Волфи Ландстрајкер
Против логиката на потчинување: реализам
„Бидете реални, барајте го невозможното!“
Овој прочуен слоган, кој 1968 година ги красеше ѕидовите на Париз, своевремено беше навистина револуционерен зашто целосно го испреврти вообичаеното сфаќање на реализмот. Но денес живееме во услови кои во голема мера ги обликува вештачката, виртуелна „стварност“. Со ширењето на нови технологии, живот сѐ помалку се живее, а сѐ повеќе се посматра. Затоа не зачудува што овој слоган, кој некогаш го доведуваше во прашање целиот општествен поредок, денес е само рекламна порака. Во царството на виртуелното, сѐ е можно, за соодветна цена. Сѐ освен свет без цена, свет на вистински, непосредни човечки односи во кој секој самостојно би го одредувал обликот на своето делување во конкретната, непосредна стварност на овој свет.
Игрите кои ни се нудат (заедно со лебот), нѐ соочуваат со досега невиден спектакл. Егзотични предели, чудни суштества обдарени со уште почудни моќи, фантастични експлозии, битки и други миракули, сета таа претстава само нѐ држи приковани за нашето место во публиката, каде што сета наша стварност се сведува на повремено притискање на копчето за промена на каналот - многу слично на нашата примарна активност во сѐ повеќе занимања. Оттаму „невозможното“ што ни го нуди ова општество е само специјален ефект, наркотик на виртуелното кој нѐ заведува во бедата на овој свет, во кој можноста за вистински живот целосно исчезнува.
Доколку сакаме да ја избегнеме бедата на таквиот живот, нашиот бунт мора да биде насочен токму против таквата општествена стварност во целина. Во контекстот што таа ни го нуди, реализмот станува согласување. Секој што денес сериозно зборува за револуција - за стремежот кон укинување на постоечката општествена стварност и ослободување на просторот за автономно делување и лична слобода - нужното звучи нереално, дури и утописки. Но може ли нешто помалку од тоа да ѝ стави крај на оваа беда?
Соочени со стампедото на цивилизацијата и ваквата општествена стварност, многу радикали почнуваат да ја раскажуваат истата приказна: „Треба да се биде реален; ќе го сторам само она што е во моја моќ“, итн. Тоа сигурно не е глас на силна индивидуалност која себеси се поставува како центар на бунтот против светот на доминација и отуѓување, туку израз на резигнација, повлекување во мирот на сопствената мала градина, додека насекаде околу ѕверот продолжува да гази. „Позитивните проекти“ што се развиваат во име на реализмот се само алтернативни начини за преживување во рамки на постоечкото општество. Тие не само што со ништо не го загрозуваат светот на капиталот и државата, туку и му ја олеснуваат работата, бидејќи овозможуваат бесплатен и доброволен општествен сервис преку создавање на „алтернативни институции“. Бидејќи како појдовна точка ја земаат постоечката стварност, во барањето за револуционерна деструкција тие нужно гледаат невозможна, а со самото тоа и опасна цел; затоа попрвин се ограничуваат да бидат алтернатива во рамки на постоечкото.
Ваквиот реализам ги обликува сите оние облици на активизам кои ја игнорираат целината на постоечката општествена стварност задржувајќи се само на одредени нејзини делови. Стварноста на отуѓувањето, доминацијата и експлоатацијата се разбива на категории на угнетување кои се посматраат изолирано: расизам, сексизам, уништување на животната средина, итн. Иако оваа категоризација може да биде од корист во согледувањето на поединечните аспекти на системот, таа често ги спречува луѓето да ја согледаат целината; оттаму и сите тие левичарски проекти специјализирани за одредени облици на угнетување и нивните идеолошки толкувања на причините за тоа угнетување. Овој идеолошки пристап ја одвојува теоријата од практиката, уште повеќе ситнејќи ги прашањата на кои им се придава сето можно значење: еднакви плати за мажите и жените, слободен пристап на хомесексуалците во воената служба или извидниците, заштита на некоја мочвара или дел од шума - листата на такви прашања навистина е бескрајна. Кога стварноста ќе се разбие до тоа ниво, на коешто изостанува секаква анализа на системот како целина, сѐ повторно почнува да се гледа само во рамки на постоечката стварност. Имено, за активистите-реалисти и за левичарите воопшто, ефикасноста е единствен критериум. Сѐ што носи некаков резултат е добро. Оттаму нагласокот за покренување бескрајни парници, барања за нови закони, петиции кон властите, преговори со оние што не држат во раце, бидејќи сето тоа навистина носи некакви резултати - доколку саканиот резултат е ублажување на некој проблем или претопување на одредена радикална група или цел во владејачкиот систем.
Од револуционерно, анархистичко гледиште овој пристап е сѐ само не ефикасен, бидејќи се заснова на постоечката стварност и логиката дека „така е како е“ и дека не ни преостанува ништо друго освен да сториме сѐ што можеме во тие рамки. Тоа е логика на потчинување. За да се ослободиме од нејзиното дејствие, потребно е целосно превртување на перспективата.
Таа промена на перспективата изискува поинаков агол на гледање на светот, поинаква појдовна точка за делување. Наместо секогаш да појдуваме од тоа како е, можеме да појдеме од желбата својот живот навистина да го направиме свој. Таквата одлука веднаш нѐ доведува во судир со постоечката општествена стварност, во која условите за живот и можностите по кои е можно да се живее се однапред одредени. Тоа е стварност во која едно малцинство на сите им ги диктира животните услови; стварност во која, покрај лебот и играта, ни се нуди и уште малку забава. Затоа е потребно личниот бунт да се наоружа со класна анализа и да се насочи кон отворање на револуционерна перспектива. Кога таа анализа ќе започне да ги разоткрива сите институционални и технолошки средства со кои владејачката класа ја одржува, засилува и шири својата контрола, таа револуционерна перспектива нужно поприма општествена и лудичка димензија.
Логиката на потчинување ни говори да бидеме реални, да се ограничиме на сѐ потесен простор што ни го нуди ова општество. Но кога таа стварност всушност е марш кон смрт - кон трајно деградирање на човечкиот дух и целосно уништување на животната средина - дали навистина е реално да се биде „реалист“? Ако навистина го сакаме животот, ако навистина сакаме да напредуваме и цветаме, тогаш е апсолутно неопходно своите желби да ги ослободиме од сѐ што ги ограничува, да ги пуштиме да ги натопат нашиот срца и нашите мисли, да нѐ исполнат со страст која ги раѓа најсмелите сништа. Тие сништа ќе бидат оружје со кое ќе ја нападнеме оваа стварност; нивната страст ќе биде храна за бунтовниот разум, кој е единствениот во состојба да го формулира проектот на уништување на постоечкиот поредок и ослободи простор за остварување на нашите најдлабоки стремежи. За сите нас кои сакаме да живееме по сопствено убедување, сѐ помалку од тоа би било нереално.