Боб Блек
Анархизмот и другите пречки на патот кон анархијата
Нема потреба да се даваат нови дефиниции на анархизмот - би било навистина тешко да се унапредат оние кои уште одамна ги дадоа сите славни и мртви автори. Нема потреба да се задржувам на неговите познати -изми: анархокомунизмот, анархоиндивидуализмот, итн. Сето тоа веќе е обработено во задолжителната литература. Значително поважно прашање е зошто денес не сме поблиску до анархија отколку во времето на Годвин, Прудон, Кропоткин и Ема Голдман? Постојат многу причини, но она со што би требало најмногу да се занимаваме се пречките кои ги создаваат самите анархисти и кои би требало да се отстранат пред сите други. Секако, тоа е можно да се направи, иако не е и веројатно.
После многу години внимателно посматрање и повремени бучни упади во анархистичките кругови, изградив мислење дека токму анархистите се главна, а верувам и сосема доволна причина заради која анархијата остана само привид, без никаква шанса за реализација. Да бидеме искрени, повеќето анархисти се сосема неспособни за живот заснован на лична автономија и соработка. Многумина едноставно не се доволно образовани. Упорно се држат до своите класици и другата интерна литература, сосема затворени за пошироко знаење за светот во кој живееме. Заради страв се поврзуваат со слични на нив, со премолчена согласност за некритичност кон размислувањето и акциите на другиот од навистина практична и критичка појдовна точка. Исто така, важно е нечии достигнувања да не го преминат однапред утврденото ниво и да нема никој кој ги доведува во прашање сите познати лозинки на анархистичката идеологија.
Анархизмот во овој облик не претставува никаков предизвик за постоечкото уредување, туку само високо специјализиран облик на прилагодување. Тоа е начин на живот, или негово дополнување, со посебен систем на награди и жртви. Сиромаштијата се смета за задолжителна, но токму затоа можеме да се запрашаме што може да очекува кој било анархист во таква позиција освен улога на губитник, и тоа без помош од својата идеологија. Историјата на анархизмот е историја на невидени порази и мачеништво, но на анархистите тоа нималку не им пречи кога своите жртвувани претходници ги претвораат во светци со толкава морбидна посветеност што човек мора да се запраша дали тоа е така затоа што можеби го споделуваат мислењето дека единствениот добар анархист е мртов анархист?
Револуцијата - поразената револуција - е величествена, но денес местото ѝ е во книгите и памфлетите. Во револуционерните движења од овој век (се мисли на 20 век) - Шпанија 1936 година и Франција 1968 година се особено јасни примери - формалните анархистички организации беа затекнати од настаните, на почетокот сосема неподготвени да пружат вистинска поддршка, а понекогаш и полошо од тоа. Причините се мошне јасни. Не станува збор за тоа дека сите тие идеологии беа лицемерни (некои се). Насочени кон секојдневен, рутински активизам, организациите несвесно настојуваа да продолжат така до недоглед, длабоко уверени дека сега и овде револуцијата не е можна. Затоа во моментот кога настаните ќе ја надминеа нивната реторика тие покажуваа страв и отпор.
Генерално, доколку мораат да избираат помеѓу анархизмот и анархијата, повеќето анархисти сепак ќе ја изберат анархистичката идеологија и субкултура, а не некаков опасен скок во непознатото, во свет на потполна слобода и свет без власт. Како единствени признаени критичари на државата како институција, ова движење исплашено од слободата секогаш ќе тежнее кон заземање некое сигурно место во секој бунт кој би бил антидржавен. Следбениците како нив ќе се најдат во улога на несудени водачи на револуцијата која за нивната положба ќе биде подеднакво опасна како и за положбата на политичарите или властодршците. Анархистите секогаш, свесно или на некој друг начин, ќе ја саботираат револуцијата, која и без нив би можела да ја уништи државата, а притоа да не се обрне внимание на некој детаљ од познатата кавга помеѓу Маркс и Бакунин која им е позната на сите.
Анархистите, односно оние кои се декларираат така, не направија ништо за да ја доведат во прашање идејата за државата, и тоа не само благодарение на своите конфузни, нечитливи текстови, пишувани на јазик кој само тие можат да го разберат, туку и заради посебниот и мошне заразен начин на кој се однесуваат кон другите луѓе. Анархистите кои водат анархистички претпријатија се најголеми саботери на анархистичките претензии. Навистина, во Северна Америка врвот на „федералните“ синдикални организации се урна во целосна здодевност и безидејност, што и не е толку лошо, но неформалната социјална структура на анархизмот и натаму е хиерархиска. Анархистите послушно се подложуваат на она што Бакунин го нарече „невидлива влада“, која во овој случај ја сочинуваат уредниците (ако не по функција, тогаш според состојбата на нештата) на неколку најголеми и најдолготрајни анархистички списанија.
И покрај привидно длабоките идеолошки разлики, анархистичките списанија имаат сличен арогантен став кон своите читатели, а постигнаа и договор за меѓусебно „ненапаѓање“, барем не на начин кој би можел да ги разоткрие сите нивни слабости или да го поткопа нивниот заеднички класен интерес - хегемонијата над анархистите од пониските редови. (На пример, имате повеќе можности на страниците на списанијата како што се Fifth Estate или Kick It Over да ги критикувате токму тие списанија, а не може да речеме Processed World). Секоја хиерархиска организација има повеќе заедничко со која било друга организација, отколку со нешто што не е организирано, а анархистичката критика на државата, она што анархистите никако не го разбираат, првенствено е посебен облик на критика на организацијата.
Противниците на анархизмот можат лесно да заклучат дека доколку власта и принудата мора да постојат, тогаш тоа нека биде очигледно и именувано со вистинското име. За разлика од овие сезнајковци (главно десни либертери и минархисти), инсистирам на својата опозиција кон државата. Но не затоа што мислам дека „државата не е нужна“ - што многумина анархисти толку често и непромислено го повторуваат. „Обичните“ луѓе го отфрлаат ова анархистичко тврдење како чиста глупост, и тоа со право. Во индустријализираното класно општество како нашето, државата е нужна. Поентата е во тоа што државата создаде услови кои ја прават нужна, одземајќи му ги на поединецот моќта и правата на слободно, непосредно здружување. Понатаму, темелите на кои се одржува државниот апарат - трудот, морализмот, индустриската технологија, хиерархиската организација - не само што не се нужни за задоволување на вистинските потреби и желбите на луѓето, туку се сосема спротивни на тоа. За жал, повеќето анархистички струи ги прифаќаат овие вредности, но упорно продолжуваат да лаат само за нивниот логичен исход - државата.
Кога не би постоеле анархисти, државата ќе мора да ги измисли. Знаеме дека во неколку наврати токму тоа и се случуваше. Потребни ни се анархисти оперирани од анархизам. Дури тогаш, и само тогаш, ќе бидеме во можност сериозно да ѝ се приближиме на идејата за анархија.