Огист Вајан
Изјавата на Вајан пред судот
Биографија
Огист Вајан (Auguste Vaillant), роден во Мезјер, Ардени на 27.12.1861, гилотиниран на 05.02.1894 во Париз. Израснал без татко (корзикански жандарм), а подоцна и без мајка, напуштен. На 14 години започнува талкачки живот, кој (пеш!) ќе го одведе до Париз. Уште како малолетник повеќе пати е осудуван заради талкање, кражба на леб, просјачење, неплаќање сметки во гостилница (шест дена затвор). Загрижен заради сопствената и туѓата бедотија, во Париз го запознава анархистичкото милје, а почнува да развива интерес и кон астрономијата и филозофијата. Склучува брак од кој ќе добие ќерка, Сидони (Sidonie), врз која по неговата смрт старателство ќе преземе анархистот Себастијан Фор (Sébastien Faure).
Си ја пробал и среќата во Аргентина, но веќе по три години се вратил во Франција.
На 9 декември 1892 фрла експлозивна направа во салата на парламентот, извикувајќи: „Смрт на буржоазијата! Да живее анархијата!“. Симболичен гест во знак на протест против репресијата над анархистите, предводена од премиерот Жан Казимир-Периер (Jean Casimir-Périer). Направата не била склопена за да предизвика голем број жртви, па само неколкумина парламентарци се здобиле со лесни повреди. Но, и покрај тоа, Вајан е осуден на срмт со гилотина (во февруари 1894). Тоа ќе биде првата личност, по Француската револуција, осудена на смртна казна иако не извршила убиство.
Францускиот парламент го искористил настанот за зголемување на репресијата над анархистите и нивниот печат, преку таканаречените злосторнички закони (lois scélérates), изгласани помеѓу 1893 и 1894. Првиот закон се однесувал на јавната сигурност, воведени биле и нови казнени дела, како на пример заговарање пропаганда преку дела и кршење на законите, што довело до многубројни апсења и превентивни санкции. Истата година донесен е уште еден закон кој се однесувал на злосторничкото здружување, а прогонувани биле групи осомничени за подготвување атентати. Една година подоцна стапил на сила и последниот „злосторничнки закон“ со кој бил забранет секој облик на анархистичка пропаганда, односно печатот.
Истата година италијанскиот анархист Санте Казерио (Sante Caserio) во Лион ќе го убие францускиот претседател Сади Карно (Sadi Carnot), одговорен за погубувањето на Вајан и репресивните мерки. Наведените закони се укинати на 23 декемеври 1992.
Со Вајан бунтот на слободниот поединец против логиката на моќта се воздигнува до целосна свест и стратегија. Ако општественото ослободување не сака да се сведе на чисто теоретско, стерилно „заземање став“, утврдувајќи ги точките преку кои се артикулира системот на угнетување, треба да се нападне: а тој го напаѓа претставничкиот дом, местото во коешто буржоазијата го зачувала доброволното ропство.
Изјавата на Вајан пред судот 1893
Господа поротници! За неколку мигови вие ќе ме осудите, но и покрај вашата пресуда ми останува задоволството дека го ранив вашето проклето општество, во кој еден човек може за само еден час да потроши износ со кој би можеле да се прехранат илјадници семејства за една година, тоа ваше подло општество во кое неколкумина го присвојуваат целото богатство на земјата додека стотици илјади несреќници немаат ниту леб, леб кој се фрла на кучињата, и цели семејства се осудени на самоубиство заради немаштина.
Ох, кога барем би можеле моќниците да се спуштат меѓу масите бедници! Но не, тие не го слушаат викот на унесреќените! Како некоја коб да ги влече во амбис - како монархијата во 18 век - кој ќе ги проголта.
Затоа тешко оној кој ќе остане глув на плачот на гладните! Тешко оние кои себеси се сметаат за повисоки битија, па затоа си земаат за право да ги експлоатираат пониските! Доаѓа ден кога народот збеснува, кога се крева како ураган и продира како порој, а тогаш високо на крвавите копја се нишаат глави.
Меѓу угнетените, господа, наидуваме на две категории: првите не знаат ниту кои се ниту кои би можеле да бидат, го прифаќаат животот каков што е, веруваат дека се родени како робови, среќни со трошките кои им ги фрлаат во замена за работата; но, постојат и други, кои размислуваат, проучуваат, кои се осврнуваат и забележуваат воочливите општествени нееднаквости.
Виновни ли се тие кои јасно гледаат и кои страдаат заради страдањето на своите ближни?
Стрмоглаво се фрлаат во борба, гласници на протелерските стремежи.
Јас припаѓам на овие последниве, господа.
Каде и да сум бил, секаде сум наидувал на несреќници згрбавени под јаремот на капиталот, секаде истите крвави рани, секаде, сè до крајните и речиси пусти граници на Јужна Америка, каде залудно барав починка, посматрајќи ја природата под палмината сенка, преморен и обременет од тешкотиите и страдањата на нашата цивилизација.
Но таму, повеќе отколку на кое било место, капиталот, тој незаситен вампир, ги исцицува до последната капка крв несреќните отпадници.
И така се вратив во Франција, каде што драмата на моето семејство, жртва на ужасни страдања, беше капката која ја прели мојата страст: уморен од овој страдалнички и кукавички живот, одлучив да ја однесам мојата бомба меѓу оние кои се најодговорни за страдањата во ова општество.
Ми забележуваа за раните кои моите куршуми ги нанесоа: дозволете ми да истакнам дека ако буржоазијата не масакрираше и наредуваше масакри за време на Револуцијата, ние веројатно денес сè уште ќе живеевме под јаремот на аристократијата. Згора на тоа, ако ги додадеме мртвите и ранетите од Тонкин, Мадагаскар, Дахомеј[1], ако ги додадеме и илјадниците, милиони, несреќници кои гинат на градилиштата, во рудниците, секаде каде што владее капиталот, ако го придодадеме и бедното мнозинство кое со амин на нашите претставници умира од глад, тогаш она што мене денес ми се забележува изгледа како занемарлива ситница.
Крвопролевањето не поништува друго крвопролевање, се согласувам; но, реагирајќи одоздола на агресиите кои доаѓаат одозгора, зарем не делуваме во самоодбрана?
Ох, добро знам што вели чесниот свет: сум морал моите барања да ги ограничам на зборови. Но, што очекувате? За глувите да слушнат, за да се привлече вниманието на оние кои не сакаат да го слушнат гласот, мора да одекне силно како детонација.
Веќе предолго на нашите гласови се одговара со затвори, јаже, пушка и затоа немојте да се залажувате, експлозијата на мојата бомба не е осамен и изолиран вресок на Вајан; тоа е вресок на цела една класа која ги сака своите права. А утре по зборовите ќе следуваат дела. Бидете сигурни. Законите кои ги смислувате нема да ги запрат идеите на мислителите. Како што во претходниот век сите конзервативни сили не ги спречија Дидро и Волтер меѓу народот да шират еманципаторски идеи, така и силите на денешната власт нема да ги спречат Дарвин, Рекли, Спенсер, Ибзен, Мирбо да сеат идеи за правда и слобода, кои ќе ги разбијат предрасудите во кои масите сè уште живеат и кои во несебичните души на непоразените, исто како во мојата, ќе развијат изблици на побуна, сè почести, сè посмели, сè додека од земјата не исчезне секоја почит кон авторитетот, а луѓето слободно ќе се здружуваат според своите афинитети и секој ќе може да ужива во целокупниот производ на својата работа, а моралните болести наречени предрасуди ќе исчезнат и сите човечки суштества ќе живеат складно, бидејќи единствениот стремеж ќе им биде изучување на науката и пружање љубов на другите.
Завршувам, господа, повторувајќи дека општеството кое е проткаено со општествени нееднаквости, како овие кои нас нè погодуваат, во кое сиромаштијата тера на самоубиство, во кое споменици се касарните и затворите, мора без двоумење и жалење што побрзо да биде избришано од историјата на човековиот род.
Ги поздравувам сите кои се залагаат за искажаната промена, без оглед какви средства користат. Идејата ме наведе да пркосам на авторитетот и со оглед дека во горчливиот двобој само го ранив противникот, сега нему му е редот да се одмазди.
А сега, господа, сеедно ми е каква казна ќе одредите за мене. Бидејќи додека ве гледам со студените очи на разумот, не можам а да не ви се насмеам, вие изгубени атоми на материјата, кои земате за право да им судите на блиските затоа што... затоа што имате продолжување на ‘рбетниот мозок.
Ах, господа, колку безначаен е вашиот суд, правдата, вашата пресуда во историјата на човештвото, безначајна е и самата историја во виорот кој ја носи низ беспаќата каде што му е судено да згасне, или барем да се преобрази, за повторно да ја започне истата приказна и истите дела, непрекинатата игра на космичките сили кои се обновуваат и преобразуваат во бесконечност.
Извадоци од судењето на Вајан
[...]
Вајан - Се викам Огист Вајан, роден во Мезјер 1861, со место на живеење во Шоази де Роа; трговски чиновник.
Судија - Вие сте незаконско дете, отпосле признато. Зарем веќе не сте осудувани четирипати?
Вајан - Да, но за она што ме обвинувате, со нескриена строгост, одговорно е вашето општество.
Судија - Осудени сте заради навистина прости прекршоци, само што причината која сте му ја навеле на истражниот судија е оригинална, и навистина во склад со вашите доктрини, бидејќи велите: „не постојат злосторници, како што не постојат ниту злосторства и во секој случај не е поединецот виновен туку општеството“. И продолжувате, во врска со моралот: „тој е само збир на предрасуди“. Така сте се изјасниле?
Вајан - Точно.
[...]
Судија - Некој дури имал храброст да напише дека вашите жртви се здобиле само со неколку гребаници.
Вајан - Но, тоа е вистина. Зарем од сите жртви не сум токму јас најтешко ранет?
Судија - Не мислев дека убиец може толку бесрамно да се спореди со своите жртви!
Вајан - Помирете се со тоа, господине судија, без звучни и празни фрази, бидејќи навистина се споредувам со жртвите, а на невини жртви баш секаде наидувам. Војниците кои вашата влада ги праќа да умираат од тифус или од олово во Тонкин страдаат многу повеќе отколку што страдаа вашите ранети во Палатата Бурбон; а сепак за нив не жалевте.
Судија - Да ги оставиме настрана владата и војската. Меѓу жртвите на вашиот болен атентат некои се здобија и со преломи, тешки и длабоки рани.
Вајан - Нема мртви меѓу моите жртви. Ако го сакав тоа, ќе ја наполнев бомбата со нитроглицерин и тогаш навистина ќе броевте десетици мртви.
Судија - Вие сте знаеле дека зелениот барут е еднаков на динамит. Ако случајно бомбата експлодирала среде салата, ќе предзвикала значаен број мртви. Така тврди вештакот.
Вајан- Вие никого нема да успеете да уверите дека нашите претставници се понежно градени од нивните бирачи. Бомбата беше направена да повреди, сфатете го тоа, не беше направена да убие. Заради хуманоста, и заради други принципи кои не сакам да ви ги изнесувам, резултатот е: немаше мртви, а ќе беа навистина бројни ако бомбата ја наполнев со куршуми наместо чивии, со нитроглицерин наместо барут. Вие постојано зборувате за мртвите кои можело да ги има, не зборувате за мртвите кои ги нема. Кажете едноставно: бомбата во Палатата Бурбон не предизвика ниедна смрт! Што е вистина.
[...]
Вајан - Господине судија, вие сте навикнати да водите судење, јас не сум навикнат да седам на обвинителна клупа. Затоа ќе ми простите што ќе се осмелам да забележам дека ниту во еден момент не ме прашавте кои се причините кои ме наведоа да го извршам атентатот на 9 декември, а мене многу ми значи да ги кажам.
Враќајќи се од Америка, бев уверен дека е доволно да се отворат библиотеки, да се делат брошури или весници за умовите и душите да се подготват за револуција. Таа задача ми делуваше толку едноставна, толку делотворна. Кога во Париз платата би одговарала на потребите, односно да ни дозволи да водиме слободен, удобен живот, безгрижен! Брзо се разуверив: мојот чесен работодавец никогаш не сакаше да ме плати повеќе од дваесет франци неделно. Со таква плата човек може на својата сопруга, децата и себеси да им гарантира само бавна смрт од глад и исцрпеност. Сите жалби кои ги упатував на работодавецот, барајќи барем малку разбирање за мојата положба, секогаш го добиваа истиот нежен, христијански одговор: „Баш ми е гајле за вашата жена и деца. Ве вработив вас, а не нив, а за вас дваесет франци се и премногу“.
Тогаш сфатив дека ако навистина верувам во револуција, морам да го одработам својот дел. И ја однесов бомбата во Палатата Бурбон.
[1] Француската инвазија на Тонкин, Северен Виетнам, 1883-1886; Француската колонизација на Мадагаскар, 1883; Африканско царство, денешен Бенин, 1894 анексирано на Француската колонијална империја. [заб. на прев.]