20 (unpaginated); Op. Cit. 7, pp. 133 – 4, 249 n37; Bloster – Black Jacks, p. 14; Op. Cit. 1, p. 82

[29] Op. Cit. 7, pp. 134, 249 n42, 250 n44; Bolster – Black Jacks, pp. 50 - 1

[30] Op. Cit. 7, p. 134; Op. Cit. 1, p. 273

[31] Lionel Wafer – Voyage de Mr. Wafer, Ou L’on trouve la description de l’Isthme de l’Amerique ( Publisher not stated, Paris? 1723) <http://www.buccaneer.net/piratebook.htm>

[32] Platt and Chambers – Pirate, pp. 26 – 7; Op. Cit. 4, p.146; Cordingly – Life Among the Pirates, p. 7

[33] Op. Cit. 1, p. 131; Op. Cit. 2, pp. 86 – 7, 104, 118

[34] Op. Cit. 2, pp. 84 - 5

[35] Ibld. Pp.59,69, 72 – 3; Cordingly – Life Among the Pirates, p. 64

[36] Cordingly – Life Among the Pirates, p. 115

[37] Ibid. pp. 122 – 5; Marcus B. Rediker – ‘Liberty beneath the Jolly Roger: The Lives of Anne Bonny and Mary Read, Pirates’ in M. Creighton and L. Norling (eds.) – Iron Men, Wooden Women: Gender and Atlantic Seafaring, 1700 – 1920 (Baltimore, John Hopkins University Press, 1995), p. 9; Op. Cit. 2, pp. 123 – 4 ; Max – ‘Brethren of the Coast’, p. 39

[38] Rediker – ‘ Liberty beneath the Jolly Roger’, pp. 8 – 11, 233 n26; Op. Cit. 1, p. 212; Platt and Chambers – Pirate, pp. 32 – 3, 62; Op. Cit. 4, p. 285; Ulrike Klausmann, Marion Meinzerin and Gabriel Kuhn (trans. Nicholas Levis) – Women Pirates and the Politics of the Jolly Rroger, pp. 36 - 7

[39] Platt and Chambers - Pirate, p. 33; Rediker - ‘Liberty beneath the Jolly Roger’, pp. 10, 232-233 n24, n25

[40] Rediker - ‘Liberty beneath the Jolly Roger’, pp. 3-5, 8, 13; Platt and Chambers - Pirate, pp. 32-3

[41] Rediker - ‘Liberty beneath the Jolly Roger’, pp. 5-7, 13-16, 234 n41; Platt and Chambers - Pirate, pp. 32-3; Op. Cit. 1, pp. 623-6

[42] Rediker - ‘Liberty beneath the Jolly Roger’, pp. 7-8.

[43] Ibid. pp. 2-3, 5-7, 13-14; Platt and Chambers - Pirate, pp. 32, 35; Op. Cit. 1, pp. 158-9

[44] Овој наратив е извлечен од General History of the Robberies and Murders оf the most notorious Pyrates на Капетан Чарлс Џонсон, издадена во Лондон 1728, (Op. Cit. 1, pp. 383-439). Бидејќи Џонсоновата книга е единствениот извор за историјата на капетан Мисија, приказната речиси беспоговорно се смета за измислена. Меѓутоа, опшиот кредибилитет на Џонсоновата книга е утврден - оттаму произлегува дека ова е единствената измислена епизода во инаку веродостојниот историски труд. Општата историја е издадена само неколку години откако настаните што ги опишува се случиле, а сепак никој во тоа време не ја осудил приказната на Мисија за измислена. Се верувало во приказната за Мисија. А се верувало во неа затоа што била за верување. Постоеле радикални, слободарски пирати, а постоеле и пиратски населби на Мадагаскар - сите елементи на приказната се совпаѓаат со она што го знаеме за пиратите. Можеби приказната за Мисија е измислена, но основата за неа е вистината; можеби исто како и приказната за Робин Худ, таа во себе вклучува и широк спектар на различни искуства. Во секој случај, приказната за Либерталија претставува буквален израз на постоечката традиција, живот и сништа на атлантскиот пролетаријат. За приказната на Мисија и веродостојноста на Општата историја види: Maximillian E. Novak - ‘Introduction’ to Daniel Defoe (Captain Charles Johnson) - ‘Of Captain Mission’ (1728) извадок од Општата историја - Augustan Reprint Society, Publication Number 87 (W. A. Clark Memorial Library, University of California, Los Angeles, 1961), pp. i-iii; Op. Cit. 3, pp. 6-8; Op. Cit. 7, pp. 125-7, 249 n2, n7; Manual Schonhorn - ‘Introduction’ to Op. Cit. 1, pp. xxxvii-xxxviii; Rediker - ‘Liberty beneath the Jolly Roger’, pp. 230-1 n4, n11; Botting - The Pirates, pp. 6, 21-22; Cordingly - Life Amongst the Pirates, pp. 10-11, 77

[45] Op. Cit. 2, pp. 153-4, 228, 235; Cordingly - Life Amongst the Pirates, p. 237

[46] Op. Cit. 2, p. 235; Botting - Pirates, pp. 174-5

[47] Op. Cit. 2, pp. 7, 128, 138, 147-51; Op. Cit. 20 (unpaginated)

[48] Op. Cit. 7, pp. 137-8

[49] The Complete Works of Oscar Wilde (Glasgow, Harper Collins, 1994), p. 1184