Избирачи,

Кандидирајќи се за вашите гласови, должен сум ви неколку зборови. Еве ги:

- Потекнувам од старо француско семејство. Би се осмелил да кажам дека сум расно магаре, магаре во позитивна смисла на зборот - четири нозе и прекриен со влакна.

Се викам Безвреден, како што се и моите противнички кандидати.

Бел сум, како што се и многу избирачки ливчиња кои упорно не се бројат, а кои сега ќе ми бидат од корист.

Мојот избор е загарантиран.

Сфаќате дека сум искрен.


Граѓани,

Ве мамат. Ви велат дека последниот парламент, составен од будали и измамници, не го претставувал мнозинството. Тоа е лага.

Парламентот составен од застапници идиоти и застапници измамници, напротив, ве претставува совршено вас избирачите. Не грижете се: секоја земја има застапници какви што заслужува.

Зошто сте ги избрале?

Меѓутоа, меѓусебно, без срам, признавате дека колку повеќе нештата се менуваат, толку повеќе остануваат исти; дека вашите избрани ве изигруваат, дека мислат само на своите интереси, на слава и на пари.

Зошто тогаш повторно би ги бирале?

Вие добро знаете дека сите застапници кои ќе ги изберете ќе ги продадат своите гласови за еден чек и дека ќе тргуваат со позиции, служби и тутун.

Но, за што служат тутунот, местата и синекурите? Можеби за плаќање на изборните штабови?

Дресерите на штабовите не се наивни како стадото.

Потребни се будали и лукави луѓе, потребен е парламент составен од бедници и личности како Роберт Макарес[1] за истовремено да ги олицетвори сите професионални избирачи и депримирани пролетери.

А тоа сте токму вие!

Ве мамат, добри избирачи, ве исмеваат, ви ласкаат кога ви велат дека сте прекрасни, дека сте правда, право, национална сувереност, народ-крал, слободни личности. Тие само ги собираат вашите гласови. Им служите само за стрижење... Овци.

Продолжуваат да ве мамат. Ви велат дека Франција секогаш е Франција. Не е вистина.

Франција го губи, од ден за ден, секое значење во светот, секое либерално значење. Повеќе не се работи за храбар народ кој се изложува на опасност, кој шири идеи, руши култови. Тоа е Маријан која клечи пред престолот на кралот. Тоа е препородениот милитаризам, поподол од германскиот - тонзура покриена со војничка капа.

Ве мамат, без престан ве мамат. Ви зборуваат за братство, а борбата за леб никогаш не била толку остра и крвава.

Ви зборуваат за патриотизам, за светиот дом - вам, кои ништо не поседувате.

Ви зборуваат за чесност; тие, пирати на печатот, новинари подготвени на сè, папагали и уценувачи пеат за национална гордост. Следбениците на Републиката, ситното граѓанство и благородништво, построги се кон бедниците од господата од стариот режим. Живееме под будното око на шефовите.

Изнемоштени работници, произведувачи кои не конзумираат, задоволни што можат стрпливо да ја глодаат фрлената коска без срж, коската на општото право на глас. Ги придвижуваат вилиците - вилици кои повеќе не гризаат - за да изговорат лаги, за да водат изборни дебати.

А кога, повремено, децата на народот ќе излезат од сопствената вкочанетост, се наоѓаат соочени, како во Фурми[2], со нашата будна армија... а резонирањето на нивното оружје им всадува олово во главите.

Правдата е еднаква за сите. Уважените панамски chéquards[3] патуваат со кочија, а не со запрежни коли. Додека оковите ги стегаат зглобовите на старите работници, уапсени за талкање!

Срамот на денешнината е толку голем што ниту еден кандидат не се осмелува да застане во одбрана на ова општество. Буржоаските политичари, реакционери или приврзаници, републикански маски или кловновски носови, ви велат дека ако гласате за нив нештата ќе тргнат на подобро, ќе биде подобро. Оние кои веќе сè ви одзеле бараат уште нешто од вас:

Дајте ни ги вашите гласови, граѓани!

Просјаците, кандидатите, крадците, потрчковците, сите тие на својствен начин знаат да го создаваат и обновуваат јавното добро.

Слушнете ги добрите работници, партиските шарлатани: сакаат да стекнат моќ... за полесно да ја укинат.

Други се повикуваат на Револуцијата и се залажуваат себеси лажејќи ве вас. Избирачите никогаш нема да кренат револуција. Општото право на глас е создадено токму за да спречи силовито делување. На кловнот изборите му се забавни...

Дури и кога некој настан би ги одвлекол луѓето на улица, дури и кога како одговор на насилството едно малцинство би реагирало со акција, што би можеле да очекуваме и на што би можеле да се надеваме од толпата во рој - кукавичната празноглава маса.

Ајде! Ајде, луѓе од толпата! Ајде избирачи! На гласање... И повеќе немој да се жалите. Доста беше. И не очекувајте сожалување над судбината која сами ја изградивте. И немојте после да ги пцуете господарите кои сами ги избравте.

Тие господари вредат колку и вие, затоа што од вас крадат. Тие секако вредат и повеќе; вредат дваесет и пет франци на ден, без дополнителните помали заработувачки. И така и треба да биде:

Избирачот е само еден неуспешен кандидат.

На народот во партали, со ситни заштеди, со ситни надежи, на ситните алчни трговци, на тромиот припитомен народ, потребен му е безначаен парламент кој ја собира и распродава сета национална валканост.

Гласајте, избирачи! Гласајте! Парламентот зрачи од вас. Нештото постои затоа што мора да постои, затоа што не може да биде поинакво. Создадете парламент според вашата слика и прилика. Кучето се враќа на својата повраќаница - вие се враќате на вашите застапници...


Драги избирачи,

Доста беше. Гласајте за нив. Гласајте за мене.

Јас сум Животното потребно на прекрасната Демократија.

Гласајте сите за белото магаре Безвреден, чиешто ритање е пофранцуско од патриотското рикање.

Комедијанти, лажни чеснољупци, новата партија на старата гарда: Вервур, Милвој, Дримон, Тибо, цвеќето од изборното ѓубриште, подобро ќе цветаат под мојот измет.

Гласајте за нив, гласајте за мене!



[1] Robert Macaires - популарен театарски лик на криминалец и бескруполозен профитер.

[2] Место во северна Франција каде 1891 година во крв е задушена првомајската прослава.

[3] Chéquards: политичари обвинети за мито и корупција за време на изградбата на Панамскиот канал; „платени со чекови“.