Наслов: Левичарство за почетници
Датум: 2004
Извор: Green Anarchy #15, winter 2004; theanarchistlibrary.org
Забелешки: Наслов на оригиналот: "Leftism 101"; како дел од тематот Back to Basics volume #2 — The Problem of the Left. Превод: Стефан Симоновски, 2014.

Што е левичарство?

За повеќето тоа значи некој облик на социјализам, и покрај фактот што постојат многу левичари кои не се спротивставуваат на капитализмот (ако ја погледнеме историјата, очигледно е дека и не сите социјалисти се спротивставуваат на капитализмот). Можат да се истакнат и многу други аргументи во врска со тоа, но во име на едноставноста ќе претпоставиме дека тие два термини се синонимни. Меѓутоа, како што тоа е случај со повеќето неодредени термини, полесно е да ги наведеме карактеристиките отколку да изведеме дефиниција. Левичарството опфаќа многу разновидни идеи, стратегии и тактики; дали постојат заеднички црти кои ги обединуваат сите левичари и покрај воочливите разлики? За воопшто да се обидеме да одговориме на тоа, нужно е да ги испитаме филозофските претходници на она што во најширока смисла може да се нарече социјализам.

Либерализмот, хуманизмот и републиканизмот се политички и филозофски школи кои произлегуваат од модерната европска традиција (која отприлика започнува за време на ренесансата). Без да навлегуваме во детали, следбениците на овие три школи (особено на либерализмот) претпоставуваат постоење на идеална машка индивидуа која поседува имот и која е целосна рационален (или барем потенцијално рационален) учесник. Оваа идеализирана индивидуа стои наспроти произволната власт на економските и политичките системи на монархизмот и феудализмот, како и духовната власт на Католичката црква. Сите три школи (либерализмот, хуманизмот и републиканизмот) претпоставуваат дека способностите на кој било (маж), преку образование и напорна работа, ќе успеат на слободниот пазар (на добра и идеи). Натпреварувањето е сеопфатниот етос на сите три школи.

Застапниците на либерализмот, хуманизмот и републиканизмот инсистираат дека овие модернистички филозофии - во споредба со монархизмот, елитизмот и феудализмот - претставуваат напредок на патот кон човечката слобода. Веруваат дека за она што тие го нарекуваат Поголемо добро, покорисно е да се прифати и промовира филозофија која барем нуди можност секој да добие одредена контрола врз својот живот, без оглед дали станува збор за образование, економски просперитет или политички интеракции. Крајната цел на либерализмот, хуманизмот и републиканизмот е да се надмине економската скудност и интелектуалната/духовна осиромашеност, истовремено промовирајќи ја идејата за подемократско владеење. За ова се залагаат под бајракот на Правдата, а Државата ја гледаат како нејзиниот краен жирант.

На социјализмот како модерно движење овие три филозофии извршиле огромно влијание. Исто како и следбениците на либерализмот, хуманизмот и републиканизмот, левичарите се загрижени, и се спротивставуваат, на економските и општествените неправди. Сите тие предлагаат ублажување на општествените зла преку активно делување или милосрдие, без оглед дали под капа на државата, НВО или други формални организации. Многу малку од предложените решенија или привремени мерки промовираат (или воопшто ги признаваат) решенија кои се резултат на самоорганизирање на оние кои директно се погодени од тие зла. Социјална заштита, програми за афирмативно делување, психијатриски болници, установи за рехабилитација на наркомани итн., се примери за разни обиди за справување со општествените проблеми. Имајќи ги предвид премисите на овие филозофии кои се преклопуваат, како и нивните практични рамки, тие делуваат како да се резултат на интелигенција и знаење помешани со емпатија и желба да им се помогне на луѓето. Соработката за Заедничко добро се смета за покорисна за човештвото отколку индивидуалниот натпревар. Меѓутоа, социјализмот и постоењето на натпреварувањето исто така го зема здраво за готово. Либералите и социјалистите подеднакво веруваат дека човечките суштества природно не се согласуваат, па затоа мораме да бидеме подучени и поттикнати да соработуваме. Кога сѐ друго нема да успее, тоа секогаш може да биде наметнато од страна на Државата.

Умерено, радикално и екстремно левичарство

Тактики и стратегии

И покрај фактот дека постои многу преклопување и мешање - што го попречува реалното, засебно разграничување - се надевам дека опишувањето на овие разни манифестации на левичарството ќе помогнат во идентификувањето на одредени специфични карактеристики.

Во поглед на стратегијата и тактиките, умерените левичари веруваат дека нештата можат да се подобрат преку делување во постоечките структури и институции. Како несомнени реформисти, умерените левичари се залагаат за законски, мирни и култивирани површни промени на статусот кво, надевајќи се дека преку законодавството на крај ќе успеат да го остварат социјализмот. Демократијата за која тие се борат е буржоаска: еден човек, еден глас, владеење на мнозинството.

Радикалните левичари се залагаат за мешавина од законски и незаконски тактики, зависно од тоа која во моментот има поголеми шанси за успех, но на крај, сепак, сакаат да ги зачуваат санкциите на одредени соодветно засновани законски институции (особено кога тие прописите кои треба да бидат наметнати во најголема мера се во нивна полза). Тие се прагматични, надевајќи се на мирни промени, но подготвени да се борат доколку сметаат дека тоа е потребно. Демократијата за која тие се залагаат е повеќе пролетерска: не ги интересира процесот на кое било поединечно гласање, сѐ додека придобивките се остваруваат на сметка на газдите и мејнстрим политичарите.

Есктремните левичари се аморални прагматици, стратешка ориентација која исто така може да се нарече и опортунистичка. Тие се изразито нападни, отворено посакувајќи уништување на постоечките институции (често вклучувајќи ја и Државата), со желба да ги преправат така што само тие ќе можат да ги носат и применуваат новите закони. Тие се многу поподготвени да употребат сила при остварувањето на своите цели. Демократијата за која тие се залагаат обично се заснова на Партијата.

Односот кон капиталистите

Сите левичари предност ѝ даваат на категоријата работник како работник/производител, ентитет кој постои само во сферата на економијата. Умерените левичари се борат за работнички права (за штрајк, за сигурни работни места и безбедност при работата, за пристојни и фер договори), обидувајќи се да ги ублажат поочигледните злоупотреби од страна на газдите преку воведување и спроведување на прогресивна легислатива. Тие сакаат капитализмот да биде организиран со „луѓето пред профитот“ (како што вели прекумерно излитениот слоган), игнорирајќи ја внатрешната логика и историја на капитализмот. Умерените левичари се залагаат за општествено одговорно инвестирање и сакаат поправедна распределба на богатството; оштественото богатство во форма на нашироко рекламираната „сигурносна мрежа“[1], а личното богатство во форма на повисоки плати и зголемени даноци за корпорациите и богатите. Сакаат да постои рамнотежа помеѓу правата на сопственост и трудот.

Радикалните левичари ги фаворизираат работниците на сметка на газдите. За радикалните левичари работниците секогаш се во право. Тие сакаат да ја променат законската структура на начин кој ќе биде одраз на таа наклонетост, која треба да биде компензација за претходната историја на експлоатација. Прераспределбата на богатството, како што ја замислуваат радикалните левичари, се заснова на повисоки плати и зголемено оданочување на корпорациите и богатите, и вклучува селективна експропријација/национализација (без или со компензација) на разни ресурси (на пример, банки и природни ресурси).

Екстремните левичари се залагаат за целосна експропријација - без компензација - на капиталистичката класа, не само за да ги исправат неправдите од економската експлоатација, туку и за да ја лишат капиталистичката класа од политичка моќ. Во одреден момент, работниците треба барем номинално да бидат задолжени за економските и политичките одлуки (иако тоа обично е посредувано од партиското раководство).

Улогата на Државата

Левичарското гледиште за Државата е еден континуум на амбивалентност. Повеќето се согласуваат дека улогата на Државата е да ги потпомага целите на онаа класа која е на власт во одреден период; исто така, сите препознаваат дека владејачката класа секогаш го задржува за себе монополот на законска употреба на сила и насилство заради присилно спроведување на својата власт. Во политичката имагинација на сите умерени и некои радикални левичари, Државата (дури и со целосно капиталистичка владејачка класа) може да биде употребена за решавање на многу општествени проблеми, од неумереноста на транснационалните корпорации до злоставување на оние кои се традиционално обесправувани (имигранти, жени, малцинства, бездомници итн.). За екстремните левичари, само нивната сопствена Држава може да ги реши таквите проблеми, бидејќи во интерес на постоечката владејачка класа е да ја одржува поделбата помеѓу оние кои не се припадници на владејачката класа. И покрај амбивалентноста, останува да постои приврзаност со функциите на власта кои ги извршува Државата. Тоа е клучната точка на судир помеѓу сите левичари и сите анархисти, и покрај историското позиционирање на анархизмот внатре спектрумот на левицата - за што ќе зборуваме понатаму во текстот.

Улогата на поединецот

Она што недостига од сите овие видови на левичарство е расправа за поединецот. Иако либерализмот, хуманизмот и републиканизмот накратко се осврнуваат на поединецот, овие филозофии не ги земаат предвид мажите, жените и младите личности кои не поседуваат имот - а кои, се разбира, се сметаат за сопственост на нормативниот поединец: возрасниот човек кој поседува имот. Тоа довело до целосна незаинтересираност за селаните и работниците (и нивната придружна експлоатација), пропуст кој би треба да биде поправен од страна на социјализмот. За жал, практично сите социјалисти ја претпоставуваат категоријата на Работник и Селанец како колективна класа - толпа која треба да биде обликувана и насочена - никогаш не земајќи ги предвид желбите и интересите на индивидуалниот (маж или жена) работник или селанец за контрола на својот живот. Според идеолошките императиви на левичарската мисла, самоорганизираноста на масите се посматра со сомнеж преку идеолошкиот заштитен визир на натпреварувачкиот етос на капитализмот (бидејќи масите сѐ уште не се доволно паметни да бидат социјалисти); работниците можеби се способни да се организираат во одбранбени синдикати со цел да ги заштитат своите примања, додека селаните само ќе сакаат да поседуваат и обрабуваат некое свое парче земја. Повторно, образованието и присилната соработка се нужни за овие маси да станат свесни политички радикали.

Генеричко левичарство?

Сите левичари имаат за цел да ги надминат неправдите преку укази, без оглед дали тие доаѓаат од подобри/подостапни претставници и лидери, подемократски политички процес или преку елиминирање на неработничката база на моќ. Сите се стремат да ги организираат, мобилизираат и насочат масите, со крајна цел на добивање повеќе или помалку кохерентно мнозинство, за да поттикнат прогресивна и демократска промена на институциите. Регрутирањето, едуцирањето и всадувањето левичарски вредности се некои од повообичаените стратегии кои левичарите ги користат за да го зголемат своето влијание во поширокиот политички спектар.

За сите левичари заедничка е недовербата во способноста на обичните луѓе (неполитичките/неполитизираните) самите да одлучуваат за тоа како да ги решаваат проблемите со кои се соочуваат. Сите левичари споделуваат цврста верба во лидерство. Не само доверба во одредени лидери кои се претставуваат себеси како да имаат одредени морални или етички доблести над обичните луѓе, туку во самиот принцип на лидерство. Оваа доверба во лидерството никогаш не ја доведува во прашање претставничката политика. Постоењето на избрани или назначени лидери кои зборуваат и делуваат во име или наместо поединци и групи, се прифаќа здраво за готово; посредувањето во светот на политиката се смета за нужност, во најголема мера отстранувајќи го донесувањето одлуки од страна на поединци и групи. Левичарите ја споделуваат оваа посветеност на раководство и претставништво - веруваат дека се способни праведно да ги претставуваат оние кои традиционално биле исклучени од политиката: обесправените, оние без глас, слабите.

Левичарскиот активист, како претставник на оние кои страдаат, е личност која верува дека е неопходна за подобрување на животот на другите. Ова произлегува од двослојното сфаќање заедничко за сите левичари:

  1. Неполитичкиот народ, препуштен на себе, никогаш нема да може да ја промени состојбата во која се наоаѓа на радикален или револуционерен начин (овде веднаш на ум доаѓа Лениновото отфрлување на работниците како неспособни да го надминат „синдикалниот менталитет“ без професионална помош однадвор); и

  2. Оние со поголема интелигенција и подобра анализа се доволно мудри и етични да ги предводат (преку пример или преку указ) и организираат другите за нивно добро, а можеби што е уште поважно, за доброто на сите.

Неизречената, но имплицитна тема која се провлекува низ овој краток приказ на левичарството е потпирањето на авторитарни односи, присвоени или наметнати, брутално присилни или префинето рационални. Постоењето на економија (размената на стоки на пазар) претпоставува постоење на една или повеќе институции за посредување во случај на спор помеѓу оние кои произведуваат, оние кои поседуваат и оние кои конзумираат; постоењето на претставнички политички процес го претпоставува постоењето на една или повеќе институции за посредување во случај на спор помеѓу различни страни врз основа на заеднички интерес (често со спротивставени цели); постоењето на водство претпоставува дека постојат суштински разлики во емотивните и интелектуалните капацитети на оние кои управуваат и оние кои следат. Постојат многу рационализации кои придонесуваат за одржувањето на такви институции на општествена контрола (училишта, затвори, војска, работни места), од ефикасноста до целисходноста, но на крај сите се потпираат на легитимната (санкционирана од Државата) употреба на присилен авторитет за спроведување на одлуките. Левичарите споделуваат верба во посредувачкото влијание на мудрите и етички лидери кои можат да работат во политички неутралните, општествено прогресивни и хумани институционални рамки. Меѓутоа, нивната целосно хиерархиска и авторитарна природа треба да биде очигледна и по само еден краток поглед.

Дали сите облици на анархизам се левичарски?

Сите анархисти посакуваат укинување на власта; тоа е дефиницијата на анархизмот. Почнувајќи од Бакунин, анархизмот бил експлицитно антиетатистички, антикапиталистички и антиавторитарен; ниту еден сериозен анархист не се обидува да го промени тоа. Левичарите постојано го поддржувале и промовирале функционирањете на Државата, имаат нејасен однос кон капиталистичкиот развој и се залагаат за одржување на хиерархиски односи. Згора на тоа, историски или премолчено ги игнорирале или активно задушувале желбите на поединците и групите за автономија и самоорганизирање, дополнително ослабувајќи ја секоја можна солидарност помеѓу нив и анархистите. Оттаму, на ниво на дефиниција, би требало да постои автоматско разграничување помеѓу левичарите и анархистите, без оглед на тоа како нештата изгледале во текот на историјата.

И покрај разликите, многу анархисти себеси се сметале за екстремни левичари - и сѐ уште продолжуваат да се сметаат - бидејќи споделуваат многу исти анализи и интереси (на пример, ненаклонетост кон капитализмот, нужност од револуција) како и левичарите; и многу револуционерни левичари ги сметале анархистите за свои (наивни) другари - освен во моменти кога левичарите ја освојувале моќта; тогаш анархистите биле или претопени, затворани или егзекутирани. Можноста екстремниот левичар да биде антиетатист можеби е голема, но секако не е загарантирана, како што тоа го покажува секоја историска анализа.

Левичарските анархисти одржуваат некој вид на приврзаност кон либерализмот, хуманизмот, републиканизмот и социјалистичките филозофи од 19 век, преферирајќи ја широката, воопштена (а оттаму и крајно нејасна) категорија на социјализам/антикапитализам и стратегијата на масовни политички борби засновани на коалиции со други левичари, истовремено покажувајќи мал (или воопшто никаков) интерес во промовирањето индивидуална и групна автономија. Од таква појдовна точка, лесно можат да станат жртви на централистичките тенденции и лидерството кои доминираат со левичарската тактика. Лесно го цитираат Бакунин (можеби и Кропоткин) и заговараат облици на организирање кои можеби би биле соодветни во времето на Првата интернационала, очигледно занемарувајќи ги огромните промени кои се случиле во светот во изминативе стотина години. А потоа имаат дрскост да ги исмејуваат марксистите кои останале приврзани за застарените идеи на Маркс, како анархистите кои не ги именуваат своите тенденции според некои мртви автори да се имуни на истите грешки.

Меѓутоа, маните и проблемите на марксизмот - како на пример идејата за линеарен прогрес на историјата на редот кој се развива од хаосот, слободата која се развива од угнетувањето, материјалното изобилство кое се развива од скудноста, социјализмот кој се развива од капитализмот, вклучувајќи ја и апсолутната верба во Науката како идеолошки неутрална потрага по чисто Знаење и сличната верба во ослободувачката функција на технологијата - се истите мани и проблеми кои ги има и анархизмот на Бакунин и Кропоткин. Но сето тоа како да не ги интересира левичарските анархисти. Безгрижно продолжуваат да промовираат еден век стара верзија на анархизмот, сосема несвесни, или незаинтересирани за филозофските и практичните неуспеси на левицата - во однос на поединецот, природата и соодветните модели на отпор на непрекинатата доминација на флексибилниот, прилагодлив и распространувачки капитализам - кои исто така се содржани и во оваа архаична верзија на анархизмот.

Оние од нас кои се заинтересирани за развивање радикална општествена промена, а особено за анархија, потребно е да учиме од и да ги подобриме успешните (иако привремени) револуционерни проекти на ослободување, наместо да си честитаме себеси затоа што сме наследници на Бакунин (и останатите). А тоа најдобро можеме да го направиме ако се ослободиме себеси од историското бреме и идеолошките и стратешки ограничувања на сите видови левичарство.

 

 

[1] Се мисли на мерки кои се дел од стратегијата за намалување на сиромаштијата и кои се наменети за помош на најзагрозените категории сиромашни; на пример, субвенционирање на сметките за електрична енергија или здравствено осигурување. Ги спроведуваат и државни институции и невладиниот сектор. (заб. на прев.)