Џејсон Меквин
Против организационизмот: анархизмот како теорија и критика на организацијата
Едно од најздодевните и често повторувани клишеа на левичарската политичка реторика се однесува на неоспорениот императив за општа, генеричка „организација“. Покрај сето останато што може да ја дефинира левицата, таа секогаш и постојано повикувала на создавање и развој на формални организации кои би требало да ги претставуваат и предводат масите или работничката класа (или во денешно време често соодветната група на идентитет или „малцинство“). Се разбира, кога левичарите ќе го напуштат царството на реториката и ќе навлезат во царството на делувањето, станува прилично очигледно зошто деталите за организацијата често остануваат неодредени. Лесно е да се каже дека неорганизираните и дезорганизираните луѓе веројатно нема да имаат многу успех во остварувањето големи, комплексни проекти. Но кога предложената форма на организација всушност повикува на структура налик на „преносен ремен“ со јасна поделба помеѓу водачите и водените, заедно со мерки за дисциплинирање на обичното членство, истовремено заштитувајќи ги водачите од одговорност кон оние кои се водени, многумина стануваат свесни за измамничката игра и ја одбиваат. Во денешно време дури и додавањето малку демократија не е доволно да се прикрие реата на политиката на моќ.
Ништо од ова не е изненадувачки за повеќето анархисти, бидејќи мејнстрим левицата е недвосмислено хиерархиска, авторитарна и етатистичка уште од времето на јакобинците и Француската револуција. Меѓутоа, дури и анархистите - или барем оние полевичарските анархисти - не се имуни на организацискиот фетишизам. За оние со искрен стремеж за создавање услови за сиромашните да го освојат назад својот свет, императивот на левичарската организација многу често погрешно се толкува како здрава базична стратегија која, за жал, е поткопана и дискредитирана од неетички и за моќ гладни авторитарни левичари.
Вистина е дека раширената и сè поголема разочараност од формалната организација меѓу автентичните радикали често е резултат на двесте години контрапродуктивна левичарска практика. Но левичарската организациска практика не е само добра стратегија корумпирана од лоши личности. Истите стратегии за создавање организации со порадикална теорија и вредности вкалемени во нив ќе продолжат да го продуцираат истиот вид на самопоразителна практика, токму затоа што основните проблеми се структурни, а не случајни. Култот на организационизмот - во кој создавањето и зголемувањето на формалните, масовни политички и економски организации е приоритет во однос на охрабрувањето и популаризирањето на анархистичкото саморганизирање - е во директна контрадикција со анархистичките принципи и цели. Организационизмот поттикнува и продуцира авторитарни, хиерархиски и отуѓувачки практики затоа што се заснова на идејата дека луѓето треба да бидат организирани од политички свесни милитанти, наспроти анархистичката идеја дека луѓето мораат самите да се организираат за сопственото ослободување.
Историски, анархистичката идеја, анархистичката теорија и меѓународното анархистичко движење во голема мерка потекнале како критички одговор на проблемите поставени од радикалната организација. Сепак, денес, премногу левичарски анархисти се ангажираат на рехабилитирање на мошне проблематичната организационистичка реторика и практика, надевајќи се дека површната критика на експлицитно авторитарната, етатистичка левица е доволна за да ги спречи нивните сопствени проекти да ја копираат дволичноста на многу левичарски катастрофи кои ја валкаат револуционерната историја.
Сите анархисти се разликуваат од политичката левица на еден клучен начин: анархистите предлагаат индивидуално и комунално самоделување, самонасочување и самоорганизирање како единствен можен метод за автентично преземање контрола врз нашите животи. Политичката левица, спротивно на тоа, предлага организирање на луѓето како објекти со цел да се здобие со политичка моќ нужна за менување на институционалните општествени услови. Порадикалните левичари би додале дека таквата промена во институционалните услови може да помогне да се создаде можност масите евентуално да развијат доволно самосвест за директно да управуваат со себеси. Но, се разбира, ова се припишува на неодредената иднина.
Имајќи ја предвид актуелната дезинтеграција на меѓународната левица, поважно од кога било е анархистите одново да ги откријат и промислат темелите на анархистичкото движење во анархистичката теорија и критика на организацијата. Како што сè повеќе левичари и поранешни левичари се прелеваат во анархистичкото милје, станува сè позначајно да се запомни дека анархизмот не е само проста форма на левичарство без јасна цел за преземање на државната моќ. Севкупната левичарска политичка култура на претставување, хиерархиската организација, хетерономната дисциплина и култот на лидерство се спротивни на анархистичката култура на автономија, слободно здружување, самоорганизирање, директна акција и лична одговорност. Левичарската практика на создавање формални масовни организации со цел да се изгради политичка моќ вклучува сосема поинакви претпоставки и цели отколку анархистичката практика на охрабрување општо, самоиницирано, самонасочено делување.
Сите различни форми на левичарски анархизам вклучуваат обиди за синтеза на аспекти од левичарскиот организационизам со аспекти на анархистичката организација. И сите тие обиди за синтеза изискуваат одреден степен на жртвување на анархистичката теорија, практика и вредности во замена за очекуваното зголемување на идеолошката привлечност или практичната моќ. Но, анархистите секогаш ги жртвуваат сопствените принципи под голем ризик. Постоеле моќни левичарско-анархистички синтези кои оствариле големи практични придонеси кон бунтовите, востанијата и револуцииите во минатото: врвот на анархосиндикализмот на преминот од 19 во 20 век е еден таков пример. Но тие секогаш доаѓале и по цена на разблажување и збунување на анархистичката страна од синтезата, што на крај доведувало до нејзин пораз.
Со цел да се спречат идните порази, можеме свесно да го засноваме нашето делување на конзистентните принципи на самоорганизирање, секогаш со што е можно помалку компромиси, и со јасна визија за нашите цели.