Масимо Пасамани
Не нудиме ништо
Мислам дека досега стана прилично очигледно дека поимите како што се милитантност и пропаганда подразбираат раздвојување меѓу нечии идеи и секојдневниот живот. Ако го оставиме настрана одбивното сродство со јазикот на милитаризмот, изразот „милитант“ остава впечаток на двојна активност, на костумот кој се облекува во јавност, на личен интерес - егзампларност, жртвување, кое се очекува и прави. Да се „пропагира“ значи да се стекне нечија согласност (прочуеното „придобивање луѓе за Идејата“). Тоа значи постојано повторување на истите десет зборови. Тоа значи претворање на себеси и другите во предмети подредени на некоја Цел, во карики соединети за нејзино остварување.
Денес, кога од критиката на идеологијата се прави нова, уште потиранската идеологија, не треба да зачудува што милитантите и пропагандистите не наидуваат на многу симпатии. Јасно е дека тоа раширено „непријателство“ кон нив не е одраз на волјата идеите и живот да се поврзат. Тоа повеќе е последица на нивното дефинитивно раздвојување.
Дури и меѓу анархистите, сѐ што постигнува лажната опозиција е дополнително да го замагли видикот.
Зад одбивањето на милитантноста и политиката често се крие одрекување од револтот и ризикот од експериментирање и акција. Сето она дрдорење за експериментирање и „живеење“ ја репродуцира, во она што се нарекува „секојдневен живот“, токму онаа религиозна ревност која многумина наводно ја презираат. Кога некоја иницијатива бара премногу посветеност, кога резултатите не се веднаш видливи, кога влогот е превисок, ах, тогаш сето тоа е политика и пропаганда! Подобро е да се вратиме на вообичаените практики (каде што „експериментирањето“ е само метод за повторување на самите себе), во нашиот вообичаен простор и односи. Најпосле, не е вистина дека сѐ треба да се уништи.
Да, знам дека оние кои постојано зборуваат за менување на светот не го промениле она што навистина е важно - своите животи. Но, зарем таа строга и привлечна интуиција не може да прерасне во вообичаено место во служба на прикриената резигнација? Имено, дали навистина можеме да ги промениме своите животи, доколку истовремено не експериментираме со уништувањето на овој свет? Раздвојувањето на тие две нешта значи прифаќање на лесни решенија, кои ни се нудат од сите страни.
Парадоксално, растажените неделни проповедници и громогласните пророци на големиот ден, денес први говорат за „овде и сега“. Но, тоа „овде и сега“, за кое зборуваат нивните приказни, не е она кое сака веднаш да ја уништи секоја оддалеченост и сите калкулации; тоа е безопасен плод на прогресивизмот и здравиот разум. И денес таквите зборуваат за промена на животот... кутриот Рембо.
Но тоа не е она за што сакав да зборувам. Ќе се навратам на тоа во некоја друга прилика.
Она што сакав да го изнесам е можноста за ставање крај на логиката на следбеништво.
Во анархистичките кругови често се слуша како некој не сака да придобива луѓе, како не го интересира да создава следбеници. Но, дали навистина е така? Или тоа е начин да се придобијат луѓе, само на поинаков начин? На пример, зарем „доследноста“ често не е само начин некој да се претстави како веродостоен?
Верувам дека сопствените идеи и практики можат да се изразат, а при тоа да не се западне во замката на следбеништво. Она што е важно е решителноста да се мисли за себе и делува во согласност со ширењето на последиците на тие мисли, но не во улога на агитатор. Сепак, често се жалиме како одредени постапки ни ги ускратуваат симпатиите на „луѓето“. Мислам дека оној кој смета дека постои расчекор помеѓу она што го зборувам и правам, а ги споделува истите идеи со мене, треба да постапува поинаку, односно „подобро“. Ако некој изгуби доверба во мене, може да ми биде жал заради тоа, но заради губењето на довербата, а не затоа што тоа би можело да влијае на уверливоста на идеите за кои се залагам. Кога мислата и идејата ќе направат сојуз заради стекнување следбеништво, таа спрега засекогаш е отуѓена. што значи тоа што некој станал анархист затоа што запознал „доследни“ анархисти и сега сака да ги имитира?
Идеите не можат да се одвојат од поединците кои ги имаат. Но тоа единство не би требало да биде егзампларно. Како да го изразам тоа: сакам она што го зборувам да го применам во практика, но заради себе, не за да ги убедам другите во своите идеи.
Во најдобар случај, „луѓето“ се навикнуваат анархистичките идеи да ги гледаат како предлози со кои некој може да се согласи или да ги отфрли. Токму тоа уверување треба да се разбие. Не се работи за тоа согласноста да се искористи за уништување на делегирањето, претставувањето и авторитетот (со други зборови, за уништување на самата согласност) туку да не се прифати уцената на согласноста. Немаме што да понудиме - тоа е она што не прави поинакви.
Сепак, често доаѓа до збрка во поглед на јасноста на нечиј личен пристап и споделувањето со другите. Сакам да ги споделам своите идеи и тоа на начин на кој другите ќе можат да ги разберат. Но тоа што ги разбираат никако не значи дека и се согласуваат со нив. Тоа можеби звучи банално, но не е. Колку често се случува човек да зборува и постапува на таков начин за другите да се согласуваат со тоа, но не и на начин кој зборовите и делата ги прави јасни? (Иако и самиот имам големи резерви кон концептот на јасност.)
Оние кои ја презираат секоја согласност обично креваат раце од изразувањето и ширењето на своите идеи. Но, на одреден начин, тоа е безбедна позиција. Наспроти тоа, многу поопасно е да се истрае во изразувањето и истовремено да се одбие односот на следбеништво (кон себе или својата група). Следбеништвото има потреба за консолидација и одбрана (со помош на бог, слики, итн) и тоа е она што ја скаменува мислата и устројува делата. Барањето согласност (на илјада и еден начин) значи прилагодување на нивото на оние чијашто согласност се бара. На тој начин, се претвораме во лошо скроени производи по мерка и за потребите на други.
Но, некои велат дека промената е можна само со други. Точно. Но тоа „со“ можам да го сфатам само како секој за себе. Сакам соучесници, а не стадо. Во спротивно, сѐ што ќе можеме да делиме со тоа „со“ е нашето ропство.