Лоренс Џарач
Анархисти, не дозволувајте левицата да ви го расипе расположението
Анархистите и меѓународното движење на трудот, прв дел
Интермецо: Анархистите во Мексиканската и Руската револуција
Анархистите и меѓународното движење на трудот, втор дел
Шеесеттите и седумдесеттите години од 20 век
Вовед
Непријатниот однос помеѓу анархистите и левичарите постои уште од времето кога Прудон јасно се изјаснил како анархист пред 150 години. Од шеесеттите години на 19 век, па сѐ до триесеттите од 20 век, повеќето анархисти себеси се сметале како дел од меѓународното движење на трудот, дури и во моменти кога постоеле сериозни конфликти во него; левичарските анархисти се гледале себеси како радикална совест на Левицата - левица на Левицата. Но по смртта на анархизмот од 19 век на барикадите во Барселона во мај 1937, анархистите немаа движење кое можеа да го наречат за свое. Како резултат на тоа, многу анархисти се вклучени во левичарски проекти, правејќи се наудрени за понекогаш фаталниот ривалитет кој постоел меѓу тие две тенденции. Заведени се или од навидум антиавторитарните карактеристики на таквите групи (како децентрализацијата) или од употребата на одреден анархичен вокабулар (директна акција, на пример).
Најзабележливиот неодамнешен пример е раширената анархистичка поддршка и солидарност за EZLN (Запатистичка војска за национално ослободување). Самото име на организацијата треба да е доволно за анархистите да застанат и да се замислат: националното ослободување никогаш не било дел од анархистичката агенда. Употребата на мексиканското знаме на собирите на EZLN јасно става до знаење дека EZLN е мексиканско движење, не интернационално. Имајќи го предвид мексиканскиот контекст, нивното барање за фер избори е прилично радикално, но тоа и понатаму е етатистичко барање и како такво во ниту еден аспект не може да биде анархистичко. EZLN, и покрај сето револуционерно позирање, е демократско движење со широка база кое се залага за прогресивна општествена промена внатре структурата на мексиканската држава; тоа е левичарско, либерално, социјалдемократско, постмодерно, храбро (именувајте го како сакате) во лице на моќта со која се соочува и официјалната репресија... но не е анархистичко. Запатистите не ја одбиваат солидарноста од анархисти, но од тоа да се изведе заклучок дека и тие самите се анархисти - па дури и антиавторитарци - во најдобар случај е само пуста желба. Одликите не се исто што и дефинициите.
Анархистите и меѓународното движење на трудот, прв дел
Првото место каде што се појавил судирот помеѓу левичарите и анархистите е Првата интернационала (1864-76). Покрај добро познатата лична нетрпеливост помеѓу Маркс и Бакунин, помеѓу слободарските социјалисти и авторитарните социјалисти се јавиле и конфликти во однос на наводните цели на Интернационалата: кој е најдобриот начин да се еманципира работничката класа. Главната тактика која ја поддржувале авторитарците била преку парламентарни процедури (гласање за пратеници) и во рамки кои го прифаќале постоењето на државата. Надвор од изборната арена, но останувајќи цврсто внатре државната агенда, се наоѓало и барањето за правото на работниците законски да формираат синдикати. Спротивно на тоа, слободарите се залагале за директна акција (секоја активност која се презема без одобрение, помош или поддршка од политичарите или други избрани службени лица). Штрајковите и окупациите на работните места се најдобар пример за овој метод. Левичарите преферирале убедување и поднесување петиции до владејачката класа додека анархистите, препознавајќи ја бесполезноста на овој приод, преферирале работите да ги преземат во свои раце: доколку е можно на мирен начин, а доколку е нужно и понастојчиво.
Друг судир бил поврзан со прашањето за национализамот, кое било одраз на антагонизмот помеѓу централизацијата и децентрализацијата. Мнозинството интернационалисти, национализмот го сфаќале како прогресивна сила затоа што водел до консолидација и понатамошна индустријализација на природните ресурси и средствата за производство. Тоа од своја страна создавало поброен пролетаријат, а побројниот пролетаријат значел и поголема шанса за успешна револуција. Повеќето анархисти исправно го сметале национализмот за сила спротивставена на федерализмот, основниот метод на организирање на слободарите. Овие и други непомирливи конфликти помеѓу двете тенденции (како на пример местото на поединецот во класната борба) довеле до пропаѓање на Интернационалата. Распадот започнал во предвечерието на Париската комуна во 1871; кога Маркс веќе успеал да го премести Генералното собрание во Њујорк во 1872 (далеку од слободарското влијание на шпанската, француската и италијанската секција), Бакунин и други водечки анархистички активисти веќе биле исфрлени од организацијата. Вратата на Интернационалата останала отворена за поединци анархисти, доколку се откажеле од своите антиавторитарни принципи. Првата интернационала била зона без анархисти во последните четири години од своето постоење.
Социјалдемократите (марксисти или немарксисти, но секогаш антиреволуционерни) кои започнале да работат на создавањето на Втората интернационала (1889-1914), веќе се согласиле (поради самиот факт дека повеќето биле членови на легални социјалистички партии) нејзините методи да бидат мирни и законски. Се залагале за универзално машко право на глас, со агенда нивните членови да бидат избрани во законодавни тела со цел изгласување просиндикалистички закони, за на крај биде озаконет и самиот социјализам. И покрај целосното отсуство на дискусија за директна акција, федерализам или револуција, сепак имало некои анархисти (повеќето синдикалисти кои копнееле да се придружат на некоја голема организација) кои сакале да учествуваат. Но биле одбиени; Втората интернационала уште од почеток била без анархисти.
Интермецо: Анархистите во Мексиканската и Руската револуција
Мексиканската револуција започнала во 1910, првенствено како бунт на средната класа против корумпираниот и ултраконзервативен porfiriato (владеењето на Порфирио Дијаз/Porfirio Diaz). Анархистите биле вклучени во агитацијата за рушење на Дијаз, а најмногу членовите на PLM (Либералната партија на Мексико), чиј главен теоретичар бил Рикардо Флорес Магон (Ricardo Flores Magon). PLM останала активна во текот на револуционерниот период. Се обиделе да придобијат поддржувачи за програмата за радикална прераспределба на земјата меѓу војските на селаните на Вила (Villa) и Запата (Zapata), и во голема мера биле успешни.
Друга арена за анархистичка агитација била Casa Del Obrero Mundial (Дом на светскиот работник) во Мексико Сити. Домот бил место каде што се собирале анархосиндикалистите, револуционерните синдикалисти и социјалистите. Нивниот фокус бил на легализирањето на синдикатите и други аспекти од индустриските односи наместо на аграрното прашање, иако мнозинството од сиромашните луѓе и работниците во Мексико биле селани без земја. Мнозинството на оние вклучени во Домот биле приврзаници на филозофската тенденција која своите членови ги дефинирала со терминот cientificos (повеќе или помалку „научници“): рационални, урбани, цивилизирани. Како такви, тие биле згрозени од употребата на сликата на Дева Марија од Гвадалупе на знамињата на првите запатисти. Згора на тоа, нивната постојана соработка со авторитарните социјалисти по сѐ изгледа ја поткопала и нивната приврзаност за слободарските принципи; толку многу што станале партнери во Црвените баталјони, кои биле организирани од конституционалистите од левиот центар за борба против запатистите. Тоа била првата (за жал не и последна) исклучително срамна епизода од анархистичката историја, кога авторитарците ја искористиле лековерноста на анархистите за своја корист.
Наместо да се обединат со радикалните селани од руралните области околу вистинска револуционерна програма за целосна експропријација на земјиштето и индустријата (согласно својот проглас), синдикалистите од Домот претпочитале да се здружат со нивните антирадикални легалисти и левичарски ривали да убиваат и да бидат убивани од селаните револуционери. Подоцна, како резултат на генералниот штрајк од 1916, Домот и сите синдикати биле забранети, а нивните порадикални лидери егзекутирани или затворени, со што речиси сета урбана револуционерна активност замрела. Новите владетели конституционалисти, сфатиле дека анархосиндикалистите, поранешните сојузници на прогресивните левичари, не можеле да бидат толку лесно скротени како автортиратните социјалисти со ветувања за легален статус, а на левичарите, пак, не им пречело многу тоа што нивните слободарски ривали биле исфрлени од играта.
Рушењето на царскиот режим во Русија во февруари 1917 е клучниот момент на левицата од 20 век. Одеднаш политичките партии биле декриминализирани, политичките затвореници амнестирани, смртната казна укината. Револуционерната активност непречено се ширела, во која доминирале Социјалистичките револуционери (СР; Социјалистичката револуционерна партија - заб. на прев.) во руралните делови, болшевиците (левото крило на Социјалдемократската партија на Русија) во градовите и армијата, и анархистите насекаде (нивното влијание било далеку поголемо од нивната бројност). Во првите месеци од Руската револуција, СР и анархистите застанале зад слоганот: „Земјата на селаните; фабриките на работниците“; болшевиците се двоумеле околу слоганот како програма, бидејќи тие ја следеле попретпазливата линија на размислување дека масите сепак треба да бидат предводени од технократи и други паметни луѓе како нив. Но бидејќи моментумот и ентузијазмот на револуционерната самоорганизирана активност продолжила (во форма на совети и фабрички комитети), Ленин и болшевичкото раководство исто така го прифатиле слоганот. А наскоро се појавил уште еден слоган: „Сета власт на советите“.
Секој од слоганите бил поинаку толкуван од различните револуционерни тенденции. За анархистите и левото крило на СР (десното крило на СР претходно се оддалечило од револуционерните аспекти на програмата на СР во полза на исклучиво парламентарно делување) слоганот “Земјата на селаните; фабриките на работниците“ значел токму тоа: селаните и работниците да имаат целосна контрола врз она што го произведуваат, како го произведуваат и како, кога и каде го дистрибуираат. Федерализмот бил организацискиот метод кој се претпочитал во таква ситуација. Меѓутоа, за болшевиците таквата независна и децентрализирана самоорганизираност била незамислива; државата треба да одлучува како и кога стоката ќе се произведува и дистрибуира. Централизираното планирање било истакнувано како единствениот ефикасен и праведен начин за контрола на производството и дистрибуцијата. По освојувањето на државната власт од страна на болшевиците во октомври 1917, „Сета власт на советите“ станал официјално одобрениот слоган, со што бил ставен крај на проблематичната работа со земјата и селаните и фабриките и работниците.
Слично на тоа, постоеле и разлики во толкувањето на „Сета власт на советите“, зависно од која партија доаѓале. За болшевиците тој значел влада од претставници од советите на работниците, селаните и војниците плус членови од партијата, кои, заедно, би ја спровеле на дело и предводеле диктатурата на пролетаријатот. За левото крило на СР и анархистите, слоганот значел федерација од совети и фабрички комитети со или без делегати; за анархистите тоа исто така значело и непостоење на држава.
Разликите во толкувањето прераснале во вооружен судир само шест месеци откако болшевиците ја презеле власта. Советите почнале да се претвораат во органи кои само ги ратификувале извршните одлуки на болшевиците, додека понезависните фабрички комитети биле укинати. Анархистите и левото крило на СР кои посочиле на оваа антиреволуционерна тактика биле уапсени од Чека, а регуларната полиција извела слични рации во анархистичките центри во Петроград и Москва; анархистите возвратиле со оган, но на крај сепак се предале. Уапсените анархисти кои преживеале, следната година биле депортирани.
Во меѓувреме, во Украина од 1918 до 1921, Востаничката војска на Махно создавала ослободени зони за работници и селани така што ја охрабрувала и помагала експропријацијата на земјата и фабриките, истовремено водејќи тотална војна против белогардејците (монархистичките контрареволуционери), украинските националисти (републиканците и социјалистите) и, повремено, против Црвената армија на Троцки. Двапати биле склучени формални мировни спогодби помеѓу Црвената армија и Востаничката војска, и двапати болшевиците ја прекршувале кога тоа им одговарало на нивната воена и државна политика, апсејќи ги - а почесто егзекутирајќи ги - анархистите востаници. За руските анархисти кои ги поддржувале махновистите (имало многу кои не ги поддржувале, верувајќи дека воената структура е некомпатибилна со вистинските анархистички идеали), тоа претставувал дефинитивен раскин на нивната љубовна афера со болшевиците.
Пролетта 1921, болшевиците се соочиле со најсериозната закана по нивната власт и нивната маска на партија на пролетаријатот. Во поморската база на островот Кронштат, во близина на Петроград, избувнал бунт. Морнарите, војниците и работниците, фрустрирани од сѐ подеструктивната политика на Воениот комунизам, како и од суровата реакција на болшевиците при еден штрајк на фабричките работници во Петроград, започнале протест против владините неправди. Нивните барања вклучувале крај на присилната реквизиција на житото во руралните области, укинување на смртната казна, слобода на говорот и печатот за сите социјалистички групи (вклучувајќи ги и анархистите) и отворени (односно не по налог на Комунистичката партија) избори во советите. Многу малку анархисти биле вклучени во бунтот (повеќето веќе биле уапсени или убиени, а Кронштат бил болшевичко упориште), но незадоволството и барањата на кронштатците се совпаднале со анархистичката критика на советскиот режим.
Ленин и Троцки обзнаниле многу лажни осуди кон бунтовниците, често користејќи и целосно фабрикувани измислици за нивните лидери. Се плашеле од влијанието што повикот (кој доаѓал од упориште на докажана револуционерна активност) за децентрализација и директна демократија би можел да го има врз популацијата свесна за Воениот комунизам (со оглед дека граѓанската војна завршила пред повеќе месеци) и сѐ уште посветена на револуционерните слогани за „Сета власт на советите“ и „Земјата на селаните; фабриките на работниците“. Болшевиците, повеќе наклонети кон државничките методи наместо кон револуционерната солидарност и компромис, го нападнале островот и ги масакрирале бунтовниците кои го преживеале военото угнетување. Дури и за анархистите кои биле подготвени да ги простат авторитарните ексцеси на болшевичката власт, ова било премногу. Многумина доброволно заминале од Русија, отприлика истовремено кога биле депортирани и анархистите-дисиденти, ослободувајќи ја Комунистичката партија од своите најрадикални противници. По тој настан, Советскиот Сојуз повеќе не бил обременет од влијанието на анархистите.
Анархистите и меѓународното движење на трудот, втор дел
По консолидацијата на болшевичката власт во Русија, во 1919 е формирана Третата - или Комунистичката - интернационала. Неруските анархисти, возбудени од реалната можност револуцијата да се прошири низ целиот свет по стапките на Руската револуција, на почетокот ги затворале очите пред централизираната и авторитарна природа на организацијата (исто како што нивните руски еквиваленти не ги забележувале истите аспекти на болшевичката држава во првите години од нејзиното постоење). За време на првата конференција на Коминтерната, мнозинството руски анархисти биле или мртви или зад решетки (и покрај уверувањето на Ленин дека во неговите затвори нема вистински анархисти - само криминалци). Александар Беркман, Ема Голдман и анархосиндикалистите од целиот свет кои биле присутни, лобирале Советската влада да ги ослободи од затвор таканаречените криминалци; Русите биле молчешкум ослободени и протерани. Членовите на американските Индустриски работници од светот (IWW, Industrial Workers of the World) и шпанскиот CNT (Национална конфедерација на трудот) одбиле да се приклучат на Коминтерната.
Лениновото дело „Детската болест на левичарството во комунизмот“ било објавено 1921 година, истата година кога бил задушен Кронштатскиот бунт, кога биле уништени Востаничката војска на Махно и слободарските комуни во Украина и кога била применета неокапиталистичката Нова економска политика. Оваа тирада главно била наменета за советничките комунисти и останатите независни револуционерни социјалисти, но нападите за „анархосиндикалистичка девијација“ била упатени кон сите противници на Ленин. Сите кои беспоговорно не ја поддржувале политиката на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз и нејзината методологија на демократски централизам биле прогласени за контрареволуционери. Обидот меѓународното движење на трудот да се стави под диктат на штабот во Москва, од кој трактот на Ленин е најјавниот аспект, бил речиси целосно успешен. Социјалистичката стратегија на една земја била јавно прогласена и промовирана, а преку централизираната и дисциплинирана хиерархија, Коминтерната можела понатаму да се користи за целите на советската надворешна политика.
Шпанија
Револуционерниот одговор на обидот за воен удар во Шпанија во јули 1936, резултираше со граѓанска војна помеѓу бранителите на стариот монархистички поредок и поддржувачите на пет години старата парламентарна демократија. Членовите на обемната анархосиндикалистичка CNT биле доведени во незгодна позиција: да поддржат еден вид на власт пред друг. Некои избрале да ги следат револуционерните цели наместо да станат владини анархисти, но мнозинството се одлучиле за соработка со легалистите - некои дури влегле во владата и станале министри.
Во тоа време Коминтерната ја прифатила антиреволуционерната политика на Народниот фронт, кој се залагал за парламентарна демократија наспроти фашизам преку сојуз на републиканците, прогресивците од средната класа, социјалдемократите и комунистите. Ова конечно отфрлување на класната борба директно довело до вооруженото задушување на CNT и антисталинистичката POUM (Работничка партија за марксистичко обединување) во мај 1937 - двете масовни организации во Шпанија кои барем номинално биле посветени на некаква револуција - од страна на Народниот фронт предводен од комунистите. Меѓународното движење на трудот останало под контрола на сталинистите и следната деценија.
Левицата
Левицата непрекинато се идентификува со меѓународното движење на трудот уште од времето на Првата интернационала; со промената на фокусот од западна Европа кон Русија на почетокот од 1917, кој продолжил и во шеесеттите години од минатиот век, левичарите се идентификувале себеси во однос настаните кои се случилувале во работничкиот рај. Без оглед дали станува збор за ленинисти, троцкисти, сталинисти или неленинисти-комунисти, секоја сорта левичари има посебно гледиште за тоа кога нештата тргнале наопаку (или не тргнале) со рускиот револуционерен експеримент.
За анархистите кои се сметале себеси за дел од левицата и по дебаклот на Интернационалите, овој метод на себеидентификација создал криза: дали да се прилагодат на политиката на ленинизмот или да ги отфрлат сите можни алузии на авангардизмот. Повеќето го избрале ова второто, но некои (вклучувајќи го и поранешниот махновист Аршинов и самиот Махно) останале наклонети на милитаристичкиот авангардизам на „Анархистичката платформа“. Нивните попринципиелни анархистички противници ги нарекувале платформистите „анархоболшевици“, според кои само неконтролираното авторитарно однесување на болшевиците било она кое ги навело да ја напуштат вистинската револуција; нужното постоење, како и целите и методите на милитаризирана револуционерна авангарда свесна за себе, биле во целост прифатени. Таквата анализа ја отфрлува идеја за масовна самоорганизирана револуција, заменувајќи ја со вооружена акција на малцинството; ова ги зацврстило платформистите внатре тактичката рамка на ленинизмот. Тоа не е прв - ниту последен - пат анархистите да флертуваат со поавторитарните аспекти на радикалната теорија и практика. Многу анархисти нема да се согласат со проценките од Платформата.
Главната лекција од анархистичкото присуство во однос на првите две Интернационали е таа дека социјалистите претпочитаат анархистите да бидат невидливи и тивки. Револуционерното искуство од Мексико, Русија и Шпанија покажува дека за социјалистите, единствениот добар анархист е провладиниот или мртвиот анархист. Тоа што лојално се бореле за мексиканскиот Устав не ја разнишала решителноста на мексиканските владетели да ги забранат и репресираат анархосиндикалистите кои инсистирале на примена на нивното законско право да организираат радикални работнички синдикати. Помагањето да се спроведат револуционерни промени во соработка со болшевиците, не ги заштитило анархистите од гневот на Ленин и неговите соработници кога анархистите инсистирале да останат приврзани за слободарските принципи и тактики. Ниту пак коалицирањето со левичарите и либералите во борбата против фашизмот ги заштитило анархистите од крвничкиот ривалитет на сталинистите и социјалдемократите 20 години подоцна.
Шеесеттите и седумдесеттите години од 20 век
Општествените немири кои започнале во 1968, ставиле крај на речиси целосното замрачување на анархизмот во годините по Шпанската граѓанска војна. Создавањето на Новата левица претходните години, забрзано од примерите на несоветските социјалистички алтернативи (кинескиот, кубанскиот, југословенскиот, албанскиот, корејскиот или виетнамискиот модел), го воскреснало интересот во неконвенционалните и неконформистички аспекти на политичката теорија, што довело до обновено проучување на анархистичката и неленинистичката револуционерна историја. Тактиката на анархистичкото организирање била прифатена од неанархисти, заради нејзината претпоставено вродена антихиерархиска природа (во склад со егалитарните претпоставки, каков што бил трендот во тоа време): консензуално носење одлуки, групи на афинитет, ротирачко лидерство или немање никакви формални лидери.
Овие површни форми (карактеристики) на квазиегалитиризмот, обично биле придружени со величање на разни националистички движења кои се појавиле во контекст на глобалната антиколонијална борба, создавајќи еден чуден хибрид: псевдоанархични револуционери националисти - активисти кои го прифатиле анархистичкиот слоган „смрт за државата“, истовремено веејќи го знамето на Националниот фронт за ослободување (NLF - National Liberation Front) или „Виетконг“, сталинистички народен фронт чијашто деклариран цел била консолидација и централизација на виетнамската држава. За антиимперијалистите, некои држави се подобри од другите, осбено ако се во конфликт со САД. Проблемот, од анархистичка перспектива, е дека целта на оваа стратегија е да се уништи конкретната држава, но не етатизмот или власта воопшто.
Одговорот на милатантите од шеесеттите години на законската репресија и растот на движењето на третиот свет[1] придонесоа за дезинтеграција на Новата левица, која наголемо започна кога револуционерниот потенцијал на работничката класа во империјалистичките земји беше минимизиран и на крајот отфрлен. Теоретските иновации беа проследени со раст на урбаната герила; воените акции на елитистичката антиимперијалистичка авангарда беа заменети со самоорганизирана активност на „масите“, особено на работничката маса. Подвизите на овие насилни милитанти потсетија на годините на анархистичката пропаганда преку дела: грабежи на банки, бомбашки напади, атентати. Од средината на осумдесеттите години на 19 век, па сѐ до крајот на дваесеттите години од 20 век, некои анархисти биле вклучени во спектакуларни насилни и нелегални акции. Идејата зад оваа неорганизирана, но широко распространета стратегија, била да се потстрекнат на масовна револуционерна активност обично мирните работници, така што ќе се покаже ранливоста на буржоаското општество и особено на индивидуалните политички и економски лидери. Стратегијата не успеала, и во голема мера била напуштена како контрапродуктивна, но популарното поврзување на анархизмот со насилство и неред било зацементирано.
Сличните тактики на вооружените борбени групи и на анархистите од претходниот век, довеле до поистоветување на двете тенденции во анализите на многу набљудувачи. Без оглед колку често медиумите и разни други службеници ги отсликувале сите насилни политички групи како „анархистички“, групите никогаш не престанале да истакнуваат (на оние што сакале да слушнат) дека тие воопшто не биле анархисти, туку комунисти или социјалисти или прогресивци или националисти или левичари.
Изедначувањето на акциите на урбаната герила (која се бори против империјалистичката држава во солидарност со светските борци за национално ослободување) со оние на вооружените анархисти (кои се борат против државата во солидарност со сите - вклучувајќи ги и нив самите - кои се угнетени од авторитарните општествени односи без оглед на политичката идеологија на нивните водачи) сигурно ги излудувало левичарите од седумдесеттите години на минатиот век. Нивните идеолошки претходници претходните 150 години се мачеле да се отарасат од стигмата на анархизмот, само за таа повторно да им биде прикачена заради сличноста во тактиките. Но левичарите треба самите себеси да се обвинат за оваа конфузија, бидејќи тие присвоија еден значаен термин од анархистичкиот вокабулар: директна акција.
Карактеристики наспроти дефиниции
Во анархистичката традиција терминот директна акција никогаш не бил користен како еуфемизам за насилство, за разлика од пропаганда преку дела. Тој едноставно се однесува на секое свесно политичко делување надвор од полето на изборите и останатите форми на државништво: носењето одлуки преку делегати кои имаат мандат и кои можат да се отповикаат наместо преку претставници, и создавањето мрежи на заемна помош наместо потпирањето на социјалната помош се два примери. Оттаму, општо земено, директната акција се однесува на делувањата кои ја охрабруваат и распространуваат самоорганизираната активност на некоја личност или група надвор од институциите на државата. Од друга страна, мирните или насилни јавни протести се преземаат со надеж дека ќе се влијае на законодавците да спроведат законски реформи; тоа е либерална (/конзервативна) или левичарска (/десничарска) стратегија на повикување на добрата волја или страв на политичките лидери. Но бидејќи оваа стратегија се потпира на делувањето на луѓе кои директно не се вмешани, таа нема никаква врска со анархистичкото сфаќање на директната акција.
Покажувањето јавно незадоволство кон владината политика (преку маршови, демонстрации, судири со полицијата, уништување имот, експропријација на банки, ослободување затвореници, атентати на политички и индустриски лидери) е агитација и пропаганда, не директна акција. Ефектите од таквите активности врз создавањето и одржувањето антихиерархиски заедници надвор од дофатот на политичарите, се крајно ограничени. Тие можат да го направат анархизмот привлечен за некои луѓе - што всушност е и целта на пропагандата (преку дела или идеи) - но целта на директната акција е да се постигне навика за носење одлуки преку антихиерархиски методи, како и имплементирање на позитивни егалитарни алтернативи кон етатистичкиот начин на живот. За жал, повеќето анархистички активисти ја имаат прифатено левичарската употреба на директната акција, односно жестоката конфронтација со државата, наместо традиционалната анархистичка дефиниција: игнорирање на државата.
Оваа конфузија е плод на замената на карактеристиките со дефинициите. Анархизмот има дефиниција. Тој е засебна политичка теорија и практика; да се биде анархист значи да се биде против секаква власт. Некое движење за општествена промена може да биде децентрализирано, да користи некоја форма на директна демократија (на пример, делегатскиот модел со мандат), да се повикува на меѓународна солидарност и да користи неанархистичка директна акција (во левичарска смисла на употреба на ограничено насилство или уништување имот за ширење на својата програма), но сево ова се карактеристики на антиавторитарни методи, не се дефиниција на анархизмот. Ако овие тактики се користат како дел од стратегијата за добивање законски придобивки или како влијание за имплементирање на некои законодавни мерки, тогаш оние кои ги користат не можат да бидат анархисти; не затоа што некој самопрогласен заштитник на идеологијата вели така, туку затоа што анархизмот по дефиниција е антизаконодавен. Анархистите не се исфрустрирани арогантни либерали, ниту пак се нестрпливи авторитарни социјалисти кои не се плашат да земат пиштол во рака.
Заклучок
Заземањето малцинска позиција на принципиелен антиавторитаризам внатре поширока авторитарна мрежа, како што тоа го прават анархолевичарите во однос на левицата, во најдобар случај е наивно. Се надевам дека краткиот историски преглед даде јасни примери за самоубиствената природа на таквиот проект. Левичарите не сакаат ниту лојална опозиција ниту радикална совест, а во изминативе 150 години јасно и честопати ставија на знаење дека не сакаат анархисти и дека претпочитаат тие да не се плеткаат околу нив, попречувајќи ги нивните обиди за мирна и безбедна општествена промена во рамки на законот или ненадејни воени удари. Левичарските анархисти непрекинато одбиваат да извлечат поука од историјата на интеракции помеѓу нивните идеолошки претходници и нивните очајно посакувани современи антианархистички сојузници. Вклучувањето во неанархистички и антианархистички фронтови и сојузи ги оддалечува анархистите од нивните единствени цели.
Конфликтите кои постоеле меѓу авторитарните социјалисти и анархистите не се исчезнати. Без оглед дали се работи за судирот помеѓу централизацијата и федерализмот, национализмот и интернационализмот, улогата на поединецот во однос на општеството и државата или пофундаменталното прашање на државништво (политичките избори, агитирањето за законодавни реформи итн.) наспроти директната акција, анархистите стојат во опозиција на прашањата и програмите на сите видови левичари. Левичарската агенда се заснова на употребата на легислатива, на претставничката власт и сите нејзини институции на принуда, на централизираното економско планирање од страна на технократи и други експерти, и на афирмацијата на хиерархиски општествени односи.
Промовирањето самоорганизираност, егалитарни меѓучовечки и општествени односи, како и култивирањето на критична перспектива се едни од најдобрите аспекти на анархизмот. И како такви, вреди да се рашират. Прифаќањето на готови и наметнати решенија и програми, вклучувањето во нериципрочна солидарност со левичарите, како и останатите карактеристики на идеолошката кратковидост, мораат да бидат отфрлени. Анархистите, со нивниот нагласок на принципите на заемна помош, доброволна соработка и директна акција, не можат да споделуваат иста агенда со современите левичари ништо повеќе отколку пред 150 години.
Враќањето на автентичните анархистички принципи, заедно со сфаќањето на проблематичната историја на односите помеѓу левичарите и анархистите, може многу да придонесе за оживување на антиавторитарната теорија и практика. Истовремено, од суштинско значење е и надминувањето на мелиористичките верувања (особено оние за западноевропската технологија, култура и наука) на анархизмот од 19 век, кои направија програмите на анархистите и левичарите да делуваат слично. Релевантноста на анархистичкото самоорганизирање може само да се зголеми кога трагите од претпоставките и извртувањата на авторитарните левичари ќе се исфрлат од речникот и однесувањето на антиавторитарните активисти, критичари и теоретичари.
[1] англискиот термин е Third worldism - се однесува на струја во левицата за која пресуден политички фактор е поделбата помеѓу развиените земји од Првиот свет и земјите во развој и неразвиените земји од Третиот свет (заб. на прев.).