На 29 ноември 2013 ќе започне судењето за двојниот грабеж во Велвендо-Кожани. Ќе се одржи во женскиот оддел на затворот Коридалос (а не како што на почетокот беше најавено, во судот на улицата Лукареос). Судницата, светиот бордел на правдата, отсекогаш била простор во кој владејачката класа – власта – ја докажувала својата надмоќ над „илегалните“ во оваа држава.

Затоа прашањето на солидарност е постојана пречка кога станува збор за анархисти, па затоа цајканите од секој вид (интервентни единици, во цивил, антитерористички единици) брзаат да ги исполнат судниците за да го попречат нејзиното изразување. Меѓутоа, согледувајќи го неуспехот на таквото делување и постоењето на евидентната зариженост за „безбедноста“ на префрлувањето (од затворите во судниците) на голем број анархисти, обата проблеми ги решија со помош на специјални судници (засега две) внатре женскиот оддел. Јасно е дека промената на местото на судење е резултат на тие две причини. Од една страна минимален ризик на логистичко ниво, а од друга регистрирање на сите солидарни кои сакаат да влезат.

Нам местото на судење не ни прави разлика, судницата е непријателски простор, без оглед дали се ноаѓа во затвор или во висечките градини на Вавилон. А ако тактиката на регистрирање ја ограничува присутноста на другарите во судницата, никој и ништо нема да ја спречи силата што ја добиваме од извиците и гласовите кои ги пробиваат затворските ѕидови и блиндираните возила.

Освен тоа, за нас револуционерната солидарност не се ограничува на моментите на поддршка за време на судењето. Судницата е само простор во кој непријателот ја потврдува својата победа, механизам на асимилација на репресивното насилство со демократска идеологија. Во нашиот случај нема да има вообичаен „притисок“ на судиите за да се постигне поблага пресуда. Одлуките се однапред одредени. Но, нас тоа не нѐ интересира, бидејќи ние сме непријатели на судиите, не затоа што сме им на мета, туку затоа што нивна задача е да уништуваат луѓе под закрила на авторитетот на државата.

Солидарноста е непрекинат однос. Облиците на нејзино изразување се различни и се конкретизираат во миговите на напад врз системот. Се разбира, протестот пред самата судница може да биде еден од тие мигови, но тој не е ниту услов ниту единствен израз на солидарност. После сѐ, солидарноста со затворените револуционери не е статистика која ја наметнува моментот, таа е потреба, чувство, остварување на борбата на заедницата, со сите средства кои другарите ќе ги изберат за изразување на својата солидарност, дали со присуство пред судницата или со напад врз сето она што ја претставува моќта вмешана во нашето судење.

На крај сакаме да нагласиме дека сите ОДНОСИ МЕЃУ ДРУГАРИТЕ кои нѐ обединуваат, нашата заедничка визија за слобода, соништата кои ги делиме, никогаш нема да бидат нарушени од каков било облик на поделба кој се однесува на ставовите во однос на судењето или разните обвиненија против нас. Тоа што некои од нас, на пример, ќе имаат адвокати, а други не; тоа што некои ќе ја преземат одговорноста за грабежот, а некои не; не се причина за создавање поделби во борбената заедница, која нѐ обединува зад решетките.

Суштината на ова судење лежи во фактот дека државата и нејзиниот механизам судат анархисти кои се спротивставуваат на системот, кои се негови непријатели. Помалку е важно на кој начин ќе се погрижат што подолго да нѐ држат како заложници.

Нивниот главен интерес е да нѐ осудат како НЕПРИЈАТЕЛИ на системот. Ние, пак, не ја признаваме дихотомијата невин-виновен (во оваа, како и во секоја друга судска постапка против анархистички борци). Во нивниот свет ние сме виновни, виновни во однос на нивната „невиност“. Нашите мисли и нашите срца се со сите оние кои се борат против авторитетите.

БЕС И СВЕСНОСТ


Фивос Харисис, Аргирис Далиос, Јанис Михаилидис, Димитрис Бурзукос, Димитрис Политис, Никос Романос