Наслов: Вовед во „Политичката илузија“
Датум: 1965
Извор: Jacques Ellul, L'illusion politique. Paris: Robert Laffont, 1965. The Political Illusion. Trans. Konrad Kellen. New York: Knopf 1967. New York: Vintage 1972. стр. 2–7
Забелешки: Превод: Алек Кузмановски, 2013. Според преводот на Алекса Голијанин, 2011.

„Луѓето ќе се занесат во илузијата на слободата; илузијата ќе биде нивната татковина.“ – Сен-Жист (Saint-Just, 1767-1794)

Во седумнаесеттиот век, можевме да пишуваме за комичната илузија. Во нашето доба, илузијата стана трагична. Таа сега е политичка.[1] Луѓето од нашето доба, со уште поголем жар отколку оние од деветнаесеттиот век, ги врзуваат своите страсти и надежи за политичките прашања, но живеат во необично мачен политички транс. Наспроти претходните искуства, не сме стекнале реалистична претстава за својата положба, додека постојаното вплеткување на митот ги осуетува политичките импулси, а нашите размислувања ги прави застарени. Поточно, околностите нè наведуваат да се занимаваме со вчерашните извесности; стануваме свесни за безначајноста на јавното мислење, дури и кога тоа се афирмира со некој величествен плебисцит; знаеме дека суверенитетот на народот е етиолошки мит, кој не може да се оствари; знаеме дека „општото гласање не е ниту ефикасен процес на контрола или оценување на режимите, ниту најдобро средство за арбитража во борбата помеѓу политичките и општествените сили кои се во конфликт, ниту процес кој е соодветен за избор на најспособните лидери.“[2]

Иако настаните од дваесеттиот век јасно покажаа дека политичките поими од деветнаесеттиот век, негувани како вистини, за нас станаа само бледи митови, повеќето од нашите сограѓани и понатаму живеат во нив. Меѓу нив се и сентименталните демократи, христијанските идеалисти, како и оние кои му се толку верни на минатото, што како доказ за промена не прифаќаат ниту еден политички настан од Француската револуција па наваму. Но, настаните сепак ги потресоа тие старински убедувања. Правните и уставните структури, кои им одговараaт на старите митови, мораa да станат сè посложени, за да ја задржат илузијата на ефикасноста. Но, дури и тие илузии ја загубијa својата привлечност. Последицата од тоа е дека во последните дваесет години присуствуваме на подемот на нови ѕвезди на хоризонтот, постепениот развој на нови митови, кои ги заменуваат оние застарените, создавањето на нова политичка илузија, која – како и секогаш – треба да ја прикрие реалноста што нè притиска и која не можеме да ја контролираме. Затоа сметам дека ако уште имаме какви било шанси повторно да пронајдеме некаква вредност во заедничкиот живот, мораме да ги отфрлиме сите минати и сегашни митови и да стекнеме целосна свест за политичката реалност, онаква каква што навистина е.

Но, не верувам дека таа реалност може да се согледа со помош на алатот кој денес е прифатен нашироко: со помош на математичката, експерименталната и микроскопската социологија. Таквите обиди, толку импресивни во некои аспекти, донесуваат веродостојни податоци само по цена на напуштање на предметот на истражувањето. Да се занемарат мноштво фактори за да се проучи само еден, да се шематизира однесувањето за да може да се класифицира, дозволување на предрасуди внимателно маскирани во крајно објективни методи – тоа се само некои од недостатоците на таквата социологија.[3] Нејзините методи не можат да ни овозможат премин од микроскопска анализа кон макроскопски заклучоци. Една нова студија[4] ни ја посочи сета сложеност на тој проблем и ни откри како екстраполацијата на резултатите од микроскопската анализа води во чудесен свет, кој никако не се совпаѓа со политичката реалност. Таквите истражувања наметнуваат одредени претстави за политичката реалност и се обидуваат да утврдат одредени обрасци, никогаш не соочувајќи се со вистинските политички прашања: секогаш недостига некој суштински елемент, секогаш останува занемарен некој основен аспект! Дискурзивниот метод, иако наизглед помалку прецизен, на крајот се покажува како поточен.

Како и некои христијани кои постојано зборуваат за бога, христијанството и својата вера, затоа што ако престанат да зборуваат би можеле да се соочат со неизмерна празнина, така и ние зборуваме за политиката, во несвесното настојување да ја прикриеме суетноста на нашата реална положба. Станува збор за замена на она што недостига, повикување на некој недофатлив ентитет, магиски обред, илузорно присуство на нешто за кое човекот мисли дека може да се фати со помош на јазикот. Во тоа има и автосугестија: зборувам нешто и потоа го повторувам; оттаму, тоа постои. Точно е дека човечкиот збор постои и дека, на некој начин, со тоа можеме да се задоволиме. Можеби зборовите се несвесна реакција на бавното и критичко будење на нашата свест. Затоа што празнината, како неизбежен факт, би била неподнослива, мораме да ја уништиме тишината со својот говор и да ја исполниме празнината со звук, за таа да не стане премногу застрашувачка. Употребата на звукот и говорот како замена за суштината е обред кој се навраќа сè до почетокот на човечкиот вид. Де Сад го пишувал својот дневник за да ги воздигне просечните искуства и некако да го надополни отсуството на своите amorous ancillaries (љубовни помагачи). Во средината на деветнаесеттиот век, луѓето почнале да зборуваат за културата, само за да се жалат дека таа е во криза. Бескрајните приказни придонеле за ненадејно пропаѓање на културата, како што и земјата која масовно се воооружува постојано зборува за мирот и продолжува во прв план да ги турка гулабите и маслиновата гранка. Исто така, некој диктатор, со својата полиција и партиската организација, е тој кој ќе ги поттикне своите најжестоки поддржувачи да држат говори за тоа како слободата е конечно стекната, а демократијата остварена.

Ако некоја работа е завршена, зошто да се зборува за неа? Ако навистина се живее во мир и слобода, зошто од нив да се прави предмет за приказна? Само нивното постоење и уживањето во нив би требало да бидат доволни. Ако нешто има во изобилство, што може друго да се додаде? Љубовникот соединет со саканото суштество никогаш не пишува песни; поезијата се создава само како последица на отсуство и загуба. Поезијата е само вербална афирмација на љубовта, кога од неа останал само облак, жалење, треперење кое само ја влошува нашата несигурност.

Понекогаш на дело ја затекнуваме макијавелистичката волја, намерните измами на луѓето потполно свесни за вистинската состојба – диктаторското владеење, магискиот обред – како и луѓето кои на ефикасен начин, со посредување на инспиративни зборови, доживуваат некаква стварност која само го симулира тоа што им е одземено. Слободата дури може да делува пореално кога ќе ја прогласи некој лидер, во сенката на својот Гестапо, отколку во парализата што се појавува заради различните можности кои ни ги нуди нашата ослабена способност за одлучување. Сепак, многу почесто, вербализациите на политичките лидери доаѓаат од човечкото срце како спонтани, длабоки одговори, кои треба да ја прикријат неподносливата ситуација во која може да се покаже дека она за што најмногу се грижиме може да се покаже дека всушност е пораз, сенка, отсуство, илузија. Но, ние се држиме до таа илузија; сме ја избрале како своја вредност; мораме да веруваме во неа; таа мора да остане независен и постојан предмет на кој можеме да се потпреме, од кој можеме да живееме. Тогаш можеме да зборуваме за неа и да го повторуваме тоа како волшебни зборови, за да се увериме дека тоа го поседуваме, познаваме, уживаме во тоа. Илузијата станува длабоко правило, кое постојано се потврдува, но и теорема на политичката интерпретација: режимот кој најмногу зборува за некоја вредност е режим кој свесно или несвесно ја негира таа вредност и ја спречува да се оствари. Тоа е она што нè допира на поскромен политички план. Секој ден се појавуваат нови научни, полемички, дидактички и филозофски студии за политиката и демократијата. Секоја од тие студии – и оваа мојата, над сите – сведочи за нашата приврзаност со тие човечки достигнувања, политиката и демократијата, но и за стравот што нѐ измачува, затоа што, длабоко во душата, добро знаеме дека од нив не останало ништо освен зборови.

 

 

[1] Не може да се пронајде ниту една дефиниција на „политичкото“ која во ист замав би била исцрпна и општо прифатлива. Разликите во ставовите во таа област се добро познати. Сепак, тој поим овде ќе го користам делумно во вообичаената смисла, делумно во ограничена смисла, т.е не само во однос на одреден систем. На пример, според моето мислење, политичката материја (“le politique”) е домен, односно сфера од јавно значење, што ја создава и претставува државата. Политиката (“la politique”) се однесува на делувањето кое се одвива во тој домен, на однесувањето на политичките групи и какво било влијание кое може да се поттикне врз основа на тоа однесување. Затоа во другиот поим го вклучувам и занимавањето со „јавните прашања“, како облик на конкуренција помеѓу групите кои за себе тврдат дека можат да ги решат проблемите кои се појавуваат во општеството.

[2] L’Etat et le citoyen, во издание на Club Jean Moulin, Paris, Editions du Seuil, 1961.

[3] Pitirim Sorokin: Tendances et deboires de la sociologie americane, Paris, Editions Montaigne, 1959. Оригинално објавено како Fads and Foibles in Modern Sociology and Related Sciences, Chicago, Henry Regnery Co., 1956. Jaques Ellul: Propagandes, Paris, A. Colin, 1962.

[4] Francois Bourricaud, Esquisse d’une theorie de l’autorite, Paris, Plon, 1961.