Наслов: Бедата на студентскиот живот
Поднаслов: разгледана во нејзините економски, политички, психолошки, сексуални и особено интелектуални аспекти, со скромен предлог за ослободување од истата
Датум: 1966
Извор: Situationist International Anthology, Bureau of Public Secrets, 1981 (1989, 1995, 2006); edited and translated by Ken Knabb bopsecrets.org
Забелешки: Наслов на оригиналот: De la misère en milieu étudiant, UNEF, Strasbourg, 1966. nothingness.org Превод: Стефан Симоновски.

1. Да го направиме срамот уште посрамен така што ќе го направиме јавен

Слободно може да се каже дека студентот е сеопшто најпрезираното суштество во Франција, не вбројувајќи ги тука полицајците и свештениците. Но причините заради кои тој е презиран се често погрешни причини коишто ја рефлектираат владејачката идеологија, додека причините заради кои тој е оправдано презиран од револуционерна гледна точка, остануваат сузбиени и непризнаени. Приврзаниците на лажната опозиција се свесни за овие грешки - грешки кои и тие самите ги поседуваат - но тие го извртуваат нивниот постоечкиот презир во поддржувачко восхитување. Импотентните левичарски интелектуалци (од Les Temps Modernes до L’Express) се восхитуваат од претпоставениот „бунт на студентите“ и опаѓањето на бирократските организации (од „комунистичката” партија до сталинистичкио UNEF) љубоморно искажувајќи ја својата „морална и материјална поддршка”. Ние ќе ги покажеме причините за оваа загриженост за студентот и како тие се вкоренети во доминантната реалност на преразвиениот капитализам. Ќе го искористиме овој памфлет за да ги разобличиме еден по еден: сузбивањето на отуѓувањето нужно оди по истата патека како и отуѓувањето.

Сè досега, сите анализи и студии за студентскиот живот ги игнорираа битните нешта. Ниедна од нив не го преминува гледиштето на академска специјализација, (психологија, социологија, економија) и оттаму остануваат фундаментално погрешни. Фурие одамна ја покажа оваа „методолошка миотопија“ во третирањето на овие основни прашања без да ги поврзе во целина со модерното општество. Фетишизмот на фактите ја маскира суштинската категорија, масата на детали го осиромашува тоталитетот. Сè е кажано за општеството освен што тоа навистина е: општество доминирано од стока за широка потрошувачка и спектакли. Социолозите Бурдерон (Bourderon) и Пасдје (Passedieu), во нивната студија Les Héritiers: les étudiants et la culture (Наследниците: студентите и културата), останаа импотентни во лицето на неколкуте парцијални вистини што успеаја да ги демонстрираат. И покрај добрите намери тие западнаа во професионалната моралност, неизбежната Кантовска етика за вистинска демократизација преку вистинска рационализација на образовниот систем (т.е. системот на образување на системот). Во меѓувреме нивните ученици, како што е Кравец[1], надокнадуваат за својата ситнобирократска огорченост со мешавина од бајата револуционерна фразеологија.

Спектакуларизацијата[2] на материјализацијата на модерниот капитализам на сите им доделува улога во рамките на општата пасивност. Студентот не е исклучок од ова правило. Тој има привремена улога, проба за крајната улога како конзервативен елемент во функционалноста на производствениот систем. Улогата да се биде студент е облик на иницијација.

Иницијацијата волшебно ги повторува сите карактеристики на митската иницијација. Останува целосно отсечена од историската, индивидуална и општествена стварност. Студентот води двоен живот, урамнотежен помеѓу неговиот сегашен статус и целосно одделениот иден статус во кој еден ден тој ненадејно ќе биде турнат. Во меѓувреме, неговата шизофренична свест ќе му овозможи да се повелече во неговата „група за иницијација“, да заборави на неговата иднина и да ужива во мистичкиот транс на сегашноста, засолнет од историјата. Не изненадува тоа што тој избегнува да се соочи со својата состојба, особено со нејзините економски аспекти: во нашето „општество на благосостојба”, тој сè уште е сиромашен. Повеќе од 80% од студентите доаѓаат од групи чиишто доходи се над работничката класа, а сепак 90% од нив поседуваат помалку пари од најниско платениот работник. Бедата на студентот е анахронизам во општеството на спектаклот: таа допрва ќе ја достигне сиромаштијата на новиот пролетаријат. Во период кога сè повеќе млади луѓе, иако потчинети на затапување и неприкриена експлоатација од најрано доба, се ослободуваат од моралните предрасуди и семејниот авторитет, студентот се држи до неговата питома и неодговорна „продолжена инфантилност“. Задоцнетиот адолесцентски плач може да предизвика повремени расправии во семејството, но тој без жалење прифаќа да биде третиран како бебе од страна на разните институции што го управуваат неговиот секојдневен живот. (Ако некогаш престанат да му серат во лице, тоа е само за да му се приближат и да го содомизираат).

Студентската беда е само најпростиот израз на колонизацијата на сите домени на општествена практика. Проекцијата на чувство на грижа на совест на целото општество за студентите, ја прикрива бедата и сервилноста на сите.

Но зад нашиот презир кон студентот стојат прилично поинакви причини. Тој може да биде презиран на само заради својата беда, туки и заради својата согласност на секаков вид сиромаштија, заради нездравата склоност да живее во својата отуѓеност со надеж, и покрај општиот недостиг на интерес, за будење на интерес за хендикепите на неговата специфична положба. Потребите на современиот капитализам детерминираат дека повеќето студенти ќе станат обични функционери од понизок ред, извршувајќи функции споредливи со оние на квалификуваните работници од деветнаесетиот век[3]. Соочен со можноста од таквата мрачна и медиокритетска „награда” за неговата беда, студентот преферира да избега во нереално живеената сегашност, којашто тој ја декорира со илузорен гламур.

Студентот е стоички роб: со колку повеќе синџири го прицрвствува авторитетот, толку тој се чувствува послободен. Како и неговото ново семејство, универзитетот, тој се гледа себеси како „најнезависното“ општествено суштество. Но всушност, тој е директно потчинет на двата најмоќни системи на општествен авторитет: семејството и државата. Како нивно добро воспитано, благодарно и покорно чедо, тој ги дели и отелотворува сите вредности и мистификации на системот. Илузиите коишто претходно мораа да им се наметнат на работниците со бели јаки, сега доброволно се присвојуваат и емитуваат од масата на идните ниски функционери.

Доколку античката општествена беда ги произвела најграндиозните системи на компензација во историјата (религиите), студентот, во неговата маргинална беда, не може да најде никаква утеха освен избледените слики на владејачкото општество, подбивното повторување на сите негови отуѓени продукти.

Како идеолошко суштество, францускиот студент секогаш пристигнува предоцна. Сите вредности и ентузијазми што се гордост на неговиот мал затворен свет одамна се осудени од историјата како смешни и неодржливи илузии.

Некогаш универзитетите имале одреден престиж; студентот е упорен во верувањето дека е среќен да биде таму. Но тој дошол предоцна. Неговото механичко, специјализирано образование е толку длабоко деградирано (во споредба со претходното ниво на општа буржоаска култура[4]) колку и неговото сопствено интелектуално ниво, затоа што модерниот економски систем изискува масовно производство на необразовани студенти кои се обликувани да бидат неспособни да размислуваат. Универзитетот стана институционализирана организација на незнаење. „Високата култура“ е деградирана на сериско произвидство на професори, од кои сите се кретени, а повеќето зрели да бидат исмејани од која било средношколска публика. Но студентот, во својата ментална менопауза, е несвесен за сето ова; тој продолжува покорно да ги слуша своите господари, свесно задушувајќи го сиот критички дух за да се задлабочи себеси во мистичната илузија на тоа да се биде „студент“ – некој сериозно посветен на учењето сериозни нешта – со надеж дека неговите професори на крај ќе му ги кажат крајните вистини за светот. Идното револуционерно општество ќе ја осуди сета врева на предавалните и училниците како ништо повеќе од вербално загадување. Студентот веќе сега е само лош виц.

Студентот не е свесен дека историјата го преиначува дури и неговото мало „царство на мечтите“. Фамозната „криза на универзитетот“, тој детаљ од општата криза на модерниот капитализам, останува да биде предмет на глувонем дијалог помеѓу разните експерти. Таа едноставно ги изразува тешкотиите кои ги има овој посебен сектор на производство заради своето задоцнето прилагодување кон општата трансформација на произведствениот апаратус. Како што исчезнува нивната општествена основа, остатоците од старата либерална буржоаска универзитетска идеологија стануваат банализирани. За време на ерата на капитализмот на „слободна трговија“, кога либералната држава на универзитетот му остави одредена маргинална слобода, овој вториот можеше да се замисли себеси како независна моќ. Но дури и тогаш тој беше интимно врзан за потребите на тој тип на општество, овозможувајќи му на привилегираното малцинство адекватно општо образование пред да ги заземат своите позиции внатре владејачката класа. Патетичната огорченост на толку многу носталгични професори[5], потекнува од фактот дека тие ја имаат загубено својата претходна улога на кучиња чувари кои им служат на идните господари и дека се прераспоредени на значително понеблагородната функција на овчарски кучиња задолжени за втерување на стадата од бели јаки во нивните соодветни фабрики и канцеларии во согласност со потребите на планираната економија. Овие професори ги одржуваат нивните архаизми како алтернатива на технократизацијата на универзитетот и спокојно продолжуваат да ја снабдуваат со остатоци од „општата“ култура публиката од идни експерти, кои нема воопшто да знаат како да ги употребат.

Посериозни, а оттаму и поопасни, се модернистички ориентираните левичари од UNEF, предводени од „екстремистите“ од FGEL, кои бараат „реформа на универзитетската структура“ за на тој начин „да го реинтегрираат универзитетот во општествениот и економскиот живот“, т.е. така што ќе го прилагодат на потребите на модерниот капитализам. Факултетите кои некогаш ја снабдувале со „општа култура“ владејачката класа, и покрај истовременото одржување на дел од нивниот анахронистички престиж, се трансформирани во фабрики кои воспитуваат нижи и средни функционери. Далеку од оспорување на овој историски процес, кој подредува еден од последните релативно автономни сектори на општествениот живот на потребите на стоковиот систем, гореспоменатите прогресивци протестираат против одложувањата и неефикасноста на неговата примена. Тие се следбениците на идниот кибернетизиран универзитет, кој тук-таму веќе ја покажува својата грда глава[6]. Стоковиот систем и неговите слуги – тие се идните непријатели.

Но сите овие борби се одвиваат над главата на студентот, некаде во рајското царство на неговите господари. Неговиот сопствен живот е целосно надвор од негова контрола – самиот живот е целосно надвор од него.

Заради својата акутна економска беда, студентот е осуден на безвреден облик на преживување. Но, секогаш самозадоволен, тој парадира со својата вообичаена немаштина како да станува збор за оригинален „начин на живот“, создавајќи доблест од својата мизерност и замислувајќи си дека е боем. „Боемството“, во секој случај, е далеку од тоа да биде оригинално решение, но мислењето дека би можел да живее вистински боемски живот без целосно и дефинитивно раскинување со универзитетското милје е апсурдно и смешно. Но, студенсткиот боем (а секој студент сака да си замислува дека е боем во срце) се залепува за својата имитирачка и деградирачка верзија на она што, во најдобар случај, е само медиокритетско индивидуално решение. Дури и постарите провинциски дами знаат повеќе за животот од него. Триесет години по Вилијам Рајх (одличен едукатор на младината)[7], овој несуден „неконформист“ продолжува да ги следи традиционалните облици на љубовно-еротско однесување, репродуцирајќи ги општите односи на класното општество во своите интерсексуални односи. Леснотијата со која може да се регрутира за која било кауза е доволна демонстрација на неговата вистинска импотентност.

И покрај неговата повеќе или помалку широка употреба на времето внатре маргините на индивидуалната слобода дозволена од страна на тоталитарниот спектакл, студентот ја избегнува авантурата и експериментирањето, преферирајќи ја сигурноста на ограничената секојдневна просторно-временска димензија, која е организирана за негово добро од чуварите на системот. Иако неспречен да ги разграничи својата работа и слободното време, тој тоа го прави според сопствениот став, истовремено лицемерно изјавувајќи го својот презир кон „добрите студенти“ и „бубалиците“. Тој го прифаќа секој вид на одвојување, а потоа се жали на „недостиг на комуникација“ во неговиот религиозен, спортски, политички или синдикален клуб. Тој е толку глупав и толку несреќен што доброволно се потчинува себеси на универзитетските психолошки центри за помош, тие агенции на психо-полициска контрола воспоставени од предводниците на модерното угнетување и природно славени како голема победа за студентскиот синдикализам[8].

Но вистинската беда на секојдневниот студентски живот, непосредната, фантастична компензација ја пронаоѓа во опиумот на културните стоки. Во културниот спектакл студентот го пронаоѓа своето природно место како почитуван научник. Иако е близу до производственото јадро, пристапот до вистинското Светилиште на културата му е попречен; на тој начин тој ја открива „модерната култура“ како восхитен спектатор. Во ера кога уметноста е мртва, тој останува најлојалниот патрон на театрите и филмските клубови и најстрастниот потрошувач на запакуваните фрагменти од нејзиниот зачуван леш изложен во супермаркетите на културата. Конзумирајќи безрезервно и некритички, тој е во свој елемент. Доколку „културните центри“ не постоеја, студентот ќе ги измислеше. Тој е совршен пример на сите изветвени фрази на американското пазарно истражување: препознатлив потрошувач, условен со рекламирањето во ревносни дивергентни ставови кон производите кои се идентични во нивното ништо, со ирационална склоност кон брендот Х (Перек или Годар, на пример) и ирационална предрасуда кон брендот Y (можеби Роб-Гриј или Лелуш).

А кога „боговите“ кои го произведуваат и организираат неговиот културен спектакл преземаат човечки облик на сцената, тој е нивната главна публика, нивниот совршен спектатор. Студентите се пјавуваат en masse на нивните најбесмислени изложби. Кога свештениците од разните цркви ги претставуваат своите сакати, беспоследични дијалози (семинари на „марксистичката“ мисла, конференции на католички интелектуалци) или кога книжевниот шут се збира да посведочи на сопствената импотентност (пет илјади студенти кои присуствуваат на форумот „Кои се можностите на книжевноста?“), кој освен студентите ги исполнува халите?

Неспособен за вистински пасии, студентот бара пријатна возбудува во бестрастните полемики меѓу славните и неинтелигенцијата: Алтисер – Гароди – Сартр – Бартез – Пикар – Лефевр – Леви-Строс – Халидеј – Шатле – Антоан; и меѓу нивните ривалски идеологии, чијашто функција е да ги замаскираат вистинските проблеми дебатирајќи на лажни: хуманизам – егзистенцијализам – структурализам – сциентизам – неокритицизам – дијалектички натурализам – кибернитизам – планетизам – метафилозофија.

Тој мисли дека е авангарда доколку го гледал последниот Годар, или ја купил последната книга на некој од групата Arguments[9], или земал учество во последниот хепенинг организиран од шупакот Лапасад. Тој ги открива последните заблуди онолку брзо колку што пазарот може да ги произведе синтетичките верзии на одамна застарени (иако некогаш значајни) потфати; во своето незнаење, секоја имитација ја гледа како културна револуција. Неговата прекумерна загриженост секогаш е насочена кон одржување на неговиот културен статус. Како и секој друг, тој се гордее со купувањето на евтини репринти на важни и тешки текстови кои „масовната култура“ ги штанца со забрзано темпо[10]. Бидејќи не знае да чита, тој се задоволува себеси со наклонето и вкочането разгледување на истите.

Неговиот омилен материјал за читање е печатот кој е специјализиран за налудничаво конзумирање на културните новости; тој лесно ги прифаќа неговите изјави како водичи за своите вкусови. Тој ужива во L’Express или Le Nouvel Observateur; или можеби го претпочита Le Monde, кој верува дека е точен и навистина „објективен“ весник, иако неговиот стил го смета за малку потежок. За да го продлабочи своето општо знаење, тој се внурнува во Planète, раскошниот магазин за магија кој ги отстранува брчките и митисерите од старите идеи. Со такви водичи тој се надева да стекне разбирање за модерниот свет и да стане политички свесен!

Бидејќи во Франција, повеќе од каде било, студентот се задоволува со тоа да биде политизиран. Но неговото политичко учество е посредувано од истиот спектакл. Оттаму, тој ги искористува сите бедни распарталени остатоци од левицата која беше уништена пред повеќе од четириесет години од „социјалистичкиот“ реформизам и сталинистичката контрареволуција. Владетелите се свесни за овој пораз на работничкото движење, а исто и самите работници, иако не толку јасно. Но студентот останува несвесен за тоа, и продолжува безгрижно да учествува во најсмешните демонстрации кои не привлекуваат никого освен студенти. Оваа целосна политичка игнорантност ги прави универзитетите богат ловечки терен за манипулаторите на бирократските организации кои умираат (од „Комунистичката“ партија до UNEF), кои тоталитаристички го програмираат политичкиот избор на студентот. Повремено има девијантни тенденции и кревки импулси кон „независност“, но по период на симболично спротивставување, дисидентите вообичаено се повторно инкорпорирани во поредокот кој во суштина никогаш не го довеле во прашање[11]. „Револуционерната комунистичка младина“, чиешто име претставува случај на полудено идеолошко фалсификување (тие не се ниту револуционерни ниту комунисти ниту млади), се гордее на своето бунтување против Комунистичката партија, а потоа се приклучуваат на Папата во апелот за „Мир во Виетнам“. Студентот е горд на своето спротивставување на „застарените“ аспекти на режимот на де Гол, но правејќи го тоа, тој несвесно го имплицира неговото одобрување на старите злодела (како оние на сталинизмот во ерата на Тољати, Гароди, Хрушчов и Мао). Оттаму, неговите „младешки“ ставови навистина се постаромодни од режимите – де Голистите барем доволно добро го разбираат модерното општество за да управуваат со него.

Но ова не е единствениот архаизам на студентот. Тој се чувствува обврзан да има општи идеи за сè, да создаде кохерентен светоглед кој ќе ѝ даде смисла на неговата потреба од невротична активност и асексуален промискуитет. Како резултат на тоа, тој паѓа на колена пред последните изветреани мисионерски напори на црквите. Со атавистички жар тој трча да го обожува гнилиот леш на Бог и остатоците во распаѓање на предисториските религии, убеден дека тие го збогатуваат него и неговото време. Заедно со постарите провинциски дами, студентите се општествена категорија со највисок процент на признаени религиозни курсеви. Секаде на друго место свештениците се понижени и протерани, но универзитетскиот клер отворено продолжува да малтретира илјадници студенти во своите духовни кенефи.

Искрено, треба да признаеме дека постојат и некои подносливо интелигентни студенти. Тие лесно се снаоѓаат со мизерните регулативи создадени да ги контролираат помедиокритетните студенти. Тие се во можност да го прават тоа токму затоа што го разбрале системот; а го разбрале затоа што го презираат и се препознаваат себеси како негови непријатели. Тие се во образовниот систем со цел да го искористат најдоброто што тој има да го понуди: имено, стипендии. Искористувајќи ја контрадикторноста, барем во моментот, која го обврзува системот да одржува мал, релативно независен сектор на академско „истражување“, тие тивко го носат семето на бунтовност до највисоките нивоа. Нивниот отворен презир кон системот оди рака под рака со луцидноста која ги прави способни да ги надитрат лакејите на системот, особено интелектуално. Тие веќе се меѓу теоретичарите на надоаѓачкото револуционерно движење, и се гордеат што започнуваат да им се плашат како такви. Тие не го држат во тајност фактот дека она што толку лесно го извлекуваат од „академскиот систем“ се користи за негово уништување. Бидејќи студентот не може да се бунтува против ништо без да се побуни против своите студии, иако нужноста од овој бунт тој ја чувствува помалку природно отколку работникот, кој спонтано се бунтува против својата состојба како работник. Но, студентот е производ на модерното општество, исто како Годар и Кока-Кола. Неговото екстремно отуѓување може да биде оспорено единствено преку оспорување на целото општество. Оваа критика во никој случај не може да биде изведена на студентскиот терен: студентот кој се дефинира себеси како таков се идентификува себеси како псевдовредност која го спречува да стане свесен за неговото лишување од сопственост, и тој оттаму останува на ниво на лажната свест. Но секаде каде што модерното општество започнува да биде оспорувано, младите луѓе земаат учество во таквото оспорување; а овој бунт ја претставува најдиректната и најкоренита критика на студентското однесување.

2. Не е доволно теоријата да биде остварена во практика; и практиката мора да ја најде својата теорија

После долг период на дремење и перманентна контрареволуција, последниве неколку години ги догледаа првите гестови на нов период на борба, највидливи кај младите луѓе. Но општеството на спектаклот, преку своите претстави за себе и за своите непријатели, на светот и историјата им наметнува сопствени идеолошки категории. Тоа постојано настојува да нѐ увери дека сè што се случува е дел од природниот поредок на нештата, сведувајќи го секој вистински развој кој го навестува неговото задушување на ниво на површни потрошувачки новини. Во стварноста, бунтот на младите луѓе против начинот на живот кој им е наметнат просто е предвесник, прелиминарно изразување на далеку пораспространетата субверзија која ќе ги зафати сите оние кои ја чувствуваат сѐ поголемата неможност да се живее во ова општество, прелудиум на новата револуционерна ера. Со нивните вообичаени методи за извртување на стварноста, доминантната идеологија и нејзините секојдневни гласноговорници го редуцираат ова вистински историско движење на социокултурна категорија: на идејата за младината. Секој нов бунт на младината е претставен само како вечен бунт на младината кој се повторува со секоја генерација, за едноставно да исчезне „кога младите луѓе ќе станат вклучени во сериозната работа на производство и кога ќе имаат вистински, конкретни цели“. „Бунтот на младите“ беше подложен на вистинска журналистичка инфлација (на луѓето им е претставен спектаклот на бунт за да ги одвлече од можноста да учествуваат во некој). Претставен е како абнормален, но нужен општествен вентил кој има своја улога во урамнотеженото функционирање на системот. Овој бунт против општеството го успокојува општеството затоа што наводно останува парцијален, начукан како во глувчешка дупка во апартхејдот на „адолесцентските проблеми“ (аналоген на „расните проблеми“ или „женските прашања“), и кој наскоро станува надраснат. Во стварноста, доколку постои „проблем на младите“ во модерното општество, тој едноставно се состои од фактот дека младите луѓе најакутно ја чувствуваат продлабочената криза на ова општество– и се трудат да ја изразат. Младата генерација е производ par excellence на модерното општество, без оглед дали избира интегрирање во него или негово најрадикално отфрлање. Она што зачудува не е што младината се бунтува, туку дека „возрасните“ се толку резигнирани. Но причината за ова е историска, не биолошка: претходната генерација живеела низ сите порази и ги проголтала сите лаги на долгата, срамна дезинтеграција на раволуционерното движење.

Сама по себе, „младината“ е јавен мит поврзан со капиталистичкиот начин на производство, израз на неговата динамика. Оваа илузорна надмоќност на младината стана возможна со економското опоравување по Втората светска војна, следејќи го масовниот влез во пазарот на една цела нова категорија пофлексибилни потрошувачи чијашто потрошувачка улога им овозможува да се идентификуваат со општеството на спектаклот. Но официјалната идеологија уште еднаш се наоѓа себеси во контрадикција со социоекономската стварност (заостанувајќи зад неа), а токму младината е онаа која прва искажа неодолива желба за живеење која спонтано се бунтува против секојдневната досада и мртвото време, коишто стариот свет продолжува да ги создава и покрај сета негова модернизација. Најбунтовните меѓу нив изразуваат чисто, нихилистичко отфрлање на општеството без каква било свест за можноста од негово истиснување. Но таа перспектива почнува да се согледува и развива ширум светот. Таа свест мора да ја постигне кохерентноста на теориската критика и практичната организација на таа кохерентност.

На најпримитивното ниво, „деликвентите“ од целиот свет со отворено насилство го изразуваат своето одбивање да бидат интегрирани во општеството. Но апстрактноста на нивното одбивање не им дава можност да им побегнат на контрадикторностите на системот, чијшто спонтан негативен производ се самите тие. Деликвентите се производ на секој аспект на сегашниот општествен поредок: урбанизмот на проектите за домување, сломот на вредностите, проширувањето на крајно досадното потрошувачко слободно време, растечката полициско-хуманистичка контрола на секој аспект од секојдневниот живот и економскиот опстанок на семејната единица, која го загубила сето значење. Тие ја презираат работата, но ја прифаќаат стоката. Тие сакаат сè што спектаклот им нуди, и го сакаат тоа сега; но не можат да платат за тоа. Оваа суштинска контрадикторност доминира со целото нивно постоење, ограничувајќи ги нивните напори за слободно користење на своето слободно време, за изразување на себеси и за создавање еден вид на заедница. (Нивните микрозаедници го обновуваат примитивизмот на маргините на развиеното општество, а бедата на овој примитивизам неизбежно ја обновува хиерархијата внатре бандата. Оваа хиерархија, која може да се исполни само во војни со другите банди, ја изолира секоја банда и секоја индивидуа внатре бандата). Со цел да ја избегне оваа контрадикторност, деликвентот мора или да се покори на одењето на работа со цел да купува стока – за што цел еден цел сектор од производството е посебно посветен на негово заведување во конзумерство (мотори, електрични гитари, облека, плочи, итн.) – или е принуден да ги нападне законите на стоката, на рудиментарен начин, преку нејзино крадење, или на свесен начин, преку напредување кон револуционерна критика на светот на стоката. Потрошувачката го „омекнува“ однесувањето на овие млади бунтовници, а нивниот бунт потонува во најлош конформизам. За деликвентите се можни само две перспективи: будењето на револуционерна свест или слепа послушност во фабриките.

Provo беше првиот облик на надминување на искуството на деликвентите, организација на првите политички изрази на тоа искуство. Тие изникнаа од средбата меѓу неколку отпадоци од светот на распадната уметност во потрага по кариера и масата на млади бунтовници во потрага по себеизразување. Нивната организација им овозможи на обете страни да напреднат и достигнат нов тип на борба. „Уметниците“ придонесоа за неколку идеи во врска со играта, иако сè уште прилично мистифицирани и украсени со парчиња од идеолошко руво; младите бунтовници немаа што да понудат, освен насилството на нивниот бунт. Од самиот почеток, обете тенденции останаа оддалечени; без теоретските маси се најдоа себеси под старателство на мала група дубиозни лидери кои се обидуваа да ја задржат својата „моќ“ преку измислување на „провотарска“ идеологија. Нивниот неоуметнички реформизам превлада над можноста дека насилството на деликвентите би можело да се прошири на полето на идеи во обид да ја истисне уметноста. Provo се израз на последниот реформизам произведен од модерниот капитализам: реформата на секојдневниот живот. Иако ништо помалку од непрекината револуција би било во можност да го промени животот, Provo хиерархијата – како и Бернштајн со неговата визија за постепено трансформирање на капитализмот во социјализам преку реформски средства – верува дека неколку подобрувања можат да го променат секојдневниот живот. Избирајќи го фрагментарното, Provo заврши со прифаќање на тоталитетот. За да си дадат себеси основа, нивните водачи ја создадоа смешната идеологија на „провотаријат“ (уметничко-политичка салата помешана со мувлосаните остатоци од гозабата на која тие никогаш не присуствувале). Овој нов провотаријат е во контраст со наводно пасивниот „пробуржујчен“ пролетаријат (вечниот рефрен на сите кретени на овој век). Бидејќи се одрекуваат од целосна промена, Provo ја отфрлаат единствената сила способна да ја оствари таа промена. Пролетаријатот е моторот на капиталистичкото општество, а оттаму и негова смртна закана: сè е создадено да го задушува – партии, бирократски синдикати, полиција (кои го напаѓаат почесто отколку што ги напаѓаат Provo), колонизацијата на целиот негов живот – бидејќи е единствената навистина заканувачка сила. Provo не сфатиле ништо од ова; тие остануваат неспособни да го критикуваат производствениот систем и оттаму остануваат затвореници на системот како целина. Кога еден антисиндикален работнички бунт го зафати и јадрото на Provo, кое се приклучи во директното насилство, нивните збунети водачи осатнаа во задните редови и не можеа да најдат ништо подобро да прават, освен да се откажуваат од „ексцесите“ и да повикуваат на ненасилство. Овие водачи, чијашто програма проповедаше провоцирање на властите со цел откривање на нивната репресивност, завршија жалејќи се дека биле испровоцирани од страна на полицијата. А на ради ги повикуваа младите бунтовници да дозволат да бидат водени од „Provo“, т.е. од неговите водачи, кои исцрпно демонстрираа дека нивниот матен „анархизам“ не е ништо повеќе од лага. За да достигнат револуционерна критика, бунтовното Provo јадро мора да започне со бунтување против сопствените водачи, што значи поврзување со објективните револуционерни сили на пролетаријатот и шутнување на луѓето како Констан и де Ври (едниот официјален уметник на Кралството Холандија, другиот неуспешен парламентарен кандидат кој ѝ се восхитува на англиската полиција). Единствено на овој начин Provo може да се поврзе со автентичната модерна борба, која и сами делумно ја најавија. Доколку навистина сакаат да го променат светот, треба да сфатат дека немаат корист од оние кои се борат да го обојат во бело.

Бунтувајќи се против своите студии, американските студенти директно го доведоа во прашање општеството кое има потреба од такви студии. А нивниот бунт (во Беркли и на други места) против универзитетската хиерархија уште од почеток се утврди себеси како бунт против целината на општествениот систем заснован на хиерархија и диктаторство на економијата и државата. Одбивајќи да ја прифатат работата и институционалните улоги за кои нивните специјализирани студии беа дизајнирани да ги подготват, тие продлабочено го доведоа во прашање системот на производство, кој ја отуѓува сета активност и неговите производи од нивните производители. Покрај нивното талкање и збунетост, бунтовната американска младина веќе бара кохерентна револуционерна алтернатива среде „општеството на благосостојба“. За жал, во голема мера тие остануваат фиксирани на два релативно инцидентни аспекти од американската криза – црнците и Виетнам – и малите организации на „Новата левица“ патат од овој факт. Нивниот облик индицира автентични стремежи кон демократија, но слабоста на нивната субверзивна содржина причинува тие да западнат во опасни контрадикции. Заради нивното екстремно политичко незнаење и наивни илузии во врска со она што навистина се случува во светот, нивното непријателство кон традиционалната политика на старите левичарски организации е лесно преканализирано во несвесно прифаќање на истата. Апстрактното спротивставување на нивното општество ги наведува да се восхитуваат или да ги поддржуваат неговите најпрепознатливи непријатели: „социјалистичките“ бирократии на Кина или Куба. Група како „Resurgent Youth Movement“ во ист здив може да ја осуди државата и велича „Културната револуција“, тој псевдобунт организиран од најголемата бирократија на модерното време: Маовата Кина. Истовремено, овие полуслободарски и недиректни организации, поради својот јасно воочлив недостиг на содржина, постојано се во опасност од потонување во идеологијата на „групната динамика“ или во затворениот свет на некоја секта. Широко распространетата употреба на дроги истовремено е израз на вистинската беда и протест против истата таа беда: таа е лажна потрага по слобода во свет без слобода, религиозна критика на свет кој веќе ја истиснал религијата. Не е случајно што таа толку преовладува во битничкото милје (десницата на бунтот на младите), каде што идеолошкото одбивање коегзистира со прифаќањето на најапсурдните суеверија (зен, спиритуализам, мистицизмот на „Новата Црква“ и останатите гнили лешеви како гандизмот и хуманизмот): во својата потрага по револуционерна програма, американските студенти ја прават истата грешка како и Provo и се прогласуваат себеси за „најексплоатираната класа во општеството“; оттаму, мора да сфатат дека немаат поинакви интереси од сите оние кои се подложни на робување на стоката и општото угнетување.

Во Источниот блок, бирократскиот тоталитаризам исто така започнува да произведува сопствени сили на негација. Бунтот на младите таму е особено интензивен, но единствените информации за него произлегуваат од неговите осуди објавени во официјалните публикации и од полициските мерки преземени да го задушат. Од овие извори ние дознаваме дека еден сегмент од младината повеќе не го „почитува“ моралот и поредокот на семејството (кој таму сè уште постои во неговиот најомразен буржоаски облик), посветен е на „разврат“, ја презира работата и повеќе не ја почитува партиската полиција. Во СССР е основано посебно министерство за борба против оваа нова деликвенција. Рамо до рамо со овој дифузен револт, се развиваат и многу подоследни изрази; групи и тајни весници се појавуваат и исчезнуваат во зависност од флуктуациите на полициската репресија. Досега најзначајно дело е публикацијата Отворено писмо до Комунистичката партија на Полска од младите Полјаци, Курон и Моѕелевски, која експлицитно ја афирмира потребата од „укинување на сегашните производствени и општествени односи“ и препознава дека тоа може да се оствари „само преку револуција“. Источната интелигенција се труди да ја објасни и направи свесна критиката која што работниците веќе ја конкретизираа во источен Берлин, Варшава и Будимпешта: пролетерската критика на бирократската класна моќ. Овој бунт е во тешка ситуација, морајќи да ги поставува и решава вистинските проблеми во еден удар. Во други земји борбата е можна, но таа останува мистифицирана. Во источните бирократии борбата е без илузии и целите се познати; проблемот е да се осмислат облиците кои ќе го отворат патот кон нивна реализација.

Во Англија бунтот на младите својот прв организиран израз го пронајде во движењето за разоружување. Оваа парцијална борба, собрана околу матниот програм на Committee of 100 – кој беше способен да изведе 300.000 демонстранти на улица – ја оствари својата најубава акција летото 1963 со скандалот „Шпиони за мир“[12]. Заради недостиг од радикални перспективи, тој неизбежно заостана, преземен од традиционалните политички манипулатори и пацифисти со благородни умови. Но специфично англискиот архаизам во начинот на контрола на секојдневниот живот не беше во состојба да издржи пред нападот на модерниот свет; забрзаното распаѓање на секуларните вредности поттикнува продлабочени револуционерни тенденции во критика на сите аспекти на преовладувачкиот начин на живот[13]. Борбите на британската младина мораат да се поврзат со оние на британската работничка класа, која со своето синдикално движење и спонтани штрајкови останува да биде една од најборбените во светот. Победата на овие две борби е можна единствено доколку разработат заедничка перспектива. Колапсот на лабуристичката влада е дополнителен фактор кој би можел да придонесе кон таквиот сојуз. Нивното спојување ќе предизвика експлозииво чија споредба амстердамските Provo немири ќе бидат детска игра. Единствено на овој начин може да израсне вистинско револуционерно движење кое ќе може да одговори на практичните потреби.

Јапонија е единствената развиена индустријализирана земја каде што оваа фузија на студенстката младина и радикалните работници веќе се случила.

Zengakuren, добро познатата организација на револуционерни студенти, и Лигата на млади марксистички работници се двете главни организации формирани врз заедничката ориентација на Револуционерната комунистичка лига. Оваа формација веќе се справува со проблемите на револуционерно организирање. Истовремено, и без илузии, се бори со западниот капитализам и бирократијата на таканаречените социјалистички земји. Веќе заедно групира неколку илјади студенти и работници организирани на демократска и антихиерархиска база, каде што сите членови учествуваат во сите активности на организацијата. Овие јапонски револуционери се први во светот кои водат големи организирани борби во име на развиената револуционерна програма и со значително масовно учество. Од демонстрација до демонстрација, илјадници работници и студенти се слеваат по улиците за да започнат насилна борба со јапонската полиција. Меѓутоа, РКЛ има недостиг од целосна и конкретна анализа на двата системи против кои се бори со таква свирепост. Таа допрва треба да ја дефинира точната природа на бирократската експлоатација, исто како што допрва треба експлицитно да ги формулира карактеристиките на модерниот капитализам, критиката на секојдневниот живот и критиката на спектаклот. Револуционерната комунистичка лига сè во суштина е авангардна политичка организација и со најдобрите одлики на класичните пролетерски организации. Таа во моментот го претставува најзначајното револуционерно групирање во светот, и според тоа би требала да биде поле за дискусија и собирно место на новата глобална револуционерна пролетерска критика.

3. Да се создаде ситуација после која нема враќање

„Да се биде авангарда значи да се оди во чекор со реалноста“ (Internationale Situationniste #8). Радикалната критика на модерниот свет денес мора да го постави тоталитетот како свој предмет и како своја цел. Критиката мора да биде создадена да се фати во костец со вистинското минато на тој свет, са неговата сегашна стварност и со очекувањата за негово менување. Сегашниот свет никогаш нема да можеме да го согледаме во целина, а уште помалку да го формулираме проектот за негово целосна субверзија, доколку не бидеме во состојба да ја откриеме неговата скриена историја, доколку целата историја на борба на меѓународното револуционерно движење, која пред повеќе од сто години ја започна западниот пролетаријат, не ја подвргнеме на строга критичка демистификација. „Тоа движење против целината на организацијата на стариот свет заврши уште одамна“ (Inetranationale Situationniste #7). Беше поразено. Неговата последна историска манифестација беше Шпанската пролетерска револуција, поразена во Барселона во мај 1937. Но неговите официјални „неуспеси“ и „победи“ мораат да бидат проценети во светло на нивните евентуални последици, а нивните суштински вистини мораат повторно да бидат изнесени на виделина. Во овој поглед, можеме да се сложиме со забелешката на Карл Либкнехт, во предвечерјето на неговото убиство, дека „некои порази всушност се победи, додека некои победи се посрамни од кој било пораз“. Оттаму, првиот „пораз“ на пролетерската моќ, Париската комуна, во стварноста всушност беше нејзината прва голема победа, бидејќи за првпат раниот пролетаријат го демонстрираше својот историски капацитет слободно да ги организира сите аспекти на општествениот живот. Додека неговата прва голема „победа“, Болшевичката револуција, на крај испадна дека е нејзиниот најкатастрофален пораз.

Триумфот на болшевичкиот поредок коинцидираше со меѓународното контрареволуционерно движење, кое започна со разбивањето на Спартаковците од страна на германската „социјалдемократија“. Сродноста на истовремените победи на болшевизмот и реформизмот досега многу подлабоко од нивната привидна спротивставеност, бидејќи и за болшевичкиот режим се испостави дека е само нова варијација на стара тема, ново руво на стар поредок. Резултатите од руската контрареволуција беа, на внатрешен план, востановување и развој на нов начин на експлоатација, бирократски државен капитализам, и на надворешен план, распространување на „комунистичката“ Интернационала, преку ограноци кои служеа единствено на целта за бранење и репродуцирање на рускиот модел. Капитализмот, во своите бирократски и буржоаски варијанти, се избори за нов закуп над животот, врз мртвите тела на морнарите од Кронштат, селаните од Украина и работниците од Берлин, Киел, Торино, Шангај и, конечно, Барселона.

Третата интернационала, навидум создадена од болшевиците да го спречи дегенерираниот социјалдемократски реформизам на Втората интернационала и да ја обедини авангардата на пролетаријатот во „револуционерни комунистички партии“, беше премногу тесно поврзана со интересите на нејзините основачи за воопшто некаде да придонесе кон автентична социјалистичка револуција. Во реалноста, Третата интернационала во суштина беше само продолжение на Втората. Рускиот модел беше набрзина наметнуван на западните работнички организации, кои оттогаш се развиваа на ист начин. Тоталитарната диктатура на бирократијата, новата владејачка класа, наметната на рускиот пролетаријат, својот одек го пронајде во други земји, во слојот од политички и работничко-синдикални бирократи чии интереси станаа видливо контрадикторни со оние на нивното членство. Додека сталинистичкото чудовиште ја прогонуваше свеста на работничката класа, капитализмот се бирократизираше и прекумерно развиваше, решавајќи ги своите проблеми и гордо изјавувајќи дека оваа нова победа е конечна. И покрај очигледните варијации и спротивставености, еден општествен облик доминира со светот. Принципите на стариот свет продолжуваат да владејат со нашиот модерен свет; традицијата на мртвите генерации сè уште ја оптоварува свеста на живите.

Отпорот кон овој свет кој се нуди во негови рамки, на неговиот сопствен терен, од наводно револуционерни организации, е само привиден отпор. Таквото псевдоспротивставување, пропагирајќи ги најлошите мистификации и повикувајќи повеќе или помалку ригидни идеологии, на крај помага да се консолидира доминантниот поредок. Работничките синдикати и политичките партии кои работничката класа ги изгради како алатки за сопствена еманципација, станаа само испусни вентили, регулативни механизми на системот, приватна сопственост на нивните раководства кои ги користат за своја лична еманципација, како скалила кон улогите во рамки на владејачката класа на општеството кое тие никогаш не сонувале да го доведат во прашање. Партиските програми на синдикалните статути можеби содржат остатоци од „револуционерна“ фразеологија, но нивната практика насекаде е реформистичка. (А нивниот реформизам, во суштина стана уште побесмислен, бидејќи самиот капитализам официјално стана реформистички). Секаде каде што партиите беа во можност да ја освојат моќта – во земјите поназадни од Русија во 1917 – тие само го репродуцира сталинистичкиот модел на тоталитарна контрареволуција[14]. На другите места, тие станаа статичен и нужен додаток[15] на саморегулацијата на бирократскиот капитализам, симболичниот отпор неопходен за одржување на неговиот полициски хуманизам. Во однос на работничките маси, тие остануваат да бидат безгрешните и безусловни бранители на бирократската контрареволуција и послушни агенти на нејзината надворешна политика. Постојано работејќи кон обновување на универзалното диктаторство на економијата и државата, тие ја кажуваат најголемата лага во светот на лагите. Као што ситуационистите велат, „универзално доминантниот општествен систем, кој се стреми кон тоталитарна саморегулација, само привидно е предизвикан од лажните облици на отпор, кои остануваат на самиот терен на системот и кои всушност служат за негово зајакнување. Бирократскиот псевдосоцијализам е само најграндиозната маска на стариот свет на хиерархија и отуѓен труд“.

Што се однесува до студентскиот синдикализам, тој е само пародија на фарсата, бесцелна и бесмислена имитација на долго дегенерираниот работнички синдикализам.

Теоретското и практично разобличување на сталинизмот во сите негови облици мора да биде основната баналност на сите идни револуционерни организации. Јасно е дека во Франција, на пример, каде што економската неразвиеност ја одложила свеста за кризата, револуционерното движење може да биде преродено само преку мртвото тело на сталинизмот. Постојано повторуваното мото на последната револуција на предисторијата мора да гласи: сталинизмот мора да биде уништен.

Оваа револуција мора еднаш засекогаш да раскрсти со сопствената предисторија и сета своја поезија да ја изведе од иднината. Малите групи на „милитанти“ кои тврдат дека се претставници на „автентичното болшевичко наследство“ се гласови од другата страна на гробот; во никој случај тие не ја навестуваат иднината. Овие реликвии од големиот бродолом на „предадената револуција“ постојано завршуваат бранејќи го СССР; тоа е нивното скандалозно предавство на револуцијата. Тие тешко можат да ги одржат своите илузии надвор од славните неразвиени земји, каде што служат за зајакнување на теоретската неразвиеност[16]. Од Партизаните (орган на помирените сталино-троцкистички струи) до сите тенденции и полутенденции кои се препираат околу мртвото тело на Троцки, во и надвор од Четвртата интернационала, владее истата револуционерна идеологија, со истата теоретска и практична неспособност за справување со проблемите на модерниот свет. Од револуцијата ги делат четириесет години на контрареволуција. Бидејќи ова не е 1920, тие можат само да грешат (а веќе погрешија во 1920).

Распуштањето на „ултралевичарската“ група Socialisme ou Barbarie група по нејзината поделба на две фракции – „модернистите“ собрани околу Кардан и „традиционално марксистичката“ (Pouoir Ouvrier) – е доказ, доколку воопшто некаде е потребен, дека не може да има револуција надвор од модерното, ниту која било модерна мисла надвор од повторното изумување на револуционерната критика (Internationnale Situationiste #9). Секое раздвојување на тие два аспекти неизбежно води или назад во музејот на револуционерната предисторија или во модернизација на системот, т.е. во владејачкиот облик на контрареволуција: Voix Ouvrière или Arguments.

Што се однесува до разните анархистички групи, тие не поседуваат ништо повеќе од патетична верба во својата идеолошка етикета на „анархија“, во којашто се имаат затворено. Жалниот Le Monde Libertaire, очигледно уредуван од студенти, го содржи најневеројатниот степен на конфузија и глупост. Бидејќи се толерираат едни со други, тие ќе толерираат и сè друго.

Владејачкиот општествен систем, кој се покажува себеси во добро светло преку својата постојана модернизација, сега мора да се соочи со вреден противник: подеднакво модернизираната негација којашто се продуцира самата себе[17]. Мртвите нека ги закопаат мртвите. Практичната демистификација на историското движење всушност е растерување на духовите кои ја прогонуваа револуционерната свест; револуцијата на секојдневниот живот се соочува со неизмерноста на своите задачи. И револуцијата и животот што таа ги најавува, мораат да бидат повторно изумени. Доколку револуционерниот проект остане фундаментално ист – укинување на класното општество – тоа е затоа што условите кои го раѓаат тој проект никаде не биле радикално трансформирани. Но овој проект мора одново да се покрене со нова радикалност и кохерентност, учејќи од неуспехот на претходните револуционери, за неговата парцијална реализација да не донесе само нова поделба во општеството.

Бидејќи борбата меѓу системот и новиот пролетаријат може да биде само во термини на тоталитет, идното револуционерно движење мора да укине сè во себе што се стреми да го репродуцира отуѓувањето создадено од стоковиот систем – систем со кој доминира комодифицираниот труд. Тоа мора да биде жива критика на тој систем, негација која ги опфаќа сите елементи нужни за негово задушување. Како што Лукач точно покажа (во Историјата и класната свест), револуционерната организација е неопходниот посредник помеѓу теоријата и практиката, помеѓу човекот и историјата, помеѓу масата работници и пролетаријатот конституиран како класа. (Грешката на Лукач е што тој веруваше дека Болшевичката партија ја исполнува ова улога). Доколку се сака да бидат реализирани во практика, „теоретските“ тенденции и разлики мораат веднаш да бидат преведени во организациски прашања. Сè на крај зависи од тоа како новото револуционерно движење ќе го реши организациското прашање; кое се однесува до тоа дали организациските облици се конзистентни со неговиот суштински проект: интернационалната реализација на апсолутната моќ на работничките совети предвидена во пролетерските револуции на овој век. Таквата организација мора да создаде радикална критика на сите темели на општеството против коишто се бори: стоковото производство; идеологијата во сите нејзини маски; државата и сите поделби наметнати од страна на државата.

Камен темелникот на старото револуционерно движење беше поделбата на теорија и практика. Само ново, супериорно движење на пролетерска борба може да ја надмине таа поделба и да ја открие сопствената вистина. Ниту една организација досега не го премостила овој јаз. Идеологијата, без оглед колку „револуционерна“, секогаш им служи на владетелите; таа е алармниот сигнал кој го открива присуството на непријателската петта колона. Токму затоа критиката на идеологијата мора во финалната анализа да биде централен проблем на револуционерната организација. Лагите се производ на отуѓениот свет; тие не можат да се појават во организација којашто тврди дека е носител на општествената вистина, без истовремено организацијата да стане уште една лага во светот на лагите.

Сите позитивни аспекти на моќта на работничките совети мора веќе ембрионски да бидат присутни во секоја револуционерна организација која цели кон нивна реализација. Таквата организација мора да поведе борба на смрт против ленинистичката теорија на организација. Револуцијата од 1905 и спонтаното самоорганизирање на руските работници во совети, веќе беше критика преку дела[18] на таа отровна теорија. Но болшевичкото движење опстоја во верувањето дека спонтаноста на работничката класа не може да оди подалеку од „синдикалната свест“ и оттаму беше неспособно да го опфати „тоталитетот“. Ова доведе до обезглавување на пролетаријатот, за Партијата да може да се постави себеси како „глава“ на револуцијата. Оспорувањето на историскиот капацитет на пролетаријатот за сопствено ослободување, како што тоа толку сурово го стори Ленин, значи оспорување на неговиот капацитет за целосно водење на идното општество. Во таква перспектива, слоганот „Сета моќ на советите“ не значеше ништо повеќе од преземање на советите од страна на Партијата и воспоставување партиската држава наместо „држава“ во изумирање на вооружениот пролетаријат.

„Сета моќ на советите“ мора повторно да биде наш слоган, но овојпат буквално, без подлите болшевички мотиви. Пролетаријатот може да ја игра играта на револуција само доколку влог е целиот свет; инаку нема ништо да постигне. Неприкосновениот облик на неговата моќ, општото самоуправување, не може да биде споделено со ниту една друга власт. Бидејќи го претставува вистинското распуштање на сета власт, тој не може да толерира ниту едно ограничување (географско или поинакво); сите компромиси коишто ги прифаќа веднаш се трансформираат во концесии, во предавање. „Самоуправувањето мора да биде и средството и целта на денешната борба. Тоа не го претставува само влогот во борбата, туку и нејзиниот адекватен облик. Самото тоа истовремено е материјалот којшто обликува и неговата премиса.“ („Класната борба во Алжир“, Internationale Situacionniste #10).

Унитарната критика на светот е гаранција за кохерентноста и вистината на револуционерната организација. Толерирањето на постоење на угнетувачки систем во некој одреден регион (затоа што тој се претставува себеси како „револуционерен“, на пример) се сведува на признавање на легитимноста на угнетувањето. Да се толерира отуѓувањето во кој било домен на општествениот живот значи признавање на неминовноста од сите облици на реификација. Не е доволно апстрактно да бидете на страна на власта на работничките совети; нужно е да демонстрирате што тоа конкретно значи: задушување на стоковото производство, а оттаму и на пролетаријатот. И покрај нивните површни разлики, сите постоечки општества се водени од логиката на стоката; таа е основата на нивното тоталитарно самоуредување. Реификацијата на стоката е суштинската пречка кон целосна еменципација, кон слободна конструкција на животот. Во светот на стоковото производство, практиката не е свртена кон автономно одредените цели, туку е подвргната на диктатот на надворешните сили. Економските закони добиваат изглед на природни закони; но нивната моќ зависи исклучиво од „недостигот на свест на оние кои учествуваат во нив“.

Суштината на стоковото производство е губењето на себството во хаотичното и несвесно создавање на свет кој останува целосно надвор од контрола на неговите создавачи. Наспроти тоа, радикалното револуционерно јадро на општо самоуправување подразбира свесна контрола на секој поединец над целината на животот. Самоуправувањето на стоковото отуѓување само сите би ги сторило програмери на сопствениот опстанок – исправувањето на капиталистичкиот круг. Задачата на работничките совети оттаму не би била самоуправување на постоечкиот свет, туку на непрекинатата квалитативна трансформација: конкретното задушување на стоката (тоа огромно застранување во историјата на човечкото себепроизводство).

Тоа истиснување природно го имплицира укинувањето на работата и нејзиното заменување со нов вид на слободна активност, на тој начин елиминирајќи една од фундаменталните поделби на модерното општество: онаа меѓу сѐ поголемиот реифициран труд и пасивно конзумираното слободно време. Денешните групи во распаѓање како Socialisme ou Barbarie или Pouvoir Ouvrier[19], иако следбеници на паролата за работничка моќ, продолжуваат да го следат патот на старото работничко движење во предвидувањето на реформирање на работата преку нејзина „хуманизација“. Но самата работа мора да биде нападната. Далеку од тоа дека е „утописко“, укинувањето на работата е првиот услов за ефективно истиснување на стоковото општество, за елиминирање во рамки на животот на секоја личност на онаа поделба меѓу „слободно време“ и „работно време“ – тие комплементарни сектори на отуѓениот живот; тоа е постојан израз на внатрешната контрадикторност на стоката помеѓу употребната вредност и разменската вредност. Единствено кога ќе биде надмината оваа спротивставеност луѓето, ќе бидат способни својата витална активност да ја претворат во предмет на својата волја и свест и да се видат себеси во свет којшто самите го создале. Демократијата на работничките совети е решение за сите денешни поделби. Го прави невозможно „постоењето на сè што постои надвор од поединецот“.

Свесна доминација врз историјата од страна на луѓето кои ја создаваат – тоа е целосниот револуционерен проект. Модерната историја, како и сета мината историја, е производ на општествената практика, (несвесниот) резултат на човечките активности. Во ерата на тоталитарна доминација, капитализмот ја произведе својата сопствена религија: спектаклот. Спектаклот е овоземската реализација на идеологијата. Никогаш светот не бил толку извртен. „И како и ’критиката на религијата‘ во времето на Маркс, денес критиката на спектаклот е суштинскиот предуслов на секоја критика“ (Internationale Situationniste #9).

Човештвото се соочува со историското прашање на револуцијата. На сè пограндиозниот развој на материјални и технички средства одговара единствено сè попродлабочено незадоволство на сите. Буржоазијата и нејзиниот источен наследник, бирократијата, се неспособни овој прекумерен развој (којшто ќе биде основа за поезијата на иднината) да го искористат за добри цели, токму затоа што обете се стремат да го одржат стариот поредок. Најмногу за што можат да ја употребат е за зајакнување на својата полициска контрола. Тие не можат да прават ништо друго освен да акумулираат капитал, а оттаму и пролетери – пролетер е оној кој нема моќ врз својот живот и тоа го знае. Историска предност на пролетаријатот е тоа што е единствениот наследник на безвредните богатства на буржоаскиот свет – богатства коишто тој мора да ги трансформира и надмине на начин кој ќе овозможи развој на целосно исполнети човечки суштества преку целосно присвојување на природата и сопствената природа. Исполнувањето на човечката природа може единствено да значи неограничено размножување и целосно задоволување на вистинските желби, кои спектаклот ги задушува во најтемните ќошиња на револуционерната потсвест, и коишто можат да се остварат единствено на фантастичен начин, вонестварниот делириум на на појавност на спектаклот. Вистинското исполнување на автентичните желби – што значи укинување на сите псевдопотреби и псевдожелби, коишто системот секојдневно ги произведува со цел да ја обнови сопствената моќ – не може да се случи без задушување и позитивно надминување на стоковиот спектакл.

Модерната историја можат да ја ослободат, а нејзините безбројни достигнувања да ги стават на слободно располагање, единствено силите коишто таа ги задушува: работниците кои немаат никаква контрола над условите, значењето и производите на нивните сопствени активности. Во деветнаесетиот, век пролетаријатот веќе бил наследник на филозофијата; сега тој е наследник на модерната уметност и на првата свесна критика на секојдневниот живот. Тој не може да се задуши себеси без истовремено да ја иствари уметноста и филозофијата. Да се трансформира светот и да се промени животот се едно исто за пролетаријатот, нераздвојните лозинки на неговото задушување како класа, растурањето на сегашното царство на нужноста, и конечно, можниот пристап кон царството на слободата. Радикалната критика и слободното реконструирање на сите вредности и шеми на однесување наметнати од отуѓената реалност се неговата максимална програма. Слободната креативност во создавањето на сите моменти и настани на животот е единствената поезија којашто може да ја признае, поезијата создадена од сите, почетокот на револуционерниот фестивал. Пролетерските револуции ќе бидат или фестивали или нема да бидат ништо, бидејќи самата разиграност е клучот на животот којшто тие го најавуваат. Играта е крајниот принцип на овој фестивал, а единствените правила коишто ги признава се да живееш без мртво време и да уживаш без ограничувања.

 

[1] Марк Кравец (Mark Kravetz), залижан говорник добро познат меѓу UNEF политикантите, ја направи грешката да се зафати со „теориско истражување“: во 1964 објави одбрана на студентскиот синдикализам во Les Temps Modernes, од којашто следната година се откажа во истото списание.

[2] Се подразбира дека концептите на спектакл, улога, итн. ги користиме во ситуационистичко значење.

[3] Но без револуционерната свест: квалификуваниот работник немал илузија за унапредување.

[4] Мислиме на културата на Хегел и енциклопедистите, не онаа на Сорбона или на École Normale Supérieure.

[5] Не осмелувајќи се и понатаму да зборуваат во име на малограѓанскиот либерализам, тие ја евоцираат фантазираната слобода на универзитетите од средниот век, таа епоха на „демократска неслобода“.

[6] Види „Преписка со еден кибернетичар“ во Internationale Situationniste #9 и ситуационистичкиот трактат La tortue dans la vitrine насочен против „неопрофесорот“ А. Молс (А. Moles).

[7] Види Сексуалната борба на младите и Функцијата на оргазмот.

[8] Секој нормален човек пред психијатар ќе се појави, во неговото утврдено засолниште, само со насила облечена лудачка кошула. Но на студентите доволно е да им се каже дека во нивното гето се отворени истурени станици на контрола: тие веднаш ќе истрчаат таму во толкав број што ќе мораат да чекаат во ред за да влезат.

[9] За бандата Arguments и гасењето на нивното списание, види го трактатот „На ѓубриштето на историјата“ издаден од Ситуационистичката интернационала во 1963.

[10] Во таа смисла, не може доволно да се препорача решението веќе практикувано од најинтелигентните, истите да се крадат.

[11] Последната авантура на „Унијата на студенти комунисти“ и нејзините христијански копии покажува дека сите тие студенти се обединети врз еден суштински принцип: безусловно потчинување на хиерархиски супериорните.

[12] Скандал во кој следбениците на движењето за разоружување открија, јавно објавија и потоа влегоа во неколку ултратајни атомски засолништа резервирани за членови на владата.

[13] Човек овде ќе помисли на извонредното списание Heatwave, коешто се чини дека еволуира кон сè поостра радикалност.

[14] Партиите се стремеа кон индустријализирање на овие земји преку класична примитивна акумулација на сметка на селаните, забрзана со помош на бирократскиот терор.

[15] Цели 45 години „Комунистичката“ партија на Франција не презеде ниту еден чекор кон одземање на моќта. Истото важи и за сите развиени земји коишто не потпаднаа под чизмата на „Црвената“ армија.

[16] За нивната улога во Алжир, види Класната борба во Алжир (Internationale Situacionniste #10).

[17] Порака до алжирските револуционери (Internationale Situacionniste #10).

[18] По теоретските критики кои ги разви Роза Луксембург; види „Организациските прашања на руската социјалдемократија“ 1904, во која го критикува Лениновиот памфлет Што да се прави? (1903).

[19] Спротивно на тоа, група како ICO, одбегнувајќи ја секоја организација и кохерентна теорија, се осудува себеси на пропаст.