Џон Зерзан
Кој го уби Нед Луд?
Уништувањето на машините во мугрите на капитализмот
„Разбивачите на машини, во манир на Нед Луд, се симбол на минатите времиња и потсетник каков би бил ставот на работниците кон новите идеи доколку синдикатите не станеа толку силни и ефикасни.“
- Списанието Labour нa Конгресoт на синдикати, за време на Саемот на произведувачи, Лондон, 1956.
Во Англија, првата индустриска нација, помеѓу 1810 и 1820, почнувајќи од текстилната индустрија, првата и најважната гранка на капиталистичкото претриемништво, се развило револуционерно движење познато како лудизам. Предизвикот на лудитското востание - и неговиот пораз - биле од големо значење за подоцнежниот развој на модерното општество. Главното тактичко средство, разбивањето на машините, всушност претходи на тој период; Дарвал (Frank Darvall) исправно забележува дека тоа „непрекинато“ се користело во текот на 18 век, подеднакво и во добри и во лоши времиња. Освен тоа, тоа не било ограничено само на англиските текстилни работници. Исполичари, рудари, текстилни работници и многу други се здружувале во разбивањето машини, често спротивно на она што се сметало за нивни „економски интерес“. Слично на тоа, Филоп-Милер (René Fülöp-Miller) нѐ потсетува на работниците од Епен и Ахен, кои ги уништиле важните работилници Кокерил, потоа на ткајачите од Шмолен и Кримитшау, кои ги срамниле со земја текстилните погони во своите градови, како и на акциите на многу други работници од почетокот на Индустриската револуција.
Сепак, англиските текстилни работници - плетачите, ткајачите, кожарите и други - биле тие кои го основале движењето кое „според својот чисто бунтовнички гнев и распространетост било без преседан во целата англиска историја“, како што изјавил Томсон (Thompson), што треба да се прифати како прилично воздржана оцена. Иако обично бил опишувано како слепо, неорганизирано, реакционерно, ограничено и јалово востание, тој „инстинктивен“ бунт против новиот економски поредок бил многу успешен во одреден период и имал јасни револуционерни намери. Движењето било најсилно во развиените области, особено во централните и северните делови од земјата. Times на 11 февруари 1812 година, известува за „избивање на вистинска војна“ во Англија; а на 17 јуни 1812, потпоручникот Вуд (Wood) му пишал на претседателот на Советот, Фицвилијам (Fitzwilliam), дека „освен неколку пунктови, на кои се наоѓа војската, практично целата земја е во рацете на бунтовниците“.
Во неколку наврати во текот на втората деценија од 19 век, лудитите навистина биле незапирливи. Се одликувале со многу висок морал и самосвесност. Како што наведуваат Кол и Постгејт (G.D.H. Cole и Raymond Postgate), „Било невозможно да се запрат лудитите. Војската беспомошно шетала наоколу, збунета од молчењето и солидарноста на работниците“. Освен тоа, увидот во новинарските извештаи, писма и летоци, открива дека бунтот имал јасни намери; на пример, во еден леток дистрибуиран во Лидс пишува, „сите благородници и тирани мораат да бидат турнати“. Бројни докази за општите револуционерни подготовки, уште од почетокот на 1812, можат да се најдат и во Јоркшир и Ланкашир.
Уништена била огромна количина имот, вклучувајќи и голем број машини за ткаење, преправени за производство на неквалитетни добра. Движењето всушност го добило името според младиот Нед Луд (Ned Ludd), кој наместо да се согласи на таа подла работа, го зграбил чеканот и почнал да ги уништува разбоите кои му се нашле под рака. Инсистирањето над процесот на производство да се има или целосна контрола или сѐ да се уништи, ја распламтило народната имагинација и на лудитите им донело речиси едногласна поддршка. Хобсбаум (Hobsbawm) тврди дека „разбивачите на машини наидувале на општи симпатии, во сите слоеви од населението“, што во 1813 создало ситуација, која, според зборовите на Черчил, „укажувала на целосна немоќ на органите за одржување на јавниот поредок“. Во 1812 уништувањето разбои било прогласено за најтежок престап, а бројот на ангажирани трупи во еден момент го надминал вкупниот број на војници кои под команда на Велингтон се бореле против Наполеон. Меѓутоа, војниците не биле само премногу раштркани, туку биле и недоверливи, заради симпатиите кои ги негувале кон лудитите или затоа што и самите припаѓале на движењето. Освен тоа, локалните шпионски мрежи се покажале неефикасни во борбата со вистинската солидарност на населението. Како што може да се претпостави, доброволната милиција, основана во согласност со Законот за надгледување и известување (Watch and Ward Act), според Хамондс (Hammonds), „служела за вооружување на најнезадоволните“, така што уште од времето на премиерот Пил (Peel), морала да биде воведена професионална полиција.
За да се спречи тој „разорувачки напад на новото општество“, како што тоа го изразил Матијас (Mathias), било потребно оружје поблиско до самото производство, кое би помогнало да се прифатат темелните начела на поредокот. А тоа оружје биле синдикатите. Иако е јасно дека промоцијата на синдикализмот била последица на лудизмот, исто како и воведувањето на модерната полиција, треба да се има предвид дека синдикалното организирање меѓу текстилните и останатите работници било толерирано подолг период пред избувнувањето на лудитското востание. Оттаму, Мортон и Тејт (Morton и Tate) инсистираат дека на разбивањето на машините не треба да се гледа како на очајнички потег на работниците од тоа време кои едноставно не располагале со други средства. И покрај Законот за здружување (Combination Acts) , кој само формално го забранувал синдикалното организирање помеѓу 1799 и 1824, лудизмот не се повлекол во некој вакуум туку веќе некое време делувал како успешна опозиција на сѐ пораспространетиот синдикален апарат, кој отсекогаш тежнеел кон спогодба со капиталот. Поточно, можело да се избира меѓу тие две опции, а синдикатите биле отфрлени во корист на радикалните барања и директното самоорганизирање на работниците.
Сосема е јасно дека во тоа време на синдикатите се гледало како на нешто суштински поинакво од лудизмот и дека како такви и биле промовирани, со надеж дека ќе ја потиснат автономијата на лудитите. На пример, спротивно на одредбите од Законот за здружување, синдикатите од страна на судовите често биле третирани како легални; кога некој синдикалист ќе бил осуден, обично добивал блага казна или воопшто не бил казнуван, додека лудитите по правило ги беселе. Некои членови на Парламентот отворено ги обвинувале сопствениците за општествената криза, затоа што не го искористиле во целост излезот кој им го нуделе синдикатите. Тоа не значи дека целите и контролната функција на синдикатите биле толку очигледни и нагласени како денес; но, актуелната криза јасно фрлила светлина на нивната незаменлива улога во зачувувањето на владеењето на капиталот; постоела голема потреба од сојузник кој би помогнал во пацификацијата на работниците. Членовите на Парламентот од регионот Мидлендс, апелирале кај гувернерот Хенсон (Henson), претседателот на Синдикатот на ткајачи, да им се спротивстави на лудитите - како воопшто да бил потребен таков поттик. Се разбира, неговиот метод во наметнувањето на ограничувања бил неуморната агитација во прилог на зајакнување на синдикатите. Според студијата за Нотингем на Черч (Roy Anthony Church), комитетот на Синдикатот на ткајачи „експлицитно им наложил на работниците да не ги уништуваат разбоите“. Нотингемскиот синдикат, најголемиот обид за создавање општ индустриски синдикат, исто така им се спротивставил на лудитите и никогаш не преземал насилни акции.
Ако е навистина тешко во синдикатите да се види сојузник на лудитите, тогаш може да се каже дека тие го одбележале следниот стадиум, во смисла дека синдикализмот имал клучна улога во поразот на лудизмот, преку поделби и конфузии кои ги внесувал меѓу работниците и преку пренасочување на нивната енергија. Го „заменил“ лудизмот на ист начин на кој индустријалците ги поштедил од потсмевот меѓу уличните мангупи, имено, така што ги спречил луѓето директно да ја покажат својата сила. Според Дарвал, целосното признавање на синдикатите, кое уследило со повлекување на Законот за здружување во 1824 и 1825, „донекаде го ублажило општото незадоволство“. Предлогот за укинување на Законот, кој го поднеле Плејс и Хјум (Place и Hume), лесно поминал во нереформираниот Парламент; работодавците и синдикалистите поднеле бројни аргументи во прилог на повлекувањето на Законот, на што се спротивставиле само неколкумина конзервативци. Поточно, додека конзервативните аргументи на Плејс и Хјум предвидувале намалување на бројот на штрајкови по повлекувањето на Законот, многу работодавци ја сфаќале катарзичната, смирувачка улога на штрајковите, така што не биле многу вознемирени од бранот штрајкови кои го следеле заседавањето на Парламентот. Се разбира, повлекувањето на Законот официјално ги ограничило синдикатите на нивните традиционални, маргинални преокупации со надниците и должината на работното време; оттогаш и потекнува задолжителната клаузула за „правата на управата“ во колективните договори, која се одржала и до нашето време.
Кампањата против синдикатите, која во триесеттите години од 19 век ја повеле некои работодавци, само ја нагласила нивната главна улога: таквата акција и била можна токму затоа што синдикатите биле толку успешни во сузбивањето на непосредуваната радикалност на работниците. Оттаму Леки (Lecky), подоцна во истиот век, сосема исправно заклучува дека „најголемите, најбогатите и најорганизираните синдикати несомнено направија многу за смирување на судирот во индустријата“. Слично на тоа, Вебови (Sidney и Beatrice Webb) забележуваат дека во опаѓањето на работничките бунтови од 19 век по појавата на синдикатите, треба да се гледа правило.
Ако се вратиме на лудитите, ќе забележиме дека постојат само неколку извештаи од прва рака, како и вистинска тајна традиција, главно затоа што лудитите се изразувале преку дела, навидум без посредство на идеологија. За што поточно станувало збор? Стернс (Stearns) можеби најпрецизно од сите коментатори, пишува: „Лудитите развија доктрина која почива на идејата за наводните доблести на мануелната работа“. Тој во својата презрива осуда ги нарекува „назадни бедници“, но неговото воочување сигурно содржи и ронка вистина. Сепак, нападите на лудитите не започнале со воведувањето нови машини, како што обично се мисли, бидејќи за тоа не постојат докази во периодот кога се јавува вистинскиот лудизам (1811-1812). Уништувањето повеќе било насочено кон новите, несовесни методи кои биле наменети за веќе постоечките машини. Не се работело за напад на производството во економска смисла, туку за насилен одговор на текстилните работници (на кои набрзо им се придружиле и останатите) на обидот за деградација преку наметнување на неквалитетна работа. Проблемот била неквалитетната стока, пред сѐ набрзина скрпените „партали“. Иако лудитските напади обично се совпаѓале со економските падови, тогаш тоа било затоа што работодавците тие периоди ги искористувале за воведување нови производствени методи. Но, исто така е точно и дека лудизмот не се јавувал само во областите погодени со криза, туку и онаму каде што таа главно изостанувала. На пример, Лестершир бил најмалку зафатен со кризата и бил познат како област во која се произведувала најквалитетната волнена стока; но, тоа било и силно упориште на лудитите.
Зачуденоста над тоа што би можело да биде толку радикално во движењето кое се чинело дека бара „само“ укинување на неквалитетната работа, пропушта да ја забележи внатрешната вистинитост на претпоставката, широко прифатена, за врската помеѓу уништувањето на разбоите и бунтот. Демек може да се води борба на произведувачите за интегритет на нивниот работен век, а при тоа да не се доведе во прашање капитализмот во целина. Барањето за укинување на неквалитетната работа, нужно му се заканува на капитализмот и станува борба на сѐ или ништо, сѐ додека се истрајува на неа; таа води право во срцето на капиталистичките односи и нивната динамика.
Друг елемент од лудитскиот феномен, кој обично се потценува така што љубезно се игнорира, е неговиот организациски аспект. Лудитите, како што нѐ учеа, удирале дивјачки и слепо, додека синдикатите на работниците им го пружале единствениот организиран начин на борба. Но, факт е дека лудитите биле организирани локално, па дури и федерално, вклучувајќи работници од сите струки и дека оствариле зачудувачка, спонтана координација. Избегнувајќи отуѓена структура, нивната организација не била ниту формална, ниту постојана. Нивната бунтовничка традиција немала ниту центар и постоела главно во облик на „непишан закон“; тоа била заедница неподложна на манипулации, организација која верувала во себе. И тоа, се разбира, било од суштинско значење за длабочината на лудизмот, бидејќи допирало сѐ до неговите корени. Во практика, „никакви интервенции на полицијата или големите воени засилувања не можеле да ги разнишаат лудитите. Секој нивни напад укажувал на постоење план и метод“, запишал Томсон, кој им оддал признание и за „исклучителното обезбедување и комуникација“. Еден воен офицер од Јоркшир увидел дека лудитите постигнале „најголем степен на складност и организација“. Вилијам Кобет (William Cobbett) во извештајот до владата од 1812, пишува: „Тоа се околности кои претставуваат најголема загатка за министерството. Не пронајдоа ниту еден агитатор. Тоа е движење на самите луѓе.“
Сепак, и покрај Кобетовата фрустрација, водството на лудитите на властите им понудиле излез. Нивното движење не било сосема егалитарно, но тој елемент кај нив бил нагласен, секако повеќе отколку свеста за тоа што навистина им било на дофат, а што успевало да им побегне. Се разбира, токму меѓу нивните водачи „политичката софистикација“ со тек на времето постигнала најдобри резултати, а некои подоцна станале и синдикални функционери.
Во „предполитичките“ денови на лудитите - што, се разбира, продолжило и во нашето „постполитичко“ време - луѓето отворено ги мразеле своите владетели. Бурно ја прославиле смртта на Пит во 1806 (William Pitt, премиер на Велика Британија во два мандати) и уште повесело го поздравиле убиството на премиерот Персивал (Perceval) во 1812. Тие прослави, кои следеле по смртта на двата премиери, сведочеле за слабото посредување меѓу владетелите и поданиците, за недостигот од каква било цврста врска помеѓу нив. Политичките права на работниците биле сметани за помалку важни од одобрувањето на некои права во сферата на производството и нивно интегрирање преку синдикатите; затоа таа политичка интеграција се одвивала побавно. Сепак, непобитен е фактот дека за пацификацијата најмногу придонел огромниот напор вложен за тоа народот да се заинтересира за легални активности, конкретно, движењето за проширување на изборната база на Парламентот. Кобет, кој многумина го сметале за најголемиот памфлетист во англиската историја, навел многумина да се зачленат во „хампденшките клубови“, кои барале изборни реформи, а останал запаметен, како што тоа го наведува Дејвис (H.W.C. Davis) и по својата „изразена осуда на лудитите“. Погубните последици од тие реформи можат делумно да се согледаат преку споредба на робусниот карактер на раните изливи на гнев против власта, како што се Бунтот на лордот Гордон (1780), нападот на толпата врз кралот Џорџ Трети на лондонските улици 1795 со масакрите и дебаклите како „востанијата“ во Пентриџ и Петерлу, кои приближно се совпаѓаат со поразот на лудизмот пред 1820.
Но, ако во заклучокот се вратиме на некои многу потемелни механизми, повторно се соочуваме со проблемот на трудот и синдикализмот. Синдикализмот, без сомнение, се втемелил врз основа на раздвојувањето на работниците од контролата над средствата за производство - за што, како што видовме, синдикализмот имал клучен придонес. Некои, меѓу нив и марксисти, во тој пораз и во неговата форма - победата на фабричкиот систем - гледаат нужен и пожелен исход, иако мораат да признаат како дури и денес значаен дел од индустриските операции мораат да останат во рацете на произведувачката управа. Цел век по Маркс, Галбрејт (Galbraith) утврдил дека гаранциите за превласт на продуктивноста над креативноста се наоѓаат во одрекувањето на синдикалната управа од какво било мешање во самиот работен процес. Но, работата е, како што сфаќаат сите идеолози, област отворена за непрестано фалсификување. И оттаму модерните медијатори ја игнорираат општата лудитска борба за контрола над процесот на производство, која продолжува и покрај разните облици на „партиципирање на вработените“.
Во раниот период на синдикалистичкото движење имало доста демократија. На пример, била раширена практиката на одредување делегати според системот на ротација или лотарија. Но, она што не можело легитимно да се демократизира бил тешкиот пораз вграден во самите темели на синдикалистичката победа, кој од синдикатите создал сплеткарски здруженија, пародија на заедницата. На тоа ниво, никаква форма не може да го сокрие она што синдикализмот навистина е, фактор кој работи на прифаќање и одржување на еден гротескен свет.
Марксистичката квантификација ја воздига продуктивноста како summum bonum (најголемо добро), како што и левичарите го игнорираат укинувањето на директната власт на производителите и на тој начин, што не престанува да вчудовидува, ги препорачуваат синдикатите како сѐ што ненадгледуваните работници можат да имаат. Опуртинизмот и елитизмот на сите Интернационали, поточно целата историја на левицата, својот исход можеа да го видат во фашизмот, кога акумулираното ограничување конечно вроди со плод. Штом фашизмот успеал да наиде на толку добар прием кај работниците, да помине како ослободување од инхибициите или како „Социјализам на дело“ - со други зборови, како нешто револуционерно - тогаш станува јасно колку многу е закопано заедно со лудизмот.
Тука се и оние кои на денешната сѐ поголема криза ѝ ја доделуваат етикетата на „преоден период“, во надеж дека сѐ ќе заврши добро, заедно со уште еден пораз на лудитите. Денес ја воочуваме истата потреба за наметнување на работната дисциплина, како и во раните периоди, а меѓу луѓето можеби дури и истата свест што всушност значи „прогресот“. Денес сосема е можно потполно јасно да ги препознаеме своите непријатели, така што преодниот период овојпат би можел да се најде во рацете на неговите творци.