Елизе Рекли
Зошто анархистите не гласаат?
Сѐ што може да се каже за правото на глас може да се резимира во една реченица.
Да се гласа значи да се отстапи својата сопствена моќ.
Да се избере еден господар или повеќе, на подолго или пократко време, значи откажување од сопствената слобода.
Без оглед дали се работи за апсолутистички монарх, уставен крал или обичен пратеник, кандидатот кој го издигнуваш на тронот, седиштето или фотелјата, секогаш ќе биде твој господар. Тоа се личности кои ги ставаш „над“ законот, бидејќи имаат моќ да ги создаваат законите и затоа што нивна задача е да се погрижат другата страна да им се покорува.
Гласањето е за идиоти.
Бесмислено е, исто како и верувањето дека луѓе како нас за еден миг можат да се стекнат со знаење и разбирање за сѐ, дури трепнеш со очите. Се разбира дека е така. Личноста која ќе ја изгласате ќе мора да носи закони за сѐ под небескиот свод; како треба или не треба да се изработи кутија ќибрит, или како да се води војна; како да се подобри земјоделството, или како најдобро да се уништи некое арапско племе, или неколку црнци. Веројатно верувате дека нивната интелигенција ќе расте сразмерно со разновидноста на предметите на кои ќе ги сосредоточат своите умови; но историјата и искуството нѐ учат поинаку.
Имањето власт излудува; парламентите отсекогаш носеле несреќа. Во владејачките собранија на фатален начин преовладува волјата на оние кои се под просекот, морален и интелектуален.
Да се гласа значи да се подготви срамно предавство и предавници.
Бирачите сигурно веруваат во чесноста на кандидатите, а тоа во извесна мера постои додека трае жештината и виорот на борбата.
Но секој ден има и свое утре. Штом се условат промените и луѓето исто така се менуваат. Денес вашиот кандидат понизно се поклонува пред вашето присуство; утре ќе ви каже: „Марш!“. Од молител за гласови се претворил во ваш господар.
Како може работникот, кој вие сте го сместиле меѓу владејачката класа, да биде ист како и претходно? Затоа што сега може да зборува за рамноправните услови со останатите угнетувачи? Погледнете ја сервилноста на кој било од нив, им се гледа на лицето после посетата на некој богат индустријалец, или кога кралот ќе ги повикува на својот двор!
Атмосферата на „Домот“ (парламентот - заб. на прев.) не е за длабоко дишење; таа е гнила. Ако пратите некого на расипано место, не смеете да се изненадите ако се врати гнил.
Затоа, не откажувајте се од вашата слобода.
Не гласајте!
Наместо одбраната на вашите интереси да им ја доверувате на други, согледајте ги нештата сами. Наместо да се обидувате да изберете советници кои ќе ве водат во иднината, сторете го тоа сами и сега! Луѓето со добра волја не мора долго и залудно да бараат шанса.
Одговорноста за нечии дела да се стави на туѓ грб е кукавичлук.
Не гласајте!