Волфи Ландстрајкер
Завивање на дивиот пес
За Диоген, веројатно најпознатиот антички киничар (циник), постои и оваа приказна: додека еден ден се сончал во буре, коешто го сметал за свој дом, во посета му дошол Александар Велики. Владетелот на многу народи му се обратил со овие зборови: „Јас сум Александар, принц на Македонија и господар на светот. За тебе велат дека си голем филозоф. Имаш ли некој мудар збор за мене?“. Лут зашто некој му го нарушува мирот, Диоген му одговорил: „Да, имам. Ми го попречуваш сонцето. Губи се оттука!“. Иако оваа приказна најверојатно е измислена, таа добро го изразува презирот со кој старите циници се однесувале кон авторитетите, како и жестината со којашто им го плеснувале тој презир в лице. Тие, „кучиња“ (диви кучиња, се разбира), како што себеси се нарекувале, ја отфрлале секоја хиерархија, општествена моралност и поданички однос кон законот, кон кои секогаш се обраќале со презир и омаловажување.
Колку ли само овој древен цинизам е поинаков од она што денес се провлекува под тоа име. Пред неколку години една радикална група од Англија, Pleasure Tendency, објави памфлет под наслов „Тези против цинизмот“. Во тој памфлет тие го критикуваат ставот на помодна рамнодушност, плитка и саркастична безнадежност, а особено ширењето на тој став во антиавторитарните и револуционерни кругови.
Заговорниците на тој модерен цинизам ги има секаде. Помодните, саркастични програми како Saturday Night Live или The Comedy Channel, не претставуваат никаков предизвик за владејачкиот систем. Освен тоа, нивната неприродна насмевка на сезнајковци е дел од јапи ставот par excellence. Тука не станува ниту збор за вистинско разбирање на она што се случува, туку само оправдување за конформизам. „Да, ние знаеме што прават политичарите и извршните менаџери на корпорациите. Знаеме дека сето тоа е една валкана игра. Но бидејќи не може ништо да се стори во врска со тоа, ни преостанува само добро да се зезаме на нивна сметка“. Немоќни сме - тоа е пораката на овие модерни циници. Не презир кон авторитетот, туку кон оние кои сè уште се осудуваат да го оспорат наместо да ја прифатат неговата игра со добро извежбана насмевка.
Тој се прошири насекаде во револуционерните и анархистички кругови, користејќи ја како споредна врата филозофијата на постмодернизмот, чијшто ироничен ултраконформизам е претставен како ефикасна револуционерна стратегија. Со сериозен израз на лицето (и можеби дел од онаа одвратна насмевка) најголемиот број радикални, постмодерни филозофи нè уверуваат дека е доволно логиката на капитализмот да ја доведеме до нејзините сопствени „шизофрени“ крајности, за таа да се сруши самата од себе. За тие модерни, радикални „циници“, секој напад врз општеството со намера тоа да се уништи е целосно налудничав и залуден, додека секој обид да се создаде сопствен живот како опозиција на општеството претставува враќање на надминатиот, застарен индивидуализам. Се разбира, тие (главно француски) филозофи едвај некој и да ги чита. Како и на естрадните циници, така и на овие постмодерни циници им беа потребни промотери - а тие сигурно не недостасуваа. Саркастично омаловажувајќи ја секоја значајна бунтовничка идеја или акција во текот на последниот век, истовремено промовирајќи ги патетичниот либарелен еклектицизам, идиотската уметност или мистицизмот како „револуционерни“ и „иконокластични“, овие алтернативни јапиевци - кои за себе преферираат да кажат како го отфрлаат секој иднивидуализам - главно се промовираат себеси и сопствените патетични проекти.
Можеби најлошата последица од продорот на постмодернизмот во анархистичките кругови претставува отфрлањето на теоријата. Секој обид општеството да се сфати како тоталитет, со цел што поефикасна борба против него, се осудува како догматизам или се наведува како доказ дека оние кои се обидуваат да го сторат тоа се безнадежно наивни и неспособни да ја сфатат сета комплексност на пост-модерното-пост-индустриско општество. Се разбира, „сфаќањето“ на овие ох-колку-сме-паметни дркаџии всушност е одраз на нивната верба во невозможноста од каква било анализа, верба која само им дозволува и понатаму да ги изведуваат своите активистички ритуали, за кои одамна се покажа дека никаде не водат, освен што повремено го приморуваат општеството да изврши некои измени со цел негово понатамошно одржување. Оние кои и понатаму инсистираат на развивање теорија се обвинети од тие самопрокламирани активисти дека живеат во кули од слонова коска, без оглед на сета вистинска бунтовничка практика инспирирана од таа теорија.
Кога ќе земеме предвид какви биле оригиналните циници, јасно е дека овие модерниве ќе мора да ги наречеме со некое друго име. Сепак, модерните „циници“ многу повеќе личат на нешто што веќе ни е добро познато - на патетични, зависни, питоми домашни миленичиња. Како добро издресирани кученца, штом ја изнесат муцката од другата страна на капијата тие веднаш се враќаат во сигурноста на газдината куќа. Таму учат како да лајат и да р’жат на дивите кучиња кои се осудуваат да живеат од другата страна на оградата и како, во замена за по некоја коска, да ја лижат раката која ги држи за узди. Попрвин би бил меѓу оние диви џукели кои бесно лаат на секој господар, подготвени да ја одгризат секоја рака која ќе се обиде да ги скроти. Ги отфрлам сарказмот и безнадежноста кои денес се продаваат како цинизам во корист на вистинскиот, нескротлив цинизам кој на секоја власт може да ѝ каже: „Ми го попречуваш сонцето. Губи се оттука!“.