Наслов: Скандалозни размисли
Поднаслов: Неколку забелешки за граѓанскиот анархизам
Датум: 2012
Извор: 325.nostate.net
Забелешки: Наслов на оригиналот: "Scandalous thoughts: a few notes on civil anarchism". Превод: Стефан Симоновски, 2013.

Секогаш одново, во цикличен ритам, колективистичкиот или социјален анархизам се покажувал како ограничувачки за некои анархисти, додека анархистичкиот индивидуализам добивал на сила. Сè започнува некаде на почетокот од 20 век, кога некои големи анархистички мислители почнале да доведуваат во прашање разни комунистички догми. И тоа повторно се случува: повторно можеме да видиме како социјалните анархисти се грчат во паника кога нешто ќе ја прекине нивната пријатна дремка и кога, свесно или несвесно, ја зајакнуваат Државата осудувајќи ги своите непослушни сестри и браќа, во кои изгледа гледаат закана за практикувањето на она што еден другар толку прикладно го опиша како „граѓански анархизам“.

Тоа е навистина ужасно суштество, тој граѓански анархизам. Лигаво, кукавичко и деспотско чудовиште, со очи на тилот, кое упорно се обидува да биде она што анархизмот веројатно никогаш нема да стане - деликатес за модерните, потрошувачки маси.

Еден од најголемите квалитети на оние кои тргнуваат во тие нови напади е тоа што се обидуваат да ја обноват свеста за самите себе и заемното познавање, да ја обноват личната сила, да изведат радикално и драматично раскинување со Општеството, со неговиот неподнослив кафез од општествени норми и со ќорсокакот на индивидуалната чувствителност, кон која водат истите тие норми. Некои коминикеа на таа тенденција се раскошни и поетски до крајност, што не мора секому да биде по вкус, но затоа соопштенијата на Анархистичката федерација (Велика Британија) се чиста досада.[1] Тоа е вистински материјалистички посмртен марш на политика против животот, на патријархалниот глас на „политички разум“ против дивиот, бунтовен дух, на политичкото против мене.

Борците се обидуваат да ја обноват силата на волјата и да го отфрлат неавтентичното. Тоа може да започне само од твоето искуство, не од искуството или догмите на некој друг, иако секако подразбира однос со неколку другари од „масата“ или „работничката класа“. Освен онаа активната, улична борба, многу малку вистинска борба може да се пронајде во некоја апстрактна толпа од луѓе, со кои немате никакви врски. Изгледа неверојатно дека би можела да се постигне согласност со оние кои се поистоветуваат со (официјалната) анархистичка Федерација и дека е уште побесмислено таа да се критикува. Тоа е како да критикувате настап на кловнови според стандардите на сериозна драма. Она што јас тука го гледам како прашање е истото она негирање на индивидуалноста кое го наметнува и Државата - втрлувањето на единствени човечки суштества во некаква утилитарна категорија, од страна на педагозите и господарите, кои на индувидуалноста гледаат како на нешто нескротливо и опасно, но кои затоа се чувствуваат совршено удобно во некој апстрактен, идеолошки кафез.

Тој недостиг на автентичност и прилично анахроната политика на нивните „револуционерни огранизации“ во целина, наоѓаат свој израз и во гневот на Федерацијата заради вооружениот напад врз италијанскиот нуклеарен бос, Роберто Адинолфи (Roberto Adinolfi),[2] како и заради писмото-бомба пратена на адреса на директорот на италијанската даночна служба, Марко Кукања (Marco Cuccagna).[3] Во овој вториот случај, Федерацијата неискрено манипулираше со фактите со цел да ја проституира својата идеологија, така што шефот на даночната служба го опиша како „работник“. Тоа не само што е навреда за интелигенцијата на секоја личност која јасно гледа дека мета е еден од оние босови кои секојдневно ја пљачкаат нивната тешко заработена дневница, туку е и загадочно, затоа што Федерацијата се преправа дека е „загрижена“ заради тие мети, категорички тврдејќи дека заради нив е загрижена и „работничката класа“. Ако сум верна на себеси, тогаш можам да кажам дека воопшто не ми е гајле ако тој бирократски пљачкосувач биде нападнат, повреден или убиен. Всушност, можам само да бидам среќна заради тоа. И можам да замислам дека и на многу луѓе исто така не им е гајле или дека дури би почувствувале и некое задоволство, можеби дури и радост, заради таа вест.

Некои основни прашања во врска со Федерацијата и не заслужуваат одговори: кои се тие луѓе од „работничката класа“ за кои зборувате; колку луѓе кои ја сочинуваат таа „работничка класа“ лично ги познавате; како знаете дека сите тие луѓе не се согласуваат со нападите врз капиталистичката инфраструктура, шефовите, даночниците; што ви дава за право да зборувате во чие било име освен во своето; што имате да кажете за луѓето од „работничката класа“ кои се побунија во Лондон 2011 (како и претходно во историјата)? Самото поставување на овие прашања делува смешно, но само еден краток поглед кон пристапот на Федерацијата го прави тоа нужно, кога ќе видите со каква сигурност настапуваат.

Менталниот склоп на Федерацијата/Libcom[4] продолжува да се занимава со психометриски проценки на наводно „терористичката тактика“. А во тоа, од непријателските медиуми и од Државата, позајмуваат уште едно бесмислено страшило - безумниот, своеволен, анархоинсурекционистички „терорист“. И повторно, колкумина од тие поединци Федерацијата навистина познава и како Федерацијата знае дека таквите чинови не се дел од многу побогат и покомплексен живот? Згора на тоа, и што би требало да е очигледно, инсурекционистичките методи се присутни меѓу незадоволните луѓе ширум светот, се многу пораспространети и по „организирачки“, а понекогаш и многу поблиски до бунтовната „работничка класа“ од сето она што Федерацијата има да го понуди. Федерацијата главно останува одлучно нема на тој факт, задоволувајќи се со тоа патерналистички да клима со главата на гневот на „работничката класа“, кој би можел да биде многу поконструктивен, само кога непослушните би сакале да ја прифатат мудроста на докторите од Федерацијата и да ги проголтаат нивните рецепти.

Во тој поглед, Федерацијата покажува до која мера е немоќна да се ослободи од оковите на идеологијата: од тоа одрекување на комплексноста на човечкото суштество и нејзиното заменување со некаква употреблива идеолошка категорија. Но, кога ќе ги погледнеме реакциите на Федерацијата кон другите анархисти, сè станува многу посериозно, затоа што често е речиси невозможно да се разликуваат од реакциите на нашите непријатели. Нивниот избор на форуми е интернетот. Еден краток осврт не само на критиката на технологијата, туку и на самото тоа искуство, открива колку е деструктивна таа форма на безлична, масовна интеракција, која настапува под маската на хуманизам. Федерацијата ја зајакнува Државата, со тоа што ја усвојува реториката на индустриско-воено-технолошкиот систем, како во неодамнешната осуда на анархистичките „терористички тактики“.

Во потрагата по ослободување, на индивидуата мора да ѝ се дозволи да се изрази, да се следи себеси. Индивидуата не секогаш е неспоива со колективот, но настојувањето индивидуалните пориви да се натрупаат во некаков колектив или општество спротивно на нејзината волја е сосема бесмислено. Индивидуата порано или подоцна ќе се побуни, затоа што масовниот колективитет скован на штета на слободната индивидуа подразбира почитување на владеењето на правилата и прописите (без оглед колку се тие неформални или премолчени), кои по дефиниција се спротиставени на слободниот живот, чувства и мисли. Тие тенденции и претходно биле во војна и затоа вреди да се прочитаат есеите на Волтерин де Клер (Voltairine de Cleyre) на оваа тема, каде вели дека индивидуалниот анархист би требало да биде слободен да го изрази својот бунт на сопствен начин. Насилните напади на газдите и државата можат да отуѓаат некои луѓе, но не сите. Дури и кога би ни успеало сите, еднаш засекогаш, лично да се поврземе со секоја личност од „работничката класа“ и кога сите тие би се согласиле дека навистина се „работничка класа“, дали Федерацијата навистина мисли дека таа маса на луѓе ќе има хомоген став кон општествената промена, кон причините за бедата или за најдобриот начин за ослободување (ако сите се согласни дека ослободувањето е нивната цел)? Граѓанските анархисти трагаат по целно насочена, свесна, пролетерска класа, која на Запад повеќе никаде не постои како револуционерен субјект, како што тие го опишуваат. Се посветиле на бесполезна потрага, која завршува во стерилност, и тоа среде навистина неконтролираните масовни општествени судири, притоа не успевајќи да ја следат ниту сопствената политика во нејзините основни заклучоци.

Раздвојувањето на луѓето на класи е, на одреден начин, бесмислено, доколку не се заснова на нивните индивидуални ставови и акции. Еден краток поглед врз историјата на американските староседелци, како еден од примерите, открива колку е банално и неточно да се зборува за „американски староседелци“, во еден хомоген - лош - здив: некои од нив биле домородни воини, кои се бореле против геноцидот и асимилацијата, додека некои од староседелците се претопиле со американската Држава и го повикувале својот народ да натрупува пари и моќ.

Оние меѓу нас кои добиле етикети дека се инсурекционисти, индивидуалисти и/или нихилисти, не тврдат дека знаат како ќе дојде до револуција. Во зборовите на новите бунтовници и вооружени групи има голема скромност. Во оваа историска точка би можеле да кажеме, после сè што беше пробано и после сè што не успеа - треба да признаеме дека не знаеме што е единствено исправно и што би можело да успее. Луѓето се многу покомплексни од тоа, а светот е огромен.

Дестилацијата на сè во „борба на работничката класа“, кон што Федерацијата е толку наклонета, е многу проблематична. Работничката класа, каква што некогаш била, сосема е исчезната, при што, како и демократијата, за многумина своите корени ги имала во ужас и лаги. Демократијата се развила на грбот на робовската класа од античка Грција, а Индустриската револуција довела до уништување на индивидуалното и создала „стадо лишено од сè“, на почетокот од ова доба кое толку го мразиме. Таквото фокусирање на „работничката класа“ е како избирање помеѓу различни облици на угнетување, каде што велиме дека еден облик на угнетување ни се допаѓа повеќе од некој друг: на почетокот од Индустриската револуција, луѓето очајнички се бореле да не бидат сведени на „работничка класа“. Асимилацијата на занаетчиите и селското население во индустриска работничка класа била крвава; и доколку денес, како што тоа го прават некои анархисти, се обидеме да ја отелотвориме таа класа, особено сега, кога машината е толку напредната и ја претворува традиционалната работничка класа во постиндустриска класа на потрошувачи, тогаш тоа повеќе не е само проблематично туку и бизарно. Тоа се само фази од напредувањето на машината, која дроби сè пред себе, и би било подобро кога би ги отфрлиле сите тие химери. Тоа не значи дека спорам како класната борба отсекогаш се водела и дека продолжува, туку попрво го користам изразот „општествена војна“ отколку „борба на работничката класа“, главно затоа што тој поим вклучува повеќе поединци и нивните избори, вклучувајќи ги и оние поединци кои себеси се гледаат како дел од традиционалната работничка класа. Класата, како концепт и како општествено сврзувачко ткиво, со текот на времето стана сè поматна. Луѓето можат многу погрубо да се поделат - доколку тоа е неопходно - на богати и сиромашни, на вклучени и исклучени, на критички и некритички настроени кон Државата и цивилизацијата.

Одрекувањето од индивидуалната автономија, од личното уважување и личните односи, води кон отуѓување и немоќ. Власта на сенишната маса над индивидуата не постигнува ништо друго освен што го потпомага проектот на Државата и капитализмот, на тој начин што се согласува со нив дека индивидуалното човечко суштество е само економска единица или широка и безлична агрегација на економски единици. Дали навистина сакаме на тој начин да ги дефинираме човечките суштества и дали анархистите навистина мислат дека таквата перспектива е ослободувачка? Негирањето на улогата на индивидуалното делување во корист на некој матен концепт на „класна борба“ од вчера, е опасна фикција. Се разбира, бидејќи и Државата настојува да ја уништи слободната волја и значајноста на индивидуалното, во тоа не може да има ништо револуционерно, освен во автократска über-политичка смисла, која наложува потчинување на државниот апарат - во обата случаи, она што се отфрла се силните поединци или групи на сродни поединци, кои сакаат слобода. Улогата на анархистите не се состои во тоа една тиранија - демократска, монархистичка, колективистичка - или кој било друг облик на владеење, да го заменат со друг.

Што треба да значи тоа „издавање соопштенија“ кои ги осудуваат постапките и ставовите на други личности кои себеси се сметаат за анархисти? Тоа е играње на политичка игра на „добри“ и „лоши“ анархисти во медиумите и пред репресивната машина на полицијата. Тоа е поткопување на самото значење на поимот „анархија“: сложена и променлива мрежа од начела, практики и односи, која се стреми кон ослободување, кое, пак, не е некаков униформен облик на постоење, како што не е ниту Државата.

Згора на тоа, самиот факт дека Федерацијата чувствува потреба да издава соопштенија против постапките на други анархисти, сигурно им укажува на тоа до која мера нивниот проект е осуден на пропаст. На крајот, ѝ порачувам на Анархистичката федерација и нејзините следбеници: не се согласувам со вас, не посакувам свет каков што вие го замислувате. Ви порачувам дека не сум осамена во тоа што сметам дека вашите ставови и перспективи се спротивни на мојот сопствен бунт и моето лично сфаќање на ослободувањето, кое почива на моето сфаќање и доживување на тиранијата на Државата. И бидејќи вашиот проект зависи од апсолутната согласност на масата, во која и самата се ноаѓам, и бидејќи врз основа на дебатите и ставовите на Федерацијата може да се каже дека она кон што тежнеете е некакво масовно анархистичко општество, тогаш ви порачувам дека сакам ослободување не само до Државата туку и од Општеството и од вас. И затоа ве прашувам: што ќе направите со мене?

Почнав да го пишувам овој напис најмногу за да ги охрабрам оние меѓу нас кои себеси се сметаат за анархисти да престанат со меѓусебните осуди и да прифатат дека никој од нас го нема „одговорот“. Сепак, го завршувам со чувството дека некои од „нас“ знаат толку малку за тоа што значи да се биде слободен во срцето, мислите и делувањето, но и толку малку за тоа што навистина значат класната солидарност и борба. Лесно можам да го замислам тоа анархистичко општество, кое Анархистичката федерација го прогласува за своја цел, полно со разни облици на репресија и затвори, исто колку и ова. Или така би можело да биде, доколку оние кои ни ги наметнуваат своите безлични општества не ја сфатат својата залудност.

 

 

 

[1] http://libcom.org/library/anarchist-federation-statement-kneecapping-nuclear-executive-informal-anarchist-federation

[2] http://325.nostate.net/?p=5259

[3] http://325.nostate.net/?p=3668

[4] http://libcom.org