Масимо Пасамани
Повеќе, многу повеќе
Менаџерите на пасивноста отсекогаш ни наметнувале лажна алтернатива: или пасивност или вооружена група. Секој кој бега од улогата која му ја диктира нормалноста, во моменти на криза, мора насила да биде вратен назад. Таа игра има свои правила: доминацијата или ја прифаќате или ја имитирате. Покрај оние на власт, таа игра им одговара и на оние кои себеси се нарекуваат револуционери, кои би сакале да изградат некоја нова држава. „Нема политичка власт без вооружена сила“, беше главната режимска парола во не толку далечното минато. А вооружената сила не е само хиерархиска и авторитарна организација; тоа е претстава за судирот меѓу државата и некоја вооружена групација, во која сите ние би требало да бидеме набљудувачи, безопасни симпатизери, подготвени да застанат до еден или друг противник, каде што оној посилниот - државата - на крајот секако победува.
Заедничкиот терен на таа сценска битка се жртвувањето и паролите, специјализацијата и идеологијата. Тоа е отсуство на секаква радост и автономија, негација на секој страствен субверзивен проект. Тоа е раздвојување кое се воведува меѓу секојдневниот живот и промената на постоечкото, фрагментација на целината и нејзина замена со божемен центар - со една искривоколчена слика - кој треба да се освои и на кој треба да му се спротиставиме. Нема политичка власт без вооружена сила. Точно. Но, што е со анархистите? Ако треба да се уништи само политичката власт, што правиме со вооружената сила? Ништо. Или, уште подобро, од неа може да се направи негативно мерило на доследноста на сопствената теорија и пракса.
Се чини дека таквите дискусии се поврзани за состојбата во Италија во седумдесеттите години од 20 век, која оттогаш се има променето. Ги нарекуваат и „вежби за историско сеќавање“. Сепак, тие повторно се наметнуваат во лице на махинациите - површни исто колку и срамни - на главното обвинителство од Рим. Ако таа судска конструкција има за цел само репресија на уапсените анархисти и, пошироко гледано, над сите кои се нашле под истрага, тогаш расправата за тоа би требало само да ги демаскира очигледните апсурди на судското обвинение. Но, не се работи само за тоа. Судиите добро знаат дека анархистичката организација за којашто зборуваат не постои. Тие знаат дека моделот на „вооружена група“ - кој го пронашле гледајќи се во огледало - не може да се примени на односот кој постои меѓу анархистите. Кога поединците ќе се сретнат врз основа на своите афинитети, почнувајќи од своите разлики, и почнат да развиваат иницијативи без формално единство, кога ќе почнат самите да се организираат, но никогаш на некој крут и вертикален начин, тогаш тие поединци никогаш не можат да бидат „вооружена група“. И тоа не затоа што го отфрлаат тајното здружување (иако и тоа отфрлување кажува нешто) туку затоа што не се согласуваат да бидат регрутирани во некоја структура - без оглед на акронимот или програмата - која од вооружениот судир создава одвоена стварност во однос на субверзивната целина. Сето тоа не се менува кога некој анархист, поединечно, преземајќи ја сета одговорност на себе, ќе земе оружје в раце. Напротив, дури и ако замислиме дека сите тие луѓе кои сега се под истрага, па дури и дека сите анархисти на светот - покрај пишувањето, расправите, водењето љубов, делењето летоци, навредувањето на газдите, напуштањето на работата, окупирањето простори и пљачкањето добра - земале оружје в раце, тоа повторно од нив не може да направи „вооружена група“. Власта е таа на која ѝ е потребна таква измислица. Но, како што реков, тоа не е единственото прашање кое овде се поставува. Ограничувањето само на тоа ќе значи делумно разбирање на репресивниот проект на државата.
Она што судиите повторно се обидуваат да го афирмираат е илузијата дека од онаа страна на преживувањето и чекањето, како единствена опција, се наоѓа вооружена организација. На тој начин, спектаклот на спротиставените страни - самиот по себе прилично истрошен - го исфрла од игра секој инсурекционистички пристап. Ако секој кој сака бунт е прикриен ленинист (полициската теорија на двојно дно е вистински бисер во тој поглед), тогаш промената - освен ако не сака да испадне „терористичка“ - мора да биде постепена, накратко, демократска. Значи, тука сме. Од непосредната цел, неколку десетина анархисти да се држат во затвор што е можно подолго, таа конструкција тежнее кон нешто многу поважно, бришење на секоја субверзивна тензија, секој напад на државата и капиталот. Тоа се однесува на сите и ниту еден анарhист не е безбеден. За среќа, бунтот не е она во што веруваат органите на репресија.
Во свет во кои силите на доминација и отуѓување сè повеќе се соединуваат, во кој производството на стока, тоталната контрола на просторот, рекламното фабрикување на лажни потреби и систематското негирање на желбата, се составни делови на единствениот процес - во тој свет на терор - бунтот станува сè поконкретен и поцелосен и се карактеризира со сè поголема радост на нетрпението. Во моментот кога работата и класата, хиерархијата и општествените улоги, останаа без центар, исчезна и центарот кој може да се напаѓа. Токму тоа е причината зошто господарите на раздвојувањето сакаат да нè затворат во група, вистинската промена да ја заменат со лажни слики.
Револуционерниот проект е или заедничко движење кон реализација на секој поединец или не е ништо. Тој или е непосредно воздигнување на радоста на живеењето, како што Фурие го велеше тоа, или е измама. Секој кој се поставува како специјалист за вооружена борба е непријател. Колку што свесната и страствена субверзивна промена е побогата, дотолку вооружената борба станува помалку пресудна. Пасивноста е онаа која создава вооружена организација и vice versa. Тоа е само наопаку превртена теорема на државата. Лажната потреба за вооружена група потекнува од политичката и синдикална контрола, од реформистичкото украсување на бедата на секојдневниот живот. Од практичната теорија на бунтот се раѓа креативна акција, поезија на животот, која ја ликвидира послушноста кон газдите и ги поврзува, во разликите и во оружјето, сите оние кои се против власта, жртвувањето и здодевноста. И таа вооружена желба ќе го преврти овој свет наопаку.
Како што гледате, господа судии, играта е многу сериозна.