Ема Голдман
Женското право на глас
Се фалиме дека сме време на наука и напредок. Не е ли тогаш чудно што и понатаму веруваме во почитувањето на фетишите? Добро, нашите фетиши се со различен облик и супстанца, но во својата моќ која ја имаат над човечкот ум сѐ уште се погубни како што биле и оние старите.
Нашиот современ фетиш е општото право на глас. Оние кои уште не ја оствариле таа цел, креваат крвави револуции да го остварат, а оние кои уживаат во неговата власт, принесуваат тешки жртви на олтарот на семоќното божество. Тешко на еретикот кој ќе се осмели да го доведе во прашање тоа божество!
Жената, дури и повеќе од мажот, е обожавател на тој фетиш, и иако нејзините идоли можат да се менуваат, таа е секогаш на колена, секогаш со кренати раце, секогаш слепа пред фактот дека нејзиниот бог има нозе од глина. Така отсекогаш жената е најголем поддржувач на сите божества. Исто така, мораше да ја плати цената која само боговите можат да ја бараат - плати со својата слобода, крвта од своето срце, со самиот свој живот.
Славната максима на Ниче „Кога одиш кај жената, понеси камшик“ се смета за многу сурова, а сепак Ниче со една реченица го изразил женскиот став кон нејзините богови.
Религијата, особено христијанската религија, ја осуди жената на подредена положба, положба на робинка. Ѝ го искриви наравот и ѝ ја ограничи душата, а сепак, христијанската вера нема поголеми поддржувачи, никој не ѝ е поверен од жената. Навистина, со сигурност може да кажеме дека верата одамна би престанала да биде фактор во животот на луѓето, да немала поддршка од жената. Најзагрижени „црковњаци“ се жените, најнеуморни мисионери во светот се жените, секогаш принесуваат жртва на олтарот на боговите кои им го оковаа духот и подјармија телото.
Незаситното чудовиште, војната, ѝ го одзеде на жената сето она што ѝ е драго и вредно. Таа ги бара нејзините браќа, љубовници, синови, а за возврат ѝ доделува осаменички и очајнички живот. А сепак, најголем бранител и почитувач на војната е - жената. Таа е таа која влева љубов кон освојувањето и моќта кај своите деца; таа е таа која шепоти за воената слава во ушите на своите малечки и која го заспива своето дете со звукот на трубата и вревата на пушките. Жената исто така е таа која го крунисува победникот кога се враќа од боиште. Но, жената е и таа која ја плаќа највисоката цена на тоа ненаситно чудовиште, војната.
А потоа, тука е и домот. Каков страшен фетиш е тоа! Како тој ја исцицува животната сила на жената - тој модерен затвор со златни решетки! Неговиот сјај ја заслепува жената за цената која мора да ја плати како жена, мајка и домаќинка. Но сепак, жената цврсто се држи до домот, моќта која ја држи во своите окови.
Може да се каже дека жената, затоа што сфаќа каков страшен данок мора да плати на црквата, државата и домот, бара право на глас за да се ослободи. Тоа можеби и важи за неколку жени; повеќето суфражетки изрично ја одбиваат таквата бласфемија. Напротив, тие секогаш инсистираат на тоа дека правото на глас ќе ја направи жената подобра христијанка и домаќинка, сигурна граѓанка на државата. Така правото на глас е само средство со кое се засилува семоќноста на самите богови на кои жената од памтивек им служи.
Зошто тогаш би било чудно што таа е подеднакво толку верна, посветена, на колена пред новиот идол, женското право на глас? Од дамнина трпела прогон, затворање, мачење и секакви облици на осуда со насмевка на лицето. Од дамнина се надевала на просветлување, дури и на чудото од божество на дваесеттиот век - правото на глас. Животот, среќата, веселбата, слободата, невиноста - сето тоа и уште повеќе од тоа треба да извира од правото на глас. Во својата слепа верност жената не го гледа она што умните луѓе го сфатија уште пред педесет години: дека правото на глас е зло, дека само помогна во поробувањето на луѓето, дека им ги затвори очите за да не можат да видат дека се вешто натерани да се покоруваат.
Барањето на жените за еднакво право на глас главно се темели на тврдењето дека жените мораат да имаат еднакво право во сите општествени сфери. Никој не би можел да го негира тоа кога правото на глас би било вистинско. Жали ја боже неукоста на човечкиот ум кој може во измамата да види правда! Бидејќи, не е ли тоа најсурова измама, еден дел од луѓето да создава закони за други луѓе кои се принудени со сила да се покоруваат? А сепак жените бучно ја бараат таа „златна прилика“ која направи толку јад на светот и му го одзема на човекот неговиот интегритет и самодоверба; тоа е измама која сосема ги расипа луѓето и ги направи плен во рацете на бескрупулозните политичари.
Кутриот, глупав, слободен американски граѓанин! Слободен да гладува, да скита по патиштата на таа голема земја, тој ужива општо право да гласа и тоа право го окова во синџири. Наградата која ја прима за возврат се строгите закони за работа кои забрануваат право на бојкот, на демонстрации, всушност на сѐ, освен правото да му бидат украдени плодовите на неговата работа. Но, сите тие страшни резултати на фетишот на дваесеттиот век не ја научија жената на ништо. Но, жената ќе ја прочисти политиката, нѐ уверуваат.
Излишно е да се каже, јас не се противам на женското право на глас што се однесува до конвенционалната причина дека таа нема еднакви права. Не гледам физичка, психолошка, ниту ментална причина зошто жената не би имала еднакво право како и мажот да гласа. Но никако не може да ме залаже бесмисленото поимање дека жената ќе го спроведе она што на мажот не му успеа. Ако и не ги влоши работите, сигурно нема да ги подобри. Поради тоа, да се претпостави дека таа ќе успее да прочисти нешто што не е подложно на прочистување, значи да ѝ се придаде натприродна моќ. Бидејќи најголемата женска несреќа е тоа дека на неа гледале или како на ангел или како на ѓавол, нејзиниот вистински спас е на земјата; имено, нејзиниот спас е во тоа да се смета за човечко суштество, и поради тоа, подложна на сите човечки глупости и грешки. Тогаш, треба ли да веруваме дека две грешки ќе ја поправат работата? Треба ли да претпоставиме дека отровот, кој веќе е вроден во политиката, ќе се намали, ако жените влезат во политичката арена? Најжестоките суфражетки тешко ќе поддржат таква лудост?
Всушност, најнапредните проучувачи на општото право на глас сфатија дека сите постоечки системи на политичка моќ се апсурдни, и дека се сосема непогодни да одговорат на ургентните животни прашања. Тоа гледиште го потврди изјавата на една од најжестоките вернички во женското право на глас, д-р Хелен Самнер. Во нејзиното силно дело со наслов „Еднакво право на глас“, таа вели: „Во Колорадо, еднаквото право на глас служи за тоа да се покаже на најочигледен начин есенцијалната трулост и понижувачкиот карактер на постоечкиот систем“. Нормално, д-р Самнер има на ум одреден систем на гласање, но истото со еднаква сила може да се примени и на целата машинерија на застапничкиот систем. Со таква основа, тешо е да се разбере како жената, како политички фактор, ќе извлече од тоа корист или како ќе извлече корист остатокот од општеството.
Но, велат нашите верни суфражетки, погледнете ги краиштата и државите во кои постои женското право на глас. Погледнете што остварија жените - во Австралија, Нов Зеланд, во Финска, скандинавските земји и во четири наши држави, во Ајдахо, Колорадо, Вајоминг и Јута. Оддалеченоста ја прави магијата - или, да ја наведеме полската формула - „добро е кога не ни е добро“. Така човек би претпоставил дека тие земји и американските држави се разликуваат од другите земји или другите американски држави, дека имаат поголема слобода, поголема општествена и економска еднаквост, дека повеќе го ценат човечкиот живот, подлабоко ја разбираат големата општествена борба, со сите витални прашања која таа ги вклучува во врска со човечкиот род.
Жените во Австралија и Нов Зеланд можат да гласаат и да помагаат во создавањето закони. Дали условите за работа таму се подобри отколку во Англија, каде суфражетките исто така јуначки се борат? Дали мајките таму се посреќни и дали децата се послободни отколку во Англија? Дали жената таму повеќе не се смета за обичен сескуален роб? Дали таа се ослободи од пуританските дволични мерила на моралноста на мажите и жените? Сосема сигурно никој, освен демагошките политичарки, нема да се осмели да одговори потврдно на овие прашања. Зашто, кога би било така, тогаш би било смешно да се истакнуваат Австралија и Нов Зеланд као Мека на еднаквото право на глас.
Од друга страна, оние кои ја познаваат вистинската политичка состојба во Австралија, знаат дека политичарите ги замолчија работниците со најстроги закони за работа, според кои штрајкот без одобрување на арбитражниот одбор е злосторство еднакво на предавство.
Не сакам ниту за миг да имплицирам дека женското право на глас е одговорно за таквата состојба на работите. Сепак, мислам дека нема причина да се посочува Австралија како чудо од земја за остварување на женските права, бидејќи нејзиното влијание не беше способно да ги ослободи работниците од ропството на политичкото шефување.
Финска им даде на жените право на глас; уште повеќе, им даде и право да седат во парламентот. Дали тоа помогна да се развие поголемо јунаштво, пожестока посветеност од онаа на руските жени? Финска го трпи, како Русија, страшниот камшик на крвавиот цар. Каде се финските Перовски, Спиридонови, Фингерови, Брешковски? Каде се безбројните фински девојки кои весело одат на Сибир борејќи се за својата цел? На Финска силно ѝ требаат јуначки ослободителки. Зошто гласачките ливчиња не ги создадоа? Единствен фински одмазник на својот народ е мажот, а не жената, и тој користи поефикасно оружје од гласачките ливчиња.
А во нашите американски држави во кои жените гласаат и кои постојано се истакнуваат како пример за чудо, што остварија во нив жените со гласачкото право, а што во голема мера не го уживаат и жените во другите држави; или што не можат да остварат со силен напор, а без правото на глас?
Навистина, во државите со право на глас за жените се гарантирани еднакви права на сопственост; но од каква корист е тоа за мноштвото жени без сопственост, за илјадниците наемни работнички кои живеат од денес за утре? Дека тоа право на глас не влијаеше и не може да влијае на нивната состојба призна дури и д-р Самнер, која сигурно добро го знае тоа. Како жестока суфражетка која во Колорадо ја испрати Универзитетската лига за еднакво право на глас од државата Њујорк за да собере граѓа во корист на борбата за право на глас, таа би била последната која би рекла нешто штетно за тоа; сепак нѐ извести дека „еднаквото право на глас многу малку влијаеше на економската состојба на жената. Дека жените не се еднакво платени за истата работа и дека, и покрај тоа што во Колорадо имаат право да работат во школите од 1876, учителките се платени помалку отколку во Калифорнија“. Од друга страна, Самнер не го образложува фактот дека, иако жените имаат право да работат во училиштата веќе тресет и четири години и иако имаат еднакво право на глас од 1894, пописот на населението спроведен пред пет месеци покажа дека само во Денвер има петнаесет илјади ученици заостанати во развојот. И сето тоа со мнозинство жени вработени во образовните установи и исто така и покрај тоа што жените во Колорадо ги донеле „најстрогите закони за заштита на децата и животните“. Жените во Колорадо „исклучително се интересираат за државните установи за грижа за зависните, дефектни и деликвентни деца“. Какво страшно обвинение против женската грижа е тоа, ако еден град има петнаесет илјади деца заостанати во развојот. Што е со славата на женското право на глас, бидејќи воопшто не постигна успех кога станува збор за најважното општествено прашање, за децата? И каде е надмоќното чувство за правдата која жената требаше да ја внесе во политичкиот живот? Каде беше 1903 година кога сопствениците на еден рудник поведоа герилска војна со синдикатот на рудари од запад; кога генералот Бел воведе царство на терор, извлекувајќи ги мажите од кревет навечер, грабнувајќи ги долж граничната линија, ги фрлаше во штали за бикови, прогласувајќи „по ѓаволите со Уставот, палката е Устав“? Каде беа тогаш политичарките и зошто не ја покажаа моќта на својот глас? Но, ја покажаа. Помогнаа да се порази најчесниот и најлиберален човек, гувернерот Вејт. Мораше да се ослободи место за орудието на рударските кралеви, гувернерот Пибоди, непријателот на работниците, царот на Колорадо. „Машкото право на глас навистина не можеше да направи ништо полошо“. Го признаваме тоа. Во што се тогаш предностите за жената и општеството од женското право на глас? Често повторуваната теза дека жените ќе ја прочистат политиката исто така е само мит. Таа теза не ја бранат оние кои ги знаат политичките услови во Ајдахо, Колорадо, Вајоминг и Јута.
Жената, во суштина пуританка, e природно зајадлива и немилостива во напорот да ги направи другите добри така како што таа замислува дека мораат да бидат добри. Така, во Ајдахо, го зеде правото на глас од своите сестри од улица и ги прогласи сите жени со „неморално однесување“ неподобни да гласаат. Како „неморална“, секако, не се толкува проституцијата во бракот. Се подразбира дека илегалната проституција и коцкањето се забранети. Во таа смисла законот мора да биде во женски род: секогаш забранува. Во тој поглед сите закони се исклучителни. Тие не одат понатаму, но нивните тенденции ги отвораат сите брани на пеколот. Проституцијата и коцкањето не цветале никогаш повеќе отколку кога законот бил против нив.
Во Колорадо, пуританството на жената се изрази во најдрастичен облик. „Мажите за кои е општо познато водат валкан живот и мажите поврзани со крчмите, испаднаа од политиката откако жените имаат право на глас“ Дали братот Комсток можеше да направи повеќе? Дали сите пуритански отци направиле повеќе? Се прашувам колку жената ја сфаќа тежината на тоа наводно јунаштво. Се прашувам дали разбираат дека токму тоа е она што наместо да ја подигне жената, ја претвора во политички шпион, доушник вреден за презир кој го пика носот во личните работи на луѓето, не толку поради успехот на целта за која се бори, туку затоа што, како што рекоа жените во Колорадо, „сака да влегува во куќи во кои никогаш не била и да открие сѐ што може, политички и поинаку“ Да, да влегува и во човечката душа и во нејзините најскриени катчиња и ќошиња. Зашто ништо не ја задоволува желбата на повеќето жени толку колку скандалот. И дали некогаш досега уживала во такви можности како сега кога е политичарка?
„Тие за кои е општо познато дека водат нечист живот и мажите поврзани со крчмите“ Сигурно собирачите на женски гласови не можат да се обвинат дека имаат мерка. Земаме ли предвид дека тие гњаватори можат дури и да одлучат чии животи се доволно чисти за таа очигледно чиста околина, политика, мора ли да следува дека сопствениците на крчмите спаѓаат во истата категорија? Освен ако американското лицемерие и биготство, толку очигледно во начелото на прохибицијата, кое го санкционира ширењето на пијанството меѓу мажите и жените богаташи, будно внимава на единственото преостанато место за сиромашниот човек. Ако ништо друго, тогаш токму нејзиното тесноградо и пуританско стојалиште за животот жената ја прави голема опасност по слободата, каде и да има политичка моќ. Мажот одамна ги надминал празноверијата кои сѐ уште ги проголтуваат жените. На економското конкурентско подрачје мажот е присилен да покаже ефикасност, моќ за проценување, способност, компетентност. Затоа тој ниту има време ниту е склон да мери нечија моралност со пуритански мерила. И во своите политички активности не е со врзани очи. Тој знае дека количината, а не квалитетот е материјал за политичката мелница, и освен ако не е сентиментален реформатор или стар фосил, знае дека политиката не може да биде ништо друго освен мочуриште.
Жените кои барем малку се вклучени во политичкиот процес, го знаат наравот на тој ѕвер, но во својата самозадоволност и самољубие се тераат себеси да веруваат дека само треба да се погали ѕверот и тој ќе стане благ како јагне, сладок и чист. Како жените да не ги продаваа своите гласови, како политичарките да не можеа да бидат купени! Ако нејзиното тело може да се купи во замена за материјален надомест, зошто не би можел да се купи и нејзиниот глас? А дека тоа се случи во Колорадо и во другите американски држави, не негираат дури ни поборниците на женското право на глас.
Како што реков, женското ограничено гледиште не е единствениот аргумент против тврдењето дека како политичарка жената е подобра од мажот. Има и други. Нејзиниот доживотен економски паразитизам исклучително го замагли нејзиното поимање за значењето на еднавкоста. Гласно бара еднакви права како и мажот, а сепак дознаваме дека „многу малку од нив се согласуваат да агитираат во незгодно опкружување“. Колку малку им значи еднаквоста во споредба со Русинките, кои одат во пеколот за своите идеали!
Жената бара исти права како и мажот, а сепак е огорчена бидејќи нејзината присутност нималку не го ограничува: тој пуши, не го вади шеширот и не станува од својата маса како слуга. Тоа можеби се тривијалности, но тие се сепак клуч за наравот на американските суфражетки. Секако, нивните англиски сестри ги надраснаа тие глупави сфаќања. Тие се покажаа дораснати и за најголемите барања поставени пред нивното значење и моќ на издржливост. Секоја чест за јунаштвото и цврстината на англиските суфражетки. Благодарение на своите силни, агресивни методи, докажаа дека се инспирација дури и за некои од нашите безживотни и без’рбетнички дами. Но после сѐ, на суфражетките и понатаму им недостасува почит кон вистинската еднаквост. Бидејќи, како поинаку ќе се образложи страшниот, огромен напор на тие храбри борци за безначајниот мал закон кој ќе им донесе добро само на еден грст богаташи, а апсолутно ништо на големата маса работници? Навистина, како политичарки тие мораат да бидат опортунисти, мораат да се задоволат со половични решенија ако не можат да се остварат целосни. Но, како разумни и либерални, жените би требало да сфатат дека ако правото на глас е оружје, на развластените им треба повеќе отколку на економски надмоќната класа и дека овие последните веќе имаат и премногу моќ поради својата економска надмоќност.
Сјајната водачка на англиските суфражетки, Емелин Панкхарст, самата призна, кога беше на својата предавачка турнеја низ Америка, дека не може да има еднаквост помеѓу надмоќните и потчинетите. Ако е така, како англиските работнички, веќе економски послаби од дамите кои се повластени со законот на Шаклтон, ќе бидат способни да работат со политички надредени на себе, ако законот помине? Не е ли веројатно дека класата на Ени Кини, толку преполна со жар, верност и мачеништво, ќе биде присилена на својот грб да ги носи политичките шефици, баш како што ги носи своите економски господари? Тоа ќе мора да го прави и тогаш кога во Англија ќе се воспостави општото право на глас за мажите и жените. Без оглед на тоа што работниците работат, тие секогаш мораат да платат. Сепак, тие кои веруваат во моќта на гласањето покажуваат многу малку чувство за правда кога нималку не се грижат за оние на кои, како што тврдат, тоа би можело да им донесе најмногу корист.
Американското движење за право на глас беше, сѐ до неодамна, сосема салонска работа, целосно одвоена од економските потреби на луѓето. Така Сузан Б. Ентони, недвосмислено исклучителна жена, не беше само рамнодушна туку и антагонистична кон работниците; дури не се двоумеше да го искаже својот антагонизам кога во 1860 година ги советуваше жените да ги заменат печатарите во штрајкот во Њујорк. Не знам дали го променила мислењето пред смртта.
Нормално, има некои суфражетки кои се поврзани со работниците - Женската синдикална лига, на пример; но тие се малцинство и нивните активности се само од економска природа. Останатите гледаат на работата просто како на прашање на судбината. Што би било со богатите, кога не би постоеле сиромашните? Што би било со тие безделнички дами, кои дневно трошат повеќе отколку што нивните жртви заработуваат за една година, кога не би постоеле осумдесет милиони наемни работници? Еднаквост, кој воопшто чул за такво нешто?
Малку земји создале таква ароганција и снобизам како Америка. Тоа посебно важи за американската припадничка на средната класа. Таа не само што се смета за еднаква со мажот, туку и за надмоќна, посебно во својата чистота, добрина и во својот морал. Малку зачудува тоа што американската суфражетка смета дека нејзиниот глас има чудесна моќ. Во својата возвишена вообразеност таа не гледа колку е всушност роб, не толку на мажот, колку на сопствените глупави сфаќања и традиции. Еднаквото право на глас не може да го поправи тој тажен факт; може само да го истакне, како што и се случува.
Една од големите предводнички на американските жени тврди дека жената нема само право на еднаква плата, туку дека законски треба да има право дури и на платата на својот сопруг. Ако не успее да ја издржува, би требало да биде осуден на затвор, а неговата заработка од затворот би ја подигнувала неговата рамноправна сопруга. Зарем една друга сјајна поборничка за женското право на глас не тврдеше дека нејзиното прво на глас ќе ја уништи општествената неправда, против која залудно се борат со заеднички сили најодлучните умови во светот? Навистина треба да се жали што наводниот креатор на универзумот веќе нѐ запозна со својата чудесна схема, инаку женското право на глас ќе им овозможеше на жените целосно да го надминат.
Ништо не е толку опасно како сецирањето на фетишот. Ако преживеавме во времето кога таквиот ерес беше казнуван со клада, не го преживеавме тесноградиот дух на осудата од оние кои се осмелуваат да се разликуваат од прифатените сфаќања. Поради тоа веројатно ќе ме прогласат за противник на жените. Но, тоа не може да ме одврати да гледам на тоа прашање без страв на лицето. Го повторувам она што го кажав на почетокот: не мислам дека жените ќе ја влошат политиката; но не верувам ни дека ќе ја подобрат. Ако жената не може да учи од машките грешки, зошто да ги забележува?
Можеби историјата е компилација од лаги; сепак, во неа има и неколку вистини, и тие се единствениот водич кој го имаме за иднината. Историјата на политичките активности на мажите докажува дека тие не ѝ дале апсолутно ништо што не можело да се постигне подиректно, по пониска цена и на попостојан начин. Всушност, секоја педа од земјата која ја добиле, ја добиле со постојана борба, непрестајна борба за своите права, а не правото на глас. Нема причина да претпоставиме дека на жената, во нејзиниот подем кон еманципацијата, ѝ помогнало и дека ќе ѝ помогне правото на глас.
Во Русија, најмрачната од сите земји, земјата на апсолутен деспотизам, жената стана еднаква на мажот, не со правото на глас, туку со својата волја да постои и работи. Не само што ја избори за себе секоја школа и секоја професија, туку ја избори и машката почит, неговиот респект, неговото другарство; па дури и почитта на целиот свет. И тоа не преку еднаквото право на глас, туку со своето чудесно јунаштво, својата храброст, способност, сила на волјата и издржливост во борбата за слобода. Каде се жените во која било земја со еднакво право на глас или во некоја од таквите наши држави, кои можат да се пофалат со таква победа? Кога ќе ги разгледаме постигнувањата на жените во Америка, исто така откриваме дека има нешто подлабоко и посилно од правото на глас во нејзиониот марш кон ослободувањето.
Токму пред шеесет и две години, еден грст жени на конвенцијата во Seneca Falls изнесеоа неколку барања за право на еднакво образование и еднаков пристап до разните струки, занимања итн. Какво сјајно достигнување, каква сјајна победа! Кој освен најнеукиот ќе се осмели да зборува за жената како за обична домаќинка? Кој ќе се осмели да наметнува дека оваа или онаа работа не е за жените? Повеќе од шеесет години таа ја обликуваше новата околина и новиот живот за себе. Стана светска сила во секој домен на човечката мисла и активност. И сето тоа без право на глас, без право да донесува закони, без „повластувањето“ да стане судија, затворски чувар или крвник.
Да, можеби ќе ме сметаат за непријател на жената; но кога би можела да ѝ помогнам да го види светлото, не би се жалела.
Несреќата на жената не е во тоа што е неспособна да работи машки работи, туку во тоа што троши својата животна сила да го надмине, со традицијата на вековите кои ја оставија телесно неспособна да одржи чекор со него. О, знам дека некои успеале, но по која цена, по која страшна цена! Не е важно која работа ја работи жената, туку е важен квалитетот на работата што ја извршува. Со еднаквото право на глас или со гласачкото ливче таа не може да даде нов квалитет, ниту може од тоа да добие нешто што ќе ја подигне нејзината исклучителност. Нејзиниот развој, нејзината слобода мораат да потекнат од неа и преку неа. Прво, така што ќе се потврди како личност, а не како полова стока. Второ, така што ќе одбие кој било да има право на нејзиното тело; така што ќе одбие да раѓа деца, освен ако таа не сака; така што ќе одбие да им служи на Бога, државата, општеството, мажот, семејството итн., правејќи го својот живот поедноставен, но и подлабок и побогат. То ест, така што ќе се обиде да научи што е смислата и суштината на животот во сета негова сложеност, ослободувајќи се од стравот од јавното мислење и јавната осуда. Само тоа, а не гласачкото ливче, ќе ја ослободи, ќе ѝ подари сила каква што светот сѐ уште не видел, сила да сака, да оствари мир, хармонија; сила на божествениот оган; животворна сила; сила која создава слободни мажи и жени.