Боб Блек
Укинување на работата
Би требало никој никогаш да не работи
Работата е извор на речиси сите неволји во светот. Речиси сите зла кои можете да ги наброите имаат свој извор во работата или во фактот дека живеете во свет кој е дизајниран за работа. За да се елиминира ова страдање мораме да ја укинеме работата, што не треба да значи дека треба да престанеме со каков било облик на продуктивна активност. Тоа значи дека треба да се создаде нов начин на живот, заснован на игра; со други зборови, да се изврши „лудичка“[1] револуција. Под поимот „игра" ги подразбирам и поимите забава , креативност, дружељубивост, соживот, а можеби и уметност. Игрите од детски тип се многу ценети, но има и многу други можни игри. Повикувам на колективна авантура во општа среќа, во слободно меѓузависно изобилие и разиграност.
Играта не е пасивна активност. Секако дека сите ние имаме потреба на мрзливоста и апсолутната неактивност да им посветиме многу повеќе време отколку што тоа го правиме сега, без да се грижиме околу доходот и вработеноста, но вистина е и дека секој, совладувајќи ја состојбата на исцрпеност предизвикана од работата, би сакал да извршува некоја активност. Безволноста и стахановизмот[2] се две лица на истиот лажен медал.
Лудичкиот живот е целосно некомпатибилен со актуелната реалност. Толку полошо за „реалноста", таа црна дупка која ја вшмукува преостанатата виталност - она малку што нашиот живот го разликува од обичното преживување. Чудно е како - а можеби и не толку - сите стари идеологии изгледаат конзервативно токму поради тоа што веруваат во работата. За некои од нив, како на пример марксизмот и повеќето варијанти на анархизмот, вербата во работата е дотолку посилна земајќи предвид дека немаат друго во што би можеле да веруваат.
Либералите велат дека би требало да ја укинеме дискриминацијата за вработување и дискриминацијата на работното место. Јас велам дека треба да ја укинеме работата. Конзервативците ги поддржуваат законите за правото на работа. На ист начин како тврдоглавиот зет на Карл Маркс, Пол Лафарг (Pol Lafargue), јас го подржувам правото на мрзливост. Левичарите се за целосна вработеност, јас, исто како и надреалистите - со таа разлика што јас сум сериозен - сум за целосна невработеност. Троцкистите ја шират идејата за постојана револуција. Јас ја ширам идејата за постојано лумпување. Иако сите идеолози, како што инаку се случува, ѝ се наклонети на работата - и не само затоа што имаат намера други да го извршуваат оној дел од работата што инаку тие би требале да го извршат - сепак се противат тоа да го признаат. Продолжуваат со бескрајни разглобувања за платите, работните часови, условите на работа, искористувањето, продуктивноста и профитот. Со задоволство ќе зборуваат за која било тема освен за самата работа. Тие експерти, кои секогаш се нудат да мислат наместо нас, ретко кога ни дозволуваат учествување во нивните заклучоци кои се однесуваат на работата, иако работата токму нам ни одзема најголем дел од животот. Тие мудруваат меѓусебно и ситничарат за деталите. Синдикатите и претприемачите се согласни околу фактот дека е потребно да се продава време од нашиот живот во замена за преживување, иако подоцна се спогодуваат за цената. Марксистите мислат дека треба да нè води бирократијата. Либертерите (Libertarians)[3] сметаат дека треба да нè водат бизнисмени. На феминистките не им е грижа за обликот, сè додека раководителите се жени. Јасно, сите тие трговци со иделогии покажуваат значајни разлики околу поделбата на власта, моќта. А уште појасно е дека никој од нив нема никаков приговор на самата моќ, и дека секој од нив сака ние да продолжиме да работиме.
Можеби се прашувате дали се шегувам или зборувам сериозно. И едното и другото. Да се биде лудит не значи да се биде апсурден и противречен. Играта не мора задолжително да биде и несериозна активност, иако да се биде несериозен не значи да се биде и површен: честопати е потребно да се сфати сериозно она што изгледа несериозно. Би сакал животот да е игра, но влогот во играта да е висок. Би сакал да продолжам да си играм, засекогаш.
Алтернатива на работата не е само неработата. Да се биде лудит не значи да се биде мрзливец. Иако многу го ценам задоволството што го пружа дремењето, тоа никогаш не е толку пријатно како кога претставува пауза во однос на други задоволства и разоноди. Ниту го издигнувам и промовирам оној временски програмиран испусен вентил кој се нарекува „слободно време"; далеку од тоа. Слободното време е неработа во функција на работата. Слободното време е време потрошено за закрепнување од работа; тоа не е ништо друго освен френетичен и очаен обид да се заборави работата. Многу луѓе од годишните одмори се враќаат толку исцрпени што едвај чекаат да се вратат на работа за најпосле да се одморат. Основната разлика помеѓу работата и слободното време е тоа што на работа сепак те плаќаат за отуѓувањето и уништувањето на твоите нерви.
Јас овде не играм апстрактни игри со зборови. Кога велам дека сакам да ја укинам работата, го мислам токму она што го кажувам, но сега сакам да го одбранам тој став бранејќи ги причините на неемотивен начин. Мојата минимална дефиниција за работата е присилната работа , т.е. задолжително производство. Ова се двата основни елементи. Работата е наметната продуктивност по пат на економски и политички средства, т.е. по пат на методот на стапот и морковот (морковот е продолжување на стапот со други средства). Но, не секоја продуктивност е работа. Работата никогаш не е активност чија цел е самата таа; таа секогаш има за цел некој производ или некоја корист што произведувачот (а најчесто некој друг) ја извлекува од него. Тоа е работа. Да се дефинира значи таа да се презира. Но, често работата е уште полоша од она што дефинициите го тврдат. Динамичноста на доминацијата својствена за работата, со тек на времето тежнее кон внимателна разработка. Во напредните, врз работа засновани општества, вклучувајќи ги сите индустриски општества, било капиталистички или „комунистички", работата секогаш добива и други карактеристики кои уште повеќе ја нагласуваат нејзината одвратност и неподносливост.
Обично - ова повеќе се однесува на „комунистичките" отколку на капиталистичките земји, каде што државата е речиси единствениот вработувач и секој е вработен - работата е вработување, т.е. намена работа, што значи продавање на себеси на рати. Оттаму, 95% од Американците кои работат, работат за некој (или нешто) друг/о. Во СССР, Куба или Југославија или кој било друг алтернативен модел кој може да се земе како пример, споменатата бројка се приближува до 100%. Единствено изложените на притисок бастиони на фармерски работници од Третиот свет - Мексико, Индија, Бразил, Турција - привремено зачувуваат значителни концентрации на земјоделци кои и понатаму работат според неколку милениуми старите, традиционални аранжмани, плаќајќи даноци (што е еднакво на откуп) на државата или наемнина на паразитските земјопоседници за во замена да бидат оставени на мир . Дури и овој суров договор почнува да изгледа добро. Сите индустриски (и административни) работници се вработени и се подложени на таков вид надгледување кое гарантира понизност.
Но, современата работа подразбира и уште поголеми последици. Луѓето не работат во вистинската смисла на зборот. Тие извршуваат „задачи". Секој едноподруго извршува само една продуктивна задача во присилна форма; поинаку кажано: „или ќе ја извршиш, или...". Дури и кога работата претставува суштински интерес (кој сè помалку е присутен во многу занимања), монотонијата која произлегува од таквата задолжителна и присилна исклучивост го елиминира лудичкиот потенцијал. „Задачата" во која би требало да се вложи енергијата на неколку личности во разумно ограничен временски период (кога таа би се извршувала од чисто задоволство), се претвора во товар за оние кои мораат да ја извршуваат 40 часови неделно , без да можат влијаат на начинот на кој се извршува, а сè во корист на сопственикот кој нема никаква врска со самиот процес на производство. Тоа е реалноста на светот на работата: свет составен од бирократско безредие, полова дискриминација, дебелоглави шефови кои ги експлоатираат и тиранизираат своите потчинети, кои всушност - по секој разумен критериум - би биле способни самите да одлучуваат. Но, во реалниот свет капитализмот ја подредува рационалната максимизација на продуктивноста и профитот на нужноста од организациска контрола .
Деградацијата која повеќето работници ја искусуваат на работа е резултат на разновидни понижувања кои можат да бидат именувани како „дисциплина". Дисциплината е составена од тоталитетот на тоталитаристичките средства на контрола кои се користат на работното место: надгледување, наметнато работно темпо, производни норми итн. Дисциплината го претставува она што фабриките, канцелариите и продавниците го имаат заедничко со затворите, училиштата и менталните болници. Тоа е нешто историски оригинално и истовремено ужасно. Тоа е нешто што ги надминува капацитетите на дамнешните демонски диктатори како Нерон, Џингис Кан и Иван Грозни, кои и покрај своите зли намери едноставно не ја поседуваа таа машинерија способна да ги контролира нивните поданици толку целосно како што современите деспоти го прават тоа. Дисциплината е специфично современ, дијаболичен начин на контрола, чие иновативно наметнување мора безрезервно да се отстрани при првата шанса.
Таква е природата на „работата". Играта е токму спротивното. Играта е секогаш доброволна. Она што всушност би можело да биде игра се претвора во работа кога ќе стане принудна активност. Тоа е очигледно. Берни де Ковен (Bernie de Koven) ја дефинира играта како „укинување на последиците". Ваквата дефиниција е неприфатлива ако подразбира дека играта е активност која нема последици. Суштината не е во тоа дали на играта ѝ недостасуваат последици. Да се тврди тоа значи да се понижи играта. Суштината се наоѓа во бесплатниот карактер на последиците, кога ги има. Играта и подарувањето се две активности кои се наоѓаат во цврст заемен однос; тоа се аспекти на однесувањето и спогодбата кои се однесуваат на еден ист импулс: играта. Го делат истиот аристократски презир кон успесите. Играчот сака да извлече нешто од играта; тое е причината која го тера да игра. Но, основната награда е да се искуси самата активност, каква и да е таа. Други, пак, во проучувањето на играта имаат поинаков пристап, како што е Јохан Хјузинга (Johan Huizinga - Homo ludens, 1949); тој ја дефинира играта како активност сочинета од правила. Колку и да ја ценам мудроста на Хјузинга, одлучно го отфрлувам таквото ограничување. Навистина, постојат многу одлични игри (шах, бејзбол, монопол, бриџ) кои следат точно одредени правила. Сепак, лудичката активност подразбира нешто многу повеќе од игра со норми. Конверзација, секс, танцување, патување - овие активности не следат никакви правила, но сигурно се игри. А, и со правилата можеме да си играме, како и со сè друго.
Работата ѝ се потсмева на слободата. Официјалниот став е дека сите ние имаме права и дека живееме во демократија. Останатите несреќници, кои ја немаат нашата благодет, мораат да живеат во полициски држави. Овие жртви се присилени да извршуваат наредби без разлика на степенот на разумност на наредбите. Властите ги држат под постојан надзор. Државните бирократи ги контролираат и најмалите детали од нивниот секојдневен живот. Чиновниците кои ги малтретираат, одговараат само пред нивните претпоставени: државни или приватни. Во секој случај, несогласувањето и непослушноста се казнуваат. Поткажувачите редовно ги известуваат властите. Сето ова, наводно, би требало да претставува лоша работа, што всушност е, иако тоа не е ништо повеќе од опис на современо работно место. Либералите, конзервативците и либертерите кои го оплакуваат тоталитаризмот се обични измамници и лицемери. Има повеќе слобода во која било умерено десталинизирана диктатура отколку во обичното американско работно место. Во канцеларијата и фабриката се наоѓаат истиот вид на хиерархија и дисциплина како во затворот или манастирот. Токму како што Фуко (Faucault) и други автори докажаа: затворите и фабриките се појавуваат и настануваат во ист период, а нивните управници свесно меѓусебно разменуваат техники на контрола. Работникот е роб на одредено време. Работодавецот одлучува кога треба да дојдеш на работа и кога треба да си одиш, како и што треба да работиш во тој временски период. Кажува колку да работиш и со каков ритам. Има слобода својата контрола да ја доведе до понижувачки крајности, одредувајќи, ако сака, која облека мора да ја носиш и колку често можеш да одиш во WC. Со малку исклучоци, може да ти даде отказ од која било причина, или без причина. Те шпионира со помош на поткажувачи и инспектори, составува досие за секој вработен. Приговарањето се нарекува „непослушност", како работникот да е некое непослушно дете, заради што не само што можеш да добиеш отказ, туку ќе го изгубиш и правото на парична надокнада поради невработеност. Без задолжително да го поврзуваме таквото однесување со децата, треба да се нагласи дека тие во училиштата и дома се подложни на истиот третман, само што во нивниот случај тоа е оправдано поради, наводно, нивната незрелост. До каков заклучок нè води тоа кога ќе земеме предвид дека нивните наставници и родители се работници?
Овој понижувачки систем на доминација управува барем со половина од будното време на повеќето жени и речиси сите мажи, во текот на неколку децении, односно во најголем дел од нивниот живот. Системот во кој живееме, во одреден контекст, можеме да го нарекуваме демократија или капитализам, или уште подобро, индустријализам, но најсоодветни термини би биле фабрички фашизам и канцелариска олигархија. Секој што тврди дека овие луѓе се „слободни" или лаже или е глупав. Ти си она што го работиш: ако имаш глупава, здодевна и монотона работа имаш добри можности да станеш глупав, здодевен и монотон. Работата е најдоброто објаснување за подлизурскиот кретенизам со кој сме опкружени; таа е подобра од моќните механизми на заглупување како телевизијата и образованието. Луѓето кои се дисциплинирани во текот на сиот свој живот, турнати од училиште на работа, на почетокот од животот затворени во семејство, а на крајот во санаториум, не можат да не бидат навикнати на хиерархија и ментално робување. Секоја склоност кон автономија е толку закржлавена што стравот од слобода е една од ретките фобии која во нив е рационално заснована. Обученоста за предаденост кон работата се пренесува во семејствата што „тие" ги зачнуваат, потоа во полето на политиката, културата и секое друго поле на активност; на тој начин системот се репродуцира на повеќе нивоа. Кога еднаш на полетото на работата на луѓето ќе им се одземе виталноста, многу е веројатно дека тие ќе подлегнат на хиерархијата и експертизата во однос на секоја друга активност. Навикнати се.
Толку многу сме соживеани со светот на работата што веќе не можеме да ги видиме последиците од таквиот однос. Со цел да ја разбереме и сфатиме екстремноста и патологијата на нашата положба, мораме да се повикаме на надворешни набљудувачи од други времиња и други култури. Постоеле периоди во нашето минато кога „работната етика" била оценета како нешто неразбирливо. Mожеби Вебер (Max Weber) е во право кога нејзината појава ја поврзува со религијата, особено со калвинизмот, кој ако се појавеше денес наместо пред четири века веднаш и соодветно ќе беше означен како култ. Во секој случај, доколку сакаме да ја согледаме работата во нејзиното право светло сè што треба е да се повикаме на старата мудрост. Старите народи ја согледувале работата онаква каква што е, а нивниот став преовладувал (без оглед на упадот на калвинистите), сè додека не бил отфрлен од индустријализмот - но не пред новата филозофија да добие потврда од новите пророци.
Да претпоставиме за момент дека работата не ги прави луѓето тапоглави поданици. Да претпоставиме, спротиставувајќи се на секоја уверлива психологија и на идеологијата на нејзините поборници, дека работата нема никакво влијание врз формирањето на карактерот. Да претпоставиме и дека работата не е толку здодевна, заморна и понижувачка каква што сите ние ја знаеме. Дури и тогаш, работата сè уште ќе биде таа која ги уништува сите хуманистички и демократски аспирации, само заради тоа што присвојува и узурпира толкав дел од нашето време. Сократ е во право кога вели дека физичките работници се лоши пријатели и лоши граѓани токму поради фактот што немаат доволно време да ги извршуваат обврските на пријателство и граѓанство. Поради работата, без разлика што работиме, ние постојано гледаме во нашите часовници. Единственото нешто „слободно" во таканареченото слободно време е дека тоа работодавецот не го чини ништо. Слободното време е наголемо посветено на подготвувањето за работа, одењето на работа, враќањето од работа и закрепнувањето од работа. Слободното време е еуфемизам за посебниот начин на кој трудот, како средство за производство, не само што се пренесува самиот на своја сметка до и од работното место, туку и ја презема одговорноста за сопственото одржување и поправка. Јагленот и челикот не го прават тоа. Стругот и машините за пишување не го прават тоа. Но, работниците го прават. Оттаму не зачудува што Едвард Г. Робинсон (Edward G. Robinson) во еден од неговите гангстерски филмови извикува: „Работата е за будали!"
Платон и Ксенофон исто така се согласуваат со Сократ, а очигледно е и дека сите тројца се свесни за деструктивното влијание на работата врз работникот како граѓанин и како човечко суштество. Херодот го идентификува презирот кон работата како карактеристика на класичните Грци во зенитот на нивната култура. Да земеме само еден пример од стариот Рим. Цицерон рекол: „Оној кој ја нуди својата работа за пари, се продава себеси и се става во положба на роб". Неговата отвореност денес претставува реткост, но истовремено тогашните примитивни општества - на кои ние не сакаме да се повикуваме - донесоа говорници што ги просветија западните антрополози. Капауку од западен Ириан (Папуа-Нова Гвинеја), според сведочењето на Поспосил, сметаат дека животот треба да се одржува во постојана рамнотежа, па оттаму работат секој втор ден, а денот за одмор е наменет „за обновување на изгубената сила и здравје". Нашите предци, сè до осумнаесеттиот век, кога веќе биле длабоко на патот кој води до нашата денешна судбина, барем биле свесни за тоа што сè е изгубено, за суштината и карактерот на индустријализацијата. Нивната религиозна посветеност на „Свети Понеделник" - со што de facto била воведена петдневна работна недела 150-200 години пред нејзинато легално осветување - ги фрлала во очај првите сопственици на фабрики. Било потребно многу време за тие да ѝ се потчинат на тиранијата на ѕвончето, претходникот на денешниот часовник. Всушност, била потребна генерација или две за возрасните мажи да бидат заменети со жени понавикнати на послушност, и со деца кои сè уште ќе можат да се превоспитаат и обликуваат според калапот на индустриските потреби. Дури и закрепостените селани од стариот режим во Франција, имале доста време за себе откако ќе завршеле со работа на имотот на земјопоседникот. Според Лафарг (Lafargue), четвртина од календарот на француските селани бил посветен на недели и празници, а бројките што Чајанов ги приложува за селата во царска Русија - која тешко може да се смета за напредно општество - исто така покажуваат дека четвртина или петтина од деновите селаните ги посветувале на одмор. Целосно подредени на работата, очигледно е дека ние многу заостануваме зад овие назадни општества. Експлоатираните мужици ќе се чудеа зошто воопшто работиме. Би требало и ние.
За да се разбере во целост постојаното влошување на нашата состојба, треба да се земе предвид и најраната состојба на човештвото, онаа без власт или приватна сопственост, времето кога сме живееле во собирачко-ловечки дружини. Хобс (Hobbes) нагаѓа дека животот тогаш бил валкан, суров и краток. Други, пак, претпоставуваат дека животот претставувал непрестана, очајна борба за опстанок, војна против суровата Природа под сенка на смртта и катастрофата кои надвиснуваат над несреќните и над сите недораснати на предизвикот на таа борба. Всушност, сето тоа претставува проекција на стравовите од колапс на владиниот авторитет над заедниците ненавикнати да живеат без него, како на пример Хобсовата Англија во времето на Граѓанската војна. Некои наследници на Хобс веќе се сретнале со алтернативни општествени модели и поинакви начини на живот - особено во Северна Америка - но тие биле премногу далеку од нивните искуства за да бидат разбирливи. (Оние од пониските општествени слоеви, чии услови на живот се слични со оние на Индијанците, подобро го разбирале тоа и често го сметале за привлечно. Во седумнаесеттиот век англиските доселеници дезертирале во индијанските племиња или пак, заробени во војна, одбивале да се вратат. Од друга страна, бројот на Индијанците што пребегнувале во белите населби би можел да се спореди со бројот на Германци кои го прескокнува Берлинскиот ѕид од западната страна. „Опстанок на најспособните", главната парола на дарвинизмот во толкувањето на Томас Хаксли (Thomas Huxley), е подобар опис на економските услови во викторијанска Англија отколку на природната селекција, токму како што посочи анархистот Кропоткин во неговата книга Заемна помош: Фактор на еволуцијата (Mutual Aid: А Factor of Evolution, 1902). Кропоткин бил научник – географ, кој ја искористил можноста за теренска работа за време на неговото прогонство во Сибир . Тој знаел што зборува. Како и со повеќето општествени и политички теории, така и приказната на Хобс и неговите наследници, може да се сфати како прикриена автобиографија.
Антропологот Маршал Салинс (Marshall Sahlins), проучувајќи ги податоците за тогашните собирачко-ловечки заедници, во својот напис насловен како „The Original Affluent Societs" (Првобитното општество на благосостојбата) го уништи Хобсовиот мит. Тие работат многу помалку од нас, а нивната работа тешко може да се разграничи од она што ние го сметаме за игра. Салинс заклучува дека „собирачите и ловците работат помалку од нас; наместо постојано талкање, потрагата по храна е повремена активност, а слободно време има во изобилство. Меѓу нив во просек се забележани повеќе часови дневно спиење по член, во текот на целата година, отколку во кој било друг тип на општество".
Просечно работеле четири часа дневно, доколку таа активност воопшто може да се нарече „работа". Нивната „работа", онаква каква што ние ја поимаме, претставува специјализирана дејност која ги комбинира и користи нивните физички и интелектуални можности; простата физичка работа во поголем обем, како што вели Салинс, возможна е само во рамките на индустријализмот. На овој начин е исполнета и Шилеровата дефиниција за игра, како единствената активност во која човекот целосно ја остварува својата човечност исполнувајќи ги со „игра" обете страни од својата дводимензионална природа, мислењето и чувствувањето. Или, како што тој вели: „Животното работи кога сиромаштвото е двигател на неговата активност, а игра тогаш кога како двигател се јавува неговата снага со целата своја бујност, тогаш кога изобилниот живот е неговиот сопствен стимул за активност." (Модерната верзија - развојно сомнително - е Абрахам Масловата (Abraham Maslow) спротиставена позиција за "немаштијата" и „растежот" како мотивација.) Играта и слободата, што се однесува до производството, тука одат рака под рака. Дури и Маркс, кој припаѓа (и покрај своите добри намери) на пантеонот на Производството, забележува дека „царството на слободата не може да се достигне сè додека не се помине точката каде што работата се одвива под присила на нужноста и надворешната корист". Тој никогаш не можел да прифати што всушност претставува таа среќна околност - укинување на работата. Сепак, малку е чудно да се биде истовремено и за работниците и против работата. Но ако тој не можел да го направи тоа, ние можеме. Тежнеењето во однос на идејата за живот без работа да се оди напред или назад, е јасно воочливо во секоја сериозна општествена или културна историја на прединдустриската Европа. Таков е случајот и со книгите England In Transition на Дороти Џорџ (M. Dorothy George) и Culture In Early Modern Europe на Питер Берк (Peter Burke). Исто така значаен е и есејот на Даниел Бел (Daniel Bell), Work and its Discontents. Првиот текст, верувам, на многу места се однесува на „револтот против работата" и, доколку е разбран, е значајна корекција на самозадоволноста која обично се доведува во врска со првиот том во кој е поместена, The End of Ideology. Ниту критичарите ниту приврзаниците не успеаа да забележат дека Беловата теза за крајот на идеологијата не го истакнува крајот на социјалниот немир туку почетокот на нов, досега незабележан стадиум на принудна и неинформирана идеологија. Сејмур Липсет (Seymour Lipset; во Political Man), а не Бел, едновремено изјави дека „фундаменталните проблеми на Индустриската револуција се решени", само неколку години пред пост- или мета-индустриските незадоволства на студентите да го одведат Липсет од Беркли во релативната (и привремена) спокојност на Харвард.
Како што Бел забележува, Адам Смит во Богатството на народите (The Wealth Of Nations) и покрај својот ентузијазам за пазарот и поделбата на трудот, бил повеќе загрижен (и поискрен) околу помалку атрактивната страна на работата од Ајн Ранд (Ayn Rand) или Чикашките економисти или кој било од Смитовите модерни следбеници. Како што Смит забележува: „Сфаќањата на поголемиот дел од луѓето се нужно формирани од нивните секојдневни вработувања. Човекот кој целиот свој живот го минува во извршување на неколку едноставни функции... не е во можност да го развие својот дух... Тој најчесто станува глупав и неук колку што само може да стане едно човечко суштество". Овде, во неколку прости зборови, се наоѓа мојата критика на работата. Бел, во својот есеј од 1956, во златното време на Ајзенхауреовата имбецилност и американското самозадоволство, ја препозна неорганизираната потиштеност на седумдесеттите, што оттогаш ниедна политичка струја не успеа да ја вметне во својата програма и да ја искористи, и која како таква остана игнорирана. Тој проблем е револтот насочен против работата. Тој не се појавува во ниту еден текст на кој било laissez-faire економист - Милтон Фридман (Milton Friedman), Мареј Ротбард (Murray Rothbard), Ричард Поснер (Richard Posner) - бидејќи, кажано во јазикот на Ѕвездените патеки, „не може да се пресмета“.
Ако овие забелешки, истакнати во име на слободата, не успеат да ги убедат хуманистите од утилитаристичката па дури и патерналистичката струја, тогаш има други забелешки кои тие не може да ги занемарат. Работата е штетна по вашето здравје, да позајмам наслов од книга. Всушност, работата е масовно убиство или геноцид. Директно или индиректно, работата ќе ги убие повеќето луѓе кои ги читаат овие редови. Помеѓу 14.000 и 15.000 работници годишно умираат на работа. Преку 2 милиони се осакатуваат. 20 до 25 милиони се повредуваат секоја година. А овие бројки се базирани на многу конзервативна пресметка за тоа што се подразбира под повреда предизвикана од работа. Тука не ги сметаат и половината милион случаи на професионални заболувања секоја година. Прегледав еден медицински прирачник за професионални заболувања кој имаше 1.200 страници. Дури и ова едвај да ја загребува површината. Достапните статистички податоци содржат очигледни случаи, како на пример оној со 100.000 рудари кои имаат заболувања на црните дробови, од кои 4.000 умираат секоја година. Многу поголем степен на смртност отколку оној на сидата, на пример, што добива толку многу внимание во медиумите. Ова ја истакнува неискажаната претпоставка дека сидата ги измачува перверзните луѓе кои можат да го контролираат своето оттуѓување, додека копањето руда е сакросантска дејност која не може да се доведе во прашање. Она што статистичките податоци не го покажуваат е дека животниот век на десетици милиони луѓе е скратен како последица на работата - што всушност е дефиниција за убиство. Погледнете ги докторите во своите педесетти години како замираат од прекумерна работа. Погледнете ги сите луѓе кои се зависни од работа.
Дури и ако не се случи да се убиете или осакатите додека навистина работите, тоа може многу веројатно да ви се случи додека одите на работа, се враќате од работа, барате работа, или пробувате да заборавите на работата. Повеќето жртви на автомобилските несреќи настануваат во време кога се извршуваат овие работно-задолжителни дејности или пак стануваат жртви на оние кои истите ги извршуваат. На овој долг список на трупови мора да се додадат и жртвите на авто-индустриското загадување, алкохолизмот и зависноста од дроги предизвикани како последица од работата. Ракот и срцевите заболувања се современи болести, чија причина, директно или индиректно, е работата.
Значи, работата како таква го институционализира убиството како начин на живот. Камбоџанците ги сметаа за луди затоа што се уништуваа самите себеси, но дали сме ние поинакви? Режимот на Пол Пот барем имаше некаква, иако нејасна и замаглена визија за егалитарно општество. Ние убиваме луѓе во (најмалку) шестцифрени бројки со цел на преживеаните да им продаваме хамбургери и кадилаци. Нашите 40 или 50 илјади несреќи на автопатите годишно се жртви, а не страдалници. Тие умираат за ништо, или подобро, тие умираат за работа. Но, за работа не вреди да се умре.
Лоши вести за либералите: регулираното и површно поправање на нештата е бесцелно во живот-и-смрт контекстот. Сојузната Администрација за безбедност и заштита на работа - САБЗР (Occupational Safety and Health Administration - OSHA) беше создадена да внимава и да го контролира суштинскиот дел од проблемот: безбедноста на работното место. Дури и пред да ја задушат Реган и Врховниот суд, САБЗР беше обична фарса. Во претходните (а и според сегашните стандарди) дарежливи и богати парични фондови од ерата на Картер, работното место можело да очекува случајна посета од страна на инспектор на САБЗР еднаш во 46 години.
Државната контрола на економијата не е решение. Работата е дури поопасна во земјите со државен социјализам. Илјадници руски работници загинаа или беа повредени работејќи на изградбата на московското метро. Кружат приказни за прикриени советски нуклеарни катастрофи кои делуваат Тајмс Бич (Times Beach) и несреќата на островот Три Милји (Three-Mile Island)[4] да изгледаат како училишна вежба во случај на воздушен напад. Од друга страна пак, дерегулацијата, сега популарна, нема да помогне и веројатно ќе предизвика штети. Од здравствена и безбедносна гледна точка, да не ги наведуваме останатите, работата најлошо се рангираше во времето кога економијата беше најблизу до laissez-faire идеалот.
Историчарите како Јуџин Џеновезе (Eugene Genovese) уверливо укажуваат дека - како што инсистираа и antebellum апологетите на ропството - наемните работници во фабриките во северните делови на САД и во Европа, се во полоша состојба отколку робовите на плантажите на Југот. Се чини дека никакво преуредување на односите помеѓу бирократите и бизнисмените не прави значајна разлика во суштината на производството. Дури и строгото наметнување на нејасно одредените стандарди на САБЗР, во теорија применливи, веројатно би ја довеле економијата до застој. По сè изгледа, спроведувачите го увидуваат ова бидејќи не се ни трудат да ги гонат повеќето злосторници.
Ова што досега го кажав не треба да е контроверзно. На многу работници им е преку глава од работа. Високи и растечки се стапките на отсуство, менување работници, службеничка кражба и саботажа, ненадејни и неофицијални штрајкови и севкупно избегнување на работа. Можеби и има некакво движење кон свесно, а не само кон афективно одбивање на работата. А сепак, мислењето што преовладува, и кое е универзално, за газдите и за нивните агенти, а исто така раширено и меѓу самите работниците, е дека самата работа е неизбежна и потребна.
Јас не се согласувам. Сега е можно да се укине работата и да се замени, до тој степен да служи за добри цели, со разновидност од нови видови слободни дејности. Укинувањето на работата бара пристап од две насоки: квантитативна и квалитативна. Од едната страна, квантитативната, треба да извршиме големо намалување на количеството работа што се извршува. Најголемиот дел од работата што сега се извршува е бескорисна или лоша, и ние треба едноставно да се ослободиме од неа. Од другата страна пак - која мислам дека е суштина на проблемот и на новиот револуционерен курс - треба да ја задржиме корисната работа и да ја преобразиме во време поминато во разновидност од угодни и задоволувачки активности налик на игри, умеења, мајсторисувања, нераздвојни од другите пријатно потрошени часови, со таа разлика што тие активности како краен резултат ќе имаат корисни продукти. Се разбира, тоа не треба да ги направи тие активности помалку привлечни. Тогаш сите вештачки бариери на моќта и сопственоста би можеле да се срушат. Создавањето би можело да стане рекреација, а сите ние би можеле да престанеме да се плашиме еден од друг. На овој начин не сугерирам дека поголемиот дел од работата би можел да се сочува. Од друга страна, најголемиот дел од работата и не вреди да се сочува. Единствено мал и незначителен дел од работата служи за корисни цели, независни од заштитата на репродукцијата на работниот систем и неговите политички и легални приврзоци. Пред дваесет години, Пол и Персивал Гудман (Paul & Percival Goodman) пресметаа дека само пет проценти од работата што тогаш се извршувала - оваа бројка, доколку е точна, денес е уште помала - би ги задоволила нашите минимални потреби за храна, облека и засолниште. Нивната пресметка беше само едукативна претпоставка, но главната поента е сосема јасна: директно или индиректно, најголемиот дел од работата им служи на непродуктивните цели на трговијата, прометот и општествената контрола. Веднаш и без ничија помош можеме да ослободиме десетици милиони продавачи, војници, менаџери, цајкани, берзански брокери, службеници, банкари, адвокати, наставници, стопани, чувари и сите оние кои работат за нив. Се јавува ефект на лавина, бидејќи секогаш кога ќе деактивирате и оставите без работа некоја голема ѕверка, ги ослободувате и нејзините додворувачи и потчинети. На овој начин економијата имплодира.
Четириесет проценти од работната сила се административни и чиновнички работници, од кои повеќето ги извршуваат наједноличните, најздодевните и најидиотските работи кога било измислени. Цели индустрии, компании за осигурување, недвижнини и банки, на пример, се состојат од ништо друго освен бесцелно разместување на документи. Не е случајно што „терцијарниот сектор" (услужниот сектор), расте додека „секундарниот сектор" (индустријата) стагнира, а „примарниот сектор" (земјоделството) речиси исчезнува. Бидејќи работата е непотребна освен за оние на кои им ја обезбедува моќта, работниците се преместуваат од релативно корисни занимања на релативно бескорисни занимања како мерка чија цел е да се зачува општествениот поредок. Сè е подобро од ништо. Затоа и не можеш да си одиш дома само поради тоа што порано си ја завршил работата. Тие го сакаат твоето време, доволно за да те направат нивен, дури и ако повеќето од тоа време не им користи. Ако беше поинаку, зошто просечната работна недела се намали само за неколку минути во последниве педесет години?
Како следно, можеме суштински да ја расцепиме самата производствена дејност. Да нема веќе воено производство, нуклеарна енергија, брза храна, женски хигиенски деодоранси - и пред сè, да не постои автоиндустија. Повремено би можел да излезе некој Stanley Steamer или Model-T, но автоеротизмот од кој зависат расипничките дувла како Детроит и Лос Анџелес не доаѓа предвид. На тој начин, без некој посебен труд, сме го решиле проблемот со енергетската криза, проблемот со природната средина и останатите инаку нерешливи општествени проблеми.
Конечно, мораме да се отарасиме од далеку најраспространетата професија, онаа со најголем број работни часови, со најмала плата и со некои од најздодевните и наједнолични задачи. Укажувам на домаќинките и нивната домаќинска работа и одгледување деца. Со укинување на наемната работа и постигнувањето целосна невработеност ја поткопуваме половата поделба на работата. Како што знаеме, нуклеусното семејство е неизбежна адаптација кон поделбата на работата наметната од современата наемна работа. Како што работите беа поставени во последниве еден или два века, сакале или не, економски е рационално мажот дома да ја носи заработувачката, жената да ги извршува валканите работи и во бесчувствителниот свет да обезбедува рај за мажот, а децата да бидат одведени во концентрационите логори за млади наречени „училишта", првенствено за да не ѝ се мешаат на мама во штипките, а истовремено да бидат под контрола, а воедно и да ги здобиваат навиките на послушност и точност, толку потребни за работниците. Кога би се отарасиле од ова патријархално клише, би се ослободиле и од нуклеусното семејство, чија неплатена „работа во сенка", како што вели Иван Илич (Ivan Illich), го прави возможен работниот систем. Тесно поврзано со оваа антинуклеусна стратегија е укинувањето на детството и затворањето на училиштата. Во оваа земја има повеќе редовни ученици отколку работници со целосно работно време. Нам ни требаат децата како учители, а не како ученици. Тие имаат многу што да придодадат кон лудичката револуција, бидејќи тие во играњето се подобри од возрасните. Возрасните и децата не се еднакви, но тие ќе станат еднакви преку заемна зависност. Единствено играта може да го надмине генерацискиот јаз.
Досега дури не ја ни спомнав можноста за намалување на незначителното количество работа кое преостанува со нејзината автоматизација и кибернизација. Сите научници, инженери и техничари ослободени од грижите околу воените истражувања и предвидените застарувања би имале многу време за смислување начини за елиминирање на заморот, едноличноста и опасноста од дејности како што е рударството. Несомнено ќе пронајдат нови проекти со кои ќе се забавуваат. Можеби ќе постават светски мултимедијален комуникациски систем во кој ќе бидат вклучени сите или пак ќе основаат вселенски колонии. Можеби. Јас лично не лудувам по гаџети и не ме интересира живот во рај од копчиња за притискање. Не сакам роботи-робови кои прават сè за мене. Сакам самиот да го правам тоа. Мислам дека има место за технологијата која ќе ја намалува работата, но едно сосем скромно место. Историските и предисториските записи не се многу охрабрувачки. При преминот на производствената технологија од собирачко-ловечка во земјоделска, а понатаму во индустриска, работата се зголеми додека умешноста и самоопределувањето исчезнаа. Понатамошната еволуција на индустријализмот го истакна она што Хери Брејверман (Harry Braverman) го нарече деградација на работата. Интелигентните и остроумни набљудувачи секогаш беа свесни за ова. Џон Стјуарт Мил забележува дека сите пронајдоци наменети за намалување на времето на работа не заштедија ни момент од работата . Карл Маркс забележува дека „би било можно да се напише историја на пронајдоците, направени од 1830, со единствена причина на снабдување на капиталот со оружја против негодувањата на работничката класа". Технофилските ентузијасти (Сен-Симон, Конт, Ленин, Б.Ф. Скинер) исто така отсекогаш биле бесрамни авторитарци; или, поинаку кажано, технократи. Би требало да бидеме повеќе од скептични во однос на ветувањата што ни ги даваат компјутерските мистици. Тие работат како кучиња, а веројатно е дека ако биде по нивно, ќе мораме и сите ние другите да го прифатиме тоа. Но, ако нудат некои посебни придонеси кои без тешкотии би се подредиле на човековите, ајде да ги сослушаме.
Она што навистина сакам да го видам е претворање на работата во игра. Првиот чекор е отфрлување на поимите: „работа" и „професија". Дури и активностите кои веќе имаат некаква лудичка содржина го губат поголемиот дел од неа, бидејќи се сведуваат на службена работа која одредени луѓе (и само тие луѓе) се присилени да ја извршуваат исклучувајќи сè друго. Зарем не е чудно што земјоделските работници се измачуваат во полињата додека нивните климатизирани господари одат дома секој викенд и се врткаат околу нивните градини? Во систем на постојано уживање, ќе бидеме сведоци на Златното доба на дилетанството кое ќе ја посрамоти Ренесансата. Веќе нема да има работи и професии туку само нешта што може да се прават и луѓе кои ќе ги прават.
Тајната за претворање на работата во игра, како што докажува Шарл Фурие, се наоѓа во организирањето на корисни активности, извлекувајќи корист од сè што различните поединци во различни времиња сакаат да направат. За да им се овозможи на поединците да прават работи што би сакале да ги прават, доволно е да се елиминираат ирационалностите и деформациите кои ги поткопуваат тие активности во моментот кога тие се сведуваат на работа. На пример, би сакал да се активирам малку (но не премногу) на полето на наставата, но не сакам да имам авторитарен однос со учениците и не сакам да му се подлизувам на некој беден ситничар за да добијам работа.
Потоа, има активности кои луѓето сакаат да ги прават одвреме-навреме, но не предолго и сигурно не засекогаш. Може да биде забавно неколку часови да чуваш деца, затоа што го сакате нивното друштво, но не толку долго колку родителите. Родителите пак на тој начин длабоко го ценат времето кое можат да си го посветат себеси, а го добиле на тој начин, иако стануваат загрижени ако предолго се далеку од своите деца. Овие разлики меѓу поединците го овозможуваат животот на слободната игра. Истиот принцип може да се примени и на многу други полиња на активност, а пред сè на оние од примарен карактер. Така, на пример, многу луѓе се забавуваат и уживаат да готват кога тоа можат да го прават од задоволство, но не и кога тоа треба да им биде редовна работа. И трето - но не и помалку важно - некои активности кои се непријатни кога се извршуваат во осаменост или во непријатен амбиент, или по нечија наредба, стануваат угодни, барем на некое време, кога таквите услови ќе се изменат. Ова е веројатно вистинито, до некоја мера, за сите активности. Луѓето можат да ја вложат својата вештина, која инаку се расфрла, ако не баш привлечните физички работи ги претворат во игра. Активностите коишто ги интересираат одредени луѓе не секогаш ги интересираат сите; но сите, барем потенцијално, поседуваат разновидни интереси и имаат одреден интерес за разновидност. Како онаа народната: „од се по малку“ или барем еднаш. Фурие беше мајстор за шпекулирање како изопачените и настрани склоности би можеле да се искористат во постцивилизациското општество, она што тој го нарекуваше Хармонија. Тој мислеше дека императорот Нерон би се променил на добро, доколку како дете можел да ја задоволи својата склоност кон крвопролевање работејќи во кланица, на пример. Малите деца кои уживаат да се валкаат во прашина би можеле да се организираат во „Мали хорди" кои ќе ги чистат тоалетите и ќе го собираат ѓубрето, доделувајќи им медали на истакнатите. Јас не ги докажувам овие примери, туку го докажувам истакнатиот принцип кој мислам дека има совршена смисла како една од димензиите на целосната револуционерна трансформација. Имајте предвид дека денешната работа не мора да ја прифатиме таква каква што е и да ја доделиме на соодветните луѓе, од кои некои сигурно ќе бидат изопачени. Ако технологијата има улога во ова, тогаш полесно е работата автоматски да ја исфрлиме од постоење отколку да пронаоѓаме нови царства за ре/креација. До некоја мера, можеби и ќе сакаме да му се вратиме на занаетчиството и на рачната работа, кои Вилијам Морис (William Morris) ги сметаше за можни и пожелни резултати на комунистичката револуција. Уметноста ќе биде одземена назад од снобовите и колекционерите, укината како специјализиран оддел за задоволување на елитната ауденција, а нејзините квалитети на убавина и креација реставрирани во интегралниот живот од кој и беа украдени од страна на работата. Отрезнувачка е мислата дека античките урни за кои пишуваме оди и организираме изложби во музеите, своевремено се користеле за чување маслиново масло. Се сомневам дека нашите секојдневни артефакти ќе успеат исто така добро во иднина, ако воопшто ја има. Поентата е што не постои такво нешто како прогрес во светот на работата; токму спротивното. Не треба да се двоумиме да го крадеме од минатото она што тоа има да ни го понуди; античките народи не губат ништо, а ние се богатиме.
Повторното откривање на секојдневниот живот значи одење отаде границите на нашите мапи. А на тоа поле постои една идеолошка струја многу посугестивна отколку што тоа многумина можат да си го замислат. Освен Фурие и Морис - и понекогаш некои алузии кај Маркс - постојат делата на Кропоткин, анархосиндикалистите Пато (Pataud) и Пуже (Pouget), старите анархокомунисти Беркман (Berkman) и новите Букчин (Bookchin), потоа Communitas на браќата Гудман, па ситуационистите, како Ванејгем (Vaneigem) и антологијата на ситуационистичката интернационала - колку се јасни толку се и развеселувачки, иако никогаш потполно не ја надминуваат трајната контрадикција на подржување од една страна на работничките совети, а од друга укинувањето на работата. Подобро нивната нескладност отколку која било постоечка верзија на левицата, чии приврзаници очекуваат да бидат последните заштитници на работата, бидејќи ако немаше работа немаше да има ни работници, а без работници, кого ќе организира левицата?
Заговорниците на укинувањето на работата во голема мера ќе бидат оставени сами на себе. Никој не може да предвиди што ќе се случи кога ќе се ослободи креативната моќ обезвреднета и обесмислена од работата. Сè е можно. Здодевниот проблем на дебатата за слободата наспроти нужноста, со својот теолошки призвук, самиот ќе се реши тогаш кога производството на употребните вредности ќе стане коегзистентно со потрошувачката на прекрасните игриви активности.
Животот ќе стане игра, или подобро речено многубројни игри, но не како што се случува сега - игра која дава резултат еднаков на нула. Одличното меѓусебно разбирање во сексот е пример на продуктивна игра. Оние кои учествуваат во таа игра заемно придонесуваат за задоволството, нема никакво бодување, секој е победник. Повеќе даваш, повеќе добиваш. Во лудичкиот живот најдоброто од сексот ќе биде вклопено во најдобриот дел од секојдневниот живот. Сеопштата игра доведува до еротизација на животот. Сексот, пак, може да стане помалку итен и очаен, а повеќе разигран. Ако добро ги одиграме нашите карти можеме од животот да земеме многу повеќе отколку што вложуваме, но само ако навистина играме.
Би требало никој никогаш да не работи. Работници од сите земји... одморете се!
[1] Ludus: лат. игра
[2] Одлика на работник чиишто производствени резултати се извонредни. Терминот потекнува од името на Александар Стаханов, работен херој на Советскиот Сојуз од 1930-те години.
[3] „Libertarians“, термин кој кај нас нема директен превод. Денес во најголема мера се однесува на луѓето чијшто светоглед ги влече своите корени во либерализмот и кои главно ги заговараат принципите на слободен пазар (Libertarian – Републиканец кој користи дрога – Б. Блек).
[4] Едни од најпознатите катастрофи во САД. Островот Три Милји – топење на нуклеарниот реактор; Тајмс Бич – загадување со диоксин поради што целиот град од околу 3.000 жители бил евакуиран.