Раул Ванејгем
Без граници без документи
Своевремено анархистот Алберт Либертад (Albert Libertad), претчувствувајќи ја кафканијанската бирократија и диктатурата на хартијата, ги повика граѓаните да ги изгорат своите документи за идентификација и повторно да станат човечки суштества, да одбијат да бидат сведени на бројка уредно пополнета во држаната статистика на робови.
Нашите битија денес делуваат толку преполнети со бројки кои ги дефинираат банкарските кредити, платите, здравственото осигурување, социјалната помош, материјалната помош и пензиите, така што живеењето без документи изгледа невозможно и непрактично како што била и препораката на Либертад да се заврши со ова понижувачко и контролно означување на општествениот добиток.
На овај начин се соочуваме со двојно и парадоксално постоење: од една страна, секој – без разлика на која националност припаѓа, кој социјален статус го има, или каков/а е по карактер – треба да има право на пристап во оваа бирократска џунгла во каква што се има претворено нашето општество; а од друга страна, неприфатливо е судбината на луѓето да е толку поделена од џиновскиот калкулатор, чиј нечовечки карактер е некомпатибилен со правото на слободен и убав живот.
Ако го додадеме на ова и процесот на државен колапс поради финансиските сили, следно што се заканува е светски монетарен колапс. Државите ја изгубија привилегијата – која арогантно тврдат дека ја имаат – да се грижат за општото добро. До вчера ги наметнуваа своите даноци врз граѓаните во форма на страшни такси и казни, а за возврат го гарантираа функционирањето на јавните услуги – образование, здравство, поштенски услуги, транспорт, привилегии за невработените, пензии за пензионерите.
Што се случува денес? Државите станаа слуги на банките и мултинционалните корпорации. Но, банките и корпорациите се соочуваат со фијаското на „ненормалните“ пари, виор на милијарди вложени во финансиски ризични инвестиции, каде парите летаат наоколу наместо работење за развој на примарните индустрии или други сектори со општествена примена. Милијарди кои формираат балон кој кога-тогаш ќе пукне и ќе предизвика голем финансиски колапс.
Ние сме плен на менаџерите на стечајот, кои со нетрпение чекаат да го ожнеат својот последен краткорочен профит од прекумерно експлоатираните граѓани, истите оние граѓани кои безумната политика на штедење ги повикува да се жртвуваат, да ја пополнат бесконечната празнината од дефицитот, ископана од монетарните проневери. Не само што државата не може повеќе да ги исполни своите обврски од поранешниот општествен договор, државата дури го крати буџетот за јавните услуги. Погребувајќи го сето она што го гарантираше: ако не вистински живот барем преживување. А причината за ова е големата измама наречена јавен долг. Државата се наврати на единствената функција, која потсетува на единствената причина зошто таа постои, полициската репресија - единствениот телохранител на државата кој шири страв и очај. Државата сето тоа ефикасно го постигнува со ширење на апокалиптичен поглед на светот. Ги шири гласините дека утре ќе биде полошо од денес. Мудроста, според овој поглед на светот, се состои во консумирање, трошење до банкротирање, да се направи профит од сè што може да биде профитабилно, дури и самоуништување и уништување на целата планета, сè со цел оваа голема измама да трае засекогаш. Борбата за подршка на мигрантите без документи треба да го земе во обзир тој контекст, на неколку начини:
а) Државата го одвраќа вниманието од начинот на кој се пренаменуваат јавните добра, државата инсталира страв и обесхрабрување, го одржува, за да ја оправда својата улога на полицаец кој ја чува безбедноста. И, како што е секогаш случај во такви услови, ја користи старата тактика на „жртвено јагне“. За граѓаните, исплашени од порастот на невработеноста, намалувањето на куповната моќ, порастот на несигурноста, именува неколку „опасни” групи кои ќе служат за пренасочување на гневот и агресијата, која инаку би била насочена кон корумпираните експлоататори кои нè водат. Сè е добро се додека димната завеса ги маскира вистинските проблеми...
Додека во Белгија Валонците и Фламанците се подеднакво жртви на измамите на државата на работ на финансиската криза, постои криминален национализам кој се обидува да ги спротивстави едните против другите. Превртливата ксенофобија има за цел да ги идентификува како исламски терористи луѓето со арапско потекло, го претвора во антисемитизам основаното спротивставување кон антипалестинската политика на израелската влада, работи на спротивставување на невработените работници против мигрантите без документи, не трепнува со око кога се во прашање нацистите и расизмот и однесувањето кон Ромите и другите патници.
Мораме да земеме во предвид дека корумпираната држава прави сè што може да ја спречи вистинската солидарност помеѓу безимотните погодени од немаштија, несигурност и оние кои сè уште колку-толку живеат добро, но кои ќе ја изгубат таа сигурност ако не ја прифатат судбината која ги очекува. Тоа е таа солидарност која ние мораме да ја вратиме, и тоа е таа солидарност која ние ја бараме кога ги браниме мигрантите без документи, невработените, но исто така и работниците кои се борат против експлоатација, организациите кои се подготвуваат за самоорганизирање и напуштање на монетарниот систем (парите), движењата кои се борат против кратењата во јавниот превоз, образованието, здравството, поштенските услуги, примарните индустрии и земјоделството. Ќе ја браниме поезијата на животот против законите на профитот кои го деградираат животот.
б) Одговорот на репресивните политики на корумпираната влада не значи користење на истото насилство кое го користи државата, туку надминување на нивниот понижувачки однос преку пропагирање на граѓанска непослушност.. Како? Преку обиди за враќање на квалитетот на животот кој државата го уништува под притисок на банкарската мафија. Ние сите сме фрлени настрана, жртвувани за морбидните интереси на апсурдниот систем. Немаме друг избор освен да се обложиме на нас самите дека ќе излеземе од овај осакатувачки хаос. Во повеќето жени и мажи постои поетско богатство и креативност способни за воспоставување на похумани услови во сите домени. Многу од луѓето, пасивизирани од рутината, сè уште го игнорираат ова. Но често тоа е единствениот избор кој го имаат кога се жртвувани и маргинализирани од политиката на корумпираните демократии.
Наместо да омаловажуваме треба да ги цениме човековите хумани и креативни аспекти. Зарем не е апсурдно да се плашиме и да ги протеруваме Ромите, наместо да се развиваат нивните занаетчиски и музички способности така што секое нивно поминување да се претвори во радосен настан? Наместо обидот за дволично реинтегрирање на невработените на пазарот на трудот кој е нестабилен поради зголемувањето на бројот на компании кои се затвораат, зошто да не дозволиме развој на структури каде што сечиј потенцијал и имагинација ќе се развиваат во целост?
Борбата за мигрантите без документи често се претвора во очајна, дури и самоубиствена одбрана. Но нападот е сè уште најодбрата одбрана. Не за агресивен одговор, како што се полициските акции управувани од далечина од функционер/ка кој повикува на штедење за оние кои тој/таа ги уништува. Офанзива која насекаде гради простори ослободени од профит, пазар и купопродажба. Простори во кои правото на живот, на радост, на креирање, простори за убавина, за уживање кои го отфрлаат правото на насилство, купопродажба и опстанок на најбогатите. Ние ќе треба да ги пополниме дупките кои државата ги остава, додека се оддалечува од барањата на граѓаните.
На нас останува да се подготвиме почнувајќи веднаш, ако повеќе не сакаме даноците да служат за пополнување на банкарските грешки и шпекулациите на пазарот на акции. Нашата главна задача е враќање на поезијата во општеството во кое вкусот на профитот и моќта ја отстраниле. Во овај заслепен и агресивен свет, исцртување и повторно откривање, давање на приоритет на човечките вредности, како великодушноста, креативноста, уживањето, автономниот живот... Станувањето човек значи негирање на робијата на трудот и имање сила за прогласување на нашето право на радост, креирајќи услови за доброто на сите.
Да се биде човек значи да престанеме да бидеме робови на работата и моќта, и повторно да го прогласиме правото на радост, содзавајќи услови за создавање на радост за сите.