Џон Зерзан
Што е анархизам?
Со децении, едно непишано, но општо прифатено и очигледно правило, изискуваше медиумите да ја ибегнуваат употребата на термините анархизам или анархист. Таквото споменување би ѝ дало легитимитет на доктрината којашто е анатема за власта. Под ова мото, единствено одбивните споменувања на овие термини доаѓаа предвид. Имено, секое рушење на авторитет мора да биде прикажано како резултира со ужасна состојба; на пример, „анархијата“ којашто наводно владее, одвреме-навреме, на места како Босна, Сомалија, Бејрут, итн.
Но во последно време тоа е донекаде изменето, барем во Јуџин. Страшниот А-збор беше неколку пати употребен во последните неколку години, иако генерално во пежоративна смисла, а неговото политичко значење барем донекаде беше препознаено. Оваа употреба главно се појави како референца на прекрасната, сега веќе згасната, Icky’s Tea House во Вајтејкер дистриктот и нејзината група анархисти. Токму овие анархисти беа оние кои создадоа еден вид рај за некои од непожелните од страна на општеството, кои одржаа бенефит за Тед Качински (Ted Kaczynski) во мај 1996, кои беа малтретирани од полицијата за нивните активности, итн.
За многумина останува неодговорено прашањето: што е анархизам?
Наједноставно, анархија значи „без владетел“. Ова подразбира не само отфрлање на власта туку исто така и на сите останати облици на доминација и моќ. Општото мислење е дека антиавторитарниот принцип е втемелен во автономијата на индивидуата. Но како е сплотена таквата перспектива? Тука започнуваат несогласувањата меѓу анархистите.
Некои ја избегнуваат буквално секоја организација, зашто таа постојано тежнее кон бирократија и манипулација. Оваа тенденција ја нагласува критиката и/или директната акција наспроти организацијата; а понекогаш вклучува и одбивање на сè помасовното индустриско општество во коешто се наоѓаме.
Други пак, во масовната организација ја гледаат единствената реалистична надеж за постигнување потентно анархистичко присуство. Оваа тенденција генерално нема никаков базичен конфликт со модерното технолошко општество, и го ограничува своето спротиставување кон стриктно капиталистичките аспекти на општеството. Најпознатите анархисти, Ноам Чомски и Мари Букчин, припаѓаат во оваа категорија.
Обете гледишта, сметам, го препознаваат големиот општествен факт на класна поделба. Но, како марксистички доминирано, левичарството во светот доживеа пад, а оттаму и неговото влијание на сè поширокото антиавторитарно милје. Две развојни точки се истакнаа доволно јасно во изминатите десеттина години: (1) спротиставувањето на статусот кво стана во сè поголема мера „анархистичко“ и (2) анархистите стануваат сè покритични кон самата технолошката цивилизација и нејзиниот празен рефрен за Прогрес.
Земајќи ја нејзината фундаментална ориентација, не изненадува што филозофијата на анархија сегашниот, политички спектар го смета за непривлечен. Конзервативците повикуваат на отстранување на ограничувањата на системот или општествената машина којашто секојдневно произведува сè повеќе општествени и еколошки катастрофи. Либералите на одреден начин го прифаќаат овој мазохизам плеткајќи се со истиот тој систем, и на тој начин обидувајќи се да го реформираат и легитимизираат. Сè повеќе и повеќе луѓе ја губат вербата во секојдневното, плата-и-ценовник уредување на животот, што соодветствува на сѐ поголемиот напад врз човечноста и уништување на природата.
Сè до неодамна беше целосно негирано дека се води војна, во којашто влогот е самиот опстанок на индивидуата и природниот свет. Се чини дека блекаутот од овој факт по малку исчезнува; јавната употреба на зборот „анархист“ е почеток, мало препознавање на она што веќе тешко може да биде прикривано.
Што се однесува до мене, а мислам и до многу други антиавторитарци, недостига нова порака, нова парадигма. Постојат повеќе работи коишто треба да бидат предизвикани отколку што досега мислевме. Корените на денешната криза се многу длабоки. Катосатрофата на оваа сезона во југоисточна Азија, каде што пламенот на припитомување се соединува со отровите на индустријализмот, е многу живописен случај. Планетата брзо станува место на ужаси, на лично (прозак-за-сите) ниво како и на еколошки план.
Блискоста се губи, а таа е голем дел од решението: блискоста со другите, блискоста со природата. Може да се случи нашата единствена надеж да биде општествениот опстанок лице в лице, радикална децентрализација, расклопување на обземувачката, отуѓувачка, продукционистичка, високотехнолошка траекторија којашто толку нè исцрпува.
Ова беше мала верзија на анархистичкиот предизвик според мое видување. Фала што слушавте.