Волфи Ландстрајкер
Од политика до живот: ослободување на анархијата од левичарското бреме
Уште од времето кога анархизмот за прв пат е дефиниран како засебно радикално движење, тој се поврзува со левицата, но таа поврзаност секогаш била незгодна. Левичарите кои биле во позиција на власт (вклучувајќи ги и оние кои себеси се нарекувале анархисти, како водачите на CNT и FAI во Шпанија во 1936-37 година) анархистичката цел за целосна преобразба на животот и принципот кој произлегува од неа, дека целта веќе треба да е содржана во средствата за борба, ги сметале за препрека на нивните политички програми. Вистинскиот бунт секогаш избувнува далеку од која било политичка програма, а најкохерентните анархисти остварувањето на своите соништа го согледувале токму во тоа непознато, далечно место. Сепак, одново и одново, откако жарта на востанието ќе се оладела (а повремено, како во Шпанија 1936-37, дури и кога огновите сè уште силно блескале), водечките анархисти повторно го заземале своето место како „совест на левицата“. Но иако ширењето на анархистичките соништа, и принципите кои тие ги подразбираат, биле препрека на политичките шеми на левицата, сепак самите тие шеми биле далеку поголемо бреме закачено за вратот на анархистичкото движење, оптоварувајќи го со „реализам“ кој не може да сонува.
За левицата, општествената борба против експлоатацијата и угнетувањето во суштина претставува политичка програма која треба да се реализира со сите расположливи средства. Таквото сфаќање, очигледно, бара политичка методологија на борбата, а таквата методологија се противи на некои основни анархистички принципи. Пред сè, политиката како засебна категорија на општественото постоење претставува раздвојување на одлуките кои го одредуваат нашиот живот од нивното спроведување. Таквото раздвојување произлегува од институциите кои ги носат и наметнуваат тие одлуки. Малку е важно колку тие институции се демократски или консензуални; раздвојувањето и институционализацијата инхерентни на политиката секогаш претставуваат наметнување, едноставно затоа што бараат одлуките да се донесат пред да бидат создадени околностите на кои тие ќе бидат применети. Тоа прави нужно таквите одлуки да се појават во облик на општи правила кои се применуваат во одредени типови ситуации, без оглед на специфичните околности. Тука може да се најде семето на идеолошкото размислување - каде што идеите владеат со активностите на поединците, наместо да им служат на поединците во развој на нивни сопствени проекти - но на тоа ќе се осврнам подоцна. Од анархистичка перспектива, подеднакво важен факт е дека моќта лежи во институциите каде што се носат и преку кои се спроведуваат одлуките. А левичарскиот концепт на општествена борба е токму оној на влијаење, преземање или создавање алтернативни верзии на тие институции. Со други зборови, тоа е борба за промена, а не за уништување на институционализираните односи на моќ.
Таквото поимање на борбата, со својата програмска основа, ја наметнува организацијата како средство за спроведување на борбата. Организацијата ја застапува борбата затоа што таа е конкретен израз на нејзината програма. Ако оние кои се вклучени ја дефинираат таа програма како револуционерна и анархистичка, тогаш, за нив, организацијата почнува да претставува револуција и анархија, а силата на организацијата се изедначува со силата на револуционерната и анархистичка борба. Јасен пример за тоа се ноаѓа во Шпанската револуција, каде што водството на CNT, откако ги инспирирало работниците и селаните од Каталонија на експропријација на средствата за производство (како и оружјето со помош на кое ги формирале своите слободни милиции), не ја распуштило организацијата и не дозволило работниците самостојно да го истражуваат повторното создавање општествен живот, туку наместо тоа го преземале управувањето со производството. Ова конфузно управување, од страна на синдикатите, за работничкото управување имало резултати кои може да ги проучува секој кој сака на нив да гледа критички. Значи, кога борбата против владејачкиот поредок ќе се одвои од поединците кои ја спроведуваат и смести во рацете на организација, таа престанува да биде самоодредувачки проект на тие поединци и наместо тоа станува надворешна причина кон која се приклонуваат. Поради тоа што целта се изедначува со организацијата, одржувањето и ширењето на организацијата станува примарната активност на поединците кои ѝ се приклонуваат.
Всушност, левичарската организација е средство со помош на кое левицата има намера да ги трансформира институционализираните односи на моќ. Од мало значење е дали тоа се прави преку поставување барања кон актуелната власт или преку примена на демократски права, преку изборно или насилно освојување на државната власт, преку институционална експропријација на средствата за производство или преку сите овие средства комбинирано. За тоа да го постигне, организацијата се обидува да се претвори во алтернативна власт или контравласт. Затоа таа мора да ја прегрне постоечката идеологија на моќ, односно демократијата. Демократијата е оној систем на одвоено и институционализирано одлучување кој изискува создавање општествен консензус за програмите кои се спроведуваат. Иако власта секогаш се потпира на принуда, во демократските рамки таа се правда со консензусот кој може да го постигне. Затоа за левицата е нужно да стекне што е можно повеќе следбеници, бројки кои ќе ја поддржуваат нејзината програма. Оттаму, во својата приврзаност кон демократијата, левицата мора да ја прегрне квантитативната илузија.
Обидот да се придобијат следбеници изискува посегнување по најмалиот заеднички содржател. На тој начин,наместо да спроведува витално теориско истражување, левицата развива комплет од поедноставени доктрини преку кои треба да се согледува светот и литанија од морални ужаси кои ги спроведува актуелната власт, за кои левицата се надева дека ќе имаат масовно влијание. Секое поставување прашања или истражување надвор од идеолошките рамки жестоко се осудува или се гледа со неразбирање. Неспособноста за сериозно теориско истражување е цената на прифаќање на квантитативната илузија според која бројот на следбеници, без оглед на нивната пасивност и незнаење, се смета за одраз на силата на движењето, наместо квалитетот и кохерентноста на идеите и практиката.
Политичката нужност за умилкување на „масите“ исто така ја наведува левицата да се користи со методот на поднесување ограничени барања до актуелната власт. Таквиот метод секако е сосема во согласност со проектот на трансформирање на односите на моќ, особено затоа што таквите односи не ги доведува во прашање во нивниот корен. Всушност, поставувајќи им барања на оние на власт, се имплицира дека едноставното (иако можно и екстремно) регулирање на постоечките односи е доволно за остварување на левичарската програма. Она што со тој метод не се става под знак прашање е самиот владејачки поредок, бидејќи тоа би ја загрозило политичката рамка на левицата.
Доктрината на прогресивизмот е имплицитна во тој пристап на ограничени барања за промена (всушност, денес меѓу левичарите и либералите - кои попрво би ги заборавиле останатите извалкани етикети - најпопуларната етикета е „прогресивно“). Прогресивизмот е идеја според која постоечката состојба на нештата всушност е резултат на (иако можеби „дијалектички“) процес на подобрување, па оттаму, доколку се потрудиме (било преку гласање, петиции, парници, граѓанска непослушност, политичко насилство или дури и освојување на власта - што било, само не со нејзино уништување), можеме да го унапредиме тој процес. Концептот на прогрес и пристапот на ограничени барања, што е неговиот практичен израз, укажува на уште еден квантитативен аспект на левичарското сфаќање на општествената промена. Таквата трансформација едноставно претставува прашање на степенот на нечија позиција долж тековната траекторија. Вистинската количина на регулирање ќе нè одведе „таму“ (каде и да е тоа „таму“). Реформата и револуцијата се просто различни нивоа на истата активност. Такви се апсурдите на левичарството кое останува слепо за поразителниот доказ дека единствената траекторија на која сме биле, барем од подемот на капитализмот и индустријализмот, е сè поголемото осиромашување на постоењето, како и дека тоа не може да се реформира.
Пристапот на ограничени барања и политичката потреба за категоризација, исто така ја доведуваат левицата до тоа луѓето да ги вреднува во поглед на нивната припадност на различни групи на угнетувани и експлоатирани, како „работници“, „жени“, „обоени луѓе“ и така натаму. Таа категоризација е основата на политиката на идентитет. Политиката на идентитет е посебен облик на лажно спротивставување, при кое заради божемен чин на пркос против угнетувањето, угнетените избираат да се идентификуваат со одредена општествена категорија, со што нивното угнетување само се зајакнува. Всушност, постојаното идентификување со тие општествени улоги ја ограничува можноста на оние кои ја практикуваат политиката на идентитет подлабоко да ја анализираат својата положба во ова општество, како и да делуваат како поединци против своето угнетување. Таа, значи, гарантира продолжување на општествените односи кои се причина за нивното угнетување. Но само како припадници на категории, тие луѓе се корисни како пиони во политичките маневрирања на левицата, бидејќи таквите општествени категории ја преземаат улогата на групи за притисок и блокови на моќ внатре демократската рамка.
Политичката логика на левицата, со своите организациски барања, прегрнувањето на демократијата и квантитативната илузија и вреднувањето на луѓето како ништо повеќе од членови на општествени категории, сама по себе е колективистичка, потиснувајќи го поединецот како таков. Тоа се изразува во повикот поединците да се жртвуваат за различните левичарски цели, програми и организации. Зад овие повици стојат манипулативните идеологии на колективниот идентитет, колективната одговорност и колективната вина. Поединците кои се дефинираат како дел од некоја „привилегирана“ група - „стрејт“, „белец“, „маж“, „од првиот свет“, „средна класа“ - се сметаат за одговорни за сето угнетување кое се препишува на таа група. Потоа со нив се манипулира да одглумат дека страдаат заради тие „злосторства“, давајќи некритичка поддршка на движењата на оние кои се угнетени повеќе од нив. Со поединците кои се дефинираат како дел од угнетена група се манипулира да го прифатат колективниот идентитет во таа група заради задолжителна „солидарност“ - сестринство, црн национализам, квир идентитет итн. Ако го отфрлат, или дури подлабоко и порадикално го критикуваат тој групен идентитет, тоа се изедначува со прифаќање на сопственото угнетување. Всушност, поединецот кој делува на свој начин (или само со оние со кои развил вистински афинитет) против своето угнетување и експлоатацијата кои ги доживува во текот на својот живот, се обвинува за „буржоаски индивидуализам“, и покрај фактот дека тој се бори токму против отуѓувањето, одвојувањето и атомизацијата која е инхерентен резултат на колективно отуѓената општествена активност која државата и капиталот - таканареченото „буржоаско општество“ - ни ги наметнуваат.
Заради тоа што левичарството е активен поглед на општествената борба како политичка програма, тоа е идеолошко од глава до петици. Левичарската борба не се развива од желбите, потребите и соништата на живите поединци, експлоатираните, угнетените, над кои доминира и кои ги развластува во ова општество. Тоа не е активност на луѓе кои се стремат кон повторно присвојување на своите животи и кои трагаат по орудија кои им се потребни за да го сторат тоа. Тоа пред сè е програма формулирана во главата на левичарските водачи или на организациските состаноци кои постојат над и пред индивидуалните борби на луѓето кои им се потчинуваат. Без оглед на слоганот на таа програма - социјализам, комунизам, анархизам, сестринство, африканскиот народ, права на животните, ослободување на Земјата, примитивизам, работничко самоуправување, итн., итн. - тој не нуди орудија кои индивидуите можат да ги користат во своите борби против доминацијата, туку наместо тоа бара од поединците доминацијата на владејачкиот поредок да ја заменат со доминација на левичарската програма. Со други зборови, тој бара од поединците и понатаму да продолжат да се одрекуваат од можноста да го одредат сопственото постоење.
Во својот најдобар облик, анархистичките настојувања отсекогаш биле поврзани за целосната трансформација на постоењето, која е заснована на повторно присвојување на животот од страна на секој и сите поединци, делувајќи преку слободно здружување со други по сопствен избор. Таквата визија може да се најде во најинспиративните дела на речиси сите познати анархисти, и заради тоа анархизмот е „совеста на левицата“. Но од каква корист, за оние кои сакаат да ги остварат тие соништа, е да се биде совест на движење кое не ги дели и кое не може да ги дели ширината и длабочината на нечии соништа? Во историјата на анархистичкото движење, оние стојалишта и практики кои биле најблиски до левицата, како анархосиндикализмот и платформизмот, имале многу помалку соништа, а многу повеќе програма во себе. Сега, кога левичарството повеќе не е значајна сила во ниту еден поглед поинаква од остатокот од политичката сфера, барем во Западниот свет, секако дека нема причина и понатаму да го носиме тој товар околу нашиот врат. Остварувањето на анархистичките соништа, соништата на секој поединец кој и понатаму е способен да сонува и независно да сака да биде автономен создател на сопственото постоење, изискува свесен и строг раскин со левицата. Минимумот од тој раскин би значел:
-
Отфрлување на политичката перцепција на општествената борба; согледување дека револуционерната борба не е програма, туку пред сè борба за индивидуална и општествена реапропријација на севкупноста на животот. Како таква, таа е инхерентно антиполитичка. Со други зборови, таа е спротивставена на сите облици на општествена организација - и на секој метод на борба - во кој одлуките за тоа како да се живее или бори се одвоени од извршувањето на тие одлуки, без оглед на тоа колку демократски или партиципаторно може да изгледа тој одвоен процес на одлучување.
-
Отрфлување на организационизмот, што значи отфрлување на идејата дека која било организација може да ги претставува угнетените поединци или групи, општествената борба, револуцијата или анархијата. Оттаму, исто така, отфрлување и на сите формални организации - партии, синдикати, федерации и ним слични - кои, заради својата програмска природа, преземаат претставничка улога. Тоа не значи отфрлување на можноста да се организираат специфични активности потребни за револуционерната борба, туку отфрлување на потчинувањето на организација, на задачите и проектите на формализмот на организациската програма. Единствената задача која воопшто се покажала дека бара формално организирање е развојот и одржувањето на формална организација.
-
Отфрлување на демократијата и илузијата за квантитет. Отфрлување на ставот дека бројот на приврзаници на целта, идејата или програмата е она што ја одредува силата на борбата, а не квалитативната вредност на практикувањето на борбата како напад врз институциите на доминација и како повторно присвојување на животот. Одбивање на секое институционализирање и формализирање на одлучувањето, како и секое сфаќање на одлучувањето како момент кој е одвоен од животот и делувањето. Исто така, отфрлување на евангелистичкиот метод кој се обидува да ги освои масите. Таквиот метод претпоставува дека теоретското истражување е довршено, дека некој има одговор кој сите треба да го прифатат и дека оттаму секој метод е прифатлив за ширење на пораката, дури и ако тој метод е во спротивност со она што го зборуваме. Тој нè наведува да бараме следбеници кои ја прифаќаат нашата позиција, наместо да бараме другари и соучесници со кои можеме да го продолжиме нашето истражување. Наспроти тоа, можеме да се стремиме да ги изнесеме сопствените проекти, најдобро што можеме, на начин кој е во склад со нашите идеи, соништа и желби, на тој начин привлекувајќи потенцијални соучесници со кои можеме да развиваме односи на афинитет и да ја прошириме практиката на бунт.
-
Отрфлување на практиката на поднесување барања пред оние кои владеат, а наместо тоа избирајќи практика на директни акции и напади. Отфрлување на идејата дека својата желба за самоодредување можеме да ја оствариме по пат на ограничени барања кои, во најдобар случај, обезбедуваат само привремено ублажување на штетноста на општествениот поредок на капиталот. Препознавање на нужноста да се нападне ова општество во неговиот тоталитет, во секоја поединечна борба да се постигне практична и теоретска свест за тоталитетот кој мора да биде уништен. Оттаму, исто така, да се постигне способност да се увиди што е потенцијално револуционерно - што отишло отаде логиката на барања и ограничени промени - во поединечните општествени борби, бидејќи, на крајот на краиштата, секој радикален, востанички раскин е придвижен од борбата која започнала како обид да се постигне исполнување на ограничени барања, но која во практика преминала од барање на она што го сака во негово зграпчување, па и повеќе.
-
Отфрлување на идејата за прогресот, идејата дека постоечкиот поредок на нештата е резултат на непрекинат процес на подобрување кој можеме да го продолжиме, веројатно до неговата апотеоза, доколку вложиме напор. Препознавање дека актуелната траекторија - која владетелите, ним верните реформисти и „револуционерната“ опозиција ја нарекуваат „прогрес“ - е инхерентно штетна по индивидуалната слобода, слободното здружување, здравите човекови односи, целокупноста на животот и самата планета. Препознавање дека таа траекторија мора да се прекине, а да се развијат нови начини на живеење и односи, доколку сакаме да постигнеме целосна автономија и слобода. (Тоа нужно не води до апсолутно отфрлување на технологијата и цивилизацијата, и таквото отфрлување не ја сочинува последната линија на раскин со левицата, но отфрлувањето на прогресот најмногу претставува волја сериозно и критички да се проучат и доведат во прашање цивилизацијата и технологијата, а особено индустријализмот. Оние кои немаат волја да ги постават таквите прашања најверојатно ќе продолжат да се држат до митот за прогресот.)
-
Отфрлување на политиката на идентитет. Препознавање дека, иако разни угнетени групи сопственото развластување го доживуваат на начини специфични за нивното угнетување и иако анализата на тие специфичности е неопходна за целосно да се разбере функционирањето на доминацијата, развластувањето е пред сè одземање на способноста на секој од нас, како поединци, да ги создаваме животите на свој начин, во слободно здружување со другите. Повторното присвојување на животот на општествено ниво, како и неговото целосно повторно присвојување на индивидуално ниво, може да се оствари единствено кога ќе престанеме да се идентификуваме себеси исклучиво преку нашите општествени идентитети.
-
Отфрлување на колективизмот, на потчинувањето на поединецот на групата. Отфрлување на идеологијата на колективна одговорност (отфрлување кое не значи одбивање на општествената и класната анализа, туку кое го отстранува моралниот суд од таквата анализа и ја одбива опасната практика на обвинување на поединците за активности кои се изведени во нивно име, или кои се припишани на општествената категорија на која се смета дека припаѓаат, но во врска со која немале избор - на пример, „Евреин“, „Циган“, „маж“, „белец“, итн.). Отфрлување на идејата дека кој било, без оглед дали заради „привилегираност“ или наводна припадност на одредена угнетена група, должи некритичка солидарност со секоја борба или движење и признавање дека таквото сфаќање е основна препрека на секој сериозен револуционерен процес. Креирање колективни проекти и активности кои ќе служат на потребите и желбите на вклучените поединци, а не обратно. Препознавање дека фундаменталното отуѓување, наметнато од капиталот, не е засновано на никаква хипер-индивидуалистичка идеологија која можеби ја застапува, туку дека произлегува од колективниот производствен проект кој го наметнува, кој врши експропријација на нашите индивидуални креативни способности да ги постигнеме своите цели. Препознавање дека ослободувањето на секој и на сите поединци, за да бидат способни да ги одредуваат условите на сопственото постоење во слободно здружување со други, по сопствен избор - односно индивидуално и општествено повторно присвојување на животот - е примарна цел на револуцијата.
-
Отфрлување на идеологијата, односно отфрлување на секоја програма, идеја, апстракција, идеал или теорија која е поставена над животот и поединецот, како конструкт кому треба да му се служи. Оттаму, отфрлување на Бога, Државата, Нацијата, Расата итн., но исто така и на Анархизмот, Примитивизмот, Комунизмот, Слободата, Разумот, Индивидуата итн., кога ќе станат идеали за кои некој треба да се жртвува себеси, нечии желби, стремежи, соништа. Употребата на идеите, теоретските анализи и способноста да се сфаќа и размислува апстрактно и критички, како алатки за реализирање на целите, за повторно присвојување на животот и делување против сè што стои на патот на таквото присвојување. Отфрлување на едноставните одговори кои нè прават слепи во обидите да ја истражуваме реалноста пред која стоиме, во полза на постојаното преиспитување и теоретско истражување.
Според мене, ова е она што го сочинува вистинскиот раскин со левицата. Секаде каде што недостига некое од овие одбивања - во теорија или во практика - остануваат траги од левицата, а тоа е препрека за нашиот проект за ослободување. Бидејќи ова раскинување со левицата се заснова на неопходноста од ослободување на практикувањето на анархијата од ограничувањата на политиката, тоа секако не е прифаќање на десницата или кој било друг дел од политичкиот спектар. Тоа пред сè е препознавање дека борбата за преобразба на сèвкупноста на животот, борбата за преземање на нашите животи како наши сопствени во еден колективен момент на индивидуална реализација, може единствено да биде попречена од политичките програми, „револуционерните“ организации и идеолошките конструкти кои ја бараат нашата услуга, бидејќи и тие, исто како и државата и капиталот, бараат да им ги препуштиме своите животи, наместо да ги зграпчиме како свои. Нашите соништа се преголеми за овие тесногради рамки на политичките шеми. Крајно време е зад себе да ја оставиме левицата и радосно да тргнеме по својот пат кон непознатото на востанието и кон создавање исполнети животи кои самите ќе ги одредиме.