Џон Зерзан
Зошто надеж?
Стана прилично модерно, дури и меѓу анархистите, да се исмејува поимот надеж, одлучно отфрлувајќи ја секоја можност за конечна победа над доминацијата и угнетувањето. Списанието Desert (2011) го истакнува тоа на својата насловна страница: „Длабоко во срцето сите знаеме дека овој свет нема да биде спасен“, и потоа го повторува тоа уште два пати во воведните текстови. Цивилизацијата ќе продолжи. Време е да ги поведеме „однапред изгубените битки“. Тоа е начинот на кој ќе ја избегнеме бедата на истрошувањето и разочараноста, тоа ќе нѐ направи посреќни! Мексиканската група Individualidades teniendo a lo salvaje (ITS), позната по акциите во стилот на Унабомбер, одлучно тврди дека од победата нема ништо. Постојано повторуваат: „Не веруваме дека тоа е можно“.
Но, можно е. За надминување на болеста на цивилизацијата очигледно нема гаранција, но секако дека тоа е можно. Порадо се држам до она што Кјеркегор го рекол за надежта: тоа е „страст за можното“. Уште поотворено, што се случи со она славното „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“? Кога можноста за победа ќе се отфрли, зарем тогаш тоа не е Крај на играта?
Можеме да се потсетиме и на Маркузе и неговата книга „Еднодимензионален човек“ која го објави наводниот крај на радикалните можности, конечниот триумф на потрошувачката неслобода. Му било драго кога настаните го демантирале, само неколку недели по објавувањето на книгата во 1964, со почетоците на глобалното движење кое го потресе целиот свет. Во ситуација кога глобалниот систем почнува да потфрла на сите нивоа, кога се покажува дека повеќе не е во состојба да понуди какви било одговори, се отвораат сите шанси за квалитативно надминување на движењето од шеесеттите.
Но – зарем е потребно да се каже - не и ако се откажеме од секоја надеж за надминување. Добро е познато дека здравјето и закрепнувањето од боелста се поврзани со надежта, а не со нејзината спротивност. Да помислиме на последниот роман на српскиот писател Данило Киш, „Псалм 44“ (1962) за волјата за преживување и отпорот кој членовите на едно мало семејство го покажале во Аушвиц, каде ја доловувале надежта како „нужност“. Кога станува збор за нас и животот во целина, работите стојат лошо, но сепак не сме во Аушвиц. А повторно гледаме на надежта со презир.
Егоизмот и нихилизмот очигледно се во мода меѓу анархистите и можам само да се надевам дека оние кои се поистоветуваат со тоа не се без надеж. Илузии, никако; надеж, секако. Се прашувам што инаку имаме да понудиме, да речеме, во поглед на анализа и инспирација - или дали тоа сѐ уште е некакво прашање.
Има егоисти кои изгледа дека се најмногу заљубени во своето свето Јас, кои за сѐ судат само врз основа на тоа дали им служи Ним. Во меѓувреме, владеењето на технокултурата го потхранува солипсизмот, нарцизмот и изолацијата; сѐ потешките техно-зависници се најподложни на тоа. Дали Макс Штирнер сметал дека природниот свет има некоја вредност само во однос на неговото его? Колку чистите егоисти се заинтересирани за заемната помош, општествената борба ли исчезнувањето на заедницата? На секого би му ја препорачал книгата на Штирнер „Единствениот и неговата сопственост“ како значајна корекција на колективистичката идеологија, во нејзините разни изданија; но, повеќе сум склон кон мислењето на анархистот од Аризона, Ден Тод, според кого Диоген и циниците на западот, особено Чуанг Це и уште некои таоисти на исток, сето тоа го направиле многу подобро векови порано.
Дали нихилизмот значи дека наскоро би требало да се отфрли сѐ, за животот достоен на човекот да биде можен? Ако е така, јас сум нихилист. Мислам дека е оправдано да се каже дека нихилизмот не значи верба во ништожноста; во спротивно, невозможно е да се биде и нихилист и анархист. Но, ако тоа значи политика на очајување или беспомошност, тогаш не, благодарам. Францускиот филозоф Жан-Франсоа Лиотар го прикажа тоа во поинакво светло: „Со мегалополисот, она што Запад го остварува и шири е нихилизмот. Тоа се нарекува развој.“ Дали Нихилистите имаат нешто против тие институции и она што ги придвижува?
Во секој случај, сѐ уште можеме да понудиме нешто повеќе од антинадежта. На тоа нѐ потсетуваат и некои нови книги. Книгата на Енрико Маникарди, „Слободни од цивилизацијата“ е прв преглед од А до Ш на антицивилизациските мисли приреден на кој било јазик; тука е и Пол Седенек, чија книга „Анархистичко откривање: да бидеме она што треба да бидеме“ е поштедена од секоја примеса на песимизам, со што не сум се сретнал долго време наназад. Тој, на пример, се повикува и на Густав Ландауер, кој сметал дека „не треба да нѐ загрижува тоа дека одоговорот на нашиот повик нема да биде квантитативно доволен, кога квалитетот на неговата (во овој сучај, антицивилизациска) содржина е надвор од секаков сомнеж.“ Тоа е она што ги поврзува анархистичкиот дух и отпор во многу далекусежен и силен придонес.
Времињата се тешки, но, како што вели Оскар Вајлд, „Сите сме во кал, но некои од нас гледаат во ѕвездите“.