Поединци или граѓани?
Ви се закануваат големи зафати кои ќе влијаат на животната средина?
Се наоѓате на нишанот на странска воена база?
Загрижени сте за вашиот живот?
Ве разочарале политичките сплеткарења?
Уморни сте од пасивноста на синдикатите?
Огорчени сте од измамата на демократијата?
Конечно од Франција пристигна лекот за вашата болест!
Граѓанизам
Со секојдневната употреба ќе ви се врати вербата во политиката.
Во Франција долгогодишните експерименти покажаа
дека ако го следите во чекор и вашиот застапник добро
ќе размисли пред да го издаде полномошното кое сте му го потпишале.
Основајте веднаш и вие подрачен комитет,
организирајте протест, приклучете се во поворка,
учествувајте во блокада на патишта,
смислете илјадници мирољубиви и ненасилни начини
за вршење притисок врз власта.
Станете активисти!
На тој начин ќе ја спасите демократијата,
а капитализмот ќе стане, ако не привлечен, барем поднослив.
Создавање учество - Креирање заедница
Граѓанизам
Бидејќи поинаква држава е возможна!
А за најекстремните: радикален граѓанизам!
Осмислен специјално за оние кои страдаат од револуционерен свраб,
оваа линија е во состојба да гарантира дека ако работниците
се способни слободно и без посредници да се соберат
за да расправаат за своите вистински проблеми,
државата ќе исчезне.
Внимание: за правилно користење на производот
следете ги упатствата на вашиот лидер.
Поединци или граѓани?
Поединци без свет, секој е сам со себе. Нашите критичари, одмавнувајќи со глава пред нашите лоши резултати, ни замеруваат за нашата недоволна покорност. Но, на крајот на краиштата, да бидеме искрени, здосадува! Дали е можно да не постои ниту едно катче под сонцето за нас? Ако многумина екстремизмот го сметаат за инфантилна болест, причината лежи во оваа баналност: само во младоста се чувствуваме способни да го одбиеме светот, овој свет кој не ни припаѓа. Кога е човек во полна сила, со цел живот пред себе, од ништо не се плаши, ниту од полициски апсења, ниту од ноќи минати под ѕвездите, а уште помалку од одбивање на компромис. Во тоа трајно детство сѐ изгледа можно и на дофат од раката. Затоа младиот човек одбива да го фрли животот во канџите на сметководителите на преживувањето. Сака страствено, мрази бесно. И доколку таа нескротливост, тоа гордо самољубие води кон прогонство и самотија, нека биде! Меѓутоа, со годините, нешто се вмешува, се вплеткува. Енергијата се троши, залихите се намалуваат, муниција има сѐ помалку и сфаќаме дека мораме речиси со голи раце да се соочиме со преостанатата иднина.
Во меѓувреме, општествената зима напредува, прекривајќи го пејзажот со мраз. На некој начин мораме да ја подобриме ситуацијата. Не е баш пријатно да се живее како отпадник, можеби понекогаш срцето ќе се загрее, но не и коските. Иако заедницата е терапевтско место кое ја лекува и отстранува „девијацијата“, сепак нуди топлина, гарантира храна и сув кревет! И така, малку по малку, со речиси незабележителни чекори, се приближуваме кон полисот. Додека претходно овој свет не можел да смета на нашата милост, додека кон него сме чувствувале само одбивност, денес тој може да се потпре на нашата доверба: критичкото око се затворило пред занесениот поглед, остриот збор е заменет со зборови на подлизување. Штом еднаш се влезе во полисот, некои стари навики треба да се изгубат и да се стекнат нови. Животот во заедница изискува почитување на распоредот и пристојно однесување. Треба да знаеме да толерираме ако сакаме да нѐ толерираат. Треба да се избегнува секое однесување кое би можело да предизвика јавна осуда и да се затвораат очите пред туѓото непожелно држење. „Кој работи секогаш е во право“, вели една позната изрека. Тоа е како да тврдиме „кој зборува секогаш е во право“. Не се цени инхерентниот квалитет на движењата и зборовите, туку нивното просто постоење. Иако тишината е златна кога нема што да се каже: подобро да се молчи отколку да се впуштаме во трајно и заглупувачко дрдорење. Ако така стојат нештата, зошто се вознемируваме кога немаме што да правиме? Зошто се посветуваме на активизам, на тоа принудно делување, постојана мобилизација, сеприсутна, која иако ја исполнува празнината на нашата егзистенција, не ѝ дава никаква смисла која би била наша, автономна, која би носела знак на различност, исклучителност, која е поттик на секоја вистинска акција?
Фактот е дека надвор од филозофските облаци се плашиме од „креативното ништавило“, во кое не гледаме можност за наше остварување туку само причина за пад во празнина. Затоа подобро е да се потпреме на perpetuum mobile ургентноста на нештата, каде што нема време да се размислува за целите, бидејќи треба да се смисли како да се организираат средствата. Утопијата е убава, но не е особено практична.
Практика
Во Франција се нарекува граѓанизам, збор кој означува движење составено од разновиден архипелаг на здруженија, синдикати, колективи, списанија и политички струи, чија цел е борбата за повторно воведување „измамена демократија“. Денес повеќе не е тајна дека нашата планета се наоѓа пред крај, од општествена, политичка, економска и еколошка гледна точка. Граѓанистите сметаат дека причината за ваквата состојба се наоѓа во непочитувањето на „народната волја“ која (штом еднаш падне во рацете на политичари жедни за моќ, здружени со профитерите гладни за профит) се чувствува неисполнета, изманипулирана, издадена.
Непријателите на политичарите и профитерите (но не и на општествениот систем чијшто се одраз), граѓанистите, се уверени дека демократијата - во својот најизворен, најрустичен облик - навистина е најдобриот од сите можни светови и дека е можно капитализмот и државата да се подобрат и морализираат, ефикасно спротивставувајќи им се на најочигледните штетности и злоупотреби. Но, под следните услови: оваа демократија да се изрази преку препородена политика, но не по пример на Макијавелиевата Фиренца, туку Перикловата Атина, односно преку поголемо директно учество на граѓаните, кои освен што требаат да ги избираат своите претставници, мораат и постојано да делуваат за да извршат притисок врз нив, за навистина да го применат она заради што се избрани. Наведениот притисок може да се извршува на разни начини, вклучувајќи и „граѓанска непослушност“, при која најпростите конзервативци излеваат голема жолчност, а внатре движењето предизвикуваат големо воодушевување.
Можеме да кажеме дека граѓанизот, на некој начин, настанува од разочарувањето. Во својот реформистички облик, разочараноста заради оддалеченоста која сѐ повеќе ги разделува оние кои се пратени во Дворците од оние кои останале на улиците. Има многу добри луѓе - оние кои веруваат дека власта ја создава и гарантира слободата, дека пазарот мора да се темели на етички принципи или дека воените операции мораат да го почитуваат деонтолошкиот кодекс - кои мислат дека повеќе не ги застапува лидерството, глуво на интересите на обичните луѓе, јавно прогласено за привилегирана каста, загрижено да ги задржи своите фотелји. Тие добри луѓе цврсто веруваат во државата, во непходноста од држава, во корисноста на државата, во правдата вродена во државата, но привремено се разочарани затоа што сметаат дека не ја водат компетентни, чесни, коректни, праведни политичари. Од тука произлегува нивната разочараност во професионалните политичари, партии и синдикати, иако и понатаму бараат некој кој би бил на ниво на нивните барања.
Бидејќи се чувствуваат занемарени, мислат дека мораат да слезат на улиците за да ги заштитат своите „права“. Нивните борби секогаш имаат точно одредени цели, се ограничуваат на остро НЕ на одреден државен проект кој го доведува во опасност личното здравје, без да почувствуваат и малку потреба за преиспитување на општествената организација која го произвела. Радикалните моменти, субверзивните тензии, воопшто не ги засегаат. Тие се чесни граѓани, не се „хулигани“ или „терористи“. Иако се подготвени да изведат формално „нелегални“ дела, како што се блокади на патиштата, се подразбира дека тие се заколнати непријатели на насилството. Колку што не го поднесуваат пендрекот на полицаецот кој спречува, толку не ја поднесуваат саботажата на бунтовникот кој се спротивставува. Единственото насилно дело кое го прифаќаат е минимално, надгледувано, интегрирано и кое понекогаш го реализираат со цел да привлечат внимание на спротивната страна, односно авторитетот. Насилни дела кои понекогаш можат да бидат и многу спектакуларни, но кои не би му оневозможиле на починителот утре или некој друг ден да се кандидира за претседател.
Во својот нешто помалку реформистички облик, граѓанизмот е плод на разочараноста во револуцијата чијшто историски план доживеал неуспех. На наведениот план целта му била, во своите основни иако и различни појави, пролетерска реапропријација на капиталистичките средства за производство. Од оваа гледна точка, пролетаријатот се поимал како автентичен создавач на општественото богатство, во кое, меѓутоа, уживала само буржоазијата: на пролетаријатот - блескавиот труд, на буржоазијата - плодовите од бербата. Тргнувајќи од таква претпоставка, општествената промена можела да се замислува само како просто елиминирање на узурпаторската класа. Затоа зголемувањето на производствените сили се сметало за чекор напред на патот кон револуцијата, следејќи го реалното движење преку кое пролетаријатот попримал облик на иден револуционерен субјект кој би остварил комунизам или анархизам. Неуспехот на оваа перспектива почна да се наѕира во првата половина од дваесеттиот век, со поразот на револуциите во Русија, Германија и Шпанија. Последниот испуштен здив беше францускиот мај ’68, кој ја отвори вратата на ушта една деценија остри општествени судири. Осумдесеттите го означија последниот јуриш кон небото, означувајќи го непоправливото заоѓање и исчезнување на овој план за општествено ослободување, истовремено со реструктуирањето на капиталот, кој со воведувањето на автоматизацијата ја доведе до крај важноста на фабриката и митовите поврзани со неа. Сираците на пролетерската револуција во граѓанизмот пронајдоа облик на протест кој е во состојба да ја утеши нивната тага. Некои од идеите кои кружат низ движењето, како „распределбата на богатството“, доаѓаат директно од старото работничко движење кое имаше намера своерачно да управува со капиталистичкиот свет. Во сличните концепти, можеме да забележиме едно враќање, еден континуитет, но и пренасочување на некогашните идеали од страна на граѓанизмот. Тоа е она што го нарекуваме „уметност на прилагодување на остатоците“.
Без оглед дали говориме за просветената буржоазија која бара повеќе транспарентност во јавните работи или за разочараните пролетери кои сакаат да ја исполнат празнината настаната по падот на Берлинскиот ѕид, останува фактот дека граѓанистите, бидејќи не се во состојба да имаат единствен светоглед, имаат барем еден заеднички светоглед: поинаква држава е можна. Внатре оваа широка небулоза можно е да се најдат многу души, понекогаш и контрадикторни, затоа што граѓанизмот изразува еден интегриран облик на протест кој се надева дека ќе може да ги доведе во рамнотежа дисфункционалностите на економскиот систем или да го исправи застранувањето по пат на подобро учество на граѓаните. На тој начин, граѓанизмот успева да биде трансверзален, да ги држи на исто место и протестот и соработката. Протестот поттикнува соработка, соработката го надградува протестот. Со тоа го објаснуваме неговиот успех и сигурната иднина. Тој е единствената медијација која може да доведе до имедијатни „победи“, без оглед колку се делумни, преку соработка со институциите.
Нешто се изгубило
Во Италија граѓанизмот се појави во Вал Суса[1], со борбата против високобрзинските возови (ТГВ). Да бидеме искрени, во пијемонтската долина борбата против ТГВ започна десет години претходно, на сосема поинаков начин, со саботажи против првите градилишта. Мали акции кои стигнаа во центарот на вниманието по апсењето на трите наводни починители, тројца анархисти, на кои наведените дела им беа целосно непознати, како што подоцна се докажа. Двајца од нив, во текот на истрагата, извршија самоубиство. Вревата која во тоа време се крена околу тие случувања, го привлече вниманието кон државните проекти во Вал Суса, генерирајќи движење на протест кое, можеби предизвикувајќи бројни симпатии, остана во рамки на милитантниот амбиент. Но, од ноември 2005, со вистинскиот почеток на работите, тоа движење успеа да го премине јазот, попримајќи масовен карактер. Случувањата од Вал Суса предизвикаа општо воодушевување, кое многумина ги увери дека е откриена магичната формула која треба само да се повторува во други контексти за да се постигнат исти резултати. Оттогаш, низ Италија се распространија комитети, расправи, народни иницијативи против „штетноста“, кои го исполнуваат календарот на движењето. Но, каква идеја стои зад овој прекумерен активизам, кој од јули 2006 се преобликува во Пакт за солидарност и заемна помош?
“Комитетите, мрежите, движењата и групите на крајот од Венаус-Рим анти-ТГВ караванот, кои овде се собраа, во салата Промотека во Рим, на 14 јули 2006 година, со заеднички договор одлучуваат да создадат ПОСТОЈАНА НАЦИОНАЛНА МРЕЖА И НАЦИОНАЛЕН ПАКТ НА СОЛИДАРНОСТ И ЗАЕМНА ПОМОШ за да го потврдат следново:
Правото на превентивна информација и на активно учество на граѓаните во секоја интервенција која би требало да се реализира на подрачјето во кое живеат, делејќи ги општите добра (вода, воздух, земја, енергија);
Користењето системи на промовирање и потрошувачка кои ги валоризираат територијалните ресурси, го минимизираат влијанието на животната средина и движењето на стоката и луѓето, а да не се засновани на искористување, особено на Југот на светот;
Принципот на национален мораториум за реализација на големи јавни работи и на локализација на енергетските постројки (централи на фосилни горива, печки за согорување отпад, термовалоризатори, гасификатори, ТНГ станици), во недостиг на национален енергетски план за бизнис логиката на малцинството да не ги троши ресурсите на мнозинството;
[...]
На овие темели ја создаваме Националната координација (со интернет страница и e-mail), која ја сочинуваат по еден претставник на секоја организација учесник, и ги повикуваме сите други комитети, мрежи, движења и групи да се придружат на Националниот пакт на солидарност и заемна помош.“
Основната идеја е создавање „нова“ и „вистинска“ демократија, односно идејата за граѓанизам. Иако многумина го претставија како слободарски текст, се работи за совршен пример на политички документ, произлезен од перото на Пактот, кој го карактеризира неодреденост на субјекот кој седи на две столици за да биде допадлив на сечиј вкус (додека нѐ весели тоа што многу граѓани ја напуштија столицата на институциите, како би требало да реагираме на бунтовниците кои од солидарност седнале на истата таа?). Постојат анархисти кои се воодушевуваат читајќи: „Националниот пакт за солидарност и заемна помош во никој случај не е обид за тивка инфилтрација во дворската политика, ниту пак има намера да биде угостен во дворот на политиката; нема пријателска влада во која би имал доверба; нема партии на кои би им дал бланко полномошно и нема никакви намери да тргне по патот кој би го претворил во партија“, без да забележат дека низ ова само се потврдува трансверзалниот и лобистички карактер на граѓанизмот. Граѓанистите се урамнотежени личности, не сакаат да станат партија, тие само сакаат да вршат одреден притисок врз партиите. Добро знаат дека борбата во политичката арена има и непријатни последици, а најдобриот начин да се избегне таа опасност е да се поприми облик на група на притисок која нема никакви намери непосредно да ја извршува власта. Затоа не даваат „бланко полномошно“, не сакаат да имаат повластени соговорници. Кој и да ги слуша ќе се согласи. Од таа причина, во Пактот веднаш додаваат: „Меѓутоа, избегнува политика и конфронтација, знае да препознае кој делува транспарентно, а кој се обидува да ги заузда борбите. Моделот кој го предлага истовремено е и единствен модел кој е подготвен да го прифати: активно учество на граѓаните.“ Граѓанистите воопшто не ја избегнуваат политиката, не господа, само не сакаат повеќе никој да ги заебава: чиста сметка... Далеку од поддржувањето негласање, тие проповедаат учество. Оттаму, не е случајност што анти-ТГВ протестот во Вал Суса, очигледно уште вкоренет во стариот свет, иако беше во состојба да се судри со силите на редот или да го уништи новоотвореното градилиште Венаус (момент на фрактура кој подоцна исчезна од муабетот на филовалсусините, кои попрво ќе ги прераскажуваат поприфатливите народни расправии), подоцна се сведе на избори, каде што високиот процент на излезени бирачи ѝ донесе победа на левицата која беше најприсутна. Значи, судирите и барикадите (засега?) не го разгореа бунтот против сите партии, напротив, на некои им донесоа успех.
Додека бројното присуство на субверзивни во Вал Суса сепак придонесе кон анти-ТГВ движењето и му придаде особено жив тон, борбите кои подоцна се одвиваа на други места попримија понежна нијанса. На пример во Виченца, каде што во тек е борба против проширувањето на американската воена база, Комитетите No dal Molin[2] јавно велат дека бараат: „Почитување на програмата на Унијата“ и дека се противат на „Проект кој од амбиетална гледена точка ги крши директивите веќе вметнати во нашето законодавство 2003/35/CE“, за да „Поттикнат промени и афирмираат нов алтернативен проект за заштита на општите вредности и благосостојба на заедницата“. Нивниот карактер на потенцијални раководители ги навел дури на тоа покровител да им стане „ AltroComune“[3]. Со такви премиси, не изненадува што овие Комитети, самопрогласени од единствените легитимни претставници на борбата против американската воена база, ги анатемизираа починителите на саботажи против базата (април 2007). Не им беше доволно да се дистанцираат од случувањата. Не нѐ изненадува што на своите кампувања, кои ги наплатуваат, повикуваат кучиња и мачки, со институционално педигре, замолени да лаат и мјаукаат во име на демократијата. А не можеме ниту да се згрозиме што за време на периодичните протестни поворки, кои дефилираат низ Виченца (како на пример, 15.12.2007), играат улога на пожарникари, јавно спречувајќи ги протестантите кои наумиле да ја саботираат предвидената прошетка. Вчудоневидувачки е можеби фактот што откако ги поддржаа Комитетите No dal Molin (со авторско право на логото), ги поттикнуваа нивните иницијативи, се солидаризираа, ги пренесуваа нивните зборови - со оглед дека очигледно ја изгубиле довербата во самостојната интервенција, во борбата против американската воена база, а не во борбата која припаѓа на наведените комитети, бидејќи тие се само реформистички одраз на таа борба - дека се понадевале во нагла „промена“, радикална во однос на нивните цели (меѓу кои се наоѓа и мораториум, чиј принцип го валоризираше токму движењето на Пактот за солидарност и заемна помош; погледни го наведениот извадок погоре).
Заблуда
Како што веќе е кажано, граѓанизмот се претставува како политичка реакција на базата на таканаречената „претставничка криза“. Реакција која има намера да превладее и да ја лекува кризата преку нови облици на застапништво. Од оваа точка на гледање, се поставува како природен наследник на партиите и синдикатите во преработка на најрадикалните и субверзивни тензии. Но, без оглед на тоа, сепак контекстите во кои се појавува содржат многу интересни елементи, затоа што потенцијално носат поволни перспективи. Во суштина, лекарот граѓанист секогаш е присутен онаму каде што политичкиот болник издишува. Самото негово присуство е сигурен знак за добра можност за акција. Односно, додека тој е зафатен со препишување лекови за спасување на оној што умира, зарем не би можеле да го искористиме метежот за изведување на една здрава еутаназија? Затоа сфаќаме зошто многумина субверзивни се одлучиле на интервенција во вакви ситуации, со намера да ја искористат шансата, да ги радикализираат целите на граѓанистите, да ги надвладеат и постават спроти сопствените контрадикции. Но, на кој начин?
Се работи за прашање кое можеби е потценето. Таквата хипотеза е само оживување на старата теорија за „препреки на патот“. Движењето, иако втемелно на реформистичка основа, секогаш може да излета од колосек и да ја промени насоката. Најпосле, во повеќе наврати се укажуваше на баналноста како визит картичка во текот на историјата. Несомнено тоа е вистина, но... не е доволна причина за да почнеме да ја поддржуваме баналноста. Што се однесува, пак, до препреките на патот, историското искуство ни вели дека на нив често наидувале субверзивните, како последица на посетувањето реформистички движења со цел да ги радикализираат, за на крај тие самите да ја променат насоката. Неизбежна последица на прилагодувањето на настаните, наместо да се обидеме да ги форсираме поддржувајќи ги сопствените идеи (ризикувајќи да останеме на работ на „масата“). За жал, овој аспект никогаш не бил толку очигледен како денес. Откако бунтот на поединецот беше ставен настрана, денес се поддржува директната демократија на народот, се учествува во политички манифестации што, повеќе или помалку, е како да го поканите океанот во пустина; на иницијативите се покануваат академски професионалци со одвоено знаење, кои претходно беа омразени. Повеќе не постои гордост за личната квалитативна различност, а нејзиното место го зазеде квантитативниот идентитет. Повеќе не се упатуваат радикални критики со намера да се предизвика конфликт, напротив, пцовките се премолчуваат за да се постигне слога.
Конечно, после многу години, во Вал Суса не беа субверзивните оние кои ги следеа борбите на „обичните луѓе“, туку обичните луѓе се здружија со субверзивните во борбите. Присутноста на „масата“ мора малку да им удрила во глава. Откако со години повторуваа дека во секоја ситуација на борба треба да се воочи критичкиот аспект со цел да се постигне зајакнување, во случајот со Вал Суса тоа не се случи, дозволувајќи да се вратат во оптек - да наведеме само неколку примери - два концептуални леша како што се „народот“ или „директната демократија“, во нивните разни идеолошки форми.
Но, што е тоа народ? Збир на субјекти кои ги одбележува волјата да живеат во ист правен поредок. Географскиот елемент е недоволен за да го опфати поимот народ, кој изискува согласност на исто право и заеднички интереси. Народот е политички и историски идентитет, кој има пристап до раскажувањето и сеќавањето, има право на комеморации, на протести и на мермерни споменици. Народот е видлив и зборува, структуриран во свои организации, го претставуваат неговите застапници, неговите маченици, неговите херои. Не е случајност што неговиот мит отсекогаш го негувале разноразни авторитети, или што слободарите (барем оние помалку лоботомизираните) со децении го отфрлаа. Последицата од неговата ноншалантна егзалтација во Вал Суса беше непосредна појава на синдромот на популизам. Овој поим инаку ја подразбира секоја политичка формулација заснована на премисата дека доблеста лежи во народот - сметан за општествен агрегат, ексклузивен носител на позитивните, специфични и трајни вредности - и во неговите колективни традиции (Вал Суса како земја на партизаните...). Во народот често преовладува руралниот елемент, затоа што оној кој останал во допир со земјата, со планините, сомничаво и непријателски ги гледа оние кои доаѓаат од урбаните средини. Популизмот е екуменски, го исклучива секој класен судир затоа што народот го подразбира како хомогена маса. Од историска гледна точка склон е кон идеолошко ширење во периоди на транзиција и во моменти на силни тензии помеѓу метрополата и провинцијата за време на процесот на индустријализација, бидејќи нудат причина за кохезија, а истовремено и повик и здружување. Популистичките формули воскреснуваат при секоја брза мобилизација на различните општествени сектори и при интензивна политизација надвор од постоечките институционални канали. Апелот на регенеративната сила на митот - а митот на народот истовремено е најфасцинантен и најмрачен, најнеемотивен и најфункционален во борбата за власт - латентен е и во најразновидното и најсложено општество, подготвен да се материјализира во моменти на криза.
Сите наведени карактеристики се присутни во Вал Суса, а ги искористија многу страни кои не можеа да пропуштат волку добра можност за општа мобилизација со одреден потенцијал. И анархистите ја увидоа шансата, потпирајќи се на слободарскиот популизам кој познава многу славни теоретичари и кој во народните состаноци го пронаоѓа својот највисок израз. Почнувајќи од Вал Суса, се рашири чувството дека секој поединец може да има надѕор над одлуките кои одлучуваат за судбината на нашето општество: доволно за да знае да води расправа со другите. Таа увереност доведе до ексхумација на директната демократија, политиката во хеленистичка смисла, митот на агората - граѓанскиот простор во кој граѓаните можат неформално да се собираат за да расправаат, разменуваат идеи и создаваат корисни односи, за потоа во народното собрание да ги решаваат заедничките прашања како би постигнале договор во непосреден облик, лице в лице. Накратко, она што умислените и жални анархистички милитанти веќе со години го нарекуваат „јавна недржавна сфера“.
Не е случајно што грчкиот збор за собрание е ecclesia. Ако најсовршената организација на универзумот може да се нарече Бог, тогаш врската помеѓу политиката и религијата станува очигледна. Нешто помалку очигледна е привлечната сила која се применува на поединците кои наумиле да го променат светот од врвот до дното. Монструозната аберација која ги тера луѓето да веруваат како јазикот е создаден за да ги поедностави и реши нивните меѓусебни односи, доведува до овие колективни собиралишта каде што се расправа како да се решат животните прашања. Фактот дека тие прашања сите присутни не ги доживуваат на ист начин, дека расправата не може да биде паритетна додека такви не бидат и способностите на учесниците (оној кој повеќе знае и подобро зборува доминира со собранието), дека малцинството нема причина да ги прифати одлуките на мнозинството... сето тоа се забележува само ако не се посетува агората. Штом стапнете во неа, можеби водени од настаните, старите нејаснотии исчезнуваат; чудо кое полесно ќе се случи ако откриете дека поседувате добри „ораторски способности“. Сепак, ги има и оние кои и понатаму го сметаат за одбивен обидот за здружување на поединецот во заедница, да се снабдат со нешто што ќе го делат, да се направат еднакви. Затоа што тоа зрачи со лицемерие. Лицемерие кое во минатото ги занемарувало робовите кои им овозможувале на старите Грци непрекинато да одлучуваат за нешто, кое го отстранило аморфниот и анонимен плебеј, недостоен да биде дел од народот, денес има намера да го занемари фактот дека човечките суштества можат да се обединат под услов да се одрекнат од сопствените светови - сензибилни светови, без супермаркети и автопатишта, полни со соништа, мисли, односи, зборови, љубов.
Во политичките ставови, како и во религијата, преовладува идејата дека еднаквоста произлегува од идентитетот, од заедничката приврзаност на една визија за светот. Сите сме еднакви затоа што сите сме Божји деца или граѓани на Општеството. Меѓутоа, никогаш не се проценува и спротивната можност, која сепак се појавувала низ историјата. Дека општата хармонија на Човештвото може да настане од поделбата на поединецот сѐ до бесконечноста. Сите сме еднакви ако сите сме исти, или ако сите сме различни. На собранието кое сите ги здружува се привикува разумот - logos - преку дискусија. Зборувајќи, расудувајќи, аргументирајќи проблемите се топат како снег на сонце, судирите се разрешуваат, се постигнуваат договори. Но, колку компромис, колку умереност, колку реалност е потребно за да се постигне заеднички договор, за одненадеж сите да се почувствуваат како браќа?
И така, откако толку го критикувавме уверувањето дека е можно да се вратиме назад на науката за општествени промени, откако тврдевме дека не постојат закони кои им претходат на општествените случувања, откако ги отфрливме илузиите за објективниот историски механизам, откако ги отстранивме сите врски кои ја попречуваат слободната волја, откако ја опеавме прекумерноста која го одбива секој облик на калкулирање, ете сме како повторно во раце го земаме метрото со кое ќе ги мериме направените чекори. Се бројат учесниците во иницијативите, се контролира постигнатата медиумска покриеност, постојано се прават прогнози за буџетот. Очигледно е дека страстите и не биле баш толку лоши, дека желбите не биле баш толку незауздани, а интересите сепак не биле толку далечни.
Ниту сфаќаме зошто директната демократија, преку медијацијата помеѓу различните сили настанати за време на востаничкото избувнување (како што во историјата и била), мораше да стане идеал кој треба да се оствари сега и овде во соработка со градоначалници, советници и разни политиканти врз кои разочараните граѓани вршат притисок. Директната демократија е една лажна добра идеја. Со својата постара сестра, Демократијата во поширока смисла, го дели фетишизмот на формата. Смета дека начинот на организација на заедничката расправа претходи на самата расправа и дека тој метод е добар секаде и секогаш, за секој вид прашања. Да се застапува директна демократија, да се спротивстави - како „реална“ демократија - на „лажната“ претставничка демократија, значи да се биде уверен дека нашата автентична природа на крај може да биде откриена доколку се ослободиме од бремето на принудата. Но, предуслов за тоа ослободување би требало да биде таква трансформација после која ние повеќе не би биле исти, или подобро кажано, повеќе не би биле она што сме во оваа цивилизација заснована на власт и пари. Не можеме до непознатото да стигнеме по познати патишта, исто како што не можеме да ја достигнеме слободата преку авторитети. На крај, дури и ако ја прифатиме можноста на воведување вистинска директна демократија, би останал еден приговор: зошто едно малцинство би требало да се прилагоди на барањата на мнозинството? Којзнае, можеби навистина е вистина дека живееме во една непрекината и страшна вонредна состојба. Меѓутоа, не се работи за состојба која власта ја воспоставила наспроти своите сопствени правила - правото е чиста лага измислена од владетелот, а тој воопшто не е обврзан да остане доследен на своите лаги - туку поединецот наспроти сопствените желби. Што значи да не живееме онака како што би сакале да живееме. Што значи да не го тврдиме она што би сакале да го тврдиме, да не делуваме како што би сакале да делуваме, да не сакаме како што би сакале да сакаме. Што значи секојдневно правење компромиси со тиранот кој на смрт ги осудува нашите желби. Овде не се работи за победа или пораз (типична опсесија на милитантите), се работи за живеење на едниот и единствен живот кој го имаме на располагање и за живеење на свој начин. Ситните гестови и вообичаените зборови можат да држат поврзани реки од луѓе и преполни улици: но тие гестови, тие зборови, дали тие можат да се бараат надвор од нас самите, за да го задоволат новото чувство на припаѓање на одредена заедница? Освен ако целта не е на поединецот да му се даде бланко полномошно само за подоцна да му се каже дека се работи за тоалетна хартија.
[1] Долинско подрачје во близина на Торино.
[2] Комитет против проширување на американската воена база, наречена „dal Molin“.
[3] altro comune = друга општина; алтернативен организам кој застапува самоуправување.