Петар Кропоткин
За редот
Често нѐ критикуваат затоа што го прифаќаме како етикета зборот „анархија“, која толку ги плаши повеќето луѓе. „Вашите идеи се одлични“, ни велат, „но морате да признаете дека изборот на името е лош за вашето движење. Анархијата, во секојдневниот говор, е синоним за неред и хаос; зборот нѐ потсетува на судир на интереси, на индивидуи кои се борат, што не може да доведе до воспоставување хармонија.“
Да почнеме така што ќе истакнеме дека движењето кое е посветено на акција, движењето кое претставува нова тенденција, ретко има прилика да го избере името за себе. Beggars of Brabant (анг. Просјаците од Брабант) не го избраа своето име, кое подоцна стана популарно, туку во почетокот како надимак - и тоа добро избран надимак - е земено од странски движења, потоа стана добро прифатено, и наскоро гордо ја понесе својата титула. Така ќе стане јасно дека овој збор сумирал една цела идеја.
А Sans-culottes (фр. санкилоти, „без гаќи“) од 1793 година? Непријателите на народната револуција го сковале тоа име; но и тоа сумирало една цела идеја - побуната на народот, облечен во партали, уморен од сиромаштијата, против сите тие ројалисти, таканаречени патриоти и јакобинци, добро облечени и паметни, оние кои, и покрај помпезните говори и покрај тоа што буржоаските историчари им оддавале почит, биле вистинските непријатели на народот, длабоко презирајќи ги Sans-culottes поради нивната сиромаштија, поради нивниот слободарски дух и духот на еднаквоста, и поради нивниот револуционерен ентузијазам.
Слично е и со зборот „нихилист“ кој ги збунуваше новинарите толку долго и доведе до игри со зборовите, и добри и лоши, додека не се сфати дека не се однесува на чудна - речиси религиозна - секта, туку на револуционерна сила. Зборот го скова Тургењев во својата новела „Татковци и синови“, а потоа го прифатија и „татковците“ и го користеа за да им се одмаздат на непослушните „синови“.
Но, синовите го прифатија тоа, и кога подоцна сфатија дека тоа доведува до погрешно сфаќање и кога се обидоа да се ослободат од него, тоа беше невозможно. Печатот и јавноста не би ги опишале руските револуционери со ниту едно друго име. Сепак, ни ова име не е лошо избрано - бидејќи и тоа убаво заокружува една идеја; тоа ја изразува негацијата на целокупната дејност на денешната цивилизација, заснована на угнетувањето на една класа од страна на друга, негацијата на постоечкиот економски модел, негацијата на власта и моќта, буржоаскиот морал, уметноста наменета за експлоататорите, модата и манирите кои се гротескни или одбивно лицемерни, сѐ што денешното општество наследило од минатите векови: накратко, негација на сѐ кон кое буржоаската цивилизација се однесува со почит. Исто е и со анархистите.
Кога во Интернационалата се разви движење кое го одби авторитетот на организацијата и кое, исто така, се противеше на авторитетот во сите негови облици, тоа движење прво се нарече себеси „федералистичко“, потоа „антидржавно“ или „антиавторитарно“. Во тоа време всушност ја избегнуваа употребата на името „анархист“. Се чинеше дека зборот an-archy, кој тогаш така се пишуваше, премногу го идентификува движењето со прудонистите, на чија идеја тогаш се противеше Интернационалата. Но токму поради тоа - за да предизвикаат збрка - непријателите на ова движење одлучија да го наречат така; впрочем, така беше можно да се каже дека самиот назив кој го носат анархистите покажува дека тие тежнеат единствено кон предизвикување нереди и хаос, не грижејќи се за последиците. Анархистичкото движење набрзо го прифати името кое му е дадено. Во почетокот се инсистираше на цртичка помеѓу an и archy, затоа што во ваков облик зборот an-archy - кој доаѓа од грчкиот јазик - значи „без власт“ („без господар“), а не „неред“; меѓутоа, движењето наскоро го усвои зборот во обликот во кој и ден-денес се користи, и повеќе не се трудеше да укажува на значењето или да ја подучува јавноста на грчкиот јазик.
Така зборот се „врати“ на своето основно, нормално, вообичаено значење, како што напиша во 1816 година англискиот филозоф Бентам: „Филозофот кој сака да го реформира лошиот закон не повикува на востание против тој закон... Карактерот на анархизмот е сосема понаков. Тој го одбива постоењето на законот, ја отфрла неговата вредност, тој ги поттикнува луѓето да одбијат да го препознаат тоа како правило и да се кренат против неговото спроведување“ - вели Бентам. Денес смислата на зборот е поширока - анархизмот го одбива не само постоењето на законот, туку каква било воспоставена моќ, секој авторитет (власт); сепак, неговата суштина остана иста: тој се буни - и од тоа почнува - против авторитетот и моќта во кој било облик.
Но, ни велат, тој збор потсетува на негација на редот, а поради тоа и на идејата за хаос, или неред. Сепак, ајде да се обидеме да разбереме за каков тоа ред зборуваме. Дали е тоа хармонијата за која ние анархистите сонуваме, хармонија во човечките односи кои ќе бидат воспоставени слободно кога човештвото ќе престане да биде поделено во две класи, каде едната е жртвувана заради подобриот живот на другата, хармонија која спонтано ќе се појави од единството на интересот кога сите луѓе припаѓаат на една иста фамилија, кога секој работи за добробитта на сите и сите за добробитта на секого? Очигледно не! Тие кои велат дека анархијата е негација на редот не зборуваат за оваа хармонија на иднината; тие зборуваат за редот каков што го познаваме во денешното општество. Па, да видиме каков е тој ред кој анархијата сака да го уништи.
Редот денес - она што го подразбираат кога велат ред - е девет десеттини од човештвото кое работи за да обезбеди раскош, уживање и задоволување на најодвратните страсти на еден грст безделници. Ред е кога девет десеттини од човештвото е лишено од сѐ што е неопходно за пристоен живот, за нормален развој на интелектуалните способности. Да се сведат девет десеттини од човештвото на ниво на стока за запрега, која живее од денес за утре и која не може ни да се осмели да помисли на задоволствата кои на луѓето им ги нуди научното истражување и уметничкото творештво - тоа е, значи, редот!
Ред е кога сиромаштијата и гладот стануваат нормална состојба во општеството. Тоа е ирскиот селанец кој умира од глад; тоа е селанецот во една третина од Русија кој умира од дифтерија и тифус, или од гладот кој ја придружува немаштијата - додека во исто време резервите жито се извезуваат во странство. Тоа е италијанскиот народ доведен до напуштање на своето плодно земјиште, кој скита по Европа барајќи тунел кој ќе го копа, каде ризикува да биде погребан по само неколку месеци постоење. Тоа е земјата која им се одзема на селаните за да се одгледуваат животни за исхрана на богатите; тоа е земјата која попрво се остава необработена отколку да им се врати на оние кои не бараат ништо освен да ја обработуваат.
Ред е жената која се продава за да ги нахрани децата, тоа е детето кое е доведено до тоа да заврши во фабрика или да умре од глад, тоа е работникот кој е сведен на машина. Тоа е стравот од работниците кои се креваат против богатите, стравот од луѓето кои се креваат против власта.
Ред е кога бескрајно мал број луѓе се наоѓаат на позиција на моќ, кои од таа причина се наметнуваат себеси врз мнозинството, кои одгледуваат деца за подоцна да се најдат на истите позиции и да ги задржат истите привилегии служејќи се со измама, корупција, насилство и колеж. Ред е постојаната војна на човек против човека, струка против струка, класа против класа, земја против земја.
Ред е топот чија врева никогаш не престанува во Европа, тоа е опустошената земја, жртвувањето на цела генерација на бојното поле, уништувањето, за само една година, на имотот стекнат со векови тешка работа. Ред е ропството, мислата во синџири, понижувањето на човековата раса спроведено со меч и камшик. Тоа е изненадната смрт од експлозија, или бавната, маченичка смрт на илјадници рудари кои се кренати во воздух или живи закопани секоја година поради алчноста на нивните газди - и кои се застрелани или избодени штом се осмелат да се пожалат.
Конечно, ред е Париската комуна, удавена во крв. Тоа е смртта на триесет илјади мажи, жени и деца, распарчени од гранати, убиени, потопени во калциум-оксид под париските улици. Тоа е лицето на руската младина, заклучена во затвори, закопана во сибирскиот снег, и - во случајот на најдобрите, најчистите, најпросветените - задавена во јамката на џелатот. Тоа е ред! А неред - што „тие“ нарекуваат неред?
Тоа е востанието на луѓето против овој срамен поредок, кршењето на нивните стеги, кршењето на нивните окови и движењето кон подобра иднина. Тоа се најславните дела во човечката историја. Тоа е побуната на умот непосредно пред револуцијата; тоа е уривањето на хипотезите чувани за време на непроменетите векови; тоа е укинувањето на феудалното кметство, обидот за укинување на економското ропство. Неред е селската буна против свештениците и земјопоседниците, палењето на дворците за да се направи простор за куќички, напуштањето на трошната куќа за да се најде место под сонцето. Тоа е Франција која ја укинува монархијата и му задава смртен удар на кметството во цела Западна Европа.
Неред е 1848 година, која ги потресува кралевите и прогласува право на работа. Тоа се жителите на Париз кои се борат за новата идеја и кои, кога умираат во масакр, му ја оставаат на човештвото идејата за слободни комуни, и отвораат пат кон оваа револуција чие приближување го чувствуваме и која ќе биде Социјална револуција.
Неред - она што „тие“ го нарекуваат неред - е периодот во кој цели генерации водат непрекината борба и се жртвуваат за да го подготват човештвото за подобар живот, и да се ослободат од ропството од минатото. Тоа е период во кој народната способност слободно се развива и за неколку години прави гигантски чекори без кои човекот би останал во состојба на древниот роб,створ кој ползи, кого сиромаштијата го понижува.
Нередот е излив на најубавите страсти и најголемото пожртвување; тоа е епопеја на возвишената љубов кон човештвото!
Зборот „анархија“, кој во себе содржи негација на таквиот ред и потсетува на најзначајните мигови во животот на луѓето - зарем тоа не е најдобро име за движењето кое оди кон освојување на подобра иднина?