Ејлин Гудсон
Голотијата од древните до модерните култури
Телесната слобода поврзана со статусот на жените
Примитивнoто голо живеење
Многумина од нас можеби се несвесни дека голотијата е нормална состојба која опстојувала низ поголемиот дел од човековото постоење. Сè, почнувајќи од целосната голотија до површното покривање на телото, било составен дел на начинот на живот од предисториско време, преку грчко-римската цивилизација и дел од средниот век.
Дури и денес, во разни далечни области со потопла клима, голите општества опстојуваат како примитивни племиња чии членови не носат облека. Овие заедници покажуваат, покрај другите нешта, како драстично се променил нашиот однос кон голотијата и општествената организација низ човековата историја. За жал, пуританскиот закон за пристојност на модерната цивилизација ги етикетира необлечените култури од тропските предели како навредливи и инфериорни. Мисионери, колонијалисти и трговци ефективно го присилувале прифаќањето на правилата на западното облекување секаде каде што се наоѓале примитивни култури. Благодарение на нивната трудољубивост, денес сме во можност да патуваме низ светот до егзотични острови, да се придружиме на африканско сафари и да ги истражиме јужноамериканските џунгли без да се соочиме со „срамот“ од гледањето племенска голотија.
Како што цивилизацијата ги злоупотребувала овие недостапни предели, домородните култури често неоправдано биле оштетувани или уништувани од страна на освојувачкиот вирус на технолошки супериорното општество. Измамено од ситници и модерни погодности, домородното население речиси секогаш подлегнувало на обичаите, облекувањето, заразите и проблемите на нашата натрапничка култура.
Во 1988, јануарскиот трет број на The Los Angeles Times јавува дека Јаномами од далечната севернобразилска територија Рораима, примитивно и голо племе, е во опасност од истребување бидејќи владата открила злато и дијаманти на нивната земја. Јаномами е најголемото познато племе кое сè уште е изолирано од надворешниот свет: „Јамомамите ловат со отровни стрели и многу од нив користат примитивни алатки. Тие избегнуваат облека, ги декорираат своите тела со овошни бои и цвеќиња и живеат под огромни колиби од палми во заедници од 50 луѓе. Популацијата на Рораима е околу 100.000. Антрополозите, Римската католичка црква и групите за индијански права стравуваат дека наметната акултурација од страна на навалата од белци уште повеќе ќе ја редуцира нивната популација, главно преку болести. Заради нивната изолација, Индијанците немаат имунитет против вообичаените вируси и лесно можат да умрат од грип или настинка.“
Племето Тупари од Рио Бранко, во амазонските џунгли на Бразил, е друг пример за голо живеење меѓу домородците. Тибор Секељ, кој 4 месеци живеел со племето Тупари напишал: „Не е чудо што Тупари никогаш не создале некаков вид облекување затоа што времето е секогаш топло. Нивната природна голотија совршено се вклопува во рамката на нивното опкружување, со исклучок на церемониите и при декорација, тие никогаш не помислуваат да се покријат.“[1]
Луѓето од Тупари тргнуваат во лов пред изгрејсонце. Оние мажи и момчиња кои остануваат во селото работат на подготвувањето на почвата за садење или собираат дрва за огрев и за градежен материјал. Во меѓувреме, жените се грижат за децата, собираат овошје, предат памук и плетат мрежи за лежење. До 3 часот попладне, нивното работно време завршува, мажите и жените се собираат, пијат ферментирана чика, прават лакови и стрели, ѓердани и украси за глава и ги декорираат своите тела. Тоа е живот на бавна едноставност.[2]
Колку невообичаено е тоа што такви идилични сцени од древните и можеби предисториски времиња сè уште коегзистираат со нашите модернизирани, исполнети со стрес животни стилови и комплексни структури на владеење.
Голотијата во древниот Египет
Фасцинантната приказна за раното обожување на сонцето и голотијата е откриена во 1887 година кај Амарна, мало египетско село на бреговите на Нил, околу 200 километри јужно од Каиро. Таму, една арапска жена случајно се препнала на плоча од печена глина од архивите на фараонот Ехнатон (1385–1353 п.н.е.). Преку подоцнежниот превод од овие плочи се дознало дека брилијантниот млад фараон и неговата исклучително убава кралица, Нефертити, го сметале сонцето, Атон, за вистинскиот извор на живот и оттаму, ја оправдувале практиката на голотија како духовно и физичко унапредување.[3]
Заради откривањето на овие плочи и други артефакти од Амарна, седиштето на власта на фараонот Ехнатон, сега добро се знае дека тој не само што бил голем религиски реформатор и мистик, кој го оспорувал пантеонот на традиционалното свештенство, туку бил и поет со исклучителна чувствителност. На растурените камења кои го формирале оригиналниот ѕид од храмот на Атон, археолозите ја откриле и дешифрирале фараоновата позната „Химна за Атон – богот Сонце“, дел кој се појавува во хебрејските скрипти како псалм 104 од Стариот Завет. „Преку оваа песна”, пишува Херман во King and Queen of the sun, „фараонот се открива себеси како љубител на природната убавина, уметноста и човекот.“[4]
Сепак, некои од археолозите кои ја откриле приказната за фараонот Сонце тешко го прифаќале пронајденото и станувале високо критични кон Ехнатон и Нефертити. „Воспитани во викторијански и пуритански дух, тие ги осудија овие воодушевувачки фигури од египетската историја, бидејќи открија дека не само што фараонот и неговата жена, туку и нивните деца и службеници, исто така се движеле наоколу со премалку облека (толку проѕирна!) или пак, без воопшто облека на себе, дека практикувале голотија во кралската палата, во кралските градини и базени, дека ја сакале физичката убавина, ги вреднувале убавата храна и вино и имале искрено радосно постоење“.[5]
Спонтаноста, слободата и човечките вредности изразени во животниот стил на оваа извонредна двојка донеле остра критика и одмазда од страна на конзервативните свештеници од „старата религија“. По неговата смрт, Ехнатон бил наследен од неговиот зет Тутанкамон („кралот Тут“, познат по неверојатното злато и накит најдени во неговата гробница во 20-от век), кој бил присилен од свештениците да ги искорени реформите на Ехнатон.
„Тие практикувале религија и гол начин на живот кој бил далеку понапреден за нивното време“, пишува д-р де Хоратев за Кралот Сонце и неговата кралица. „Тие живееле во едно доба во кое никој не ги разбирал.“ Тој додава, (мошне обесхрабрувачки), „иако идните генерации можат да бидат поотворени за нивната порака“, [...] нашето време им дава мизерно признание“.[6]
Иако се знае дека Ехнатон и Нефертити не се првите Египќани кои уживале голи на сончевите зраци (резба од 14-от век п.н.е., зачувана во Британскиот Музеј, покажува гол сумерски свештеник; а слика од гола египетска девојка, свирачка на еден вид гитара, е најдена на ѕидовите на една тебанска гробница која потекнува од 15-от век п.н.е.) тој и неговата привлечна придружничка навистина ги имале своите „денови под сонцето“, вдишувајќи го животот во оригинален идеалистички концепт на заедница.
Голотијата во античка Грција
Векови подоцна, Ехнатоновата страст за холистичко живеење била ентузијастички практикувана од античките Грци. Додека многу култури го препознале придонесот на античките Грци во правото, политиката, литературата, уметноста и филозофијата, малку е забележано застапувањето на античките Грци за ослободување од облеката кога е тоа практично и соодветно. Облеката на високите и ниските класи во грчкото општество била во склад со едноставната и отворена карактеристика на грчката филозофија – набрана ткаенина која може да биде слечена за миг. Дури и најпосакуваната облека, дизајнирана за обата пола, со накит или метални штипки на рамената, била правена од едно парче прекрасно исткаен материјал.
„Кога некој Грк ќе посакал да танцува или работи, тој едноставно се извлекувал од својата облека и продолжувал. Тоа било природно нешто и никој не бил вџашен при гледање на гола личност како танцува или работи. Археолозите откриле многу вази кои опишуваат целосно голи изведувачи на фестивали и работници на поле“, пишува Ентони Папалас во неговата статија “Greek Attitudes Towards Nudity“.[7]
Историчарите го признаваат овој старогрчки телесен однос главно кога пишуваат за атлетскиот тренинг што се одржувал во грчката гимназија. Самиот збор gymnasium се заснова на коренот од зборот gymnos (со значење „гол“), и оттаму гимназија се дефинира како место каде што се соблекуваат да вежбаат.
Додека голотијата била толку вообичаена во старогрчката атлетика и вајарство и што историски не може да биде занемарено, историчарите претендираат да ги минимизираат или игнорираат религиските и филозофските откритија за голотијата во грчкиот живот. На пример, грчката гимназија ретко е претставувана како место за сеопфатна едукација, а всушност токму тоа и била. Пол ле Валеј (Paul Le Valley) во написот објавен во нудистичкото списание Clothed with the Sun нуди попрецизна слика.
„Грците не можеле да смислат поголема чест за своите богови од тоа да ги имитираат – да станат колку што е можно побожествени, истовремено и ментално и физички. Се земала предвид целата личност; добро развиениот ум во добро развиено тело. Аполон, богот на атлетиката, бил истовремено и бог на музиката. Всушност, атлетичарите учеле и музика. Гимназиите биле места каде што филозофи како Сократ го минувале времето. Речиси секоја голема школа од грчката фолозофија била сместена во гимназија... Како што грчката религија опаѓала и била заменета со филозофијата, Сократ често ја промовирал голотијата како форма на искреност.“[8] Од ова јасно се воочува дека античките Грци барале рамнотежа – нивната цел на златна средина во индивидуалното постигнување како и во државните работи.
Започнувајќи со вежби, при тоа гол, Папалас во статијата цитирана погоре опишува еден типичен ден на грчки студент: „По неколку часа активност и инструкции за телото, тој се капел и одел во училница – многу често гол, зошто благата клима во Грција не барала облекување освен во некои невообичаени студени денови во зима... Учителите и учениците настојувале да постигнат рамнотежа помеѓу умот и телото. Од ученикот се барало подеднакво да биде посветен на физичкиот и умствениот напредок“.[9]
Перикле, познатиот грчки државник, генерал и атлета, рекол дека човекот треба да работи во хармонија за „совршена убавина на нашите тела и главните доблести на нашата душа... Ние сме љубители на убавината без да изгубиме вкус за едноставноста, и љубители на мудроста без да изгубиме од човечката снага“.[10]
Дариј, персискиот крал, потпирајќи се на извештај од шпион, пратен да ги набљудува Грците додека тренираат за битка, извлекол погрешен заклучок од нивниот однос кон голотијата и демократијата дека Грците се слабаци.
Армискиот инфилтратор се вратил кај Дариј со образложение дека Грците го минувале своето време арогантно парадирајќи наоколу голи „или седејќи делумно облечени, слушајќи идиоти како изнесуваат смешни идеи за слобода и еднаквост за самостојниот граѓанин“.[11] Водејќи се од оваа информација, Дариј очекувал дека Грците ќе бидат лесен залак, но неговиот потсмев се претворил во страв и тага кога персиската војска била разбиена кон морето во битката кај Маратон од добро обучените противници.
Иако на мажите од античка Грција им бил понуден исклучителен тренинг како граѓани (со очигледен исклучок на машките робови), на грчките жени не им било понудено високото образование од гимназиите. Оваа нееднаквост била особено оправдувана со причината дека жените имаат помала потреба од образование, бидејќи ним не им било овозможено да партиципираат во граѓанските задачи заедно со мажите. Ваквата дискриминација ослабела со појавата на движењето за правата на жените.
Меѓу придобивките стекнати од жените од оваа група е остварувањето на женското атлетско натпреварување. За време на овие игри, жените настапувале слободно голи како што било практика и кај мажите. „Грчката восхит кон човечкото тело и желбата да се експонира истото била поврзано со грчката искреност и интелигенција. Никој немал против Спартанците да одат голи на јавните танци и процесии. Младите луѓе кои се собирале да ги следат настаните не покажувале сладострастие и блудничавост. Плутарх (грчкиот биограф и историчар) напишал дека појавата на овие девојки била примена со восхит, почит и бесрамност“.[12]
Како резултат на тоа, голотијата станала и дел од традицијата на Олимписките игри. Старите историчари сметаат дека Олимписките игри датираат од далечната 1100 година п.н.е., како натпревари на мировна спогодба одобрена од кралевите на градовите Писа, Елида и Спарта. Игрите го добиле името по Олимписката долина каде што се одржувале. Првиот Олимписки фестивал за кои има докази се одржал во 776 година п.н.е. Во најмала рака, од тој момент па натаму, Олимписките игри биле специфично посветени на грчките богови.
На атлетичарите од Спарта им се дава историска заслуга затоа што биле првите што ја отфрлиле облеката додека тренирале за настапи. Можно е ова да се јавило уште во 7-от век п.н.е. Откако овие пионерски атлетичари освоиле невообичаено висок процент од наградите, бидејќи нивните тела не биле ограничувани од облеката, и други атлетичари започнале да се огледуваат на голотијата на Спартанците. Отпосле, голотијата станала интегрален/нераскинлив дел од олимписката традиција сè до 393 година од н.е., кога римскиот император Теодосиј, христијански владетел на Грција, ги забранил Олимписките игри бидејќи ги сметал за пагански церемонии. Гимназијата и сè за што таа се залагала, тогаш било гледано со презир, сè до 1896 година, околу 1500 години подоцна, кога Олимписките игри биле обновени – но без голотијата.
Убавината за Грците била самата суштина на машкоста. Совршената рамнотежа на умот и телото го следи верувањето на античките Грци во „meden agan” што значи „ништо прекумерно“ и “Kalos k’agathos” – „убавото и доброто“, кои биле критериумот и тајната на супериорноста на античка Грција повеќе од петстотини години.[13]
Голотијата во древна Индија
Познато е дека општествената голотија во античка Грција била охрабрена од постоењето на голотија меѓу светите луѓе во Индија. На пример, кога Александар Велики слушнал извештај за голи аскети во Индија, го испратил Онесикрит, грчки филозоф, да ги испита гимнософистите, име дадено од Грците на овие голи филозофи. Откритијата на Онесикрит мора да го импресионирале и заинтригирале Александар за тој да отпатува во Индија (во 326 г. п.н.е.) да се запознае со група од гимнософисти, а овој состанок потоа довел до други размени меѓу двете земји.[14]
Пирон од Елида, основач на филозофијата на скептицизмот, учел кај гимнософистите и по враќањето во Елида го практикувал нивното учење, вклучувајќи ја и голотијата.[15] Подоцна кога грчката војска била во Индија, војниците учествувале во бројни религиски миси кои биле придружувани и со голи спортски активности. Неколку векови подоцна, грчките атлети кои се натпреварувале во Индија повремено биле забележувани како се натпреваруваат голи или во ткаенина замотана околу колковите.
Во времето на Александар (356 – 323 г. п.н.е.) имало неколку аскетски секти во Индија, чии членови оделе голи како дел од нивната духовна дисциплина. Најголемата, Аџивика, изискувала целосна голотија на нивните следбеници. Оваа група постоела околу 2000 години пред целосно да исчезне. Буда бил гол аскет пред да ја основа својата религија и се претпоставува дека Буда ги облекол своите следбеници во наметки главно за да ги издели од другите секти.[16]
Денес повеќето од голите свети луѓе во Индија се придружувани од џаинистите, членови на голема индиска религија основана околу 500 г. п.н.е. Махавира, основач на џаинизмот, инсистирал на целосна голотија кај монасите како дел од нивниот завет да се откажат од сите световни богатства. Со време настанала поделба во оваа група заради голотијата како преголема мака за џаинистите во постудените северни делови на Индија. Така северњаците нагрнале наметки и станале познати како шветамбара или „бела наметка“, додека јужњаците, пак, биле именувани како дигамбара или „облечени со небото“. Џаинистите денес имаат многу следбеници во Индија.[17]
Пол ле Валеј во неговата статија „Древна Индија” ги споредува Грците со гимнософистите: „Причините кои двете страни ги дале за нивниот гол аскетизам или нивните голи атлети биле забележливо слични... [Тие зборувале] за ефикасност. Секоја позната група од голи индиски аскети ја славела вредноста на обичниот живот кој ја охрабрувал голотијата, законодавецот на Спарта застапувал голотија меѓу неговите граѓани од истата причина [плус] од здравствени причини. Гимнософистите ја славеле голотијата како метод за изградба на издржливоста како што правеле и Грците.“ Друга наведена причина за голотијата била дека таа го унапредува „независното размислување и самоувереноста...“
Ле Валеј понатаму заклучува дека „Махавира ги прекорил Грците кои повеќе ја поврзувале голотијата за гимназиите, затоа што биле помалку самоуверени од индиските аскети. Махавира често ја споменувал голотија како метод за станување слободен од ограничувања... задоволувачка состојба без облека.“[18] Индијците и Грците заедно се сложиле дека голотијата претставува состојба на чистота и искреност.
Ле Валеј исто така наведува и разлики помеѓу двете култури, како на пример грчкото истакнување на убавината на човечкото тело, прашање со значително помала важност меѓу религиската филозофија во Индија. Додека индиските гимнософисти упатуваат на нивната голотија како на „чекор напред кон постигнување единство со целиот универзум или мокша (просветлувачко блаженство)“, Грците ја сметале голотијата како основа и израз на целината од индивидуата и општеството. Грците на тој начин поголема важност придавале на забавата, музиката, танцот и физичкото задоволство.
„Можеби најголемата вредност која им е заедничка на обете групи“, продолжува ле Валеј, „...е соработката на индискиот аскетизам со античките Грци околу идејата за мир“.[19] На пример, основата на Олимпијадите е да се обединат дисидентските грчки градови-држави за мирољувив натпревар и пријателство, додека џаинистите, на нивно тло, практикувале ненасилство и вегетаријанство. И до ден денес, некои џаинисти ги доведуваат овие принципи до крајност, секогаш носејќи маска на носот и устата за инсектите да можат да бидат заштитени од случајното заробување. Ганди го засновал својот модел на политичко и општествено реформистичко движење според оваа џаинистичка практика на ахимса.
За време на британската контрола над Индија, гимнософистичкото практикување на голотија било силно прикриено. Меѓутоа, денес во независна Република Индија џаинистите повеќе не се попречени во своето религиско практикување на голотијата. Денес во Индија некои жени исто така се придружиле во редовите на голите џаинистички аскети.
Сака, хинду секта од Индија, ја пренеле својата традиција на голотија во модерна Индија преку илјадниците експлицитни скулптури кои останале на ѕидовите на градот Кхајурахо. Изградени околу 1000 г. н.е., овој храм во Кхајурахо, ги пренесува своите вредности на модерниот посетител со директност која ништо не остава на имагинацијата. „Десетици илјади човечки и животински фигури среќно танцуваат на и околу фасадата на овие градби... Кралеви и обични луѓе се прикажани во радосно сексуално единство, целосно голи освен бисерите, нараквиците и останатиот накит. Убавината на телото била величена, дури и парадирана. А бидејќи сексуалната функција е дел од телото, и таа била величена“.[20]
Кхајурахо храмот не е изолиран пример за големата толеранција кона голотијата во древна Индија. Други индиски храмови, како почитуваните светилишта на Конарк и Елора, исто така покажуваат високо реалистични еротски скулптури. Овие претстави очигледно не биле земени предвид како непристојни од луѓето кои живееле во моментот кога тие биле создадени. Нивната директност во приказот и нивната поставеност на централна, јавна локација покажува дека тие биле важен дел од живото искуство на заедницата, дел од структурата на нивниот општествен, образовен и верски живот.
Историчарот на уметноста Мулк Раџ Ананд (Mulk Raj Anand) дискутира за овие отворено еротски скулптури во неговата книга Кама Кала, користејќи ги да ги објасни разликите помеѓу источниот и западниот став во однос на човечкото тело и сексуалноста. Зборувајќи за овие прослави на животот тој вели: „Постои меѓусебно уживање што не предизвикува смеа, туку почит... Обожувањето на сонцето се демонстрира преку енергијата што ги спојува човечките парови... Машките и женските форми на тој начин стануваат манифестација на дуалитетот баран од Врховниот бог, земните симболи на живот и плодност. И како што нашата човечка љубов се согледува како симбол на големата љубов кон Врвхониот бог, така и радоста на физичкото обединување ја рефлектира безграничната радост на божеството на создавањето“.[21]
Мулк Раџ Ананд забележува дека на запад сексот е протеран во „прикриените агли”. Тој верува дека модерните ставови на шокираност при сексуални содржини, кои потекнуваат од западните верски учења, се несреќен дел од западната култура во целост и не дозволуваат адекватно уживање или пак отворање дискусии за нежноста на сексуалниот однос.
Додека модерните индиски туристички водичи не можат да го избегнат покажувањето на овие експлицитни голи скулптури од Кхајурахо, Конарк и Елора на туристи од други земји, многу набљудувачи изјавиле дека не се чувствуваат пријатно правејќи го тоа. Очигледно е дека слободата на телото насликана во јавното сликарство на древните храмови не е инкорпорирана во западниот животен стил од современа Индија.
Голотијата на Ориентот
Сè до 20-от век јапонското чувство на скромност силно се разликувало од она на Европа или Америка. Голите колективни капења, на пример, биле неизбежен факт од секојдневниот живот сè до неодамна, и сè уште постојат во руралните области кои се далеку од јапонските западизирани големи градови. Меѓутоа, Бернард Рудофски во неговата книга Are Clothes Modern?, истакнува дека голотијата не била прифатлив факт за традиционалните јапонски уметници. „Дури и љубовниците легнати на кревет на акри од покривачи – омилена тема во (јапонската) уметност – секогаш се целосно облечени, не затоа што уметниците биле срамежливи, туку затоа што се чини дека Јапонците сакале да водат љубов заплеткани во своите облеки... (Оваа нехристијанска култура) не само што го прескокнала Оригиналниот грев, туку никогаш и не почувствувала потреба да го присвои.“[22]
Како и да е, Јапонците биле далеку од тоа да бидат наметливо срамежливи! Нивниот став дека сè што е природно е морално е откриено во „свадбените книги” издавани стотици години во Јапонија како средство за практично сексуално образование за младите жени. Преку експлицитен текст и слики, овој тип книги ја подготвувал немажената јапонска жена за сексуалниот чин кој ќе се случи или би требало да се случи по нејзината венчавка. Искусните двојки исто така добивале „книги под перница” кои биле наменети да се чуваат близу креветот. Тие содржеле еротски, стимулирачки илустрации за да го разубават брачното уживање.
Припадниците на кинеската висока класа биле многу поригидни и дури сметале дека нивните необлечени селани биле нечовечни. Голотијата, дури и во уметноста, била сметана за неморална. Во својот есеј The Future of Nakedness, Џон Лангдон Дејвис (John Langdon-Davies) раскажува приказна за језуитските свештеници кои биле ужаснати кога дознале дека Кинезите ги сметале христијанските книги кои содржеле прекрасно обоени религиозни слики од машки и женски светци во класична наметка за порнографски.[23]
Во древна Кина, строгите обичаи дури ѝ оневозможувале на жената од висок ранг да биде необлечена во присуство на нејзиниот доктор. Единствениот начин да комуницира со нејзиниот доктор околу својот здравствен проблем бил да покаже на соодветното место на мала скулптура направена од слонова коска или од гипс. Овие мали скулптури, предмети од значителна важност за секое почитувано кинеско домаќинство во старите времиња, сè уште можат да биде купени од туристи во кинеските делови од модерните градови низ светот.[24]
Истражувајќи ги навиките при капењето на една култура, можно е со одредена прецизност да се утврдат ставовите кон телесните слики. Јапонците, Турците и Скандинавците во последно време, на пример, уживаат во традиционално заедничко капење како нивните постари култури. Во Грчко-римската империја, сè до нејзината декаденција и години на опаѓање, обата пола обично се мешале за време на колективното голо капење, бидејќи нагласокот на културата бил на чистотата, здравјето и социјализацијата, а не на физичките сексуални разлики. За време на средниот век, Римската католичка црква ја потиснала таа практика на капење.[25] Меѓутоа, колективното голо капење каде половите обично биле разделени се одржало во делови на централна и северна Европа, сè додека, конечно, модерното нудистичко движење, не ги иницирало сегашните европски ралаксирани ставови кон голотијата меѓу измешаните полови во бањите или на плажите.
Западниот свет, од средниот па до 19-от век, не знаел за телесната чистота. Откога необлеченото тело се сметало за грешно, сензуалната практика на киснење во јавна бања (како што биле луксузните бањи за угодност на Ориентот) не била само недостапна за огромното мнозинство на луѓе, туку била и незамислива и неприфатлива. Вообичаени биле „брзите“ капења или капењата со сунѓер, а користењето на парфем повеќе било фасада за ретките капења отколку средство на сексуална привлечност.
Турските бањи користеле термални топли извори кои биле изградени секаде каде што владеела Отоманската империја, претставувајќи го на многу делови од Европа пријатниот и здрав циклус од голо пливање, потење и регенерација со масажа. И мажите и жените од Отоманската империја ги користеле бањите како општествен центар, но половите секогаш биле одвоени.
Меѓутоа, во Јапонија, земја благословена со природни вулкански топли извори, голите семејства и заедничките капења на мешани полови биле одобрени од владејачките религии повеќе од 2000 години. Некои од јавните бањи во Јапонија денес имаат приватни простории со различни големини каде што семејствата или општествени групи во приватност можат да ги искусат базените со пареа. Меѓутоа, највообичен е големиот заеднички базен.
На почеток, шинто обредот на прочистување, практика на социјализирано голо капење, се раширила во Јапонија и станала дел од јапонското секојдневие како што било и изгрејсонцето. Шинтоизмот, главната државна религија до 1945 година, ја истакнува личната чистота, истовремено духовна и физичка. Сепак, дури и будистичките калуѓери граделе бањи во склоп на своите храмови. На почетокот на секој ден, калуѓерите ќе собереле гранки од бор, зеленика или шупливо дрво за подготовка на греење на ѕидната „огнена кутија“ од црвена глина, која била поставена на под од камења. Штом пареата ќе се кренела, вратите биле отворани за јавноста. Некои бањи нуделе церемонии со чај, додека други обезбедувале овошје и друга храна. Имало sansulces (момчиња капачи) и слугинки капачки кои ја нуделе својата услуга – триење на грбот.
Токму затоа повеќето јапонски мажи и жени израснале привикнувајќи се да бидат видени голи и да ја гледаат голотијата на останатите од која било возраст. Денес, со брзото темпо на живот типично за големите градови во Јапонија, и со западното влијание врз домашната архитектура, блиските бањи го губат своето претходно значење. Заедничките, голи термални извори, сепак останале место за платен одмор.Во многу краеви од Јапонија зимите се многу студени, а природно топлите извори отсекогаш биле традиционално релаксирачко и здравствено прибежиште – испарувачки оази, вгнездени во грубите планини и бујните шуми. Некои од овие базени денес станале место каде што се наоѓаат модерните одморалишта и хотели.
Сегашната популарна употреба на топлите бањи во Соединетите Држави очигледно потекнува од овие древни и традиционални обичаи на заедничко капење, толку значајни во Јапонија, Скандинавија и Турција.
Вештерството и сатанизмот
Кај премногу луѓе зборот вештерство побудува визии за лоши бабароги на метли или чудни и можеби расипнички ритуали на голотија и секс. Меѓутоа, некои историчари веруваат дека вештерството е најстарата религија на светот, и според тоа мошне почитувана и покрај распространетите предрасуди од страна на јудаизмот и христијанството. Овие историчари на религијата велат дека вештерските ритуали на фертилитет се само обожување и стравопочит кон природата и дека месечината и сезонските сабати се само церемонијални ритуали кои ги молат боговите за плодност на земјата и плодност на нејзините жители. На пример, зборот „вештерство” (witchcraft) всушност значи вештина на мудрите, бидејќи wicca, неговиот корен, значи мудриот. Како што се развивала цивилизацијата, оваа стара религија станала мешавина на култовите на плодност, египетскиот окултизам и древното кабалистичко учење.[26]
Овој став бил носен до такви крајности што довел до смрт на голем број невини луѓе. Денес се знае дека поголемото мнозинство од тие несреќни жртви немало никаква врска со неправедности, освен што биле идентификувани како неморални и зли од страна на нивните плашливи соседи и непријатели. Секако, разбирливо е дека имало неколку вештерки во тоа време кои ги користеле своите напитоци и пилули за личен профит и одмазда, како што нивните обвинители тврделе, како што некои вештерки мора да ги „проколнале“ своите прогонувачи со голема силина. Но wicca традицијата во целост била религија која ги слави радоста, здравјето и плодната жетва.
Оваа религија денес доживува ренесанса како дел од „New Age“ интересот за метафизика и психички феномени. Медитацијата и хипнозата, традиционалните алатки на вештерството, денес се популарни методи за подигнување на свеста и постигнување лични и глобални промени. Цветови, тревки и кристали, природни сакраменти на старата религија се исто така масовно употребувани од њуејџерите во нивните исцелителни ритуали.[27]
Многу од злото што било атрибутирано на вештерството е всушност дел од една мошне поинаква традиција на сатанизам и/или обожување на ѓаволот. Култовите од овој вид повеќе се базирани на атеистичкиот хедонизам отколку на обожување на природата. Како и вештерките, нивните членови исто така практикувале ритуална голотија, но ставале нагласок на оргијастичната сексуалност. Нивното „црно мноштво” се концентрирало околу гола жена како олтар и нивните ритуали вклучувале и слободна употреба на дроги и халуциногени напивки.
Нивната теологија била и сè уште е различна. Антон Лавеј (Anton Lavey), чија Сатанистичка црква (Church of Satan) била основана во Сан Франциско во 1966 година, верува дека и кога би постоел Господ, тој е неспособен да интервенира во човечките настани. Бидејќи Сатаната, според приврзаниците на Лавеј, е симбол на материјалниот свет и човековата телесна природа, тој станува идол на обожувањето. Во еден момент, сатанизмот бил признаен како активна религија (или антирелигија) во Европа, но никогаш на пошироко ниво.
Низ вековите, ритуали на одмазда преку животински и човечки жртвувања и чудни приказни за ритуали со голи мртви тела биле поврзувани со сатанизмот. Додека можноста за постоење на практика на таен ѓаволски култ во модерните времиња не може да биде игнорирана, се чини дека Сатанистичка црква на Лавеј е безопасна верзија на обожување на ѓаволот. Но хорор приказните за убиства и сексуална злоупотреба сепак повремено се јавуваат и често се припишуваат на ритуалите на „ѓаволските култови“. На пример, неодамна на една телевизиска програма (1989) Гералдо Ривера (Geraldo Rivera) интервјуираше претставник на полицијата кој изјави дека озлогласениот култ на масовниот убиец Чарлс Менсон кој бил поврзан со групата „Синот на Сем” по својата содржина бил сатанистички култ.
Ранохристијанските нудисти
Има голем број свештеници и попови во современото нудистичко движење. Всушност, модернистичкото нудистичко движење било широко организирано од замонашените верски лидери, поопширно опишано во глава 8. Овие верски лидери како оправдување искористиле многу делови од јудеохристијанската библија која зборува за прифаќање на човечкото тело без срам (како забелешките за оние апостоли кои биле рибари, голи при својата работа). Религиозните нудисти ги користат овие цитати како одговор на фундаменталните проповедници кои проповедаат дека Господ бара облека.
На пример, свештеникот Мартин Вејдстоун (Martin Wadestone), автор на Nudism and Christianity (Нудизмот и христијанството) пишува: „Всушност, во однос на библијата нема грев во самиот нудизам, но ако личноста ја користи голотијата за соблазни и неморални намери, таа ја злоупотребила и тоа чини грев. Библијата не зборува против голотијата ниту пак учи дека телото е срамно. Има референци за срамност во голотијата, но овој срам е продуциран во умот на човекот, не од божествени одредби“.[28]
Ова исто така е верување на уште најмалку пет групи во историјата на христијанството: карпократи, адамијани, адамити, енкратити и маркозијанци. Повеќето историски информации што ги имаме за верувањата и практиките на овие рани христијани, всушност доаѓаат од документираната критика и монолози на властите на Римската католичка црква, откако овие властодржци масовно ги уништиле записите кои се сметале за еретични.
Платонскиот филозоф Карпократ, роден во Александрија, Египет во вториот век од н.е., верувал во еден бог како создавач на светот и сè што е во него. Тој го комбинирал христијанскиот идеал за братството на човекот со дел од Платоновата Држава, застапувајќи дека славата на Господ не треба да се прикрива. Тој ги наговарал христијаните, мажи и жени, да гледаат на природното тело со благодарност кон создателната сила на Господ – љубовта. Неговите следбеници биле исмејувани, но ги продолжиле своите практики до 4-от век од н.е. Доказите покажуваат дека голи статуи и музеи биле создавани во чест на оваа секта. Карпократите биле оние кои први го сликале Христовото тело во разголената верзија вообичаено гледа и денес.
Адамијаните постоеле во вториот и третиот век од нашата ера. Тие биле група луѓе која се надевала дека ќе ја врати невиноста што човештвото ја изгубило во Рајската градина и оттаму обожувале состојба на голотија и живееле како нудистичка заедница. Се верува дека група од адамијани користеле напуштени пагански храмови за своите ритуали.
Неколку генерации подоцна, енкратитите и маркозијанците, кои се развиле од адамијанската традиција, се појавиле на сцена. Енкратитите биле вегетаријанци и многу од нив, ако не и сите, практикувале голотија. Во стара Галија (Франција), гностичкиот учител по име Марко и неговите следбеници, станале познати како маркозијанци, кои биле добро утврдени во долината на Рона до третиот век. Иринеј, конзервативен христијански писател од тоа време, ја критикувал нивната голотија и нивното религиско убедување, забележувајќи: „Марко е почитуван од страна на овие неразумници и празноглавци како чудотворец“.[29]
Адамитите (не се поврзани со адамијаните) биле активна секта во Бохемија за време на 15-от век од н.е. Тие биле дел од Хуситската реформација. Оваа група основала бројни религиозни голи заедници.
Натуралните христијани од традиционалистите биле именувани како „гностички еретици“, бидејќи нивните христијански доктрини биле под влијание на езотерични учења и источната мистична мисла. Хенри де Хоратев напишал дека, иако во одредена смисла би можеле да бидат сметани за гностици, „тие не биле гностици, туку само радикални христијани.“[30]
Овие, „како од мајка родени“, религиски групи не биле егзибиционисти, претпочитајќи да живеат во изолирана и недостапна повлеченост, заштитени од шумите во Галија, пустините во Египет и островите на Грција.
Тие граделе цврсти камени ѕидини за приватност и заштита од непријателските заедници кои ги опкружувале. Де Хоратев изјавува, „Колку е тажно што единствените докази кои ги имаме за ранохристијанските нудисти ни дошле од непријателски цензорски редови. Да се надеваме дека еден ден, во некои европски или африкански манастири или гробници, ќе биде откриен магацин со гностички книги кои ќе фрлат ново светло на прогонуваните групи нудисти од старото време, исто како што Списите од Мртвото море допринесоа за ново разбирање на старохебрејската книжевност“.[31]
Голотијата како протест
Низ историјата голотијата е користена како форма на протест, како и за истакнување на позитивните човечки вредности. Ако нечија цел е да биде забележан во облеченото општество, соблекувањето е секако ефективен метод за привлекување внимание. Оваа тактика беше користена од некои хипици во 1960-те, а исто така и од одреден број религиозни протестанти низ историјата. На пример, однесувањето на познатиот св. Франциск од Асиси: „Бидејќи бил прекорен од својот епископ, ја истргнал својата облека и одел гол по улиците“.[32]
Се разбира, иако е можно ова да се интерпретира како акт на религиска понизност наместо протест, нема сомнеж во врска со духоборците од Канада, кои ја напуштиле Русија во 1898 и сè уште постојат во мали колонии на северот од Соединетите Држави. Екстремистичка и индивидуалистичка секта на анархисти кои се одделиле од Руската православна црква во 1785, духоборците броеле 15.000 луѓе кога првпат дошле во Канада. Нарекувајќи се „Синови на слободата” тие постојано биле во судир со законот, бидејќи одбивале да се привикнат на канадските закони кои налагале образование, граѓански и културни стандарди. Духоборците често масовно протестирале голи. Нивната прва гола парада била во 1903, и иако демонстрантите биле судени и затворени тие продолжиле со овој уникатен начин на изразување уште неколку децении.
Телесната слобода поврзана со статусот на жените
Дури и откако европската религиозна практика вовела строги рестрикции за телесната слобода и сексуалното задоволство, имало периоди на релаксирани односи, можеби како реакција на пролонгираните општествени сексуални репресии. Џорџ Левински (Jorge Lewinski), автор на The Naked and the Nude, забележува дека некои историчари таквите флуктуации ги поврзуваат со изменетиот статус на жената во овие култури. Тој го истакнува раниот среден век како стриктно патријархален, во кој доминираат свештеници со репресивни ставови кон голотијата и сексот. Меѓутоа, доцниот среден век е карактеристичен за кавалерството, трубадурите, восхитот кон жената и опуштените односи. Ренесансата била ера на голем престиж за жената, со својот грчко-римскиот стил на облекување и вреднување на нерелигиозните голи слики. Зголемената телесна слобода по сè изгледа дека е поврзана со напредните уметнички движења во тој период.
Потоа се појавуваат Калвин и Лутер, кои ја вратиле патријархалната морална воздржаност за време на Реформацијата. Ова уште еднаш било проследено со релаксиран морал во 18-от век, кој за кратко време, ја враќа општествената позиција на жената. Потоа следува длабоко нурнување во ограничениот, патријархален викторијански период, од кого феминистички ориентираниот 20-ти век сè уште целосно не испливал.[33]
Пуританска етиката, викторијанството, срамот од телото
Целиот човек од глава до пети е онаков каков што и бил, накиснат во зло така што ниту еден еден не останал безгрешен, па затоа сè што извира од него се смета за грев.
Џон Калвин, реформист од 16-от век
Нашата слабост не лежи во нашите дела, туку во нашата природа; нашата личност, нарав и сите суштества се расипани со падот на Адам.
Мартин Лутер, реформист од 16-от век
Џон Калвин, Французин кој бил гневен на богатството, надменоста и моралната слобода на владејачката Католичка црква, станал лидер на Реформацијата. Принуден да ја напушти својата земја, Калвин бил признаен од Швајцарија како основач на протестантското презбетеријанство. Тој исто така стекнал слава како основач на „пуританската етика”.
Мартин Лутер, германски калуѓер, бил „татко на Реформацијата“. Во 1517 година тој се отцепува од папскиот авторитет за да ја оформи Протестантската лутеранска црква, побунувајќи се против она што го видел како морална немарност и екстраваганција на Католичката црква и нејзината аристократија. Лутер на подготвената и волна средна класа ѝ понудил фундаменталистичка и приземна религија.
Со појавата на протестантизмот се јавуваат и библиски толкувања кои ги нагласуваат, како никогаш дотогаш, блудноста и гревот наследен во човечкото тело. Исто така нагласуван е и стравот од ѓаволот. Додека Бог е ум и дух, Ѓаволот го претставува злото и грешната телесна сензуалност. Осомничените вештерки биле прогонувани и осудувани на смрт и за најмала гласина. Тест за пронаоѓање вештерка во Англија (укинат во 1219 година, но се смета дека се применувал до 18-от век) е опишан во Cult and Occult на Роберт Т. Смит (Robert T. Smith). „Најпрвин ја соблекуваат. Потоа палецот од десната рака го врзуваат со палецот од левото стапало. А потоа и палецот од нејзината лева рака со палецот од десното стапало. Потоа се фрла во река или езеро. Ако потоне и се удави, тогаш таа не била вештерка. Ако не потоне, неа ѝ помогнал ѓаволот, и тогаш ја извлекуваат и погубуваат“.[34]
Пуританската етика во Америка ja пренесува Мејфлауер. Нашите први доселеници биле вредни, работливи протестантски аџиски пионери кои немале ниту време, ниту склоност кон несериозност. Нивната телесна вина и срам станале закон на земјата, а овој закон бил поекстремен во Соединетите Држави отколку од другата страна на барата. Во Европа, екстремната наметлива женска срамежливост била прикована за средната класа откако аристократијата и ниските класи биле способни да си земат повеќе слобода од правилата на религиозните моралисти. Како и да е, во Америка моралната прохибиција против таканаречените „дела на ѓаволот” била посилна.
Во текот на 17-от и 18-от век, секоја девијација од нормата на однесување или животниот стил била сомнителна. Хистеричните поборници спроведувале лов на вештерки кои биле побесмислени од оние во Европа. А еден важечки закон, додека Њу Џерси сè уште била британска колонија, ја спроведувал истата казна за вештерство: „...девици, девојки или вдовици кои по овој Акт, додека се во брак, заведуваат, изневеруваат или се наметнуваат на некој од субјектите на Неговото Височество, со помош на парфем, козметика, креми, бои, вештачки заби или чевли со високи потпетици“.[35]
Во Европа, неколкуте години на физичка и емоционална телесна слобода искусени за време на Наполеоновиот период, биле заменти со верзијата на пуританска репресија позната на историјата како викторијанство. Моралност на средната класа развила истакнатата самодоверба, самоконтрола и љубов кон работата. Ова добро се вклопува со погледите на религиозните моралисти, чии верувања не биле поддржани од владејачката монархија. Во Англија, кралицата Викторија (која владеела од 1837 до 1901) и принцот Алберт поставиле модел на управување кој бил прифатен како нов морал на Европа и Северна Америка.[36]
Срамот во поглед на сексуалните желби и активности достигнал таква екстремност, што жената во средината на 19-от век ги минимизирала и скривала сите делови на телото освен своето лице. Таа носела слоеви од здолништа и била обвиткана со облека од блуза со висока јака до здолништа со должина до подот, шешир кој целосно ја покрива нејзината глава и шал замотан околу телото. „Дури и дланките на дамата биле скриени“. Еден викторијански женски журнал советувал: „ракавиците се секогаш грациозни за жените в куќи, со исклучок на оброците“. Некои жени не се појавувале на маса „голораки. Тие носеле ракавици без прсти“.[37] Од мажите исто така се очекувало да бидат пристојни во облекувањето и однесувањето.
Меѓутоа, покривањето на телото не било доволно за моралот од викторијанскиот период. Сексуалните зборови и споменувањето на делови од телото биле отстранети од „пристојниот“ јазик за да се спречи стимулацијата на грешни сексуални побуди. Било навредувачки да се спомене човечкото тело во мешано друштво од учтивото општество. Нозете станале „екстремитети”, пилешкиот копан станал „темно месо“, а пилешките гради – „бело месо“. Некои луѓе ја одвеле скромноста до крајност покривајќи делови како што се ногарките од пијано. Томас Боудлер (Thomas Bowdler) се потрудил Шекспир да стане „почитуван“, со тоа што објавил десет тома со негови дела во кои се отстранети сите зборови кои алудираат на секс и голотија.
Викторијанското доба траело од средината на 19-от век до раниот 20-ти век. Викторијанството создало општество на спротивности преку етаблирање телесни табуа на нормалните биолошки нагони и потреби. Медицинските книги во тоа време изјавувале дека секоја жена која имала сексуално задоволство е абнормална. Фригидноста на жените била пожелна, а докторите препишувале седативи на оние кои не биле фригидни. Иако било прифатливо мажите да имаат сексуални побуди, медицинската професија предупредувала дека машкото задоволство ќе доведе до перманентно пресушување на нивните психички и физички ресурси.
И покрај сè, гордоста на викторијанскиот сопруг да има пристојна сопруга била фасада која ја криела темната страна. Во тоа време имало повеќе проститутки по жител кои скитале по улиците на Лондон отколку во кој било друг период од историјата на градот. Постоела растечка трговија со порнографија и профитабилно тргување со девици. Биле грабнувани млади девојки: „Нивната вредност на тајниот пазар варирала помеѓу пет и четириесет фунти, зависно од нивната возраст и убавина.“[38] Откако ќе биле обесчестени, овие девојки често се приклучувале во редовите на проститутките.
Тогаш бил процутот на тајните „француски разгледници“, печатени фотографии на голи жени кои според денешните стандарди би биле сметани за нешто повеќе од срамежливи или умерено побудувачки. Меѓутоа, овие картички биле несомнено „непристојни” за лишениот маж кој немал друга можност да ја задоволи природната љубопитност за женското тело. Во овој контекс,т било забележано дека познатите поети кои биле симбол на романсата од 19-от век, Елизабет Берет (Elizabeth Barrett) и нејзиниот сопруг Роберт Браунинг (Robert Browning), никогаш не си ги виделе своите голи тела.
Имало цензура во книгите, уметноста, театарот и танцот. Но голотијата била дозволена во слики со алегориска и ангелска природа. Исто така било дозволено да се гледа измачувањето на голите или проѕирно прекриени светци, а слики од сетилниот, страдателен маж биле изложени во почитуваните домови. „Во полумракот од капелата, Св. Себастијан преовладувал на платното или на каменот како величан постер за побожните, додека Адам и Ева биле вечните егзибиционисти на кои секогаш можело да се смета за спасување на голотијата од заборав. На јасна светлина, сепак, човечкото тело било криено од погледите. Облеката била херметична.“[39]
Но реалноста во световната уметност провоцирала насилни реакции за време на викторијанскиот период. Такви познати дела како Капачи на Гистав Курбе и Доручек на трева и Олимпија на Моне, биле сметани за непристојни. Додека францускиот писател Емил Зола страсно го бранел Моне, опширната колекција на грчки и римски статуи изложени во Ватикан биле „кастрирани“. Скулптурите на голи тела коишто биле испраќани во музеите од страна на мисионерите, биле осакатувани или покривани со тенка ткаенина.
На крајот од четириесеттите години на 20-от век, назначен бил тим од магазинот Life да ги направи првите колор фотографии од славната Систинска капела во Ватикан. Црковните власти соработувале, со еден исклучок. Сите фотографии од прочуениот таван на Микеланџело морале да бидат обработени пред објавувањето, за да се отстрани фронталната голотија од телата. Се разбира, немало рестрикции за фотографирање на фреските на долните ѕидови. Се дознало дека еден од претходните папи назначил уметник да се погрижи за голотијата од пониското ниво, со тоа што насликал наметки над изложените меѓуножја. Бидеји познатиот таван бил непристапен, телата на него не биле подложени на покривање.
Соединетите Држави го имаа Ентони Комсток (Anthony Comstock), озлогласен по неговите крстоносни војни против сè што сугерира на секс или сензуалност. Специјален агент на Американската пошта, започнувајќи од 1868 година, започнал немилосрдна битка против „бесрамноста“, резултирајќи со конфискација на ремек делата на познатите сликари и писатели како Џорџ Бернард Шо, Толстој, Зола, Балзак, Стендал и Флобер. Неговите моќи на цензурирање ја ограничиле телесната слобода, уметноста и материјалите за читање на нацијата за четири декади. А неговите репресивни налози останале дел од поштенските регулативи на САД уште многу години по неговата смрт.[40]
Литератите во тоа време биле во постојана борба со Комсток. Писателите и критичарите се жалеле дека „...многу од неговите случаи се однесувале на книги, драмски претстави и слики кои биле порнографски само во најшироката употреба на имагинацијата.“[41] Комстоковата опсесија со она што го сметал за нечисто, интимно го поврзала со многу од денешните ремек дела на еротиката, како делата на Д. Х. Лоренс и Хенри Милер, Кама Кала, уметничкиот храм на Индија и многу вајарски и сликарски дела од 19-от и почетокот на 20-от век. Тој исто така го основал Њујоршкото здружение за спречување на пороците, му била дадена полициска моќ и носел пиштол додека трагал по развратништво. „Во една прилика тој влегол во бордел и им понудил на три жени 14 долари за да се соблечат, а кога тие го сториле тоа, ги уапсил.“[42] Претходникот на Комсток бил „оган и пекол” – проповедникот Џон Р. Мекдауел (John R. McDowell). Овој заштитник на масите од злото на развратноста бил прикриен порнографски колекциноер.[43]
Можеби најзлобната и деструктивна манифестација на викторијанизмот бил нечувствителниот однос кон домородните култури од страна на религиските мисионери и европските колонисти. Без почит кон домородната гордост и достоинство за нивните религиски обичаи, ниту за практичноста на нивната облека или живеење, арогантното викторијанство инсистирало на конформизам со европските обичаи. Наметнувајќи им облека на оние народи чиишто култури претходно им дозволувале да ја искусат телесната слобода, не било само деградирачко и понижувачко, туку и ефективен и постојан потсетник за нивното „инфериорно“ наследство и статус. Еден извештај од 1894 година од поранешен гувернер на селото Тонга ги опишува овие услови: „беше казниво со казна или затвор да се носи домородна облека, казниво со казна или затвор да се носи долга коса или венец од цвеќиња, казниво со казна или затвор да се бориш или да играш топка, да не носиш маица и панталони, а на некои места казниво и ако не носиш палто и чевли ...“[44]
Христијанските мисионери правеле наметки од кој било достапен извор. Тие често ги приморувале домородците да носат вреќести покривки, но им биле давани и чудни асортимани на отфрлени облеки од Континентот. Ричард Харингтон (Richard Harrington) раскажува како видел „црн работник во Леополдвил како носи розова детска шапка, незнаејќи дека изгледа смешно во очите на белиот човек.. Сум видел Африкански жени како носат стари елечиња наместени над нивните гради за да ги користат како џебови.“[45]
„Бидејќи домородците никогаш не научиле да перат или закрпуваат облека, им требало многу време да се адаптираат на европската облека, која отпрвин била носена додека не се распаднела на парчиња. Тогаш се јавувал голем пад во хигиената што резултирал со кожни заболувања и други инфекции.“[46] Домородците биле подложни на ист вид засрамување да бидат видени во облека, исто како што ние, во облеченото општество, би се чувствувале кога би биле присилени да ја отфрлиме нашата. Зачудува како повеќе мисионери не завршиле во лонците на човекојадците!
Меѓутоа, секогаш имало гласови на протест против моралистичките, антисексуални и уредби за телесниот срам од викторијанскиот период, особено од образованите класи. Во 1833 година, Томас Карлајл (Thomas Carlyle), напишал книга што предизвикала многу дискусии, Sartor Resartus, во која ја предизвикува догмата на неопходноста од облека. Тој расправа за моралното, религиското и политичкото влијание на облеката, шеговито забележувајќи дека ако имало голотија во Горниот дом нивната моќ би била ослабната. Исто така, тој филозофски је зема предвид можноста за гол свет.[47]
Бенџамин Френклин пишува за неговиот дневен ритуал, голо капење на студен воздух секое утро додека чита или пишува. Френклин е забележан како плива во Темза, во Лондон, без облека. Во Лејсин, Швајцарија, доктор Чарлс Ролиер (Charles Rollier) изнаоѓал лекови за туберкулоза и други заболувања со тоа што препорачувал сончање како дел од лекувањето. Британските писатели и артисти како Џорџ Бернард Шо, Оскар Вајлд и Обри Бирдсли, им се потсмевале на нормите на однесување ви нивното општество и ги демонстрирале своите убедувања со повремено носење екстремна облека или прикажување неконвенционално однесување. Во Америка, писателот Хенри Дејвид Торо и поетот Волт Витман, изразиле силни чувства за потребата за враќање на природната невиност и телесната слобода.
Модернизмот на дваесеттиот век
На преминот на векот, познатата танчерка Исидора Данкан започнала да носи слободно драпирана облека, како во секојдневниот живот така и на сцена, велејќи: „живеам во моето тело како дух во облак“. Таа ја восхитувала публиката во Америка и Европа со грациозната нова слобода и експресивност на своите изведби во тенка, лелеава грчка туника. Со отфрлањето на конвенционалноста, Данкан не само што започнала нова мода во танцот, туку го отворила и патот кон модернизмот на дваесеттиот век во облекувањето, исфрлајќи ги корсетите надвор од употреба.
Бунтот против викторијанското облекување во Германија заземал друг правец, каде во 1903 година, Рихард Унгевитер (Richard Ungewitter) ја пишува книгата Die Nacktheit (Голотија), којашто повикува на враќање кон ставовите на античките Грци во врска со голотијата од хигиенски и морални причини. Во 1905 година, Пол Цимерман (Paul Zimmerman) го отвора првото одмаралиште за друштвен и семеен нудизам, Freilichtpark. Во истовреме уште еден Германец, д-р Хајнрих Пудор (Heinrich Pudor), пишува книга со наслов Nacktcultur (Гола култура), во која се обработуваат придобивките од голотијата во едукацијата во машко-женските класови и која упатува на уживањето при спортување ослободено од гломазното облекување. „Д-р Пудор голотијата ја нарекува аристократска, а ропството на облеката, плебејска карактеристика, изјавувајќи дека сите нации кои целосно ги потценуваат правата на своите припадници кон голотијата, рапидно стануваат декадентни“.[48] Нудистичкото движење (денес од интернационален карактер) изникналп од вакви едноставни почетоци, во смела борба против вековниот менталитет на отфрлање на телото.
Женското суфражетско движење започнало да го предизвикува статусот кво пред почетокот на Првата светска војна, но дури по војната цврстото владеење на репресивната моралност започнало да слабее. Кога нивните мажи биле испратени во војна, жените презеделе одговорност во раководење на своите семејства и работеле на места кои дотогаш не им биле достапни. До крајот на дваесеттите години од 20-от век, жените се еманципирале од ограничувачките фустани и ги покажувале своите тела во скратени блузи и кратки здолништа. Жените дури ја отфрлиле и круната на женственоста, скратувајќи ја својата коса. Прикриената љубопитност за голотијата е заменета со отворањето на шоу бизнисот кон голотијата. Ироничниот стриптиз, Ziegfeld’s Follies (Лудостите на Зигфилд), Vanities на Ерл Керол и Scandals на Џорџ Вајт, беа спектакуларни и сензуални изложби на радоста и убавината на женското тело. На посмелата париска сцена, музичката продукција вклучувала целосна голотија.
Меѓутоа, дозволениот гламур на 1920-те бил умртвен од големата депресија што следувала. Дотогаш, телото било ослободено од гломазната облека, сексуалноста била јавно признаена и не изгледало дека ќе има враќање. Сепак, (и покрај тоа) постоеле и многу индикации дека нашата култура во целост не се ослободила од своето наследство на вина и срам, вкоренето во оригиналниот грев запишан во нашиот библиски корен.
Голото тело сè уште се смета за неприродно. Голотијата во американската телевизија е ретка. Преку ден, кога децата гледаат, голотијата не е дозволена. Децата се заштитени од „штетните“ ефекти при гледање природно, нормално и безопасно човечко тело, но телесното насилство се простува како забава за нашите деца и за самите нас. Вака збунувачките вредносни системи помагаат да се пополни психијатрискиот кауч!
[1] Цитирано од анонимен напис во The Los Angeles Times, 3 јануари, 1988.
[2] Tibor Sekelj, “Living in the Jungle”, Nude Living #39 (Los Angeles: Elysium, Inc., 1967).
[3] Henry deHoratev, “The Nudist Pharoah”, Nude Living #9 (Los Angeles: Elysium, Inc., 1962).
[4] J. Herman, „King and Queen of the Sun“, Nudist Adventure #9 ((Los Angeles: Elysium, Inc., 1968).
[5] deHoratev, op. cit.
[6] Ibid.
[7] Anthony J. Papalas, „Greek Attitudes Towards Nudity“, Nudist Adventure #13 (Los Angeles: Elysium, Inc., 1967).
[8] Paul Le Valley, „Ancient India“, Clothed with the Sun, Vol. 6.4 (Oshkosh, WI: The Naturists, Inc., Winter, 1986–87).
[9] Papalas, op. cit.
[10] Lynn Poole and Gray Poole, History of the Olympic Games (New York, Ivan Obolensky, Publishers, 1963).
[11] Ibid.
[12] Papalas,op. cit.
[13] Poolr, op. cit.
[14] Le Valley, op. cit.
[15] deHoratev, op. cit.
[16] Le Valley, op. cit.
[17] ibid.
[18] ibid.
[19] ibid.
[20] Murray Wren, „A Nudist view of Socail History“, Nudist Adventure #9 (Los Angeles: Elysium, Inc., 1966).
[21] Mulk Raj Anand, Kama Kala (Nagel Publishers, 1959) (oд рецензија на книга во Evergreen Review цитирано во Nude Living #2) (Los Angeles: Elysium, Inc., 1961).
[22] Bernard Rudofsky, Are Clothes Modern? (Chicago: Paul Theobald Publishers, 1947).
[23] William Hartm an, Marilyn Fithian, and Donald Johnson, NudistSociety (New York: Crown Publishers, Inc., 1970).
[24] Marvin K. Opler, „TheAbsence of Clothes Doesn’t Mean the Absence of Morality,“ Sexual BehaviorMagazine (January, 1973).
[25] L. Clovis Hirning, „(Clothing and Nudism,“ Encyclopedia of Sexual Behavior, eds. Albert Ellis and Albert Abarbanee (New York: Hawthorn Books, 1961).
[26] Nathaniel Lande, Mindstyles, Lifestyles (Los Angeles: Price/Stern/Sloan, 1976).
[27] Justine Glass, Witchcraft, the Sixth Sense (North Hollywood, CA: Wilshire Book Company, 1974).
[28] Martin Wadestone, „Nudism and Christianity,“ Sundial #19 (Los Angeles: Elysium, Inc., 1964).
[29] Henry deHoratev, „Early Christian Nudists,“ Nude Living #2 (Los Angeles: Elysium, Inc., 1961).
[30] Ibid.
[31] Ibid.
[32] Bernard Rudofsky, The Unfashionable Human Body (Garden City, NY: l)oubleday& Company, 1971).
[33] Jorge Lewinski, The Naked and The Nude (New York: Harmony Books, 1987).
[34] Robert T. Smith, Cult and Occult (Minneapolis, MN: Winston Press, 1973).
[35] Lawrence Langner, The Importance of Wearing Clothes (New York: Hastings Rouse Press, 1959).
[36] Edmund Kieman, „The 19th Century and Nudity,“ Nude Living #1 (Los Angeles: Elysium Publishing, Inc., 1961).
[37] Emily Coleman and Betty Edwards, Body Liberation (Los Angeles: J. P. Tarcher, Inc., 1977).
[38] Lewinski, op. cit.
[39] Rudofsky, The Unfashionable Human Body, op. cit.
[40] Lewinski, op. cit.
[41] Hartman et al, op. cit.
[42] Dennis Craig Smith with Dr. William Sparks, Growing Up Without Shame (Los Angeles: Elysium Growth Press, 1986).
[43] Lewinski, op. cit.
[44] Rudofsky, The Unfashionable Human Body, op. cit.
[45] Richard Harrington, „The Vanishing Nude,“ Nude Living #27 (Los Angeles: Elysium Publishing, Inc., 1965)
[46] Hirning, op. cit.
[47] Kiernan, op. cit.
[48] Ibid.