Ренцо Новаторе
Јас сум и нихилист
1
Јас сум индивидуалист затоа што сум анархист; и сум анархист затоа што сум нихилист. Но нихилизмот го разбирам на свој начин...
Не ми е гајле дали е нордијски или ориентален, ниту дали има или нема историска, политичка, практична традиција, или теоретска, филозофска, духовна, интелектуална. Се нарекувам нихилист затоа што знам дека нихилизмот значи негирање.
Негирање на секое општество, секој култ, секој закон и секоја религија. Но не копнеам по нирвана, ниту пак копнеам по очајниот и немоќен песимизам на Шопенхауер, кој е полош и од насилното отфрлање на самиот живот. Мојот песимизам е страствен и дионисијански, како пламен кој ја разгорува мојата животна енерија, кој се потсмева на сите теоретски, научни и морални затвори.
Се нарекувам себеси анархист индивидуалист, иконокласт и нихилист, токму затоа што верувам дека во тие придавки е содржан највозвишениот и најцелосен израз на мојата своеволна и неконтролирана индивидуалност која, како надојдена река, сака да се разлее, незапирливо рушејќи насипи и огради, сè додека не удри во гранитна карпа, од која ќе се разбие и растури. Не го порекнувам животот. Го величам и го опевам.
2
Секој што се одрекува од животот затоа што смета дека тој претставува само болка и тага, а не успева во себе да пронајде смелост да се убие - според мене - е обичен фолирант и беспомошна личност; исто како што е инфериорно суштество за жалење оној кој верува дека светото дрво на среќата е растение на кое сите мајмуни ќе можат да се качуваат во не толку далечната иднина, и дека болката ќе биде отстранета од фосфоресцентниот огномет на вистинската Добрина...
3
Животот - за мене - не е ниту добар ниту лош, ниту теорија ниту идеја. Животот е стварност, а стварноста на животот е војна. За оној кој е роден како воин, животот е извор на радост, за другите тој е само извор на понижување и тага. Јас повеќе не барам безгрижна радост од животот. Тој не може да ми ја пружи, а и јас не би знаел што да правам со неа сега откако ја надживеав мојата адолесценција...
Наместо тоа, барам да ми ја овозможи бунтовната радост на борбата која резултира со тажни грчеви на поразот и сензуална возбуда на победата.
Поразен во калта или победник под сонцето, го опевам и го сакам животот!
За мојот бунтовен дух нема мир освен во војна, исто како што нема поголема радост за мојот скитнички, негирачки ум од незаузданото потврдување на мојата способност да живеам и да се веселам. Сите мои порази се само симфониски увод во новите победи.
4
Од денот кога стапив на овој свет - по чиста случајност која сега не ме засега - со себе го носам моето Добро и моето Лошо.
Тоа значи: мојата радост и мојата тага, сè уште во зародиш. Обете напредуваа заедно со мене со тек на времето. Колку посилно ја чувствував радоста, толку подлабоко ја разбирав тагата. Не можете да го задушите едното без да го задушите и другото.
Но сега ја разбив вратата и ја открив загатката на Сфингата. Радоста и тагата се само две вина од кои животот се опијанува. И затоа не е вистина дека животот е бедна и застрашувачка пустина каде што повеќе не цвета цвеќе и не созрева ретко овошје.
А дури и најмоќната тага, онаа која и силниот човек го води кон свесно и трагично поткопување на сопствената индивидуалост, е само енергична манифестација на умешноста и убавината.
И повторно се враќа на универзалниот човеков тек со блескави зраци на престапи кои ја разбиваат и бришат сета кристализирана стварност на ограничувачкиот свет на мнозинството со цел да избувне како идеален пламен и рашири во бесконечниот оган на новото.
5
Бунтот на слободниот против тагата е само интимна, страствена желба за поинтензивна и поголема радост. Но најголемата радост може да ја доживее само како одраз на најдлабоката тага, заедно сплотени во неизмерна варварска прегратка. А од таа неизмерна и плодна прегратка изникнува возвишената насмевка на непоколебливиот, додека, во борба, ја пее најмолскавичната ода за животот.
Ода исткаена од презир и омаловажување, од волја и моќ. Ода која трепери и отчукува под зраците на сонцето кои осветлуваат гробници, ода која го оживува ништото и го исполнува со мелодија.
6
Над Сократовиот ропски дух кој стоички ја прифаќа смртта и Диогеновиот слободен дух кој цинички го прифаќа животот, се издигнува триумфално виножито на кое танцува безбожниот разбивач на нови илузии, радикалниот уништувач на сиот морален свет. Слободниот танцува во височините, меѓу величествената фосфоросцентност на сонцето.
А кога големи облаци со длабока темнина ќе се издигнат од калливите јами за да го попречат неговиот поглед кон светлината и испречат на неговиот пат, тој се пробива со истрели од својот браунинг или го запира нивното напредување со пламенот на имагинацијата, присилувајќи ги да се покорат како понизни робови пред неговите нозе.
Но само оној кој го знае и практикува иконокласниот гнев на уништувањето може да ја поседува радоста родена од слобода, од онаа неповторлива слобода произлезена од тагата. Се кревам против стварноста на надворешниот свет кон триумф на стварноста од мојот внатрешен свет.
Го отфрлам општеството за триумф на Јас. Ја отфрлам сигурноста на секој закон, секој обичај, секоја моралност, за потврдување на секој инстинкт на волјата, на сета слободна емотивност, на секоја страст и секоја фантазија. Се потсмевам на секоја должност и секое правило за слободно да можам да пеам.
Ја презирам иднината на страдање и уживам во моето добро и моето лошо во сегашноста. Го презирам човештвото затоа што тоа не е мое човештво. Мразам тирани и не поднесувам робови. Не сакам и не нудам солидарност, бидејќи верувам дека тоа е само уште еден оков и бидејќи верувам, исто како и Ибзен, дека оној кој најмногу е сам воедно е и најсилен. Тоа е мојот нихилизам. Животот, за мене, не е ништо повеќе од херојска песна на радост и своеглавост напишана со раскрварените раце на тагата и болката, или само трагичен сон на умешност и убавина!