Теодор Качински
Удри каде што најмногу боли
3. Дрвната индустрија е спореден проблем
5. Бескорисно е да се борите против системот според неговите правила
6. Радикалите мораат да ги нападнат виталните органи на системот
7. Биотехнологијата можеби е најдобра мета за политички напад
8. Сета биотехнологија мора да биде нападната од принцип
9. Радикалите сѐ уште не ја напаѓаат ефикасно биотехнологијата
1. Целта на овој текст
Целта на овој текст е да посочи еден многу едноставен принцип на човечкиот конфликт, принцип кој противниците на технолошко-индустриското општество не му обрнуваат доволно внимание. Принципот е тој, што во секој облик на конфликт, ако сакате да победите, морате да удрите каде што најмногу боли.
Морам да објаснам дека кога зборувам за „удирање каде што најмногу боли“, тоа не значи дека јас неизбежно посочувам кон физички удари или каков било друг облик на физичко насилство. На пример, во ораторска дебата, „удирање онаму каде што најмногу боли“ би значело претставување аргументи кои ќе го направат ранлив ставот на противникот. Во претседателска кампања, „удирање каде што најмногу боли“ би значело освојување повеќе гласови од противникот онаму каде што има најмногу гласачи. Сепак, во дискусијата за овој принцип јас ќе ја употребам аналогијата на физичката борба, бидејќи е јасна и чиста.
Доколку некој човек ве удира, не можете да се одбраните со удирање на неговата тупаница, бидејќи на тој начин не можете да го повредите. За да победите во борбата, морате да го удрите каде што најмногу боли. Тоа значи дека ќе морате да ја заобиколите тупаницата и да ги удрите чувствителните и ранливите делови од човечкото тело.
Да претпоставиме дека булдожер кој припаѓа на дрвосечачка компанија ја уништува шумата која се наоѓа во близина на вашиот дом и вие сакате да го спречите. Сечилото на булдожерот е она коешто ја копа земјата и ги корне дрвата, но би било губење на време доколку пробате да го уништите сечилото со помош на чекан. Доколку потрошите цел ден во удирање на сечилото со чеканот, можеби ќе успеете доволно да го оштетите за да биде бескорисно. Но, во споредба со остатокот од булдожерот, сечилото е прилично евтино и лесно се менува. Сечилото е само „тупаницата“ со која булдожерот ја удира земјата. За да ја победите машината, морате да ја заобиколите „тупаницата“ и да ги нападнете виталните делови на булдожерот. Моторот, на пример, може да биде уништен за многу кратко време и со многу мал напор.
2. Мета е технологијата
Општо е познато дека „основната варијабла која го одредува современиот историски процес е технолошкиот развој“ (Целсо Фуртадо)[1]. Технологијата, пред сѐ, е одговорна за сегашната состојба на светот и ќе го контролира неговиот иден развој. Оттаму, булдожерот кој треба да го уништиме е самата модерна технологија. Многу радикали се свесни за ова, и сфаќаат дека задачата е потполно елиминирање на технолошко-индустрискиот систем. Но, за жал, тие имаат посветено многу малку внимание на потребата системот да се удри онаму каде што најмногу боли.
Уништувањето на Мекдоналдс или Старбакс е бесцелно. Не дека се грижам за Мекдоналдс или Старбакс. Воопшто не се грижам доколку некој ги уништи или не. Но тоа не е револуционерна активност. Дури и секој ланец од ресторани за брза храна да биде уништен, технолошко-индустрискиот систем ќе претрпи минимален удар и штета, бидејќи тој лесно може да преживее без ланец од ресторани за брза храна. Кога ги напаѓате Мекдоналдс и Старбакс, вие не удирате каде што најмногу боли.
Пред неколку месеци добив писмо од еден млад човек од Данска кој верува дека технолошко-индустрискиот систем мора да биде уништен будејќи, како што вели: „Што ќе се случи ако продолжиме на овој начин?“ Меѓутоа, неговиот начин на „револуционерна“ активност е напаѓање фарми за производство на крзно. Како средство за ослабување на технолошко-индустрискиот систем овој метод е бескорисен. Дури и ако луѓето вклучени во борбата за животинско ослободување (Animal Liberation) успеат потполно да ја елиминираат крзнената индустрија, тие воопшто нема да му наштетат на системот, бидејќи системот може совршено да фунционира без крзно.
Се согласувам дека чувањето животни во кафези е неподносливо, и ставањето крај на таквите навики е благородна борба, исто како и спречувањето сообраќајни незгоди, градењето засолништа за бездомните луѓе, рециклирањето и помагањето на старите луѓе да ја преминат улицата. Но никој не е доволно глупав овие дејства да ги замени со револуционерни активности, или да си замислува дека тие му нанесуваат штета на системот.
3. Дрвната индустрија е спореден проблем
Во основа, никој разумен човек не верува дека дивата природа може да преживее доколку технолошко-индустрискиот систем продолжи да постои. Многу радикали за заштита на животната средина веруваат во ова и се надеваат на пад на системот. Но, во практика, тие само ја напаѓаат дрвната индустрија.
Јас, секако, не се противам на нивниот напад на дрвната индустрија. Всушност, тоа е прашање кое ми е многу блиско и се радувам на секој успех што можеби го постигнале радикалите против дрвната индустрија. Во продолжение, од причини кои морам овде да ги објаснам, јас мислам дека спротиставувањето на дрвната индустрија треба да биде една од компонентите во обидот за отфрлање на системот.
Но, сам по себе, нападот врз дрвната индустрија не е ефикасен начин на борба против системот, и дури и ако радикалите некогаш успеат во запирање на сечењето дрва низ целиот свет, тоа нема да го уништи системот. И нема трајно да ја спаси дивината. Порано или подоцна, политичката клима ќе се промени и сечењето дрва ќе продолжи. Дури и да не продолжи сечењето дрва, ќе има и други начини преку кои ќе продолжи да биде уништувана дивината, а ако не биде уништувана, тогаш ќе биде припитомена. Рударството, киселите дождови, климатските промени и исчезнувањето на видовите ја уништуваат дивината; дивината е скротена и припитомена преку рекреацијата, научните студии и управувањето со ресурсите, вклучувајќи го и електронското следење на животните, порибувањето на потоците со риби одгледани во мрестилишта и садењето на генетски модифицирани семиња.
Дивината може да биде трајно спасена само со уништување на индустрискиот систем, а системот не можете да го уништите само со напаѓање на дрвната индустрија. Системот лесно може да го преживее уништувањето на дрвната индустрија, бидејќи дрвените производи, иако корисни за системот, можат да бидат заменети со други производи доколку тоа е потребно. Затоа, кога ја напаѓате дрвната индустрија, не го удирате системот каде што најмногу боли. Дрвната индустрија е само „тупаница“ (или една од тупаниците) со која системот ја уништува дивината, и исто како во случајот со борбата со тупаници, не можете да победите со удирање на тупаницата. Морате да ја заобиколите тупаницата и да удрите по најчувствителните и највиталните органи на системот.
4. Зошто системот е моќен
Технолошко-индустрискиот систем е исклучително моќен поради својата т.н. „демократска“ структура и својата неверојатна флексибилност. Бидејќи диктаторските режими имаат тенденција да бидат ригидни, социјалните тензии и отпорот можат да го ослабат системот и да доведат до револуција. Но, во „демократски“ систем, кога социјалните тензии и отпорот сериозно му се закануваат на системот, тој се повлекува колку што е потребно, прави компромиси колку што е потребно, сѐ со цел да ги доведе тензиите до безбедно ниво.
За време на 1960-те, луѓето за првпат станаа свесни дека загадувањето на животната средина е сериозен проблем, најмногу бидејќи видливата нечистотија во воздухот над нашите големи градови почнуваше да создава физичка неудобност кај луѓето. Поради многуте протести, мораше да биде создадена Агенцијата за заштита на животната средина, а беа преземени и други мерки за да се намалат проблемите. Секако, сите знаеме дека проблемите со загадувањето се далеку од решени. Но, доволно беше направено за да се смири јавноста, и притисокот врз системот беше намален во наредните неколку години.
Оттаму, напаѓањето на системот е како удирање на парче гума. Удар со чекан може да искрши леано железо, бидејќи леаното железо е круто и кршливо. Но, гумата можете да ја удрите без да ја оштетите бидејќи е флексибилна: се повлекува пред протестите, доволно за протестите да изгубат сила и значајност. Потоа системот го возвраќа ударот.
Оттаму, за да го удрите системот каде што најмногу боли, треба да изберете прашања за кои системот нема да отстапи, за кои ќе се бори до самиот крај. Она што е потребно е да не се прават компромиси со системот, туку да се бориме против него до самиот крај.
5. Бескорисно е да се борите против системот според неговите правила
Исклучително важно е да не го напаѓате системот според неговите технолошко-ориентирани правила, туку на начини кои се во спротивност со вредностите на системот. Сѐ додека го напаѓате системот според неговите правила и вредности, вие не го удирате каде што најмногу боли, и му дозволувате да го смири протестот со отстапување, со повлекување.
На пример, доколку ја нападнете дрвната индустрија само на основа на тоа дека шумите се потребни за зачувување на водните ресурси и рекреативните можности, тогаш системот ќе добие можност да го смири протестот без да ги загрози сопствените вредности: водните ресурси и рекреацијата се во согласност со вредностите на системот, и доколку системот отстапи, доколку го забрани сечењето на шумите во името на водните ресурси и рекреацијата, тогаш тој само прави тактичко повлекување и нема да доживее стратегиски пораз на сопствените вредности.
Доколку се сконцентрирате на проблемите со злоупотреба (како расизам, хомофобија, сексизам и сиромаштија), вие не ги предизвикувате вредностите на системот, и дури и не го принудувате системот да отстапи или да направи компромиси. Вие му помагате на системот. Најмудрите поддржувачи на системот знаат дека расизмот, сексизмот, хомофобијата и сиромаштијата се штетни за системот, и затоа системот се бори против овие или слични форми на злоупотреба.
Слабо платените работници кои работат во многу лоши услови можат да им донесат профит на одредени корпорации, но мудрите поддржувачи на системот знаат дека тој функционира многу подобро кога односот кон работниците е пристоен. Затоа, доколку се борите за повисока плата на работниците, вие му помагате на системот, а не го ослабувате.
Многу радикали паѓаат во замката и се фокусираат само кон не многу важните проблеми како расизмот, сексизмот и хомофобијата, бидејќи тоа е лесно. Тие избираат проблем за кој системот може да си дозволи компромис и за кој ќе добијат поддршка од луѓе како Ралф Нејдер, Винона Ладјук, синдикатите и сите други розеви реформатори. Можеби системот, под притисок, ќе отстапи малку, активистите ќе остварат некаков видлив резултат од своите напори и ќе ја добијат задоволувачката илузија дека постигнале нешто. Но, во основа, тие не постигнале ништо за да го елиминираат технолошко-индустрискиот систем.
Проблемот со глобализацијата не е потполно неважен во однос на технолошкиот проблем. Пакетот од економски и политички мерки насловен како „глобализација“ навистина промовира економски раст, а како последица на тоа и технолошки напредок. Сепак, глобализацијата е спореден проблем и не е добро избрана мета на револуционерите. Системот може да си дозволи да отстапи кога се работи за глобализациското прашање. Без да се откаже од самата глобализација, системот може да преземе мерки за да ги намали негативните последици по економијата и животната средина кои ги предизвикува глобализацијата и да го смири протестот. Во краен случај, системот може во целост да се откаже од глобализацијата. Растот и напредокот ќе продолжат, само со побавен чекор. И кога се борите против глобализацијата, вие не ги напаѓате основните вредности на системот. Опозицијата на глобализацијата е мотивирана од обезбедување пристојни плати за работниците и заштита на животната средина, а овие нешта се во согласност со вредностите на системот. (Системот, за да преживее, не смее да дозволи уништувањето на животната средина да отиде предалеку.) Оттаму, со спротивставување на глобализацијата, вие не удирате каде што најмногу боли. Вашите напори можеби ќе донесат реформи, но тие се бескорисни во отфрлањето на технолошко-индустрискиот систем.
6. Радикалите мораат да ги нападнат виталните органи на системот
За да бидат ефикасни во отстранување на технолошко-индустрискиот систем, револуционерите мораат да го нападнат системот онаму каде што не може да си дозволи да отстапи. Тие мораат да ги нападнат виталните органи на системот. Еве неколку примери за виталните органи на системот:
А. Индустријата за електрична енергија. Системот е зависен од мрежата на електрична енергија.
Б. Индустријата за комуникации. Без брзата комуникација, како телефонот, радиото, телевизијата, електронската пошта итн. системот нема да може да преживее.
В. Компјутерската индустрија. Сите знаеме дека без комјутери, системот ќе пропадне.
Г. Пропагандната индустрија. Таа ја вклучува забавната индустрија, образовниот систем, новинарството, рекламирањето итн. Системот не може да функционира доколу луѓето не се мирни и припитомени и не ги поседуваат ставовите потребни за системот да може да функционира. Функцијата на пропагандната индустрија е да ги насочува луѓето кон такви мисли и однесување.
Д. Биотехнолошката индустрија. Системот сѐ уште не е физички зависен (колку што знам) од напредна биотехнологија. И покрај тоа, системот не може да отстапи кога се работи за биотехнологијата, бидејќи таа е премногу важна за системот.
Повторно: кога ги напаѓате виталните органи на системот, важно е да не ги напаѓате според правилата на системот, туку според начини кои не се во согласност со вредностите на системот. На пример, ако ја нападнете индустријата за електрична енергија на основа на тоа дека таа ја загадува животната средина, системот може да го смири протестот со развивање почисти методи за добивање електрична енергија. Во најлош случај, системот може потполно да се префрли на сончева енергија и ветерници. Ова може во голема мера да го намали уништувањето на животната средина, но нема да стави крај на индустриско-технолошкиот систем. Ниту ќе претставува пораз на основните вредности на системот. Да се постигне каков било успех во борбата против системот, мора да се нападне целата мрежа за производство на електрична енергија, бидејќи зависноста од електрична енергија ги прави луѓето зависни од системот. Ова е став кој е целосно спротивен на вредностите на системот.
7. Биотехнологијата можеби е најдобра мета за политички напад
Веројатно најветувачката мета за политички напад е биотехнолошката индустрија. Иако револуциите најчесто се изведуваат од малцинства, корисно е да се има одреден степен на поддршка, симпатија или барем наклоност од пошироката јавност. Да се стекне таква поддршка или наклоност е една од целите на политичкото дејствување. Ако го сконцентрирате вашиот политички напад на, да речеме, индустријата за електрична енергија, ќе биде многу тешко да се добие поддршка надвор од радикалното малцинство, бидејќи повеќето луѓе се спротивставуваат на промени во своите животи, особено на непријатни промени. Од оваа причина, многу малку луѓе би се откажале од електричната енергија.
Но, луѓето сѐ уште не се чувствуваат толку зависни од биотехнологијата како што се чувствуваат зависни од електричната енергија. Елиминирањето на биотехнологијата нема драстично да ги промени нивните животи. Напротив, возможно е да им се покаже на луѓето дека развојот на биотехнологијата ќе го измени човечкиот начин на живот и ќе ги уништи традиционалните вредности. Оттаму, радикалите би можеле да го искористат во своја корист природниот човеков отпор на промени.
А биотехнологијата е нешто кое системот не може да си дозволи да го изгуби. Системот ќе мора да се бори за биотехнологијата до самиот крај, а тоа нам ни е потребно. Но, да повторам уште еднаш, не смееме да ја нападнеме биотехнологијата според правилата на системот, туку со начини и вредности кои се во спротивност на системот. На пример, ако ја нападнете биотехнологијата на основа на тоа дека ја уништива животната средина, или дека генетски модифицираната храна е штетна за здравјето, тогаш системот може и ќе го смири вашиот напад со отстапки и компромиси – на пример, со воведување на зголемена контрола на генетските истражувања и поригорозни тестирања на генетски модифицираните растенија. Тогаш, вознемиреноста на луѓето ќе ослабе и протестот ќе се смири.
8. Сета биотехнологија мора да биде нападната од принцип
Затоа, наместо да протестирате против поединечни негативни последици од биотехнологијата, морате да ја нападнете биотехнологијата во целост, на основа на (а) дека е навреда за човечките суштества; (б) дека му дава многу моќ на системот; (в) дека радикално ќе ги промени човечките вредности кои постоеле илјадници години; и слични нешта кои се во спротивност на вредностите на системот.
Како одговор на ваквиот напад, системот ќе мора да се бори. Нема да може да си дозволи да го смири вашиот напад со големи отстапки, бидејќи биотехнологијата е од централна важност за технолошкиот напредок, и бидејќи со повлекување системот нема да направи само тактичко повлекување, туку ќе доживее и голем стратегиски пораз на своите основни вредности. Тие вредности ќе бидат поткопани и вратата за понатамошен политички напад ќе биде отворена, а тоа може да ги поткопа темелите на системот.
Точно е дека Конгресот го забрани клонирањето човечки суштества, и дека некои од конгресмените имаа вистински причини кога ја поддржаа забраната за клонирање. Повеќето од причините за коишто прочитав беа засновани на религиозни вредности, но без разлика што и да мислите за религиозните вредности, тие причини не беа технолошки прифатливи. Тоа е многу важно.
Оттаму, гласањето на конгресмените против клонирањето на човечките суштества е уникатен пораз за системот. Но, тоа е многу, многу мал пораз, поради еднонасочниот опсег на забраната – само еден мал дел од биотехнологијата е нападнат – и бидејќи во блиска иднина клонирањето човечки суштества ќе има мала практична корист за системот. Но, дејството на Конгресот посочува каде можеби е ранлив системот, и дека поголем напад врз сета биотехнологија може да нанесе значајна штета на системот и неговите вредности.
9. Радикалите сѐ уште не ја напаѓаат ефикасно биотехнологијата
Некои радикали навистина ја напаѓаат биотехнологијата, политички или физички, но колку што знам тие ја водат битката според вредностите на системот. Во основа, нивните главни поплаки се ризиците по животната средина и човечкото здравје.
И тие не ја удираат биотехнологијата каде што најмногу боли. Да ја употребиме аналогијата со физичката борба уште еднаш. Замислете си дека треба да се борите против џиновски октопод. Нема да можете ефикасно да се борите со напаѓање на неговите пипки. Ќе морате да ја нападнете неговата глава. Колку што сум читал за дејствата на радикалите, тие сѐ уште ги напаѓаат само пипките на октоподот. Тие се обидуваат да ги разубедат обичните земјоделци, поединечно, да се воздржат од садење на генетески модифицирани семиња. Но, има илјадници фарми во светот, па поединечното разубедување не е многу ефикасен начин на борба против генетскиот инженеринг. Ќе биде многу поефикасно да ги разубедат научниците вклучени во биотехнолошките истражувања, или менаџерите на компаниите како Монсанто, да ја напуштат биотехнолошката индустрија. Добрите научници се луѓе со особен талент и интензивна обука, па затоа е многу тешко да бидат заменети. Истото важи и за извршните директори. Разубедувањето на само дел од овие луѓе ќе предизвика повеќе штета на биотехнолошката индустрија отколку поединечното разубедување на земјоделците да не садат генетски модифицирани семиња.
10. Удри каде што најмногу боли
Може да се дискутира дали биотехнологијата е најдобрата цел за политички напад врз системот, но, не може да се дискутира фактот дека денешните радикали трошат премногу време и енергија на прашања кои имаат мало или никакво значење за преживување на индустрискиот систем. Дури и кога посветуваат внимание на вистинските прашања, радикалите не удираат каде што најмногу боли. Затоа, наместо да го напаѓаат следниот самит на СТО, тие треба да почнат да размислуваат како да го удрат ситемот каде што најмногу боли.
[1] Целсо Монтеиро Фуртадо (Celso Monteiro Furtado,1920-2004) бил важен бразилски економист и еден од најистакнатите интелектуалци во својата земја во 20-от век. Неговата работа била концентрирана на развиеноста, неразвиеноста и трајноста на сиромаштијата во земјите од Третиот свет. (заб. на прев.)